ВАКЦИНИТЕ И ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР
Минатата година и досегашната 2021 се одбележани од пандемијата на КОВИД-19 ширум светот, како и пропратниот феномен на разноразните теории на заговор коишто ја „објаснуваат“ појавата на болеста, реакцијата на општеството, спроведувањето на мерките итн. Овој текст нема да се занимава со поединечните теории на заговор и нивните луди објаснувања на причините за пандемијата и „силите“ што делуваат во општеството. Целта на овој текст е накратко да се позанимава со причините за масовна појава на таквите теории, со посебен акцент на антиваксерското движење и нивното влијание врз луѓето и општеството во целина.
Автор: Дејан Продановиќ
Линк до оригиналниот текст: Vakcine i teorije zavjere
Теориите на заговор секако дека не се нова појава. Низ историјата, секогаш имало обиди општествените односи, процеси и револуционерни преврати да се објаснат со едноставни и површни образложенија. Во нив наместо општествените законитости со историските процеси владејат тајни организации со чудотворни верски или идејни убедувања, а идеите на овие теории никогаш не нудат разбирање за дадените економски и социјални интереси туку напротив работите, што наводно ги разоткриваат, ги прават уште поопскурни. Иако овие теории не се идеологија на владејачката класа, туку ситнобуржујски предрасуди, стравови и незнаења, владејачката класа и државниот апарат ги користат кога ќе се почувствуваат загрозени од страна на револуционерното движење. Целта на овој метод беше и остана дискредитација на класната борба и тежнеењето на масите кон рушење на тиранските и експлоататорски режими. Таков пример е царскиот режим во Русија којшто со користењето на „Протоколот на Сионските мудреци“ се послужи да го дискредитира болшевизмот и да поттикне погроми на Евреите. Во периодот до Втората светска војна овие теории најчесто се користени од страна на нацистичкиот режим, како и од страна на либералните буржоаски влади. Денес е очигледно дека сето тоа е правено со цел ширење на пропаганда за надворешниот непријател олицетворен во Советскиот Сојуз којшто спроведува „јудео-болшевичка“ завера за покорување на светот. По војната ваквите антинаучни тези остануваат на крајните маргини на општеството и често се поврзани со појавата на разни мистични групи проникнати со бизарни убедувања.
Со подемот на неолибералниот капитализам од 70тите години на 20 век, теориите на заговор постепено се враќаат како обид за објаснување на општествените појави и по правило, на површината се насочени против елитите и естаблишментот. Како и другите ситнобуржоаски теории, како што се послужени во нацизмот и фашизмот, овие теории се одраз на загрозеноста и стравот на избезумената ситна буржоазија и средните класи поради рушењето на нивната материјална положба, т.е. поради економските и социјални кризи. Неолибералната офанзива на укинување на државните регулации на пазарите и социјалните реформи и приватизациите на јавните услуги како што се образованието и здравството, беше проследена со кампања на некои фракции на крупниот капитал со цел дискредитација и внесување на недоверба во државните проекти како тие на јавното здравје или на борбата против климатските промени. Теориите на заговор воопшто и нивните главни промотори се одликуваат со десничарски, изразито конзервативен, националистички и ненаучен светоглед. Тие ги замаглуваат класни поделби измислувајќи поделба на шака злобници и мнозинство наивни и, барем кога станува збор за тие што се дистрибуираат од медиумите на владејачката класа, не ја доведуваат во прашање приватната сопственост.
Само со краток историски преглед се увидува дека во кризни општествени околности се употребуваат за одбрана на постоечкиот поредок во корист на владејачката класа.
Капитализмот и антиваксерското движење
Должност на марксистите е да се борат против сите реакционерни идеологии и движења, а антиваксерското движење врие од идеологии насочени против интересите на работничката класа. За успешно да се бориме против тоа, мораме прво да ги разбереме причините за таквите идеи и нивната популарност. Пандемијата КОВИД-19 се случи во ера на глобализација каде сè побрзиот трансфер на стоки во интерес на профитот остава голема сиромаштија и заостанатост. КОВИД-19 е болест предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ-2, којшто најверојатно мутирал со помош на два коронавируси од лилјак, бидејќи иницијалниот вирус од 2019 година беше во 88 проценти хомологен на овие два соја. Самиот вирус е подложен на мутации (во неговиот геном, во РНК полимерите и во спајк протеинот) и доколку не се спречи, ќе се појавуваат нови варијанти и соеви. И како што капиталистичката глобализација дава импулс во ширењето на болеста, така истата таа глобализација покажува очигледни знаци дека не е способна да спроведе успешни мерки за искоренување на болеста.
Во прв ред, кампањите против вакцинација (не само за време на пандемијата, туку и во нормални околности) се закана за јавното здравје. Тие значајно делуваат на бројот на вакцинирани, како што можеме да видиме дури и во земјите што успеаа да набават доволен број на вакцини. Од друга страна, како и сите реакционерни десничарски идеи, така и теориите на заговор ја замаглуваат материјалната реалност и ја отежнуваат научната, економска и политичка критика на денешниот капиталистички систем од класни позиции. Во крајна инстанца, гледаме дека резултатот од антиваксерските напори е тргање на фокусот од класната борба и замаглување на реалноста со луди образложенија. Разноразни шарлатани, дилетанти, псевдо аналитичари и верски фанатици ловат евтини заработки од наивни луѓе залутани во тие матни води. Ако не го разбираме или имаме искривена слика за општеството во кое живееме, далеку е потешко да се бориме против капитализмот којшто очигледно не е во состојба да се справи успешно со пандемијата, иако човештвото денес поседува напредна технологија и ги има на располагање најновите достигнувања на медицината.
Антиваксерското движење не започна со актуелната пандемија на КОВИД-19. Неговите почетоци датираат уште во првата половина на 19тиот век со појавата на првите современи вакцини. Научно невтемелени и лажни антиваксерски теории влегуваат во масите со појавата на пандемијата, иако дотогаш беа на маргините. Околности како што е пандемијата го зафаќаат целиот свет и го исфрлаат општеството од нормалните услови на функционирање. Ваквите состојби кај обичните луѓе предизвикуваат преиспитување на причините коишто доведуваат до масовни пореметувања на нормалниот живот и ги загрозуваат животните приходи и стандардот. Како и секогаш, таквите околности се идеална прилика за толкување на реалноста и време за појава на разни матни типови кои се обидуваат да профитираат и да ги наметнат своите погледи на реалноста. Зошто е тоа така?
Можеме да прочитаме различни анализи кои растот на антиваксерското движење и генерално скепсата кон вакцинацијата, медицината и науката ја припишуваат на влијанието на социјалните мрежи и недоволната информираност на населението. Вистина е дека промоторите и заговорниците на антиваксерското движење дебело профитираат од користењето на социјалните мрежи како што профитираат и big tech компаниите преку своите платформи на кои се споделува антиваксерска содржина и така зграбуваат милиони долари. Исто така, факт е дека постои помала видливост на медицинските и воопшто научно втемелените содржини кои стручните термини ги прават разбирливи за обичните луѓе. Секако дека кампањата за информирање на терен, која би ја спроведувале здравствените работници би помогнала во отстранување на ненаучните, манипулативни и лажни тврдења на антиваксерите. Меѓутоа, надменоста на академските кругови и изразената отуѓеност на академската заедница од пошироките општествени процеси, која стана очигледна во екот на оваа здравствена криза, значајно отежнува научниот поглед на реалноста да се направи разбирлив и достапен до широките слоеви во општеството.
Ако за антиваксери ги сметаме само оние кои намерно, од личен интерес, шират дезинформации и манипулативни тврдења за вакцините, тогаш се работи за релативно мал број на луѓе. Меѓутоа, треба да сметаме и на сите оние на кои тие имаат силно влијание во смисла дека со различни манипулативни методи ги поттикнуваат да споделуваат и репродуцираат антиваксерски ставови. Тука веќе зборуваме за значаен број на обични луѓе кои поради незнаење, генерална скептичност, незадоволство кон естаблишментот и општо незадоволство од состојбата во општеството станаа ентузијастични антиваксерски мегафони. Од каде доаѓа оваа скепса т.е. зошто тие луѓе така лесно ја отфрлаат довербата во користа на вакцините, кои се едно од најголемите достигнувања во заштитата на човечкото здравје воопшто?
Пандемијата на коронавирусот го загрозува профитот на владејачката класа и стабилноста на целиот систем и затоа е во нејзин директен интерес што побрзо да се запри пандемијата. Можеме да кажеме дека сите општествени класи и слоеви го делат истиот интерес во поглед на запирање на пандемијата, но поради природата на капитализмот и недостатокот на адекватна политичка опција за работниците, капиталистите не можат да доведат до излез од ваквата ситуација во општ интерес. Посебно тоа не го можат ситната буржоазија и средната класа кои никогаш низ историјата немале конзистентни идеи за општествените промени, секогаш наоѓајќи ги своите позиции или на страната на крупниот капитал или на страната на работничкото движење, во зависност од односот на силите во дадените историски околности. Бројни претставници на владејачката класа учествуваат во кампањите за вакцинација, но кога пред нив ќе се постави изборот да се одрекнат од дел од профитот заради запирање на пандемијата, тие порадо прибегнуваат кон краткоточно планирање и апели кон јавноста да се вакцинира. Исто така, не можат да се одрекнат ни од процесот на кој ја базираат „легалноста“ на системот со кој владејат, како организирање на избори, кои по правило доведуваат до нагли скокови во бројот на заболени. И нив им е јасно дека употребата на репресивни мерки би била лош политички потег, бидејќи нема само да предизвикаат бес кај приврзаниците на антиваксерското движење, туку и од длабочините на општеството би излегле на површина бесот и незадоволството што се собирале години пред пандемијата во најшироките слоеви на општеството. Ова е идеална илустрација на капиталистичката логика „живот од денес до утре“. Од ова можеме да заклучиме дека антиваксерското движење е нус производ на капиталистичкиот систем што се гуши во сопствените противречности и е дискредитиран во очите на обичните луѓе.
Криза на системот
Зад нас е деценија на глобална економска криза на капиталистичкиот систем. Оваа криза ширум светот е проследена со мерки на штедење, пад на животниот стандард за мнозинството работни луѓе и раст на социјалната нееднаквост. Политиките на штедење и одржувањето на профитните стапки коишто ги спроведуваат капиталистичките влади, доведуваат до масовни движења на отпор. Овие движења наоѓаа своја артикулација во растот на левите реформистички движења како што е Сириза во Грција, Подемос во Шпанија, растот на Корбин во Британија. За жал, ограниченоста на водството на овие политички формации на реформистичките политики во рамките на капитализмот доведоа до порази и деморализации. Економската криза на капитализмот е секогаш проследена со класна поларизација и појава на различни десни и популистички движења кои заведувајќи ги масите се обидуваат да ја спроведат својата реакционерна политика. Пример за тоа се поранешниот американски претседател Доналд Трамп и актуелниот бразилски претседател Жаир Болсонаро. Одлика на овие политички фигури е нагласена антиестаблишментска и антиелитистичка демагогија против либералните претставници на капиталистичката класа, иако тие и самите припаѓаат на владејачката класа. Овие идеи го рефлектираат масовното незадоволство на различни слоеви во општеството погодени од економската криза. Затоа не треба да зачудува тоа што антиваксерските теории добија замав во околности на криза, пандемија и сè поголема недоверба во политичките елити и државните институции. Исто така, мнозинството од обичните луѓе се потполно отуѓени од идејата и можноста работите да се поправат, посебно со парламентаризам и „демократски“ избори. Со одбивањето на вакцинацијата се создава илузија дека се дава отпор кон владејачката класа, а всушност се овозможува ширење и појава на позаразни и посмртоносни мутации на вирусот. За ова носат одговорност и работничките и синдикални водачи. Водачите на синдикатите ги следеа своите владејачки класи во спроведување на мерките против пандемијата, но не бараа нешто значително тие мерки да се спроведуваат и во оние сектори од економијата кои останаа да работат и покрај пандемијата и ширењето на болеста. Исто така, не се ангажираа во кампањите за вакцинација, ниту бараа од владејачката класа да спроведе посериозен процес на вакцинација од оној момент од кога вакцините беа достапни. Таква политика и борба би привлекле дел од збунетите приврзаници на антиваксерското движење, особено припадници на работничката класа. Од друга страна, масовни работнички партии со марксистичка револуционерна програма би го канализирале оправданото незадоволство и недовербата во капиталистичкиот систем и неговите институции кон суштински промени на општествените односи и идеите на револуцијата.
Во последно време ширум светот, како и на југословенскиот простор сме сведоци на антиваксерски собири кои се нарекуваат „фестивали на слободата“. Главните барања на овие протести се движат од укинување на противпандемиските мерки, одбивање на имунизација, па до отпор против воведувањето на ковид пасоши. Овие протести собираат главно луѓе од десниот политички спектар, припадници на ситната буржоазија, лумпенпролетерски елементи, збунети припадници на работничката класа и марксистички непрофилирани левичари. Еден од аргументите на припадниците на антиваксерското движење е „правото на избор“ и тоа како задолжителната вакцинација е кршење на човековите права. Меѓутоа, овој аргумент е целосно бесмислен. Масовната вакцинација и останатите мерки што имаат за цел сузбивање на пандемијата се во интерес на целата заедница и се прогресивни дури и кога ги воведува капиталистичката држава, бидејќи интересот на општеството во целина има предност над индивидуалната „слобода на избор“ која хистерично ја заговараат припадниците на антиваксерското движење, особено ако тие „слободи“ претставуваат опасност за здравјето. Овој екстремен индивидуализам и инсистирањето исклучиво на индивидуалните права во носењето на последиците е целосно реакционерен и туѓ на идеите на солидарност и колективна одговорност на работничката класа. Водечките лица во тоа движење целосно стојат на страната на капитализмот и не им паѓа на памет да зборуваат за тоа како приватната сопственост над средствата за производство е клучна причина за неможноста за успешна борба против пандемијата.
Интересот на работните луѓе, кои претставуваат мнозинство од населението, е брзо и ефикасно запирање на пандемијата, ширењето и мутациите на вирусот. Со тоа се овозможува не само спречување на заболување од КОВИД-19, туку и нормализација на услугите на јавното здравство кое е пореметено од пандемијата. Долготрајните локдауни и изолации доведуваат и до психички болести како што е појава на депресивност и анксиозност. Ако работата ја погледнеме и од економска точка, сметката од пандемијата ќе ја плати работничката класа, додека богатите ќе искористат прилика уште повеќе да се збогатат врз сиромаштијата на масите. Последиците веќе ги гледаме во намалување на економските активности, недостатоците и брановите на поскапување на основните животни намирници. Затоа нашата позиција мора да произлезе од потребата и интересот на работничката класа во запирањето на вирусот кој единствено може да биде запрен со задолжителна и масовна вакцинација и епидемиолошки мерки за спречување на ширењето на заразни болести.
Ако конкретно го погледнеме начинот на борба на повеќето капиталистички држави со пандемијата, мораме да заклучиме дека методите се недоволни и во повеќето случаи делимични, та не е изненадувачки тоа што таквите мерки наидуваат на скепса и одбивање кај дел од населението. Балансирајќи помеѓу зачувување на профитот на капиталистите, незатворање на производството во неесенцијалните сектори од економијата и здравствена заштита на населението, капиталистичките влади се одлучуваат да се водат од интересите на профитот. Ваквото справување со пандемијата чинеше милиони недолжни животи. Противречните епидемиолошки мерки, непочитувањето на медицинската струка и мерки кои најмногу ги погодуваат ситната буржоазија, работничката класа и најсиромашните слоеви од населението предизвикуваат бес и масовно незадоволство што се изразува низ различни, дури и реакционерни канали како што се антиваксерските протести или протестите против носењето на заштитни маски или дури и негирање на опасноста од вирусот. Го гледаме и примерот на Австрија во која властите само пред неколку месеци најавуваа „крај“ на пандемијата и ги прекинаа скоро сите напори за вакцинација, дури се укинати и ограничувањата за вакцинирани луѓе, за потоа да дојде до потполно затворање на земјата и најава за задолжителна вакцинација од февруари 2022 година. Поголем број на капиталистички влади после неуспешниот обид со кампањи да апелираат на вакцинирање, почнаа да воведуваат ковид пасоши. Ова е обид на владите да избегнат воведување задолжителна и масовна вакцинација, за да не го свртат против себе делот од гласачката база кој го сочинуваат сите незадоволни од реакцијата на пандемијата. Иако овие пасоши на некој начин ќе натераат дел од скептиците да се вакцинираат, во исто време ќе предизвикаат поделба внатре во работничката класа на вакцинирани и невакцинирани. Посебен проблем претставуваат неодговорните здравствени работници кои се спротивставуваат на вакцинирањето https://raskrinkavanje.ba/analiza/top-lista-regionalnih-dezinformatora-ki, со што придонесуваат за засилување на антиваксерското движење. На тоа треба да се додаде и профитната логика на фармацевтските компании зад производството и дистрибуцијата на вакцините и другите лекови. Сагата околу јавно финансираното производство на вакцини против коронавирусот и подоцнежното мешетарење со дистрибуцијата на истите, предизвикува оправдана скепса во сите институции на владејачката класа.
Приврзаниците на антиваксерското движење тврдат дека се борат против фармацевтската индустрија, а во реалноста нивните идеи и барања се добредојдени за фармацевтските компании бидејќи со продолжување на пандемијата можат само да им се зголемат профитите. Протекционистичките мерки на државите од ЕУ кои не дозволуваат дистрибуција на кинески и руски вакцини на својата територија одат во прилог на тоа ефикасната борба против пандемијата и заштитата на населението да станат секундарна работа, а над тоа се економските и политичките интереси. Гледаме дека приватната сопственост и националната држава се пречка за глобалните предизвици на човештвото и го оневозможуваат ефикасното задоволување на здравствените и животните потреби на општеството.
Ние живееме во период на доцен капитализам. Дека прогресивната улога на капитализмот е завршена, ни говори и очигледната неможност за развој на производните сили и покрај импресивниот развој на средствата за производство. Со оглед на тоа дека капиталистичкиот систем се наоѓа во ќорсокак до кој доведуваат противречностите вградени во самиот начин на капиталистичко производство, тоа подразбира дека понатамошниот развој на науката ја загрозува привилегираноста на поединците кои поседуваат капитал. Значи, имаме капитализам во криза што го сузбива развојот на производните сили до степен да го доведе во прашање економскиот, а со тоа и политичкиот поредок заснован на него. Повторното оживување на средновековните, мистични, ненаучни идеи настанати пред времето на просветителството е еден од симптомите на кочење на развојот на производните сили и потенцијалот на човештвото. Капитализмот насилно се одржува со мерки за штедење коишто го погодуваат големото мнозинство од човештвото. Опустошените здравствени системи, натрупувањето резервна армија на трудот, бегалските кризи и посредничките империјалистички војни денес се секојдневие, а нова отежнувачка околност е пандемијата на КОВИД-19. На прашањето зошто ова се случува, од таборот на теоретичарите на заговор се нудат секакви одговори, но најмалку научни. Ваквите околности се воедно и поволна клима за нови теории на заговор, псевдо наука, т.н. алтернативна медицина и останати ненаучни пристапи на кои сме сведоци последниот половина век.
Во социјалистичкото општество на планска економија и општествени односи што служат да ги задоволат потребите на луѓето, пандемијата би била запрена многу брзо. Планската вакцинација ширум светот, а не складирање на вакцини кое го прават богатите капиталистички држави, многу брзо би ја вратиле планетата во нормала. Социјалистичката кооперација на светско ниво, заснована на планско производство, би овозможила изградба на инфраструктура за заштита од пандемијата и останатите природни непогоди, би осигурала можност за функционирање на виталните општествени функции без масовно загрозување на здравјето. Такво нешто не можеме да очекуваме во капитализмот, во смртоносна криза, кој се раководи пред сè од профитот и приватниот интерес по цена на масовно уништување на животи. Човештвото мора да има на ум дека појавата на смртоносни вируси е природна работа и дека порано или подоцна ќе се појави некој друг вирус, можеби далеку посмртоносен, со далеку поголеми предизвици за негово сузбивање.
Во социјализмот не би имало место за недоверба во општествените институции бидејќи тие не би биле отуѓени од обичните работни луѓе туку би биле под нивна демократска контрола. Фармацевтската индустрија исто така би била под демократска контрола на општеството и би произведувала лекови транспарентно за добробитта на целокупното население. За социјалистичкото општество денешните реакционерни идеи за кои мислевме дека одамна исчезнаа, како и разноразните теории на заговор, би биле само трагикомична и несреќна работа од минатото.