ЕвропаИнтернационалаОпшто

КОРОНАВИРУСОТ ГО ОТКРИВА МИТОТ ЗА ЕВРОПСКОТО ЕДИНСТВО

Ви ја пренесуваме оваа анализа која е во авторство на Џош Холројд од Социјалистички Повик – британската секција на Интернационалната марксистичка тенденција. Текстот третира важни прашања поврзани со позиционирањето на ЕУ и нејзините членки кон корона кризата. Напишан кон крај на месец март, овој текст уште е релевантен за читање и дискусија.

Линк до оригиналот

Со преместување на епицентарот на пандемијата на коронавирус во Европа, овој регион се соочува со својата најголема криза од Втората светска војна. Сите столбови на т.н. европски интеграции се тресат под притисок.

Баш во моментот кога интернационалната солидарност и координацијата се најпотребни, европските држави ги затвораат своите граници и ја скратуваат меѓусебната помош, додека престоечката рецесија ќе ја зголеми шансата за распад не само на еврото, туку и на Европската Унија каква што ја познаваме.

ЗАТВОРЕНИ ГРАНИЦИ

Слободата на движење во и вон Шенген зоната е суспендирана, но не како резултат на координирана интервенција на ЕУ. Многу европски влади самостојно одлучија да ги затворат своите национални граници уште пред Европската комисија да ги затвори надворешните граници на својот блок кон остатокот од светот на 17 март, спречувајќи влез дури и од други членки на Шенген зоната.

Чешката Република уште на 13 март најави дека ќе ги затвори своите граници и во моментот на пишување на овој текст 21 од 26 припаднички на Шенген зоната ги затворија своите граници, вклучувајќи ги Германија, Италија и Франција. Ова е во потполност без преседан. Дури и на врвот на мигрантската криза од 2015 година, забраните за патување во рамки на Шенген зоната беа ретки и краткорочни. (затворањето на границите е продолжено до средина на јуни, кај повеќето земји-членки, но може да потрае до средина на ноември – заб.прев.)

На тежината на оваа ситуација, која ефективно ја поништи слободата на движење на луѓето, ѝ се намалува значењето повикувајќи се на тоа дека се работи за привремена, итна мерка, но треба да се потсетиме на зборовите на Жан Клод Јункер, кој како европски комесар сред мигрантска криза го изјави следното:

„Помалку Шенген значи помала вработеност, помал економски раст. Без Шенген, без слободно движење на работниците, без слобода на Европските граѓани да патуваат, еврото нема смисла.“

Не постои зададен датум за повторно отворање на националните граници и Европската комисија нема преголеми ингеренции во врска со тоа. Може само да изнесе свое мислење за мерките преземени од страна на националните влади. Тоа значи дека судбината на слободното движење на луѓе низ Европа, а со тоа и на еврото и единствениот пазар, лежи во рацете на 26 национални влади кои брзаат да ги осигураат сопствените интереси под постојан притисок на националистичките и протекционистички тенденции во рамки на сопствените граници

Со оглед на проектираното траење на пандемијата и ужасните ефекти кои веќе таа ги има, шансите за забрзано и стабилно враќање во status quo ante делуваат мали. Сѐ што би било потребно е мала група на одметници да одбие враќање на потполната слобода на движење заедно со остатокот од блокот и Шенген повеќе не би постоел. Ова само по себе би претставувало егзистенцијална опасност за ЕУ.

БЛОКИРАНА ТРГОВИЈА

Слободата на движење на луѓето не е единствена од фамозните „четири слободи“ кои се загрозени со доаѓањето на коронавирусот. Можеби е позначаен прекинот на слободното движење на стоки. Неколку држави членки поставија забрана за извоз на медицински залихи, Германија отиде толку далеку да го блокира извозот на медицински маски, што предизвика протест на останатите земји членки.

Слободната трговија е економски темел на Европската Унија. Без неа не постои единствен пазар. Ваквото очигледно ограничување на слободната трговија од страна на најмоќната економија во Европа е сликовитa индикација на длабочината на оваа криза. Ова ќе води кон понатамошни протекционистички мерки во цел трговски блок, бидејќи и помалите држави ќе се трудат да ги заштитат сопствените интереси.

Некој би се запрашал и дали ЕУ воопшто постои, бидејќи нејзините фундаментални принципи се ефективно укинати, но тоа би ја промашило суштината на виталниот дел од природата на ЕУ. Во суштина, ЕУ не е составена од нејзините правила, кои лесно се искривуваат и кршат од страна на големите играчи, кога тоа ќе им се посака. Не е составена ниту од нејзините институции. Во крајна линија, ЕУ е едноставно договор помеѓу Европските сили дека некој вид на унија најдобро им служи на нивните интереси, но соочен со криза од толкави размери и толкав интензитет, овој договор веќе почна опасно да слабее.

СОЛИДАРНОСТ

Растечкиот конфликт во рамки на ЕУ ги испаничи подалекувидните претставници на европскиот капитализам, кои истакнуваат повици за „единство“ и „солидарност“ во блокот. Редакцијата на Фајненшл Тајмс (Financial Times) дури објави и соопштение, повикувајќи ги европските лидери да „зборуваат и делуваат во еден глас“ објаснувајќи дека „без соработка и поделба на тежината, принципите на се поблиска унија немаат слисла“.

Како стојат работите, европската „солидарност“ за време на кризата е помалку достапна отколку респиратори и медицински маски, а тоа не за првпат, како што Италијанците неодамна открија. До сега, Италија е најлошо погодена од коронавирусот, со преку 5.000 потврдени смртни случаи заради болеста (податок во време на пишување на овој текст; во меѓувреме бројката е драстично поголема). Борејќи се да го одржат преоптоварениот здравствен систем, италијанските власти уште во февруари апелираа до остатокот на ЕУ за медицинска опрема. Ниедна европска држава не одговори на ова. Кому му треба непријател кога имаш вакви пријатели?

На крајот, не дојдоа Германија или Франција на помош туку Кина која испрати авион полн со медицински експерти и со 31 тон залихи, вклучувајќи и заштитна опрема – токму тоа што Германија го задржа на граница. Способноста на Кина да интервенира на ваков начин го демонстрира не само срамниот пад на европскиот капитализам туку и растечката поделба во рамки на Унијата помеѓу побогатите северни држави и држава како што е Италија, која сѐ повеќе се приближува кон Кина.

Италија не е единствената европска држава која се свртува кон Кина за време на оваа криза. Српскиот претседател, чија држава е во преговори за влез во ЕУ од 2009 година, неодамна даде зачудувачка изјава, осудувајќи ја Европа за одбивањето на извоз на медицинска опрема и говорејќи дека „Европската солидарност не постои. Тоа беше само бајка на хартија. Јас денес упатив посебно писмо, бидејќи многу очекуваме и најголема надеж имаме во единствената која може да нѝ помогне во оваа тешка ситуација, а тоа е Народна Република Кина.“

Ова е само почеток на кризата. Како што ќе се повторува страшната италијанска ситуација по целиот континент, центрифугалните сили во срцето на европскиот проект ќе влечат во правец на расцеп. Дури и сега, не може во потполност да се исклучи дека под екстремен притисок на случувањата ЕУ ќе распукне, но владеачите на Европа, конкретно француските и германските капиталисти ќе дадат сѐ од себе да го спречат тоа. Она што нема да можат да го спречат е рецесијата која надоаѓа, којашто ќе ги повлече европската економија и еврото со себе.

ЕКОНОМСКА КРИЗА

Како што вирусот се ширеше, глобалната економска активност престана. Дистрибуцијата е спречена и побарувачката се сруши поради воведувањето на социјалното дистанцирање во сѐ повеќе земји како мерка за борба против вирусот.

Европа паѓа во длабока рецесија. Европскиот куповен индекс (PMI) што ја следи состојбата на пазарот, овој месец падна на најниско ниво од кога е воведен во 1998 година. Голдман Сакс (Goldman Sachs) процени дека европската економија ќе се намали за зачудувачки 11 проценти во следното тримесечје.

Соочени со економски колапс, државите направија огромни кензијански стимулативни пакети, надевајќи се барем на олеснување на најлошите ефекти од кризата. Франција најави „спасоносен пакет“ од 45 милијарди евра, додека Италија планира да ја покачи јавната потрошувачка за 25 милијарди евра. Дури и ултраштедливата германска влада, најави 150 милијарди евра нови заеми, како би се изборила со кризата.

Комбинацијата на забрзано покачување на јавната потрошувачка со пад на БДП и даночните приходи, ќе има огромно влијание врз финансиите на државите кои се веќе оптеретени со долгови. Една проценка на Капитол економикс (Capitol Economics) предвидува дека буџетскиот дефицит ќе се зголеми за 10-15 проценти во целиот регион, зголемувајќи го стравот од повторување на должничката криза во Еврозоната од 2009 година, која за малку ќе резултираше со излегување на Грција од неа.

Овојпат во центарот на кризата не е Грција туку Италија, која е трета најголема економија во Еврозоната и членка-основач на ЕУ. Италијанските приноси од обврзниците почнаа да растат во почетокот на март. Ако останат без контрола, ова може да доведе до тоа на Италија да ѝ биде прескапо да позајмува пари, како би го плаќала постоечкиот долг од 2,06 трилиони евра, а камоли да позајмува уште.

Имајќи ја предвид оваа катастрофална опција, Европската централна банка (ЕЦБ) најави „базука“ програма на откуп на обврзници во износ од 750 милијарди евра, смислен да ја намали цената за позајмување за членките во криза и стабилизирање на заедничката валута. Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард во драматичен пресврт на својата довчерашна агресивна позиција, најави дека „не постои граница на нашата посветеност на еврото“. Но никаква количина на стимул од ЕЦБ, колку и истата да делува неограничено, нема да биде доволна да го спаси еврото од претстојната криза.

НОВИ НАПАДИ

Ниту еден од длабоките проблеми разоткриени за време на кризата од 2009 година не се разрешени ни речиси по цела деценија на „закрепнување“. Уште повеќе, повеќето европски земји се оптоварени со долгови повеќе од било кога. Италијанскиот јавен долг во 2009 година изнесуваше 116,6 проценти од БДП, додека во 2018 година изнесуваше 134,8 проценти. Се проценува дека оваа криза може да додаде уште 20 до 50 проценти на италијанскиот долг во однос на БДП, што би го довело до грчко ниво на неодржливост.

Ова се однесува само на јавниот долг. Корпоративниот долг експлодираше од 2009, бидејќи компаниите се навлекоа на евтини кредити наменети за да ја извлечат Еврозоната од последната криза. Во крајна линија, купувањето на додатен долг, на што се темели програмата на ЕЦБ, може идеално само да ја одложи подлабоката криза, но не и да ја спречи во потполност.

Значи, светската рецесија која доаѓа веројатно ќе ја погоди Европа уште посилно отколку во 2008/2009. Германија, најсилната економија во Европа, излезе релативно недопрена од последната криза, благодарејќи на својата моќна извозна економија. Сега таа сила се претвори во своја спротивност, бидејќи производството опаѓаше со месеци пред епидемијата со коронавирусот воопшто да започне.

Среде најдлабоката криза уште од Втората светска војна, тврдоглавата германска владеачка класа нема да има волја да спроведува бесконечни продолжувања на евтиното кредитирање на послабите јужни економии. Како и во 2009, германските и останатите северни капиталисти ќе се жалат што ќе мораат да ги отплаќаат долговите на „мрзливите“ Италијани, Грци, Португалци итн. Уште повеќе, овој злобен хор сега ќе биде уште погласен, бидејќи германските демохристијани се во криза и под притисок на националистичката Алтернатива за Германија.

Како и било која друга европска институција, Еврозоната ефективно ги суспендираше своите правила, дозволувајќи „максимална флексибилност“ во рамки на своите буџетски правила, како членките би се пресметале со коронавирусот. Сепак, ова е само привремена мерка. Од италијанските работници ќе се очекува во блиска иднина да платат за волшебната „великодушност“ која банкарите им ја покажаа за време на кризата.

Да би го спуштила својот буџетски дефицит на очекуваните 3 проценти, италијанската влада ќе мора да спроведе понатамошни скратувања во јавниот сектор и напади на работните услови, додека населението уште се закрепнува од коронавирусот. Резултат на тоа ќе биде општествено-политичка криза којашто може да доведе до крај на Еврозоната.

Една италијанска анкета спроведена на 12 и 13 март извести дека повеќе од две третини од Италијанците сега мислат дека припаѓањето на ЕУ е „неповолно“, наспроти 47 проценти во ноември 2018 година. „Италегзит“ ќе биде речиси неизбежен ако италијанските работници, напуштени во моментот кога најмногу им треба помош, бидат присилени да ја платат сметката за кризата. Тоа би било крај на ЕУ каква што ја познаваме.

За социјалистичка Европа

Фактот дека сите овие кризи се случуваат во исто време не е случајна нуспојава на коронавирусот. Кога ќе ја земеме како целина, оваа криза открива многу противречности инхерентни на европскиот проект. Она  што го сведочиме е нова, акутна фаза во распадот на ЕУ, којашто се подготвуваше до години.

Наспроти предрасудите на либералите, обединувањето на Европа на капиталистички основи не е ни возможно ниту прогресивно. За време на криза неизбежно е дека секоја капиталистичка национална држава ќе се труди да ги заштити сопствените интереси на сметка на другите. Денес тоа го гледаме во комплетната фарса на европското „единство“, во очи на хуманитарна и економска криза која ќе чини стотина илјади мртви и ќе уништи милиони животи.

Иднината на човештвото бара да најдеме алтернатива на оваа ноќна мора. Кога производството и дистрибуцијата би биле планирани на рационална и демократска основа, ресурсите и технологијата на Европа би можеле веднаш да бидат мобилизирани за решавање на здравствената криза и обезбедување на пристоен живот на својот народ и остатокот од светот. Во време на капитализам, ова не е возможно во ниту една држава, а е незамисливо на интернационално ниво.

Под власт на банкарите, Европа е одведена во пропаст. Сега е време за Обединети Социјалистички Држави во Европа.

25 март 2020, Џош Холроид, Социјалистички Повик