Го напуштив Американскиот колеџ во Софија поради лицемерна проамериканска пропаганда
Да би можела да ја извршувам својата наставна дејност бев приморана да ги сокривам моите марксистички убедувања на работното место. Како просветен работник се придржував на ова неофицијално правило, како во Канада, така и тука во Бугарија. Според некое непишано правило, образовните системи бараат од наставниците да бидат политички неутрални, а затоа и не бев изненадена дека во Бугарија има донесено закон за тоа. Се подразбира дека паралелно со ова, од нас наставниците се очекува на нашите ученици да ги пренесуваме и афирмираме вредностите и идеологијата на капитализмот и со самото тоа да останеме некритични кон него. Но денес, во време на зголемена промилитаристичка пропаганда, едно училиште во Софија, Американски колеџ, ги надмина сите граници на ,,неутралноста”. Во оваа статија го опишувам моето искуство и како моето несогласување со пропагандата ме натера да го напуштам професорското место во тој колеџ.
Во Канада се здобив со титула квалификуван наставник. Во тој момент, средното образование таму беше презаситено со професорски кадар, па решив да си ја пробам среќата надвор и така одлучив да одам во Бугарија. Потпишав двегодишен договор со Американскиот колеџ во Софија. Пред тоа ми беше соопштено дека тој колеџ е еден од најпрестижните училишта во регионот, со високи стандарди за прием и долга 150 годишна историја, почнувајќи од американските мисионери кои го основале. Целта на колеџот е да ја образува и изгради следната генерација на либерални политички и економски елити во земјата. Најдобрите ученици кои се обучуваат тука потоа се испраќаат на најпознатите универзитети во Велика Британија и САД. Завршувањето на тие универзитети последователно им гарантира вработување по струка во приватниот сектор или државната администрација. Некои од тие ученици потекнуваат од богати семејства и се обучуваат да ги зајакнат бизнис позициите на своите родители и да го наследат и да управуваат со нивниот капитал. Станува збор за изградување и остварување на амбициозни цели, а улогата на училиштето е да ја негува културата на припадност на однапред избрано малцинство. Но, иронијата е дека овие амбиции и цели отпосле се покажуваат како недостапни дури и за самите ученици во колеџот. Уште една од улогите на ова училиште е да го задржи имиџот на САД како една голема и моќна држава. Со тоа ја пропагира неопходноста од „демократија и слободи” во сите земји каде САД имаат интереси и цели, а тоа подразбира и мешање во внатрешната политика.

Како млада професорка по математика, која ја прифатила оваа работа, начелно немав јасна претстава која е целта на овој колеџ. Но по година и пол настава, веќе ми стана јасно за неговата дволична и цинична улога, да биде силен институционален бастион на американскиот империјализам во бугарското општество. Во практика, тој е една алатка за ширење на американските надворешни интереси. Ќе дадам неколку примери на кои бев и самата сведок. На свечената церемонија по повод завршувањето на матурантите, главен гостин и говорник беше американската амбасадорка во Бугарија, назначена од Трамп, Хиро Мустафа. Пред да земе збор, официјално е претставена од директорот на колеџот, како човек, кој имал клучна улога во советот за управување во Авганистан и Ирак, држави кои беа окупирани од Вашингтон. Неколку месеци по говорот, професорите и родителите добија писмо од директорот Дик Јуинг. Писмото беше по повод заземањето на власта од страна на Талибанците во Авганистан, по повлекувањето на американските војски. Во писмото директорот бесрамно ја истакнува „важноста на нашата работа” како училиште, за развитокот на светот. Особено ја потенцира улогата на таканаречената „мека сила на влијание” во постигнувањето на империјалистичките цели на Западниот свет. Освен ако интересите не бараат напуштање на теренот, како во Авганистан.
Дозволете да продолжам со примерите за отворена политизација на колеџот или важноста на „меката сила”. На приемниот испит, кандидатите пишуваат есеј што за нив значи слободата, а тој поим веќе одамна има строго политичко значење, наложено од американската политика и култура. Истовремено, на новоизградената зграда стојат плакати со симболите на УСАИД – Американската агенција за меѓународен развој. Во професорскиот кабинет стои портрет на Хилари Клинтон, познатата вљубеничка во војната и поранешен државен секретар на САД. На сликата стои дека при посетата на Софија во 2012 година, лично го посетила и колеџот. Низ учебната година мојата разочараност се зголемуваше, бидејќи јасно гледав како таа суптилна пропаганда се одразува врз учениците. Покрај тоа работев и по 50-60 часови неделно. Моите задолженија ги надминуваа часовите по математика. Прекувремената работа е добро позната на колегите кои работеле во приватни училишта. Корпоративниот и комерцијален модел на колеџот им налага на професорите да поминуваат доста време со родителите убедувајќи ги дека високите партиципации кои се плаќаат, се оправдуваат со висококвалитетната настава. Поради сѐ ова, бев решена да ја напуштам работата со истекувањето на договорот, во јуни месец оваа година. Единствена позитивна работа ми беа релативно добрите услови за настава, финансиските надоместоци и мотивацијата на моите ученици.
Но работите не одеа по планот. Кога избувна конфликтот во Украина, крајот на февруари, јас очекував груба реакција од страна на раководството на колеџот. И навистина добивме писмо од директорот за тамошните случувања. Тоа беше официјалната позиција на Американскиот колеџ, која ја добивме на 3 март, бугарскиот национален празник по повод ослободувањето. Во писмото е истакната улогата на Васил Левски, како што се нагласува, за историската борба на Бугарите за слобода и независност која ја гледаме денес во „херојското” раководство на Украина, кое се бори со злото наречено Путин. Во крајна линија, цивилизациските американски и европски вредности како слобода и демократија за кои денес вреди да се војува. Тоа се нешта кои и самата Бугарија ги доби преку тесното партнерство со западот. А еве го и писмото:
Драги ученици и колеги од АКС,
3 Март одамна се празнува од Бугарите низ светот. Пред моето пристигнување во Бугарија ја имав честа и задоволството да присуствувам на празнувањето на 3 Март во Вашингтон.
Таму го слушав бугарскиот амбасадор во САД, кој возбудливо ја раскажа приказната бугарското ослободување од Османлиската империја и за големиот бугарски херој Васил Левски. Споменот и делото на Васил Левски и денес живеат во умовите и срцата на Бугарите, и сите кои знаат и им е грижа за Бугарија. Некогаш големата и моќна Османлиска империја, денес е само еден историски спомен. Таков спомен се и империите создадени од најголемите чудовишта на 20ти век – Хитлер и Сталин. Но денес имаме нов диктатор во 21 век, кој се стреми да оживее една империја, и се стреми преку силата на теророт и диктатурата да потчини еден независен и слободен народ. Одвратно е да се гледаат ужасните слики до руската инвазија во Украина. Во реално време ја гледаме болката и уништувањето на Украинците: разрушувањето на нивните домови, на работните места, на воените полиња, на градовите и селата, на нивниот живот и слобода. Го гледаме бруталниот, непредизвикан напад од силите, пратени од Путин; низ лаги и отворена агресија, Путин се осмелува да уништи друга држава со негирање на нејзиното право да постои; тоа се постапки за осуда и срам. Тој варварски напад е удар врз целото меѓундародно право, на нормите на човечките права и достоинство. Ова е навреда за сите луѓе кои се залагаат и ја сакаат слободата ширум светот. Европа не видела во тие размери таква тиранска војна, од времето на Хитлер, која уништила и протерала илјадници невини луѓе.
Настаните од минатата недела, за жал, нѐ потсетија дека либералната демократија и човековото право на самоопределување, не се дадени. Тоа се права кои мора да се бранат и за кои мора да се бориме, кога се нападнати. А народот и раководството на Украина покажаа исклучителна посветеност и приврзаност кон принципите на демократијата и човечките права. На каква исклучителна приврзаност и хероизам сме сведоци секој ден. Бескрупулозноста на диктаторот кој ја предводи руската влада е ужасна, споредбено со хероизмот на украинскиот народ и неговото раководство. Отпорот на Украина кон тиранијата продолжува да ги инспирира сите слободољубиви луѓе ширум светот. Украинците беа поддржани, како што видовме, од протести низ Русија, кои беа изложени на смртна опасност заради тоа. Тие руси се свесни за ризикот од протестирање, како по нив, така и по нивните семејства. И покрај тоа, илјадници од нив излегоа да протестираат и да се солидаризираат со украинскиот народ и со своите истомисленици, против својата власт која ги продолжува безмилосните напади врз својот народ – со лаги, дезинформации и насилство.
Луѓе низ целиот свет се приклучуваат во протестите против агресивната војна, и покажуваат поддршка за сите кои се невини жртви. Многу луѓе во Бугарија даваат помош и поддршка на прогонети Украинци, на тие бегалци, а и на многу Бугари кои живееа во Украина и кои беа приморани да ги напуштат нападнатите области. Од сите страни, доброволни организации организираат помош за прогонетите Украинци. Сакам посебно да ја потенцирам важноста на акциите на бугарскиот и украинскиот Црвен крст. Група од нашиот Американски колеџ веќе се подготвува за активносст во дел од тие организации. Ги повикувам учениците и професорите, самостојно или во групи, да помогнат и да ги поддржат овие напори. Го повикувам целиот состав на колеџот да се вклучи и да ги искористи ваквите активности. За двете години на пандемија, нашите ученици и нашиот персонал дадоа силен допринос, и беа пример за упорност и издржливост. Особено сум горд на начинот со кој се справивме со пандемијата и не се сомневам дека нашата сплотеност ќе ја даде својата поддршка и помош на оние, кои страдаат во тој ужасен конфликт. Целта на Американскиот колеџ секогаш била не само создавање на стручни кадри, но и создавање на добри луѓе, силни лидери и комплетно образовани поединци. Колеџот продолжува да ги исполнува своите цели, а со тоа и обуката за одговорност, интегритет и почит. На тоа ги додаваме и другите важни за нас вредности, како: храброст, емпатија, издржливост, инспиративност и решителност. Сметам дека вреди да се залагаме за она во што веруваме. Верувам во храброста, која го прави возможно исправувањето пред големи предизвици. Издржливоста и упорноста ни се нужни за да можеме подготвени да се исправиме лице в лице со тешкотиите и да се надминат неуспесите. Исто така, ги охрабруваме луѓето да живеат со инспирација и цел. Сите овие квалитети ги демонстрира денес украинскиот народ.
Трети март е празник што одбележува историски настан. Не е ли тоа празнување на внатрешниот човечки копнеж по слобода? Не е ли тоа празнување на човечките права? Тука се гледа нашето човеково право да живееме и постоиме слободно. Актуелните настани јасно нѐ потсетуваат дека на човековите права и достоинство им треба заштите, почитување и нега. Наша и на сите поколенија е одговорноста да се бориме за тие права, да ги одржиме живи, и да ги заштитиме. Што да се каже за Васил Левски, за тој симбол на еден народ кој се стреми за слобода. На чија ли страна ќе застанеше тој денес? Всушност, од неговите дела и мисли, ние знаеме која страна ќе ја заземеше. Тој го посвети својот живот за човечкото достоинство и слобода не само на својот народ, туку и на сите луѓе. “На секоја нација, и на секој човек е неопходно да се осигура правото на достоен живот и на слобода”, пишува тој. Неговиот глас е актуелен и денес, 150 години подоцна. Влијанието на неговите зборови и мисли, ние можеме да ги откриеме и во Декларацијата на Обединетите нации за правата на човекот, или во повелбата на Европската заедница. Тие сфаќања живеат во срцата и мислите на секој слободољубен народ, секаде низ светот. Затоа треба да сме горди и благодарни на тој ден, Ден на ослободувањето, дури и денес кога го славиме 1 Март. Честита Баба Марта! *
Ричард Дик Јуинг, претседател на Американскиот колеџ во Софија

Писмото на директорот ме стаписа. Ме стаписа затоа што ги имав прочитано речиси истите пораки, во пораката на Твитер на Лојд Остин, министер за одбрана на САД, кој ја посети Бугарија на 19 март 2022 година, кога побара од Бугарија да даде наоружување на Украина. Во истиот дух беа и зборовите на делегацијата на САД во Бугарија, која по повод 3 Март го објави обраќањето на државниот секретар Ентони Блинкен до Бугарите. Очигледно директорот не си го губел работното време, а и добро ја совладал суштината на пораките од супериорните Американци, за да го напише своето пропагандно писмо до нас. Така тој ја наплатува својата работа, но и огромната канцелариска куќа во која живее, веднаш до колеџот. Не е случајно ни тоа дека колеџот моментално преговара со американската амбасада и други институции во Бугарија, за тоа како да ги прифати украинските бегалци за свои ученици. Идејата е да се добијат средства за мал број Украинци да можат неколку месеци да учат на колеџот, а од новата учебна година нивните родители да ги платат целосните школарини, доколку овие деца ги исполнат стандардите за полагање англиски јазик.
Грубите политички предлози на директорот ме убедија дека како професор, должност ми е да го напуштам колеџот и покрај влијанието што тоа ќе го има врз моите колеги и ученици. Не смее да се толерира одбраната на позициите на американскиот империјализам, кои ја користат Бугарија со цел да ја оправдаат својата идна агресивна воена и политичка стратегија. А Американскиот колеџ е една од алатките за нивните цели. Во мојот случај морав да дејствувам сама, затоа што колеџот не располага со синдикална организација, која ефективно ќе помогне доколку кадарот не се согласува со раководството.
Така отидов во раковоството и им соопштив дека ќе ја напуштам работата и сакам да разговараме за условите околу мојот отказ. Од администрацијата започнаа да ме разубедуваат да останам и како ќе биде многу тешко да се најде моја замена. Јас знам дека е така. Примерот ми е пред очите. Моите бугарски колеги, и покрај нивното слично професионално искуство и квалификации со странските професори, земаат три пати помали плати од нив. Претпоставувам колку се „задоволни” од тој факт. Подоцна почнаа обвинувања од администрацијата дека ги напуштам децата. Откако разбраа дека политичката порака на директорот е неприфатлива за мене направија уште еден очајнички обид да ме задржат. Ми предложија на некаков мек начин, да им ги претставам моите ставови на учениците за светските настани, што на некој начин би ги надополнило ставовите на нашиот директор. Со таа алтернатива ќе се потврди дека нивното училиште е „пазар на идеи” и ќе ја зајакне идеологијата дека американската училишна култура е единствена која обезбедува слобода на говор во Бугарија. Кога и тој трик не им успеа, се обидоа да ме заплашат со лошите работни услови во другите бугарски училишта, во кои и платите и слободата на говор се на ниско ниво. Особено ги акцентираа разликите во платите.
Триковите со кои се обидоа да ми ја скршат волјата да заминам, и да ме задржат како професор, не влодија со плод. Не ме убедија и по тридневно предупредување го напуштив работното место. Започнав да се простувам со моите ученици. А поради тоа морав да им ја објаснам причината за заминувањето. Бидејќи во мојата одлука има политички мотив, објаснувањето би ги прекршило вообичаените правила на политичка неутралност (што како што видовме е чиста формалност која испарува кога раководството ќе реши да води политика). Пишав личен емаил до сите мои ученици:
“Го напуштам Американскиот колеџ во Софија, не поради вас учениците, или поради моите колеги, или поради наставата – од сето тоа сум задоволна. Причината е од сосема друг карактер, и со вас ја споделувам, ако сакате да ја дознаете. Напуштам, затоа што не сакам да работам за институција која ги претставува идеите на американскиот империјализам во овој дел од светот. Денес сме сведоци на последиците од дејствијата на туѓи интереси, кои се борат за надмоќ во Украина. Украина има стратешка геополитичка позиција, богати природни ресурси и слично – поради тоа стана објект за воени и економски аспирации. Ова се барања на домашни и странски олигарси, кои водат и се дел од систем кој е надвор од контрола. Како резултат на тоа обичните луѓе таму живеат во беда, економска и политичка нестабилност, а сега веќе и стравуваат за своите животи, зашто се фрлени во една братоубиствена граѓанска војна.
Причината можете да ја најдете во писмото на нашиот директор од минатата недела. Јас строго го осудувам колеџот за тоа дека украинското раководство го нарекува херојско и го посочува како пример за демократија и заштитник на човековите права. Тоа се прави само поради причината што тоа раководство е блиско до Западот. Тоа раководство е една инсталација на извршен прозападен пуч пред 8 години, во кој САД направија стратегија со користење на екстремни националисти за да ги постигнат своите цели. Нешто коешто во континуитет го продолжуваат и сега. Употребената реторика од страна на нашиот директор во суштина ги мотивира народите за војна, чии последици потоа ги доживуваат на своја сметка. Ужасно лицемерие е таквите луѓе да ни зборуваат за демократија и национален суверенитет. Целото досегашно искуство на американската надворешна политика го покажува токму спротивното. Да не говорам за тоа дека и самите американски граѓани се лишени од основните човекови права – право на бесплатно здравство, достапно образование и поседување сопствен дом.
Војната е секогаш бесмислена, зашто мнозинството народ секогаш губи. А на тоа мнозинство претходно им е всадена токму таква пропаганда, за доброто и злото. Крајниот резултат е секогаш ист, владејачката класа продолжува безмилосно да ги експлоатира. Јас како ваша професорка, отсекогаш се трудев да бидам принципиелна, а во сегашната ситуација таа пропаганда е спротивна на моето гледиште. Ете зошто одлучив да побарам друго училиште во кое ќе можам да предавам како наставничка. Верувам дека од кажаново ќе ја разберете суштината на мојата одлука. Во спокојни времиња не би се занимавала со политички прашања, зашто сум убедена дека младите луѓе треба сами да ги изградат своите политички убедувања со внимателно проучување на случувањата во светот. Верувам дека вие ќе ги изградите вашите верувања преку стекнување на искуства во значајна борба и преку труд, работејќи на изградба на подобар свет.”
Откако писмото се рашири низ училиштето, раководството на Американскиот колеџ го промени својот пристап кон мене. Презеде казнени мерки. Јас веќе го напуштив по своја желба. Меѓутоа не постоеше сомнеж дека по едно такво писмо би била веднаш отпуштена. Тоа што немав веќе официјален договор, значеше дека ќе бидам поранлива на нападите од раководството. Како прво, веднаш наредниот ден ми беше суспендирано здравственото осигурување. Набргу потоа ми беше забранет пристап до поштата и некои онлајн платформи за обука. Тоа го направи предавањето на материјалите на колегите, кои привремено ќе ме заменат, многу потешко од вообичаеното. Имав една недела да го напуштам студентскиот дом што колеџот го обезбедува за професорите. Дополнително, одлучија да ми се одмаздат и финансиски, барајќи од мене да платам отштета од 3000 лева за предвремено раскинување на договорот. Оваа последна мерка е класична форма на грабеж, ако се земе предвид тоа што платата ми престана од денот на заминувањето и факултетот му должи пари на мојата замена.
Раководството на колеџот го продолжи својот напад врз мене, со тоа што не ми ги врати личните документи во нормалниот рок, меѓу кои беа и изводот од матична книга на родените и работната евиденција. Тоа задоцнување ми создаде потешкотии околу издавањето на документ за постојан престој во Бугарија. И за крај, наместо да искажат благодарност за мојот скоро двегодишен допринос за развој на колеџот и за многуте вонредни часови работа директорот одново испратил писмо. Овој пат во него се обидел отворено да ме дискредитира пред моите колеги, поради моето заминување, а слично постапува и со учениците.
Со задоволство сакам да споделам дека реакцијата на учениците е во моја полза. Моите ученици ја покажаа својата поддршка кон мене, ми се заблагодарија и покажаа почит за времето посветно во настава. Тие, исто така, го споделија својот став за време на часовите, откако јас веќе заминав. Разбрале зошто го напуштив колеџот. Почнаа отворено да покажуваат незадоволство од писмото на директорот за поддршка на Украина, со што го разоткрија лицемерието и самозадоволството на раководството. Директорот го оцени мојот став за „ненормален” и „неодговорен”, со што се обидел да наметне чувство дека учениците станале жртви. Но повеќето ученици ја оцениле мојата постапка како оправдана. На тој начин тие се определија за една конкретна политичка линија, а нивното незадоволство од раководството на колеџот го покажува и односот кон противречностите во бугарското општество.
Моето искуство покажува дека актуелните светски настани ја разоткриваат нелегитимноста и корупцијата на владејачките елити. Тие не се во состојба да преземат одговорност за проблемите со кои се соочуваат и со кои треба да се справат, а кои им ги оставаат на сегашните и идните генерации. Реакцијата на учениците покажува еден впечатлив политички сензибилитет и му дава смисла на мојот престој во колеџот. Јас ќе продолжам да го давам најдоброто од себе и како прфесорка и како човек со длабока почит кон општествениот развој овде во Бугарија. Бидејќи системот на капитализам и империјализам носи експлоатација и војни. А младите луѓе, по своето образование, заслужуваат една поинаква и многу подобра иднина.
Превод од бугарски јазик
автор: Е. В., април 2022 година
Белешки за текстот:
*USAID е државна структура на САД, таканаречена невладина организација, која се занимава со финансирање на проекти, одговорни само и единствено на долгорочни политички и економски интереси на САД. На пример, USAID троши огромни средства во Украина, поддржувајќи го државниот удар во Мајдан пред 2014 година, туркајќи ја украинската држава во конфликт со Русија. Децениска активност развива и во Бугарија, паралелно со организации како “Америка за Бугарија” и други. Тие имаат цел за создавање на верна елита и воспитување на младите во духот на освојувачките цели на Америка.
**Оригиналниот текст на писмото на директорот е на англиски јазик, бидејќи директорот на АКС, Јуинг, не смета за сходно да се познава бугарскиот јазик, а соодветно на тоа и не го владее.