Против 60 часовна работна седмица само со заострување на класната борба!
Собранието на седница во петокот (26.05) ги усвои спорните законски измени на пет закони (Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирањe, Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10-Д) со кои се овозможува американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ да ги гради коридорите 8 и 10-Д. По амандманската блокада на партијата „Левица“, владејачката коалиција најде проверен начин за заобиколување на процедурите и ги протна законските измени со т.н. европско знаменце. На ова усвојување му претходеа собраниски расправи на кои опозицијата обвинуваше за корупција при склучувањето на Договорот за коридорите и нетранспарентна постапка која резултираше со договор склучен во четири очи. Власта ги прогласи измените за стратешки и национален интерес и владините претставници триумфално изјавуваа дека ова ќе донесе раст на економијата и поврзување со Европа.
Што значат овие законски измени за работничката класа?
Конкретно се врши дополнување на чл.117 од Законот за работни односи кој го регулира прекувременото работење со следниот став „(8) По исклучок од ставовите (1), (2) и (7) на овој член прекувремената работа може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.“
Оваа измена е во контекст на чл. 12 од Законот за изградба на коридорите каде се предвидува работната недела да изнесува во просек 60 часа неделно.
Она што овде станува јасно е дека магловитиот поим на „национален интерес“ е ништо друго туку интерес на владејачката капиталистичка класа замаскиран зад разноразни слаткоречиви флоскули. Се поставува прашањето дали помеѓу работничката класа која живее од продажба на својот труд и капиталистичката класа која ги поседува ресурсите и фабриките може да има консензус и компромис? Нормално дека не може. Интересот на работничката класа е да го зачува својот физички и ментален интегритет, а работна недела од 60 часа деструктивно влијае врз психофизичките капацитети на работниците и истите ги уништува. Ова треба особено да се има во предвид ако се знае дека градилиштата се места каде што имаме најмногу несреќи и смртни случаи при работа, а македонскиот градежен сектор е една тотално неконтролирана и расипана полумафијашка гранка со редовно и силно кршење на сигурносните мерки. Интересот на капиталистичката класа е максимизација на профитот и брз поврат на вложените средства, затоа и притисокот кон властите да усвојат поволни законски измени од гледна точка на странскиот капитал. Во иднина, ќе стане правило да се злоупотребува фразата „национален и стратешки интерес за државата“ за потребите на било која странска инвестиција и ваквото работење ќе стане пракса, а не исклучок. А може да замислиме и како ќе изгледа писмената согласност која работникот мора да ја даде за да работи 60 часа неделно и која ќе биде изнудена од материјалните околности и од директна опасност за губење на работно место. Знаеме дека во земјата постои раширена практика работниците под притисок да потпишуваат спогодби на бланко листови. Значи, интересот на двете класи е антагонистички и секоја отстапка во корист на капиталистичката класа значи дека работничката класа губи и обратно. Донесувањето на вакво законско решение со кое се легализира 60 часовната работна недела во основа претставува губење на придобивките од историската борба на работничката класа. Така, 40 часовната работна недела е право што е извојувано од генерации работници, често и по цена на нивните животи. Ваквото законско решение претставува реакционерна антиработничка политика под директна интервенција на вистинските господари на регионот т.е. америчкиот империјализам. Станува јасно дека по секоја цена треба да се опслужат интересите на капиталот за негово полесно оплодување на периферијата. Економската логика налага вложување во вакви периферни земји, каде постои висока корупција, ниски даноци и даночни поволности, слабо синдикално организирање и евтина работна рака. Од перспектива на странскиот капитал, ова е вин-вин ситуација бидејќи носи поголем профит. Поради тоа што невработеноста кај нас е на историски најниско ниво (главно тоа се должи на два фактори: отселување на младо и работоспособно население и нашата спора интеграција во светската економија) стои отворена опцијата за делумен увоз на работна сила од Третиот свет (Индија, Пакистан, Бангладеш) за изградба на коридорите. Светската резервна армија на трудот која е структурен дел на капитализмот во овој случај ќе ја одигра својата улога. Како што поентираше Маркс своевремено во глава 23 од првиот том на Капиталот, „Индустриската резервна армија во периодите на застој и среден просперитет врши притисок врз активната работничка армија, а во време на периодите на хиперпродукција и на Paroxismus [трескаво производство] ги држи зауздани нејзините барања.“ Работниците кои ќе бидат увезени од Третиот свет ќе бидат принудени да работат за помали надници од домашните работници, во робовски услови и како последица на нивната положба ќе ја намалат цената на трудот. Дополнително, како што се случува во многу развиени земји на капитализмот, истите ќе бидат редовно на мета на ксенофобични испади на десницата и ќе станат дежурен кривец за сите општествени проблеми. Оваа реторика ќе има за цел да внесе дополнителни поделби во самата работничка класа.
Друг важен аспект во целата приказна е и (не)испатливоста на овој проект. За изградба на автопат постојат конкретни критериуми кои овде не се задоволени (на пример: фреквенција на возила). Во време на енергетска криза, постојат многу поприоритетни стратешки проекти коишто ќе овозможат енергетска стабилност и независност. Значи, 500 милиони евра би чинела инвестицијата за ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Орлов Камен со што би се зголемило домашното производство за преку 1000 MWh годишно односно околу 20% од сегашното производство од термоцентрали. Согласно пресметките и анализите на проф. д-р Дејан Трајковски од Технички фаултет – Битола, повратот на инвестицијата за изградба на автопатот би изнесувала 60 години во најоптимистично сценарио. Цената за изградба на коридорите би изнесувала околу 1.6 милијарда евра вклучувајќи ги трошоците за експропријација на земјиштето, а не земајќи ги предвид дополнителните, непредвидени трошоци кои сосема сигурно ќе се појават. Државата може да покрие само 300 милиони евра потребни за оваа намена, што значи дека ќе мора да се задолжи за 1.3 милијарди евра со што надворешниот јавен долг би пораснал речиси двојно. Товарот на должничкото ропство ќе падне врз грбот на работничката класа, која ќе биде принудена да ги плаќа каматите преку разноразни мерки за штедење и напади врз нејзиниот квалитет на живот.
Каде се синдикатите во целата оваа приказна?
Најголемите синдикални централи континуирано го искажуваат своето негодување за 60 часовната работна недела. Една од централните теми на масовниот првомајски марш во Скопје беше токму 60 часовната работна недела. Синдикатите најавија дека ќе направат сè потребно за да се спречи воведувањето на 60 часа работна недела. Синдикатот за градежништво најави дека ќе ги спори законските измени пред Уставниот суд.
Во вакви вонредни околности веќе не се потребни калкулации туку одлучност и масовност. Законските измени мора најитно да се повлечат, а за тоа да се случи е потребно синдикатите да организираат итен прекин на работата во сите гранки и дејности т.е. генерален штрајк. Паралелно со ова, синдикатите треба да повикаат на масовни протести и блокади и солидарност од останатите групи во општеството (студенти, пензионери, невработени) бидејќи борбата е заедничка. Сè помалку од ова би било компромис со волјата на владеачката класа и би било исправно оквалификувано како предавство кое ќе предизвика разочараност и осипување на членството и борбениот морал.
Ни еден чекор назад – доаѓа време на офанзива!
Комунистите како авангарда на работничката класа се против овие измени и стојат во солидарност со целото работничко движење! Но, за да успееме треба од дефанзива да преминеме во одлучна офанзива! 40 часовната работна недела веќе постои стотина години и во време кога продуктивноста на трудот е енормно зголемена, 40 часа работна недела е историски надминат концепт. Развојот на технологијата и продуктивноста на трудот даваат материјална основа за воведување на 30 часа работна недела! Но, во услови кога средствата за производство и ресурсите се поседувани од малцинството капиталисти, овие хумани цели стојат во спротивност со нивните тесни економски интереси.
Капитализмот кога е во криза го нема луксузот да понуди достоинствен живот за мнозинството преку разноразни реформи, особено не во неговите периферни подрачја.
Единствено решение за подобар живот на работниците е социјалистички план и полна вработеност која ќе доведе до општа благосостојба. Задача на секој комунист е да ги изгради силите кои ќе придонесат кон пад на старото и раѓање на ново општество!
30 часа работна недела!
За работничка партија – против капитализмот!
Автор: Дејан Лутовски