80 години од АВНОЈ – револуционерен исчекор напред
Историското значење на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија односно АВНОЈ е од далеку поголемо значење од тоа што денес се споменува. Имено, одлуките донесени на Второто заседание на АВНОЈ на 29 ноември 1943 година, за народите во Југославија претставуваат пресвртница во историјата на југословенскиот простор. Но, за македонскиот народ Второто заседание на АВНОЈ има уште поголема тежина. Треба уште на самиот почеток да нагласиме дека преку одлуките од Второто заседание на АВНОЈ македонскиот народ ги афирмира долгогодишните идеали и борби за свое социјално и национално ослободување. На ова заседание е афирмиран класно-револуционерниот карактер на народната власт, кој отвори пошироки аспекти за државното организирање на југословенските народи и отвори пат за понатамошна економска, културна и секаква еманципација на социјалистички основи.
Одлуката за изградување на Југославија на федеративниот принцип започнува со следниот текст кој гласи: „Врз основа на правото на секој народ за самоопределување, вклучувајќи го и правото за отцепување и обединување со други народи и во хармонија со вистинската волја на сите народи на Југославија, а просведочена во текот на тригодишната заедничка народноослободителна борба која го изгради нераздружливото братство на народите на Југославија се носи следната одлука: 1) Народите на Југославија никогаш не го признаа и не го признаваат распарчувањето на Југославија од страна на фашистичките империјалисти и со заедничка борба ја докажаа својата силна волја да останат обединети во Југославија. 2) Со цел да се достигни принципот на сувереност на народите на Југославија и да претставува вистинска татковина на сите свои народи, со што никогаш повеќе не би била предмет на која било хегемонистичка клика, Југославија ќе се гради и ќе се изгради на федеративен принцип, кој ќе обезбеди целосна рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односно на народите во Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.“
Одлуките кои се донесени на Второто заседание на АВНОЈ, беа принципи по кои се раководеше и македонскиот народ поради што во целост беа прифатени со оглед дека во нив го гледаа рамноправниот третман, признавањето на националната самобитност, гаранцијата за социјална и национална слобода во рамки на федеративна Југославија. Всушност, станува збор за темелите на социјалистичка Југославија како плод на највеличенственото сенародно движење односно народноослободителната борба и социјалистичката револуција како и решителноста на самите југословенски народи и народности да ја земат судбината во свои раце и да изградат заедничка федеративна држава во која ќе живеат во слобода, мир и социјализам. Авној беше демократски исчекор од кралската Југославија, диктатура што не можеше да ја развие ниту економијата ниту човековите и националните права. Авној и НОБ беa не само пркос кон фашизмот и нацизмот, туку и одговор на националшовинизмот на српската и хрватската буржоазија дека ќе победи работничката класа и селаните сплотени под знамето на социјализмот.
Но, одлуките на АВНОЈ отворија низа други прашања кога станува збор за Македонија. Имено, одразот на АВНОЈ веднаш се почувствувал кај бугарските окупаторски власти како и кај нивните домашни соработници, но и кај Отечествениот фронт на Бугарија. Кузман Јосифоски – Питу во едно свое писмо многу добро ја опишува состојбата за одекот на АВНОЈ во Македонија, а во него вели: „Заседанието на АВНОЈ, неговите историски одлуки, федеративното уредување на Југославија, како пример за балканските народи, признавањето на рамноправност на македонскиот народ во братската заедница на принципот на самоопределување до отцепување, организирањето на нашата млада НОВ, формирањето и објавувањето на ГШ, излегувањето на Манифестот, извештаите за борбите на НОВ и ПОЈ преку радиото и печатот – сето тоа масите со радост го примаат со исклучок на фашистите, еден дел од чаршијата и интелигенцијата. Тоа бугарската окупаторска власт ја принуди да преземе одредени мерки“. Питу овде мисли на одредени акции кои бугарската окупаторска власт ги презеде веднаш на терен, како и на една Резолуција донесена од страна на предводниците на реакционерните сили (структурите на ВМРО михајловистичка кои соработуваа со фашистичкиот окупатор предводени од Шкатров и Ѓузелов), во која се бара од бугарската окупаторска власт доследно да ја следи политиката за создавање на голема Бугарија.
Меѓутоа, Второто заседание на АВНОЈ не поттикна реакција само кај профашистичките реакционерни структури, туку и кај прогресивните сили, односно кај Отечествениот Фронт, кој објави цела декларација по однос на статусот на македонскиот народ. Сепак таа декларација од самиот Питу е дефинирана дека „далеку заостанува од документот на АВНОЈ – поради сите свои решенија таму донесени кои се јасни, концизни, принципиелни и реални“. Во целата декларација на ОФ се зборува само за Македонија, а никаде дека се признава македонскиот народ, туку се зборува за населението во Македонија. Исто така, Питу добро ја согледува линијата која се провлекува во целата Декларација и ја дава следната забелешка: „Потенцирањето дека Македонија била ’лулка на бугарската преродба‘ како да е некоја резерва за големосрпските тенденции бидејќи истото тоа го подвлекуваат и српските хегемонисти со изразите ’нашиот Југ‘, ’Царско Скопје‘.“ Проблематично е и дефинирањето на Балканските војни и Првата светска војна како ослободителни борби за македонскиот народ, а не како за поробувачки, што всушност и биле.
Овој документ на ОФ, само дополнително го истакнува огромното значење на Второто заседание на АВНОЈ во очите на македонскиот народ, со што дополнително се зацврстила вербата во политиката на КПЈ за целосно социјално и национално ослободување.
Со одлуките на Второто заседание на АВНОЈ се даде државничко решение за македонскиот народ на социјалистички основи, но и за сите останати југословенски народи, бидејќи самите одлуки значат федеративно уредување и ослободување од стегите на странските буржоаски апетити кон југословенскиот простор.
Наша должност како комунисти е да ги браниме сите прогресивни тековини на југословенската револуција и најшироката епанципација која е поттикната од истата. Непријателите на социјалистичката идеја денес ќе ги користат сите средства за напад и ќе се обидат да не` дисквалификуваат како југоносталгичари. Но ние не сме само обични почитувачи на минатото. Ние сме комунисти кои веруваат и се борат за нова работничка Југославија и за нас ова прашање е прашање на сегашност и иднина, а не на минато. Историјата ни` покажа дека само врз основа на социјалистичка економија и здружување на нашите ресурси може да одиме напред. Постоењето на единствен културен простор значително би ги релаксирал меѓуетничките односи.
За крај, ја реафирмираме пораката од прогласот на ЦК на КПМ од 1 мај 1944 година
„ДА ЖИВЕЕ АНТИФАШИСТИЧКОТО ВЕЌЕ НА НАРОДНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА“
Автор: Евгениј Литовски