ВестиМакедонијаОпшто

ПЕНЗИОНЕРСКИ ПРОТЕСТИ – ВРЕМЕ Е ЗА МЕЃУГЕНЕРАЦИСКА СОЛИДАРНОСТ!

Деновиве во јавноста е актуелна темата за зголемување на старосната граница за одење во пензија на 67 години по предлог на Фискалниот совет на Македонија заради неодржливоста на Фондот за ПИОМ. Проблемите со Фондот се таложени со децении и истите се од структурна природа и оваа мерка нема да го спаси Фондот, ниту да ја зголеми неговата одржливост. Како комунисти ние сме во целост против ваквите антиработнички предлози кои ќе го префрлат товарот на кризата врз грбот на работничката класа. Мораме да бидеме во будна состојба и соодветно да реагираме на секој ваков напад! Со таа цел, потсетуваме на овој наш постар текст од осмиот број на нашето претходно гласило Нова искра, кој става акцент врз пензионерските  протести од август и септември 2023 година, како и врз состојбата со пензискиот фонд.

Слика: rabotnik.com.mk

Во текот на месец август и септември се одржаа повеќе протести на пензионерите во повеќе градови низ Републиката. Нивното главно барање е линеарно покачување на сите пензии од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. Пензионерите кои протестираат се револтирани од порастот на трошоците за живот и инфлацијата и сметаат дека владините мерки се недоволни. Согласно постоечкото законско решение, пензиите се усогласуваат два пати годишно (во март и септември) и со последното усогласување во септември пензионерите ќе добијат покачување од 6%, или вкупно нешто над 14% за 2023 година (усогласувањето во март 2023 година беше 8.4%). Според најавите на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска од месец септември нема да има пониска пензија од 13.000 денари. Таа нагласи дека барањето за минимална пензија од 18.000 денари е нереално бидејќи ќе го оптерети Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Што значат овие протести?

Протестите на пензионерите се уште еден изблик на нестабилност и растечка социјална поларизација и незадоволство во нашето општество. Во овој момент има над 300.000 пензионери во нашата држава, што претставува околу 16% од вкупното население. Една третина од оваа бројка или над 100.000 пензионери живеат под прагот од 13.000 денари, што значи дека пензионерската сиромаштија е на едно огромно ниво, ако се земе предвид постојаната потреба од лекови и терапии во доцната доба од животот. Во периодот од март 2018 година до март 2023 година просечната плата пораснала за 12.000 денари, минималната плата за 11.000 денари, а просечната пензија пораснала за само 4.900 денари. Од овие податоци станува јасно дека пензионерите се оние кои најмногу го чувствуваат ударот на кризата и поскапувањата. Ако подобро ги погледнеме државните мерки, станува јасно дека истите се далеку од доволни. Ако државата се фали со годишното покачување од 14%, не треба да заборавиме дека инфлацијата кон крајот на 2022 година достигна 20%! Стапката на инфлација се намали во текот на 2023 година и таа моментално се движи околу 8%, но намалувањето на стапката на инфлација не значи дека цените поефтиниле, туку дека стапката на општ пораст е намалена, но тоа не го менува фактот дека цените пораснале во однос на истиот период изминатата година. Во превод, прилагодувањето на пензиите не е никакво реално покачување, туку истото не може ни да ја следи стапката на инфлација! Наводната загриженост на државните бирократи за одржливоста на фондот и буџетот е обично лицемерие, ако се знае дека истиот тој буџет ги издржува енормните покачувања на функционерските плати и луксузирања, како и секојдневните скандали за тендерски злоупотреби и субвенционирања на странски капиталисти кои овде доаѓаат по ефтина работна рака и можност за лесно оплодување на нивниот капитал. Во крајна линија, во денешните социоекономски услови износ од 13.000 денари е премал износ за покривање на некои основни потреби, а за достоинствен живот не станува ни збор.

Слика: rtcg.me
Структурни проблеми со пензискиот фонд

Во позадина на ова, постојат и други посериозни и структурни проблеми со пензискиот фонд кој во голема мера се нус производ на нашиот периферен капиталистички систем. Имено, соодносот помеѓу вработени и пензионери денес е нешто помал од 2:1, а на почетокот на економската транзиција кон капитализам во 1991 година истиот сооднос бил нешто поголем од 3:1. Тоа се должи на стареењето на населението и отселувањето на работоспособното население кон поразвиените западни капиталистички земји. Друг проблем претставува и злоупотребата на исплатата на придонесите, односно феноменот на неисплаќање на реалната плата на сметка на вработените. Многу често се случува дел од платата на работниците да им се исплаќа легално на трансакциска сметка, а дел „на рака“ сè со цел за избегнување на обврските кои капиталистите ги имаат кон државниот буџет и фондовите. Не постојат прецизни податоци за тековната година, но според некои истражувања од 2016 година, речиси половина од работниците се пријавени на помала плата од таа која реално ја добиваат. Ова покажува дека фондовите за здравство и пензиско плански се оштетуваат од капиталистите кои имаат тенденција да заштедат на сите можни директни и индиректни трошоци и издатоци како би ја зголемиле профитната стапка. Ова не е никаков „злобен заговор“ туку нормално функционирање и инхерентна логика на капиталистичкиот начин на производство. Друг аспект е самата поставеност на Фондот кој веќе не се темели само на меѓугенерациска солидарност, туку согласно реформите од 2006 година покрај задолжителниот прв столб, постојат и задолжителен втор столб и доброволен трет столб кои се темелат на капитално финансирање и се профитно ориентирани и менаџирани од приватни осигурителни компании. Па така, парите кои задолжително влегуваа во првиот (државен) столб, со оваа реформа се намалени односно процентот од 18.8% се дели на 12.8% кои влегуваат во државниот фонд и 6% кои задолжително влегуваат во приватниот пензиски фонд. Во превод, државниот пензиски фонд е оштетен за сметка на приватниот пензиски фонд и дупката во фондот и понатаму расте и неговата одржливост е сериозно влошена. Дополнително, процентот на придонеси кои се уплаќаат во пензискиот фонд постојано се намалуваше низ годините, под притисок на капиталистичката класа и мантрите за создавање на „поволна бизнис клима“. Овие пари очекувано не завршија кај работниците во облик на зголемени плати, туку останаа во џебовите на сопствениците. Највисоката основица за уплата на придонеси изнесува 16 просечни плати и секој што зема месечна плата над овој износ е ослободен од плаќање на придонеси на износот повисок од оваа основица. Па така, најскапо платените менаџери во Македонија кои заработуваат и по стотици илјади евра месечно, плаќаат придонеси само на износот од десетина илјади евра и од оваа мерка фондот трпи директни оштетувања. Истите се во привилегирана позиција во споредба со најголем дел од работниците чии придонеси се уплаќаат на целиот износ од платата која ја земаат на сметка. Сите овие структурни недостатоци и проблеми создаваат една тешка и неодржлива ситуација за пензискиот систем.

Што да се прави?

Пензионерските протести без оглед на сите дневно-политички обвинувања на релација власт-опозиција на оваа тема, се сосема оправдани социјални протести кои заслужуваат да бидат поддржани од секој свесен работник и комунист. Не треба да заборавиме дека пензионерските генерации се тие кои ја граделе земјата и општеството во социјализмот практично од рушевина. Пензионерите ни`овозможија нас помладите да имаме многу придобивки кои се рушат последните децении. Пензионерите се тие што ги дополнуваат семејните буџети на нивните деца и внуци. Тоа е генерацискиот долг кој ние помладите мора да го вратиме. Потребна е солидарност од младината, студентите, работниците и нивните организации, бидејќи сите ние еден ден ќе бидеме пензионери и ќе се најдеме на удар на еден неправеден систем. Наша задача е сплотено, преку заедничка борба и со вистински методи да се избориме за систем во кој ниеден пензионер нема да биде оставен на работ на егзистенцијата.

Дејан Лутовски, септември 2023