ВестиДемократијаИнтернационалаОпшто

Индија и Пакистан влегуваат во нова војна: само класната војна може да ги прекине сите војни

Оригиналниот текс можете да го најдете тука

Уште една војна започна помеѓу заколнатите ривали Индија и Пакистан, при што двете страни досега тврдат дека извојувале победа.

Во раните утрински часови на 7 мај, Индиското воено воздухопловство изврши девет напади на територијата на Пакистан и на делови од Кашмир под пакистанска контрола. Како одговор, Пакистан тврди дека соборил пет индиски борбени авиони, што Индија засега го негира.

Извор: fair use

Индиските власти изјавија дека мети на нападите биле кампови раководени од терористичките организации Лашкар-е-Таиба и Џаиш-е-Мухамад, за кои се вели дека стојат зад низа терористички напади на индиска територија. Пакистан соопшти дека во нападите загинале 26 лица, а 46 се повредени, при што биле погодени неколку градови во Пакистан и во т.н. „Азад“ Кашмир, вклучително и Мурудке во близина на Лахор. Меѓу загинатите има и членови на семејството и соработници на Масуд Азхар, кој се наоѓа на листата на терористи на Обединетите нации.

Пакистан пак, тврди дека соборил пет индиски авиони кои учествувале во нападите — три Рафале, еден МиГ-29 и еден Су-30. Пакистан вети дека во следниот период ќе одговори со полна сила на нападите. За време на воздушните напади, беше забележано и силно гранатирање долж Линијата на контрола, која фактички претставува граница меѓу Индија и Пакистан во Кашмир. Двете страни тврдат дека нанеле тешки загуби на противникот.

Овие напади следеа неколку недели по терористичкиот напад во Пахалгам, туристичко место во индиски окупираниот Кашмир, каде што беа убиени 26 лица. Индија го обвини Пакистан за овој масакр. Индискиот премиер Моди вети одмазда, на што работеше во следните недели.

По нападот во Пахалгам, Индија исто така најави и еднострано суспендирање на Договорот за реката Инд (IWT), кој ја регулира поделбата на речните води меѓу двете земји.

Овој договор, потпишан во 1960 година и гарантиран од Светската банка, преживеа многу војни и напади, но сега стана првата жртва на овој конфликт. Најавени се и други мерки на одмазда, вклучително и прекин на летови на авионските компании на двете земји над територијата на другата страна.

Од двете страни се слушаат изјави од државните власти и министри кои поттикнуваат воена хистерија. Главните медиуми целосно изгубија компас — водителите шират омраза од телевизиските екрани, заканувајќи се со нуклеарна војна и меѓусебно уништување. Работничката класа го отфрли сето тоа со гадење. Меѓу работниците во Индија и Пакистан преовладува чувство за мир и меѓусебно почитување. Од друга страна, разни лумпен елементи и среднокласни шовинисти зборуваат за крв и одмазда додека уживаат во удобноста на своите луксузни дневни соби.

Властите на двете земји истовремено вршат меѓународно лобирање, а сите големи сили — вклучително и САД и Кина — издадоа соопштенија и ја користат дипломатијата според своите интереси во регионот. На 6 мај се одржа вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, каде што и Индија и Пакистан ги изнесоа своите ставови. Како и секогаш, оваа импотентна институција и алатка на империјалистичките сили не успеа да стори ништо за да го запре лудилото.

Факторите кои стојат позади оваа ескалација

По овие настани, ситуацијата сè уште не е целосно смирена. Постои ризик од понатамошна ескалација, при што било која страна би можела да возврати за да ги заштити своите интереси, што може да доведе до продлабочување на војната. Бидејќи двете страни се нуклеарни сили, пристигнуваат повици за воздржаност од сите страни — и меѓународни и домашни. Но, рамнотежата на сили во регионот е нестабилна, и ризикот од понатамошна ескалација и натаму постои, иако може да има одложување, паузи или нови почетоци во зависност од развојот на ситуацијата. Иако непријателството помеѓу овие две земји никогаш не престанало во последните осум децении, постојат бројни фактори кои доведоа до моменталната ескалација. Најважни помеѓу нив се внатрешните кризи на двата режими, кои стануваат сè подлабоки. Меѓу работничката класа во двете земји постои длабока омраза кон сопствените владетели. Тоа ги натера владејачките слоеви на двете страни во паника да започнат надворешна војна со цел да ја обноват својата популарност дома, и така да продолжат со ограбување и експлоатација на сопствениот народ, зајакнати со славење на „победи“ и порази на непријателот.

Во Индија, Моди е сериозно загрижен за претстојните државни избори во важната сојузна држава Бихар, за кои стравува дека би можел да ги загуби. Тој ја користи воената хистерија за да ги врати гласачите кои сè повеќе го одбиваат поради растечката сиромаштија, невработеноста и болестите кои се проширија за време на власта на Моди и неговиот коалициски партнер, Нитиш Кумар, главниот министер на Бихар.

Моди веќе еднаш успешно ја искористи оваа тактика. Во 2019 година, само неколку недели пред општите избори во Индија, Моди нареди „хируршки удари“ на територијата на Пакистан, во кои, според него, биле уништени бројни терористички кампови и центри за обука. И тогаш, терористичкиот напад во Пулвама, во индиски окупираниот Кашмир, послужи како изговор. Пакистан тогаш одговори, собори индиски борбен авион и го зароби пилотот, кој беше вратен по неколку дена.

Извор: Влада на Индија, Викимедиа Комонс

Пакистан тогаш прогласи победа, додека Моди и неговата партија го искористија конфликтот за да остварат голема изборна победа. Иако постоеја и други причини за таа победа, најважната беше целосниот пораз и капитулација на опозицијата, особено на Комунистичките партии. Тие не понудија никаква алтернатива на либералните политики на Моди, ниту пак ја нападнаа индиската буржоазија со револуционерна програма. Сепак, Моди успешно ја искористи воената реторика како алатка на индиската владејачка елита.

Сега Моди повторно го користи конфликтот со Пакистан за да ја спаси својата опаѓачка популарност и гласачка база. Неговиот пад на популарноста јасно се покажа на последните генерални избори во 2024 година, кога го загуби мнозинството во Лок Сабха (долниот дом на индискиот парламент) и мораше да се потпре на коалициските партнери за да формира влада.

Бихар е една од најважните индиски сојузни држави, со популација од околу 130 милиони луѓе. Партнерот на Моди и главен министер, Нитиш Кумар, е на власт во Бихар од 2015 година, но сега стравува од пораз на претстојните избори. Поразот во Бихар би можел да го означи почетокот на крајот за Моди. За да го спречи тоа, тој ги користи сите можни опции и оди до крај.

Слабоста на Моди дополнително се разоткри кога се согласи на спроведување на попис на населението според касти, што беше барање покренато од Индискиот национален конгрес и други партии, а на кое Моди и неговата партија претходно жестоко се спротивставуваа. Опозициските партии го покренаа тоа прашање со цел да им се додворат на гласачите од пониските касти, ветувајќи им поголемо учество во државните работни места преку квоти. Сега Моди направи целосен пресврт по ова прашање, обидувајќи се да го промени изборниот резултат во своја корист.

Односот на силите во Јужна Азија

Империјализмот на САД во последната деценија разви блиски стратешки врски со Индија и силно се потпира на неа за да ја спречи Кина во Индо-Пацифичкиот регион. Поради тоа, Моди се чувствува охрабрен во однос на послабиот Пакистан, кој од своето создавање беше слуга на американскиот империјализам, но ја изгуби својата важност за САД, особено по понижувачкото повлекување на САД од Авганистан во 2021 година.

Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Асиф неодамна зборуваше за тоа – и за улогата на Пакистан во поддржувањето на тероризмот – во интервју за странска телевизија. Тој изјави дека Пакистан навистина поддржувал тероризам, но дека тоа била валкана работа што ја вршеле за САД и Британците – што, како што призна, било грешка.

Меѓутоа, не објасни кој ѝ дал мандат на владата да ја врши таа валкана работа, ниту зошто оние што ја направиле таа „грешка“ сè уште не се казнети според пакистанските закони, ниту се отстранети од власт. Всушност, тоа ја одразува фрустрацијата на пакистанската владејачка класа затоа што американскиот империјализам ја напушти во корист на Индија. Како одговор, Пакистан сè повеќе се потпира на Кина за подобро стратешко позиционирање во однос на Индија.

Моди сега ја користи оваа ситуација за да го изгради влијанието на Индија во јужноазискиот регион наспроти растечкото влијание на Кина. Со промената на рамнотежата на силите на меѓународно ниво и подемот на Кина како светска сила со сопствени империјалистички амбиции кои се судираат со оние на САД, рамнотежата на моќта во Индискиот океан и Јужна Азија значително се промени.

Кина доследно го проширува своето влијание во сите земји на Јужна Азија и гради големи инфраструктурни проекти во Непал, Бангладеш, Шри Ланка и Малдивите. Во Пакистан, проектот CPEC (Кина–Пакистан Економски Kоридор) е главен проект на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Според неодамнешен кинески извештај, Пакистан е најзадолжената земја кон Кина во светот.

Извор: fair use

Кина исто така најави изградба на огромна брана на Тибет – најголемата во светот – која сериозно ќе влијае на текот на реката Брахмапутра во источна Индија. Сето тоа предизвика дополнителни тензии меѓу Индија и Кина, иако истовремено нивната меѓусебна трговија расте и се приближува до бројка од 150 милијарди долари годишно. Двете земји така стануваат сè повеќе меѓусебно зависни.

Нападите на Моди врз работничката класа

Но најважен аспект за Моди се работничките и селанските движења во Индија, кои постојано растат. Веќе е закажан генерален штрајк за 20 мај, на кој се работи со месеци. Иако претходните години имаше многу генерални штрајкови, секојпат гневот и омразата кон режимот на Моди растат и се приближуваат до точка на вриење. Всушност, навидум спектакуларниот успех на индиската економија во споредба со другите земји во светот само дополнително го распламти тој гнев, кој наскоро би можел да експлодира на површина.

Иако Бангладеш е многу помала економија од Индија, под власта на Шеик Хасина важеше за „растечки тигар“, економија во подем. Но, на изненадување на многумина, изненадно изби масовен бунт што го урна тој режим.

Слична ситуација би можела да се развие и во Индија. И покрај фалбите на Моди за стапката на раст на БДП и фактот дека Индија стана четврта најголема економија во светот, годинава тој балон би можел да се распрсне.

Всушност, царинската војна што Трамп ѝ ја наметна на Кина ѝ помага на Индија, бидејќи Ејпл и многу други компании го преместуваат своето работење токму таму. Но, тоа истовремено доведе до уште поголема експлоатација на индиските работници, кои режимот на Моди брутално ги напаѓа со нови антиработнички закони. Оваа ситуација може да го турне работничкото движење кон порадикална борба против власта.

Огромното селанско движење веќе го порази Моди во 2021 година, кога беше принуден да ги повлече драконските закони за земјоделството, кои ги донесе за да го смири крупниот капитал, додека истовремено уништуваше милиони селани и нивните семејства низ Индија.

Моди исто така покрена брутални напади врз работничката класа во Индија преку намалување на платите, масовна приватизација, отпуштања и напади врз синдикалното организирање. Тоа помогна за неуморно богатење на индиската буржоазија, чие богатство достигна невидено ниво.

По повеќе од една деценија власт на Моди, горниот еден процент од населението во Индија поседува над 40 проценти од вкупното богатство на земјата, додека долните 50 проценти добиваат само три проценти. Најмалку 129 милиони Индијци живеат во екстремна сиромаштија. Моди ја користи оваа војна за да го пренасочи целиот гнев на работничката класа кон надворешен непријател. Тој ја претставува како победа над тероризмот за да ја продолжи својата власт во служба на индиската буржоазија и нејзиното ограбување на земјата.

Во тој контекст, комунистичките партии издадоа срамни шовинистички соопштенија за поддршка на политиката на Моди, играјќи во негови раце. Изјавата на Комунистичката партија на Индија гласи: „ЦПИ верува дека Индија немала многу избор освен цврсто да одговори на изворите на таков тероризам“, со што му се честита на Моди за неговиот „умерен и неескалирачки пристап“, по што се повикува владата на Моди да ги собере сите партии во национално единство против тероризмот!

Комунистичката партија на Индија (марксистичка) – наводно полево од другите комунистички партии – исто така ја фали владата и дури повикува на дополнителен „притисок“ врз пакистанската влада и повеќе акција од страна на државата за да се обезбеди „интегритетот на земјата“. Ова претставува предавство на интернационалистичката должност на комунистичките партии да се борат против милитаризмот и шовинизмот на сопствената владејачка класа и да се залагаат за правото на самоопределување на народот на Кашмир.

Пакистанската владејачка класа

Пакистанската владејачка класа, од друга страна, имаше корист од овој конфликт повеќе дури и од Моди, користејќи го судирот за да го сруши растечкиот бран на масовни движења против неа. Следејќи ги диктатите на ММФ и Светска банка, економијата падна во длабока провалија, а земјата постојано се приближува кон банкрот.

За да продолжат со својот грабеж, владејачката класа и меѓународните финансиски институции започнаа масовни напади врз работничката класа преку целосна приватизација на болници, училишта и факултети низ земјата. Постои огромно работничко движење во овие сектори, а само еден ден пред индискиот напад, се одржаа големи протести во неколку градови во Пунџаб, во кои учествуваа илјадници работници од болниците, вклучувајќи млади лекари.

Исто така, постојат многу други масовни движења низ земјата, вклучувајќи го и масовното движење на Балучите против државната репресија и националното угнетување, кое државата не успеа да го потчини, и покрај големите воени операции кои убија и киднапираа илјадници луѓе и уништија цели популации. Всушност, овие операции и апсења предизвикаа уште поголеми масовни протести низ Балучистан.

Ова масовно движење на Балучите исто така го откри банкротот и реакционерната улога на вооружените групи кои тврдат дека се борат за национално ослободување и против пакистанската војска. Всушност, неодамнешното киднапирање на Јафар Експрес, воз кој превезува стотици патници, вклучувајќи воен персонал, од некои се смета за повод за овие неодамнешни настани.

Извор: Baloch Yakjehti Committee, Twitter

Пакистанската влада ја обвинува Индија за поддршка на балучките герилци и ветува одмазда. Многу аналитичари тврдат дека инцидентот во Пахалгам можел да биде пакистански одговор на киднапирањето. Меѓутоа, вистинската закана за пакистанската владејачка класа не се овие вооружени групи, наводно поддржани од индиската држава и талибанската влада во Авганистан, туку масовното движење во кое учествуваат десетици илјади луѓе низ целиот Балучистан.

Друга вистинска закана за пакистанската владејачка класа се појави неодамна со избувнување на масовно движење во Синд поради прашањето за нови канали и реки. Пакистанската влада објавила планови за изградба на шест нови канали на реката Инд, од кои некои главно ќе ја снабдуваат со вода пустината Чолистан.

Овој проект за корпоративно земјоделство вреден 4 милијарди долари го контролира војската и го поддржува Светската банка. Тоа ќе има огромен ефект врз земјоделците во Синд и Пунџаб кои веќе страдаат од недостиг на вода. Пренасочувањето на водата кон овие нови канали ќе ги уништи средствата за живот на стотици илјади од овие земјоделци.

Веќе сега, владата во Пакистан започна со невидени напади врз земјоделците. Земјоделците кои садат основни култури како пченица беа уништени бидејќи беа принудени да ги продаваат по цени пониски од трошоците.

Оваа ситуација предизвика масовно движење во Синд, каде што протестот започна на 16 април со блокирање на главната артерија на земјата која ги поврзува Синд и Пунџаб. Циркулацијата на стоки во земјата застана на неколку недели за време на овие протести. Владата не можеше да го реши овој проблем и покрај итните напори на главниот коалициски партнер, ППП, кој исто така е на власт во Синд.

Движењето растеше, и сè повеќе луѓе во Синд излегуваа на протести, напаѓајќи ги генералите и ППП поради нивната предавничка улога. Иако ППП и другите партии се обидоа да го свртат ова движење кон националистичка омраза против Пунџаб, не беа посебно успешни во тоа.

На крајот, владата ги прифати барањата на демонстрантите, иако лажно тврдеа дека тоа не беше поради притисокот на движењето, туку затоа што Моди најавил еднострано укинување на Индус Вода спогодбата. Во тој контекст, лидерството на ППП, вклучувајќи го и Билавал Буто, жестоко го напаѓаше Моди и рече дека „или нашата вода ќе тече, или нивната крв ќе се пролее“.

Во меѓувреме, тој и неговата партија се збогатуваат со крвта и потта на милиони земјоделци и работници во Пакистан. Овој конфликт сигурно им помогна да го пренасочат гневот на работниците.

Масовни движења во Кашмир

Слично на тоа, огромно масовно движење моментално се одвива во пакистански контролираниот Кашмир, каде што десетици илјади луѓе двапати во текот на изминатата година се мобилизираа и зададоа тежок удар на владејачката класа.

Под водство на Авамскиот Акционен Комитет во Кашмир, народот извојува победа против поскапувањата, принудувајќи ја владата драстично да ги намали цените на електричната енергија и пченичното брашно. Една единица електрична енергија во Азад Кашмир, која пред движењето чинеше повеќе од 50, сега чини само 3 рупии. Движењето сè уште е силно, а за 13 мај е планиран нов масовен собир во Музафарабад по повод првата годишнина од погубувањето на движењето на шеидите, убиени од пакистанската држава.

За ова движење со голем ентузијазам се дискутира и во индискиот окупиран Кашмир, каде што тој инспирира нов бран масовни мобилизации против репресијата на индиската држава.

Моди самиот се пофали за „решението“ на прашањето за Кашмир со своите драконски мерки. Се фали дека го скршил масовното револуционерно движење во Кашмир со укинувањето на специјалниот член од индискиот устав за Кашмир во 2019 година, по што следуваше воведување полициски час и масовни апсења кои траеја со години.

Огромното присуство на вооружени сили сè уште постои во Кашмир, но Моди се обидува да врати туристи и бизнис. И покрај враќањето на т.н. „нормалност“ преку формирање на наводно избрана (но слаба) влада, сè уште постои можност за ново масовно востание, особено инспирирано од движењата на Авамскиот Акционен Комитет во Азад Кашмир и Гилгит-Балтистан.

Користење на Кашмирското прашање

Повторно, Кашмирското прашање се користи во овој конфликт од страна на владејачките класи на двете земји за да ја нападнат работничката класа во нивните сопствени земји и во Кашмир, и да ја продолжат својата окупација.

Само обединето дејство на работничката класа од двете земји може да ги порази овие цели и намери. За жал, комунистичките партии и левицата во двете земји целосно капитулираа пред владеачите, а нивните ставови за Кашмирското прашање и војната се исти како ставовите на државата и владејачките партии.

Всушност, ниту една политичка партија, ниту еден лидер никогаш не зборува за рушење на капитализмот и капиталистичката држава ниту во Индија ниту во Пакистан, кои се коренот на сите војни, национална опресија и тероризам што луѓето во овој регион мораат да ги трпат.

Поделбата на потконтинентот и последователното создавање на овие капиталистички држави ги искористија само владејачките класи во овие земји и империјалистичките сили во светот. Работниците од двете страни продолжија да живеат во екстремна беда, да трпат невработеност и неволји, додека богатите од двете страни живеат во луксуз. Владејачките класи на двете земји воделе неколку војни една против друга, при што илјадници луѓе загинале. Ако не се во војна, се подготвуваат за неа и ги градат своите арсенали на сметка на милиони луѓе кои страдаат од глад и сиромаштија.

Ситуацијата дојде до точка во која двете земји поседуваат нуклеарно оружје и најсовремено наоружување, додека стотици илјади умираат секоја година од двете страни поради глад и недостаток на лекови. За да го продолжат својот ограбувачки режим, овие владејачки класи ја користат политиката на религиозни, национални и други предрасуди за да поттикнат поддршка и да го одржат овој систем базиран на експлоатација.

За да се завршат овие војни, работничката класа во двете земји мора да води борба против своите сопствени владејачки класи и да го сруши капиталистичкиот систем, кој е коренот на сите крвопролевања и тероризам.

На 20 мај, се очекува дека повеќе од 250 милиони работници и фармери ќе започнат генерални штрајкови во Индија. Ова е момент кога раководството на овој штрајк може да понуди програма на работничка солидарност за да се завршат овие војни засекогаш и да започне класна борба против Моди и неговиот режим. Со непосредните барања на работниците и фармерите, мора да се додадат и политички барања, кои ќе ја напаѓаат експлоатацијата на буржоазијата во Индија и нивните класни интереси.

Извор: fair use

Од друга страна, пакистанските работници можат да организираат протести и собири на солидарност со истите барања за завршување на оваа војна и за започнување на класна војна против владејачката класа на Пакистан, која е поддржана од империјалистичките сили на светот.

Само социјалистичка револуција на потконтинентот може да понуди излез за работничката класа, излез кој трајно ќе ги укине овие вештачки граници кои го делат Пакистан и Индија и ќе го поништат злосторството на поделбата. Само социјалистичка федерација на Јужна Азија може да обезбеди крај на војните, сиромаштијата, невработеноста и неволјите, како и опресијата на Кашмир. Оваа револуција ќе отвори период на просперитет и развој во целиот регион и ќе биде точка за почеток на светската социјалистичка револуција која ќе го отстрани капитализмот од лицето на Земјата.

Да живее работничката класа на Индија и Пакистан!
Нема војна освен класната војна!
Напред кон социјалистичка револуција во Индија и Пакистан!
Напред кон социјалистичка федерација на Јужна Азија!
Работниците од целиот светот, обединете се!

Адам Пал