ОПСТАНОК НА КАПИТАЛИЗМОТ ИЛИ ЧОВЕШТВОТО
На 14 март 2025 година, жителите на малото градче Крива Паланка јавно го покренаа проблемот со реката која тече низ градот, Крива Река, и која на жителите им изгледаше доста загадено. По нивно апелирање, градоначалникот на градот одлучи дека треба да го испита случајот и повика акредитирана лабораторија да изврши хемиски испитувања на составот и квалитетот на водата. Резултатите беа шокантни: Крива Река се покажа како крајно загадена со тешки метали (олово и цинк) и други штетни супстанци по здравјето на луѓето и тоа 10 пати повеќе над дозволените граници.
Во непосредна близина на Крива Паланка се наоѓа рудникот „Тораница“, од каде се ископуваат олово и цинк. Рудникот е отворен кон крајот на осумдесетите години во СРМ, а како и сѐ останато, со приватизацијата започна процесот на промена на сопственици, односно после навлегувањето на капиталот, капиталистите за ситни пари започнаа да го менуваат сопствеништвото и да прават огромни профити од експлоатацијата на „Тораница“.
Актуелното сопствеништво на „Тораница“ е во рацете на „Булмак 2016 ДООЕЛ“ компанија основана за конкретната експлоатација на истиот рудник заедно со рудникот „Злетово“ во близина на Пробиштип. Оваа компанија е во рацете на бугарски капитал кој доаѓа од „Минстрој холдинг“, компанија која е основана уште далечната 1952 година во Бугарија како државно претпријатие за експлоатација на руда, но после 1990 година сопствеништвото паѓа во приватни раце. Денес, „Минстрој Холдинг“ е милионерска приватна корпорација која поседува голем број на рудници ширум Бугарија, а очигледно и во Македонија.
Рудниците од овој тип функционираат на тој начин што како резултат на преработката на рудите во погоните за дробење, сеење, мелење и флотација, се создава јаловина (флотациска и рудничка) која се таложи во рамките на рудникот. Бидејќи рудничката јаловина е карпест материјал кој не содржи олово и цинк, претставува неопасен отпад. Од друга страна, флотациската јаловина настанува во процесот на флотациска концентрација на оловните и цинковите минерали и согласно листата на видови отпад (службен весник на РМ бр.100/05) е класифициран како отпад од физичка и хемиска преработка на минерални суровини на обоени метали што содржи опасни супстанци. Компанијата што го експлоатира рудникот е задолжена за заштита од потенцијалните закани врз животната средина, односно од директното влијание на јаловиштето. Присуството на штетните материи кои беа утврдени десеткратно над дозволеното во Крива Река се истите материи кои се присутни и во јаловиштето, па логично се наметнува заклучокот дека загадувањето на реката е директна последица од несоодветна заштита на животната средина.

По настанувањето на овој проблем, компанијата Булмак 2016 се произнесе со јавен став со кој се оградува од одговорност за конкретниот екоцид, посочувајќи дека заматувањето на реката е директна последица од дефект на цевковод со технолошка вода кој не е во контакт со штетни материи. Од друга страна, министерството за животна средина објави соопштение дека станува збор само за механичко заматување на реката поради обилните врнежи и се спротивставува на резултатите кои беа направени од страна на акредитираната лабораторија. Од ова ја гледаме спрегата помеѓу капиталот и државата, односно како меѓусебно се штитат за остварување на поголеми профити. За да биде уште поалармантен овој проблем гледаме дека од моментот кога жителите на Крива Паланка започнаа да апелираат (на 14 март како што споменавме погоре), сѐ до 28 март, односно 14 дена, имаше молк за целата ситуација од сите надлежни институции. За тоа време, се поставува прашањето колку и на кој начин загадувањето има предизвикано штета врз жителите, почвата и живиот свет. Важно е да се потенцира дека Крива Река понатаму по своето течение се влева во реката Пчиња, а потоа во реката Вардар. Оттука можеме само да претпоставиме какви фатални последици може овој случај да предизвика на едно регионално ниво. Настан од овај тип во минатото е забележан во повеќе наврати од страна на споменатиот рудник и други рудници ширум Македонија.
Невложувањето во обнова на постоечките индустриски капацитети поради акумулирање на зголемен профит од страна на сопствениците на рудните наоѓалишта, доведува до директно загрозување на здравјето на луѓето и животната средина. Ова досега капитализмот го покажа безброј пати насекаде низ светот. Капитализмот како систем води директно кон целосно уништување на природата и целиот екосистем. Милијардерските корпорации воопшто не се грижат за опстанокот на планетата, а тоа се гледа токму преку случаи како овој. Поради тоа, можеме да констатираме дека единствениот спас за планетата лежи во уништувањето на капитализмот, пред тој да ја уништи природата и нас со неа. Единствено преку воведување на социјалистички систем, може да се регулираат овие процеси во однос на заштита на животната средина, на тој начин што со укинување на слободниот пазар и воведување на планска економија, милијардерските компании кои работат за огромни профити на сметка на животната средина ќе престанат да постојат. На нивно место ќе се формираат државни претпријатија чиј мотив нема да биде профит по секоја цена, туку напротив, работничката класа која ќе управува со тие претпријатија максимално ќе се грижи за својата животна средина бидејќи последиците од уништувањето, секогаш ги чувствува самата таа.
РКС Битола