ФЕМИЦИД – Смртоносност на родот
Општествените околности, а следствено и општествената мисла во нашиот секојдневен говор го воведоа поимот фемицид, којшто сега скоро секојдневно го среќаваме. Фемицидот го дефинираме како злосторство кое не би се случило доколку жртвата не е жена. Од каде фемицидот околу нас, кои се неговите предизвикувачи и кои се адекватните одговорни на него се тешки прашања, а решенијата кои се нудат за сега не се дораснати на ситуацијата. Апелите на постоечките институции (МВР, социјални служби) се покажуваат како неадекватни, поради незаинтересираност, невнимание, недостаток на средства или наследени родови стереотипи, посебно во полициските служби. Последниот случај на убиство на жена кој се случи во Тузла е злосторство починето токму од полициски службеник.
Во БиХ во текот на претходната година биле убиени шест жени (во Приједор, Тузла, Градачац. Живиници, Завидовиќи и Сараево), а пет жени доживеале обид за убиство од страна на партнерот. Случајот кој најмногу ја вознемири јавноста во БиХ е убиството на Низама Хеќимовиќ од страна на нејзиниот партнер кој потоа ја продолжил крвавата низа убивајќи уште три лица и пренесувајќи го убиството во живо преку социјалната мрежа Инстаграм. Во овој случај, подоцна се дознало дека сторителот од порано и е познат на полицијата за семејно насилство и други криминални дејствија.
Секоја втора жена во БиХ доживеала некаков облик на насилство по 15-тата година (физичко, психичко, економско или сексуално). Податоците се од Агенцијата за рамноправност на половите, на БиХ од 2013 година. Податоците од истражување на ОБСЕ од 2019 година велат дека 28% од жените искусиле сексуално вознемирување, а 14 проценти физичко или сексуално насилство од страна на партнерот. Дури 85 проценти од жените не го пријавиле насилсвото на полиција. Сепак изгледа дека еден податок од наведените, останува во сенка на останатите, а тоа е дека само 35 отсто од жените во БиХ се економски активни. Понатаму, може да се запрашаме колку жени се станбено обезбедени, колку работните места на коишто, и доколку воопшто работат, се сигурни и носат било каква извесност во нивните животи. Кон когo или кон што тие можат да се свртат доколку се најдат во насилна средина? Зошто дури 85 проценти од оние кои доживеале некаков облик на насилство тоа не го пријавиле на надлежните институции, зошто две третини од жените сметаат дека насилството е приватна работа и вообичаена појава. Доколку се свртиме кон регионот, во Србија минатата година се случиле 27 фемициди, во Хрватска 7, а во Македонија се убиени 20 девојчиња или жени во последните 4 години. Статистиката на глобално ниво е исто така застрашувачка – расте бројот на фемициди во Велика Британија, Франција, Шпанија, Мексико….
Ослабената економска, но и правна положба на жената и општествените норми посилни од законските регулативи се корен на проблемот. Кога зборуваме за економски причини, поголемиот број на жени немаат економска можност да излезат од насилни врски (потсетуваме дека само 35 процент се економски активни), кога зборуваме од правен аспект тие се наоѓаат во систем кој е законски регулиран, но практично спроведување на законските одлуки не се случува. Општествените норми на ретрадиционализираното општество продонесуваат две третини од жените да сметаат дека насилството е приватна работа. Доколку зборуваме за економска и правна несигурност на жените, не може а да не ги поврземе со она што се нарекува општествена улога на жената и нејзиното место во општеството кои се обликувани од ретрадиционализираната мисла. Жените во денешниот свет се чувствуваат небезбедно и тоа го порачуваат на низа протести, организирани од БиХ, преку Иран до Мексико.
Ако се обидеме да ги анализираме причинителите на потчинувањето и насилството врз жените, мора да се вратиме назад во минаното. Досегашните антрополошки и социолошки истражувања покажуваат дека до појавата на приватната сопственост родот воопшто не влијаел на начинот на кој луѓето живееле. Жените и мажите живееле заедно и подеднакво. Но дури и ако не нè интересира минатото, антрополозите до сега имаат индтификувано околу 160 матрилинеарни општества ширум јужноамериканскиот, азискиот и афричкиот континент. Во 1989 година, истражување за начинот на живот на племето Сан од Јужна Африка покажало дека тие не го знаат и не го разбираат поимот семејно насилство. Бисон Хорн Мариа – племе од централна Индија не познава сексуално насилство како облик на насилство. Што се случило на патот кон сегашноста е неизбежно да се запрашаме.
Фридрих Енгелс во своето дело „Потекло на семејството, приватната сопственост и државата“ вели дека токму со појавата на приватната сопственост позицијата на жената фундаментално се менува. Во оној момент кога мажите преку сточарството и земјоделието ја воспоставиле првата акумулација, наследувањето на имотот почнува да се пренесува преку машко колено, за разлика од претходниот период кога се пренесувало преку женското, при тоа улогата на жената се спушта на личност која ќе го донесе тој наследник на светот и ќе го воспита. Строгата поделба на трудот ја затвора дома и ја окупира со семејни обврски, па нејзината улога во општеството станува длабински сменета.
Ќе поминат векови, ќе се изработуваат филозофски и теоретски концепти и учења кои на бессрамен начин подвлекувале и правеле разлика помеѓу мажот и жената, пишувајќи повеќе соништа наместо да се занимаваат со причинителите и причините за разликите. Тие имаат дел од одговорноста за она што денес го нарекуваме родни категории, кои првенствено се последица на поделба на трудот и отстранување на жената од политичката заедница. И така, не учат дека жените се слаби, немоќни и нежни, но по потреба се мудри, стабилни и храбри. Машките се силни и храбри, но по потреба и наивни и лековерни. Обландата на “Филозофската мисла” така ги сокри вистинските економските и историските причини за разликите кои постојат помеѓу мажите и жените. Економските разлики во капитализмот се засилија, концентрирајќи го богатството и привилегиите во рацете на силните и храбрите, а слабите и немоќните ги гурнаа на урнатините на општествената заедница и на жените тука им го најдоа “природното место” од кое може да бидат померени само кога интересите на капиталот тоа го бараат, извлекувајќи ги од домашното опкружување и правејќи од нив евтина работна сила.
Родните разлики, кои како мрачна завеса висат над главите на мажите и жените, во денешно време на еконоска криза, станаа смртоносни како никогаш порано. Оставени без можноста да управуваат со своите животи, својот труд, својата иднина, мажите и жените остануваат дезориентирани и изгубени, затворени во своите домови без било каква извесност и сигурност, одвоени од заедницата и без поим за било каква солидарност, па вината ја бараат едни кај други. Научени дека родовите задачи мора да ги исполнуваат, мажите ја “докажуваат” својата машкост врз послабите од себе, а тоа во главном се жени и деца. Фемицидот е толку логична последица на економска, оштествена и морална криза, толку својствени на капитализмот. Систем кој не работи на образование и учење, туку ги наметнува своите извртени вредности се општества кои доживуваат масовни убиства во училиштата. Систем кој ја обновува ретрадиционализацијата и врши концентрација на богатството и моќта во дланки на неколку луѓе, произведува општество во кое убиство се пренесува во живо на социјалните мрежи.
Економската и општествена нееднаквост и неправда не се нешто со што ние не би требало да се занимаваме. Економско прашање е прашањето дали денес ќе можеме да им дадеме три оброка на децата. Ако ние не се занимаваме со економија, политика т.е со капитализмот, тој се занимава со нас. Само револуција на економското, политичкото и културното е она што може да им гарантира сигурност на жените, мажите и на општествената заедница. Да не дозволиме капитализмот да не држи во уверување дека не постои алтернатива. Ова не е најдоброто што може луѓето да го направат. Роза Луксембург одамна има кажано, социјализам или варварство и се повеќе изгледа дека била во право.
Автор: Бојана Муминовиќ, 7 март 2023
оригинал: Femicid – smrtonosnost roda, Crvena Kritika