БалканВестиИнтернационалаОпшто

Изворно левичарско поместување на косовските избори

Автор: Макс Брим, извор: “Sharp shift to the left in the Kosovo elections”

Teksti në Shqip

Парламентарните избори на Косово, кои се одржаа на 14 февруари оваа година, завршија со убедлива победа на левичарското „Движење за Самоопределување“ Vetevendosje (VV/ВВ). Освоија 47,85% од гласовите, што споредено со резултатот од претходните избори– 27,7%, претставува раст од 20%. Десноцентристичката партија ДПК (Демократска Партија на Косово), основана од Хашим Тачи, заостана со само 17,41%. Буржоаско-конзервативната партија ДЛК (Демократска Лига на Косово), којашто долги години беше на власт на Косово, освои само 13,08%. Друга десничарска партија, Алијансата за Иднина на Косово, предводена од поранешниот командант на УЧК, Рамуш Харадинај, заглави со само 7,43%. Социјал-демократската Иницијатива освои 2,6% и нема да добие пратенички места.

слика: WPR

Според досегашните резултати, ВВ се очекува да добие 56 од вкупно 120 пратенички места во парламентот. Се смета за сигурно дека меѓу малцинските пратенички места, кои се вкупно 20 и припаѓаат на националните малцинства Срби, Роми, Горани, Ашкали, ќе има доволно гласови за да се оформи и да се поддржи нова влада со апсолутно мнозинство.

Ова се смета за важен пресврт на Косово, откако претходната влада на Курти, која траеше од февруари 2020 до јуни 2020 и зависеше од поддршката на ДЛК, пропадна поради вмешаност на администрацијата на Трамп.

Испадна дека ВВ има огромна поддршка меѓу младите (половина од населението на Косово е помладо од 25 години), како и кај работниците и ситните земјоделци. Сите големи градови во Косово масовно гласаа за ВВ. Во главниот град, Приштина, ВВ победи со 64 отсто. Победи и во други важни градови како Призрен, Урошевац и Митровица.

Работниците, жените и младината имаат големи очекувања за владата на Самоопределување

Резултатите од изборите можат да се поместат уште подалеку во прилог на ВВ, затоа што се чекаат резултати од 47 илјада гласови на дијаспората. Познато е дека мнозинството на емигранти кои работат во Швајцарија, Австрија, Германија и Велика Британија го поддржуваат Движењето за Самоопределување. Меѓутоа, многу работници од овие земји не можеа да го исполнат своето право на глас поради пресложената постапка. Гласањето преку интернет изгледаше како нешто повеќе за експерти отколку за обичниот човек. По гласањето, гласачот требаше да добие повик од изборната комисија на косово, ИКК. Со ова беа отворени вратите на манипулација. Излезноста на изборите беше 44%, малку повисока отколку на претходните избори. Официјално, Косово има 2,8 милиони жители.

Лидерот на ВВ, Албин Курти, се смета за харизматичен говорник и успеа да освои повеќе од 370 илјади лични гласови. Ова се повеќе гласови отколку што освои Ибрахим Ругова во 2001 година, на врвот на својата популарност. ВВ себе се прогласуваат за социјалдемократска партија. Иако корењата на партијата се во популарното националистичко движење што доведе до независност на Косово, главниот акцент поставен од Курти беше во неговите политики за социјални прашања и токму тие претставуваат причината за драматичниот раст на поддршката на ВВ. Нивната програма се темели на реформи, коишто се однесуваат на најосновните потреби на работничката класа и младината. Повикува на крај на приватизацијата на стратешките ресурси на Косово и природни богатства. Меѓу другите барања се драстичен раст на минималната плата, воведување на задолжително здравствено осигурување и осигурување за невработеност, заштита на работничките права во работните места и контрола на безбедноста на работните места, раст на пензиите и еднаква плата за еднаква работа. Последново е особено привлечно за женските гласачи. Процентот на млади жени кои гласаа за ВВ е далеку над 60%. Барањата на програмата што се однесуваат на работниците и младите успеаја да мобилизираат многу гласови за ВВ.

Сите овие барања за скромни реформи се итно потребни, затоа што Косово е најсиромашната земја во Европа. Според Светската Банка, 30 отсто од населението на Косово живее под т.н. линија на сиромаштијата со примања пониски од 1,37 евра на ден на возрасен човек, а дури 12 отсто под линијата на крајна сиромаштија со примања пониски од 0,93 евра на ден.

Најпогодени се старите лица, хендикипираните, жителите на мали или тешко достапни гратчиња и заедници и членовите на несрпските малцинства како што се Ромите, Гораните и Ашкалите. Сиромаштијата на Косово опфаќа и други области: образовниот систем е недоволно финансиран, училиштата работат дури по три, четири смени. Здравствените податоци на населението се меѓу најлошите во Југоисточна Европа. Ова е особено забележливо во моменталната пандемија, каде што Косово е жариште. Најголемите „работодавци“ во Приштина се „кол центрите“ каде луѓето работат во тесни простории, без никаква почит за мерките за растојание.

На Косово еврото е државна валута, а цените се споредливи со оние во Средна Европа, освен за кафе и цигари. Тековната криза е тежок удар на косовската економија. Во текот на 2020 година, БДП-то на Косово падна за 8%. Невработеноста е близу 30%, но ова е само службена бројка. Во основа, младите луѓе не се пријавуваат во регистрите за невработеност. Курти ветува пред сѐ „нови работни места и повисоки плати“. Во неговите говори често ја напаѓа мафијата којашто како што тој кажува „живее во луксуз, пере пари и слабо ги плаќа работниците“.

Капиталистичката приватизација на Косово што започна во деведесеттите години на минатиот век е неоспорлива катастрофа. Главните инвеститори се од турски, американски и германски компании, како и германски и австриски банки. Истовремено, силните структури на мафијата имаат најмногу корист од капитализмот. Корупцијата и митото ги одредуваат одлуките на државата на секое ниво.

Турската компанија Лимак го презеде пред неколку години аеродромот „Адем Јашари“ близу Приштина. Платите беа намалени, а некои вработени беа отпуштени. Во 2010 година штрајкот на работниците на аеродромот беше брутално потиснат. Апсењето на локалните синдикалци беше емитувано во живо на телевизија. Ова беше предупредување за сите кои би се осмелиле да им се спротивстават на приватизациите. Сепак, продажбата на Пошти и Телекомуникации (ПТК) на сомнителна компанија од Хамбург пропадна, под закана од неодредено долг штрајк на вработените. Веќе неколку години има одредена појава на нова повторна активација и радикализација на синдикалното движење, појави што се отсликаа во победата на ВВ.

Во предизборната кампања Курти јасно се изрази против приватизацијата на јавните претпријатија и националните богатства, како на пример Трепча во северно Косово. Трепча порано беше третиот по големина рудник на хром, никел, бакар и олово во светот. Во тоа време, 20 илјади работници во Митровица и околината работеа на рударење и обработка на суровите материјали од рудникот, сѐ во рамки на државен комбинат.

Фактот дека на изборите на Косово победи партија со програма за социјални реформи е значаен. Но, слабата страна е што водството на ВВ го поддржува капитализмот, па така и најскромната реформа во прилог на работниците и младината не е поддесена со слабиот капитализам на Косово. Затоа е неопходно итно зацврстување на радикалните левичарски елементи во ВВ и борбата за јасна социјалистичка програма. Радикализација и интерес за марксизмот веќе има во бројните читателски кружоци во Приштина, што во последно време никнуваат како печурки по дожд.

Јавно се тврди дека нема фракции во ВВ. Но ова не се совпаѓа со реалноста. Знаејќи ги корените на ВВ, партијата е коалиција меѓу различни социјални движења и сили, што произлегуваат од радикална левичарско-националистичка традиција. Но, партијата ја има поддршката на работничката класа и младината. Градењето на вистинска марксистичка струја според традициите на Ленин и Троцки во ВВ и надвор од него е уште понеопходна задача затоа што водството на ВВ штом влезе во влада ќе биде под тежок притисок да ја напушти својата програма на реформи. Овој притисок ќе дојде од најконзервативните елементи во партијата, но исто така и од разни империјалистички влијанија. Оваа противречност е веќе видлива земајќи ги предвид пратеничките листи на ВВ, во коишто беа вклучени кандидати од многу буржоаски и конзервативни позадини, како сегашната привремена претседателка на Косово, Вјоса Османи, која доаѓа од ДЛК.

Важен чекор напред

И покрај сите овие забелешки, победата на ВВ претставува важен чекор напред за Косово и регионот. За прв пат по многу години, победи партија со прогресивни реформи. Ова може да има позитивно влијание врз целиот регион.

За прв пат после многу години, партија со програма за прогресивни реформи доби на избори во регионот, слика: EURACTIV

Но, ситуацијата е далеку од стабилна и може да ескалира во случај на обид да се спречи стапување на власт на ВВ. Косовската изборна комисија (КИК) веќе отстрани три кандидати од пратеничката листа, вклучувајќи го и Албин Курти. Јавното оправдување е инцидент на употреба да солзавец од страна на пратеници на ВВ во косовскиот парламент во 2018 година. Според КИК, за Курти има можност да не стане премиер. Меѓутоа, Курти е политичарот со највисок личен рејтинг на Косово. Ако КИК настојува со нивниот обид да спречи доаѓање на власт на Курти како премиер, можни се масовни тензии. Масовни протести и генерален штрајк би биле можни ескалации. Веројатноста дека КИК ќе попушти е висока. Инаку, во вакви услови на остри општествени тензии и сиромаштија, постои дури и можност за револуционерна буна.

Прашањето на т.н. мировен процес со Србија беше главната причина за пропаѓањето на минатата влада на Курти. За време на предизборната кампања, Курти повикуваше на обединување со Албанија, без притоа да се дискриминираат националните малцинства на Косово. Курти се изјаснуваше за дијалог со Србите кои живеат на Косово, што според него беше поважно од „дијалогот“ со владата во Белград.

За марксистите, правото на национална самоопределба е демократско право. Ова важи и за Косово, особено затоа што сите империјалистички држави предупредуваат против обединувањето меѓу Косово и Албанија. Се разбира, претпочитаат помали државички на Балканот, затоа што со нив можат полесно да владеат. Меѓутоа, прашањето на национално самоопределување не може да се гледа само од гледиште на етничка припадност. На Балканот ова би можело да има страшни реакционерни и назадни последици. Она што експлоататорите не сакаат е всушност обединување на работничката класа и левичарските сили во Албанија и Косово, а камоли обединување на работничката класа на целиот Балкан околу револуционерна социјалистичка програма.

Обединувањето на Косово и Албанија во капиталистичка рамка не би ги решило тешкотиите ниту на работничката класа на Косово, ни на Албанија. Капиталистите, како и империјалистичките пљачкачи на овие земји, ќе се борат со сите сили против спроведување на било каква вистинска прогресивна реформа. Во Албанија рударите и работниците во нафтената индустрија се веќе затекнати во борба за своите права и за експропријација на рудниците во кои работат. Класната борба според тоа се заострува, има остри промени и шокови, што без сомнеж ќе се прелее во соседните држави.