Осми март – денот на револуцијата
„Ние женитe кои дојдовме до согледбата дека спасот на севкупното човештво лежи единствено во идејата за комунизам, одлучно ги отфрламе од себе ниските подметнувања и искривувања на буржоаските партии, дека рускиот болшевизам, а според тоа и комунистичкото движење на останатите земји се залага за проституција на жени. Со гадење го прочитавме срамниот напис во „Ново време“ од 24 март, со кој, овој владин лист се обидува, преку одвратно извртување на фактите, да ги одврати свесните мајки, жени и девојки од комунистичкото движење.
Ние, жените, кои до сега бевме во социјалистичкиот круг, свечено изјавуваме дека повеќе нема да дозволиме да бидеме експлоатирани и измамени од себичните претставници на капиталистичкиот и феудалниот режим. Тие фарисеи, кои во минатото, а истото го прават и сега, жената ја сметаа само за предмет на нивната ниска страст, сега повторно се обидуваат да не оттргнат од вистинскиот пат. Но, ние овде гарантираме дека тоа нема да им успее. Ние, жените, повеќе не сакаме да бидеме кукавици, нема да стоиме настрана, туку заедно со нашите браќа и сопрузи, рамо до рамо, ќе влеземе во голема борба за уше поголеми идеали на комунизмот.
Да живее Третата Интернационала!“
-Покраинска конференција на Социјалдемократската партија за Далмација, Сплит 25.03.1919 година
Прочуената комунистка и револуционерка Клара Цеткин на конгресот на Втората интернационала во 1910 година, на кој присуствуваа и делегатите на југословенските социјалдемократи, предложи да се воспостави Меѓународниот ден на жената со намера да се мобилизира женскиот пролетеријат против капитализмот, во кој лежи коренот на двојната опресија на жената, но и на мажот.
Токму тоа беше целта на тој ден, бидејќи тие зборови на Клара Цеткин тогаш беа дотолку пророчки имајќи во предвид дека, најголеми настан во историјата на човештвото, Руската револуција, штотуку започна со масовните демонстрации на 23 февруари 1917 година, кои според тогашниот, стариот календар беше 8 март – Денот на жената. Руските работнички ги повикаа своите браќа и мажи да се приклучат на генералниот штрајк. На Денот на жената штрајкуваа 90000 работнички. Бараа прекин на војната, леб, укинување на царизмот и укинување на полицијата. Жените на пролетеријатот ја покажаа својата храброст за време на Париската комуна и Француската револуција, исто како и за време на „објавата“ за забрана на делување на Комунистичката партија на Југославија, кога во Загреб подигнаа штрајк.
Осми март денес е лишен од својата револуционерна и славна историја. Во медиумите ширум републиките на поранешната СФРЈ тој е дискредитиран како празник и се одбележува срамежливо со обичајот на подарување на ружи на женските вработени во фирмата. Но, Осми март има револуционерна и борбена историја, која денес и во доминантно женскиот дискурс е игнорирана, дури, фалсифицирана.
Таканаречениот „буржоаски феминизам“, согласно именувањето на Александра Колонтај и Роза Луксембург, настојува да ги избрише сите достигнувања на женската пролетерска борба, во суштина работничка, од страниците на историските учебници.
Денешните феминистки, исто како и тогаш, во дискурсот се поставуваат како либералното движење за женските права да има нешто значајно направено за ослободување на жената и остварување на правото на глас, но, севкупната работничка борба покажува поинаку. Од самиот почеток, феминистките, без разлика дали се радикални, либерални, па дури и таканаречените марксистички, се обидуваат да ја ревидираат историјата на делување на движењето на женската борба и да го покажат како одвоено или засебно од работничкото движење. И покрај сите настојувања на разните варијанти на феминизам кои се појавија во историјата, единствено поради борбата на женскиот пролетеријат и активностите на старата социјалдемократска партија, позицијата на жената се подобри како резултат од учеството во самиот пазар на труд. Правото на жената да учествува во политичкиот живот и правото на глас како такво, се остварува само во контекстот на активностите на тогашните женски секции внатре социјалдемократските работнички партии.
Она што на наведениот феминизам општо му недостига е всушност основно разбирање за корените на женското угнетување. Родовата перспектива на феминизмот ги спротивставува жените и мажите еден против друг. Материјалистичката марксистичка перспектива ја става класната анализа пред се останато. Односно, суштината не е во тоа дека мажот е непријател на жената, туку дека на владеачката класа и одговара подредената положба на жената во самото класно општество.
Како заоставштина од примитвниот феудален менталитет, наследивме поставеност на општеството во кое основната структура е приватната семејна заедница. За да се постигне целосна еманципација на жената, потребна е револуционерна општествена трансформација во работничка држава, преку кое единствено може да се оствари исконско ослободување на жената во однос на социјализацијата на домашната работа.
Позната е славната изрека на францускиот социјалист-утопист Шарл Фурие, која вели дека положбата на жената во општеството е показател за здравјето на општествениот систем.
Со учеството на жените во НОБ на нашите простори ослободувањето на жената, барем правно, се случува порано отколку на Запад, односно во таканаречените либерални демократии. Револуцијата во Југославија, и покрај сталинизацијата на партијата и бонапартистичката природа на режимот на Јосип Броз Тито, сепак се трудеше да ги зачува основните достигнувања на социјалистичката револуција и НОБ. Соодветно на тоа, во Југославија жените добија право на глас во 1945 година, иако тоа беше потврдено претходно во партиските документи на Врховниот штаб од 1941 година. Меѓутоа, повоената Југославија, со мнозински удел на селанството во структурата на населението, допрва требаше да ги развива средствата за производство и работничката класа како таква за да се ослободи од феудалните опашки кои Кралството не успеа да ги уништи. Освен малиот удел на работничката класа во самото население, релативно конзервативното размислување на дел од тогашните жители и ниската продуктивност на трудот споредбено со Западна Европа, Југославија, дури и да имала намера, сè уште немала материјалните услови, односно развиени производни сили за ослободување на жената од домашната работа. Основна структура на општеството и понатаму останува семејната заедница, каде грижата за децата и старите лица е препуштена на жените. Истовремено, со, во суштина буржоаска структура на семејството и строго поделени родови улоги, проблемите како што се хомофобијата и сексизмот остануваат ненадминати. Однос на власта кон хомосексуалците исто така беше погрешен и реакционерен, па така се раѓаат разни движења или бранови на феминизам кои се стремат да ги ослободат жените и феминизираните мажи подеднакво.
За женската борба и работничкото движење во кралството Југославија најдетално пишува Јованка Кецман. Таа дава детални информации за периодот меѓу 1919 и 1941 година. За жал женското движење помеѓу 1945 и до укинувањето на АФЖ од 1953, до 1978 година останува значително неистражено. Во доцните 70-ти се јавуваат нови генерации на југословенски феминистки, високообразовани претсавнички на академијата. Под влијание на пазарните реформи и се поголемото отварање на Југославија кон Западот, а со самото тоа и уште поголема дегенерација на партиската бирократија, настануваат и феминистички струи кои отворено заговараат контрареволуција.
По 90-тите доаѓа до значително опаѓање на позицијата на жените во општеството, во однос на претходниот период за време на СФРЈ. Прогресивните реформи во Југославија и во Советскиот Сојуз практично се изедени по реставрацијата на капитализмот. На нашите простори невработеноста била и до 40%, а генералното социјално опаѓање доведе и до пораст на семејното насилство. Освен што опаѓа положбата на работничката класа како таква, со самото тоа се ронат и сите придобивки од НОБ. Уставно прифатеното право на жените на абортус од 1978 година, денес е во голема опасност, па неколку пати имаше обид да се укине во хрватскиот устав. Положбата на жената во општеството е делумно различна во просек во бившите републики на Југославија, меѓутоа таа и понатаму не е еднаква во однос на мажите. Иако разликите во платите и понатаму помали отколку на Западот, сепак жените на пазарот на трудот не се изедначени со машката работна сила. Тоа е сега поважно отколку било кога, бидејќи денес жените претставуваат повеќе од половина работна сила и поголем дел високо образована работна сила. Фемицидот и денес е вообичаен случај кој и денес можеме често да го видиме, посебно во понеразвиените земји од поранешна Југославија. Неодамна бран протести ги обедини жените од поранешна СФРЈ поради суровиот пораст на фемицид во Босна.
На жените освен пониските плати, им останува и грижа за домаќинството, односно „темница на семејството“. Капитализмот денес е можеби доволно развиен за укинување на разликите меѓу жената и мажот, но и понатаму не постои ниеден континент на кој можеме да кажеме дека жената е слободна. Жената е резервен извор на работна сила на пазарот на трудот, слична на позицијата на мигрантите, со тоа положбата на жената е прва на удар во развојот на кризата на капитализмот. Таа жена, работничка, е под постојана закана, двојно угнетена во однос на мажот работник.
Во поголемиот дел од светот, предрасудите и сиромаштијата им оневозможуваат на жените пристап до образование и здравствени услуги. Дури и во наводно развиениот Западен свет, влезот на жената на пазарот на трудот не стави во позиција на двојна работа – дома и на работа. Влезот на жената на пазарот на труд воедно ги намали платите на сите на пола, бидејќи очекувањата сега се такви дека и двата члена од семејството заработуваат пари. Без социјализирана домаќинска работа, многу жени се во ситуација сега сами да ги издржуваат и да се грижат за своите деца на овие половични плати. Од таа причина не е необично како резултат на уште понеповолната позиција на жената пролетарка во однос на пролетерот порано да заземаат радикални позиции отколку мажите работници.
Историската поврзаност меѓу Руската револуција и Меѓународниот ден на жената го прави овој момент пригоден за расправа на историските придобивки од Октомвриската револуција. За време на царскиот режим во Русија со закон било овозможено мажот да ја тепа својата жена и за тоа да не одговара со никакви последици. Болшевиците први во светот на жените даваат право на абортус, платен мајчински допринос, еднакви плати, укинување на законот за незаконски деца, и полно право на глас многу пред земјите од развиениот капитализам. Истото се случува после НОБ на просторот на поранешна Југославија.
Раната советска влада ги снабдувала децата со бесплатни училишни оброци, млеко, специјална храна и џепарлак за сиромашните децата. Доктори и здравствени установи ги замениле застарените бабици. Животниот век на жените се зголемил за повеќе од дупло до 1970 година. До 1971 година 49% од студентите биле жени, додека пред револуцијата повеќето беа неписмени. Слични статистики важат и за Југославија. Независно од тоа што некој мисли за болшевиците, според зборовите на Џон Рид, „Несомнено е дека Октомвриската револуција е еден од најголемите настани во историјата на човештвото, а „власта“ на болшевиците феномен од светско значење“. Независно од дегенерацијата на работничката држава и сличноста на режимот на СССР со југословенскиот, не можеме да негираме дека СССР од заостаната полуфеудална и воглавно неписмена земја во 1917 година за неколку децении стана светска сила со третина светски научници, силна економија и здравствен систем далеку поразвиен од било што на западот тогаш. Доколку е можно такви достигнувања да се остварат со планска национализирана економија и покрај бирократскиот притисок, можеме да замислиме што се би било можно во денешните услови со работничката демократија и управување.
Женското прашање е неразделно од класното, бидејќи настана со појавата на класното општество. Барањата на жените од Денот на жената во 1917 се остварија дури кога жените и мажите од работничката класа се обединија во нивното остварување. Заедничката борба на жените и мажите ги постави материјалните темели за сите прогресивни реформи подоцна во Советскиот Сојуз и Југославија.
Истото е можно и денес во 21 век. Но на далеку повисоко ниво отколку тогаш. Наша задача е да ги ослободиме производните сили од историски застарената капиталистичка класа и да ги искорисриме на рационален начин. Само на тој начин сите материјални услови за вистинска еманципација на жената ќе бидат постигнати, a жените и мажите навистина ќе бидат еднакви на секој можен начин. Целта на социјалистичката револуција е ослободување на човекот. Независно од родот.
Автор: Хелена Бибериќ