БалканВестиМакедонијаОпшто

ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОСЛОБОДЕНО ОД СТЕГИТЕ НА ВЛАСТА И КАПИТАЛОТ!

Целокупната деградација на нашиот општествено-економски систем наоѓа свој израз и во образованието. Од воспостсавувањето на пазарната економија образованието стана поле во кое постојано се интервенира и експериментира со нови образовни политики, водени пред се од пазарната логика, а со единствена цел тоа да се инструментализира во служба на капиталистичкиот систем. Промената на целите и смислата на образовнието и образовниот процес, несомнено предизвика драстични промени. Децении наназад просветните работници се наоѓаат во деградирана положба и мораат да водат долготрајни борби да добијат барем минимални отстапки во корист на професијата, децата или студентите. 

На што конкретно се должи ситуацијата во која се наоѓаме? Прво, ударот на т.н. „мерки на штедење“ каде секоја влада во последните 30 години и повеќе систематски го запоставува образованието и не вложува во стручност и екипираност на институциите, реновирање и изградба на училишта, не вложува во трудот и стручното усовршување на просветните работници, не вложува во студентски домови и во културни и рекреативни содржини за учениците и студентите! Целосно е заборавено неформалното образование, секциите за техника, уметност, хорови, играорни итн. 

За сметка на штедењето во оваа есенцијална дејност, властите имаат пари за енормни зголемувања на функционерските плати, имаат пари за субвенционирање на странски капиталисти кои доаѓаат да ја цедат домашната евтина работна рака, имаат пари за луксузи на државна сметка! Долгот дополнително се зголемува и маките за исплаќање се товарат на идните генерации. Сето тоа во време кога многу наши училишта и студентски домови се распаѓаат и изгледаат како за снимање на хорор филм! Т.н. „нова образовна концепција“ е ништо друго туку обид за пренасочување на финансиски средства преку печатење на учебници кон еден мал слој на сопственици и дополнително деградирање на образованието преку вакви „плукни-залепи“ решенија! Амалгамацијата на наставните предмети ќе се користи како оправдување за партиски вработувања што ионака се нормализираа. 

Од друга страна, притисокот на приватниот капитал навлегува остро и во образованието. Никнуваат приватни профитно ориентирани универзитети и средни училишта каде главно се школуваат децата на капиталистичката класа кои се подготвуваат да го преземат владеењето со нашите животи! Приватните образовни установи нема да го подобрат квалитетот на образованието, напротив дополнително ќе ја поткопуваат неговата хуманистичка смисла и ќе ја репродуцираaат и зајакнат општествената нееднаквост во сферата на образованието.

Недоволното инвестирање во јавното образование, постојаните обиди образованието да се инструментализира, како и подемот на приватните профитни образовни компании јасно ни` го покажуваат трендот – образование да стане привилегија на богатите и слуга на капиталистичкиот систем.

Вака конципираното и спроведено образование, кое се диктира од власта, без да се консултираат самите учесници во образовниот процес -наставниците и учениците, доведе до ситуација да имаме студенти и ученици без креативност и критичка мисла кои по своето формално образование излегуваат со оскудно знаење, како и понижени и демотивирани наставници.

Трансформацијата во образованието може да се случи само доколку вклучените во процесот јасно и недвосмислено тоа го бараат. Мобилизацијата и колективната акција се единствен начин да се издејствува промена на постоечката политика и сопре натамошното пропаѓање на образованието под притисокот на пазарната логика. Само здружена борба може да стави крај на повеќедецениска тивка смрт! Марксистичка организација „Црвени“ е ваш сојузник и целосно го подржува секој изблик на синдикална и работничка борба за спроведување на изворните барања на просветните работници!