ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД 19: ПРОФИТОТ НА ГОЛЕМИТЕ ФАРМАЦЕВТСКИ КОМПАНИИ Е ПОВАЖЕН ОД ЧОВЕЧКИТЕ ЖИВОТИ
Вакцините против ковид-19, коишто полека влегуваат во промет, даваат трошка надеж за милиони обични луѓе кои поголемиот дел од оваа година го поминаа заробени во наизглед бесконечната ноќна мора на оваа пандемија. За капиталистите и фармацевската индустрија, овие значајни ресурси (чиј развој главно е финансиран со јавни пари) претставуваат рудник со злато којшто треба да го ограбат. Во меѓувреме, акумулирањето на империјалистичките сили и профитот на големите фармацевтски компании ја ставаат ефикасната вакцина надвор од дометот на најсиромашните делови од светот.
Автор: Џо Атард, 22 декември 2020 година
извор: COVID-19 vaccines: Big Pharma profits trump human lives
Голем број од вакцините досега ја поминаа третата фаза и се одобрени за јавна употреба, вклучувајќи го и производот втемелен на иРНК (iRNА) на американскиот фарамцевтски гигант Фајзер и неговиот германски партнер БиоНТек; и инактивираните вакцини против коронавирусот што ги произведе кинеската компанија Синовак. Лековите на бостонската биотехнолошка компанија Модерна и Универзитетот во Оксфорд/Астра Зенека покажаа добри резултати во третата фаза и се ближат кон одобрување.
Овој брз пресврт ја одразува итната потреба за ефикасна вакцина. Политичките лидери на речиси секоја држава катастрофално потфрлија во сузбивањето на пандемијата. Наближуваме до бројката од 2 милиони смртни случаи, а капиталистичкиот систем се соочува со најдлабоката криза во својата историја, бидејќи во многу делови од светот доаѓа до нов карантин за време на најкритичната сезона на празници, посебно во Британија, каде наводно се појави нова мутација на вирусот којашто се пренесува побрзо.
Со оглед на фактот дека групниот имунитет (и покрај тоа што предизвика милион непотребни смртни случаи) тешко може да го сопре вирусот, масовната вакцинација е единствената реална опција. Како последица на ова, владеачките класи на најголемите светски економии направија се` што е во нивна моќ да добијат ефикасна вакцина преку ред, за да се вратат на нормалното производство и профитот да почне повторно да им расте.
И покрај огромната загрозеност на јавното здравство, големите фармацевтски компании на почетокот бавно реагираа. Историски, развивањето на вакцини – посебно за активна пандемија – ретко кога било профитабилно. Процесот на откривање е бавен, резултатите не се гарантирани, а на сиромашните држави често им требаат големи залихи што не можат да си ги дозволат. Наспроти тоа, масовното производство на генерички лекови и лекови за стил на живот (пр. вијагра) коишто се популарни во богатите држави, овозможува многу посигурен извор на приход.
Капиталистите во фармацевтската индустрија не ги вреднуваат животите кога одлучуваат каде ќе го вложат својот капитал туку го вреднуваат профитот. Затоа не е произведена ниедна вакцина за зика вирусот, додека вакцината за ебола е одобрена дури во декември 2019 година – овие болести главно ги погодија сиромашните делови од светот. Во меѓувреме, напуштањето на истражувањата на САРС ков-1 поради недостаток на профит, значително го одложи истражувањето за вакцини за ковид-19.
СОЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА РИЗИКОТ, ПРИВАТИЗИРАЊЕ НА ПРОФИТОТ
Како што кризата предизвикана од коронавирусот станува сè поголема, капиталистичките влади почнаа на големите фармацевтски компании да им даваат милијарди за да овозможат развој на вакцината. Дури тогаш тие компании серизно влегоа во трка за вакцината. Модерна доби 2,5 милијарди долари од јавниот фонд на САД како дел од Трамповата иницијатива „Операција надсветлинска брзина“, додека германската влада го поддржа Фајзер/БиоНТек со 443 милиони долари, заедно со позајмица од Европската инвестициона банка во висина од 118 милиони долари. Ова е спротиставено на екстремно селективното тврдење на управата на Фајзер дека „никогаш не примиле федерални пари“. Уште повеќе, британската влада придонесе за развој на Оксфорд/Астра Зенека вакцината со 84 милиони фунти.
Вкупно, државите вложија 6,5 милијарди фунти за развој на вакцина против ковид-19, со дополнителни 1,5 милијарди фунти од непрофитни организации. Покрај користа од големата сума на јавни пари, многу од овие вакцини се направени со помош на универзитетско или државно финансирање. Технологијата иРНК што стои позади вакцините на Фајзер и Модерна, настана во САД и во лабораториите на германската влада.
Би било ли оправдано со оглед на тоа дека овие лекови кои спасуваат животи главно се финансирани од страна на даночните обврзници и се потпираат на откритијата на јавно финансираната наука да бидат достапни до јавноста без дополнителни трошоци? Астра Зенека, што ќе произведуваат и доставуваат вакцина развиена на Универзитетот во Оксфорд – во потполност финансирана од државата и непрофитните организации – ќе ги покријат само трошоците на производство. Иако ова се однесува само на времето на „траење на пандемијата“, отвора можност за отстварување на профит во иднина. Што се однесува за најголемите играчи: тие во целост очекуваат фина профитна стапка за инвестицијата на својот капитал.
Иако одбија да ги отворат деловните книги на увид (што значи дека не ги знаеме точните трошоци за истражување и развој, клинички тестирања и производство), се проценува дека Фајзер и Модерна само во 2021 год. ќе приграбат профит од 32 милијарди долари од вакцината против коронавирусот. Покрај своите акционери, ова ќе го воодушеви и британскиот канцелар Риши Сунак, чиј поранешен инвеститор Телеме партнерс вложуваше доста во Модерна.
Модерна во почетокот предлагаше цена од 50-74 долари по лице (за неопходните две дози) за државите со големи приходи, додека Фајзер одеше на цена од 40 долари по лице. Не само што овие вакцини се продаваат за профит туку се продаваат и на државите коишто ги финансираа – бидејќи владите на САД, Британија и ЕУ обезбедија стотина милиони дози. Тоа значи дека, кога овие вакцини ќе дојдат во јавност, веќе ќе бидат два пати платени. Белгискиот секретар за државен буџет Ева Де Блекер предизвика непријатност така што на Твитер објави табела со цените на секоја вакцина која ја купи ЕУ, заедно со тоа колку вкупно на нив ќе потроши Брисел.
Извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурл (кој лично го продаде својот дел од акциите за околу 5,6 милиони веднаш по објавата на неговата компанија за резултатите од третата фаза на тестирањето) се подбиваше со „радикалната“ идеја дека компаниите не треба да очекуваат профит од вакцината против коронавирусот. „Кој го открива решението? Приватниот сектор“ беа неговите зборови. Уште еден гласноговорник на компанијата додаде: „На почетокот ризично вложувавме“, бидејќи Фајзер ќе биде исплатен само за доставување на успешна вакцина.
Но всушност тој ризик главно го презема државата. Таков е карактерот на приватното фармацевтско производство во капитализам: не е иновативен, туку е паразитски. Големите фармацевтски компании брзаат да обезбедат патент на нови лекови и технологии кои главно ги развива државата, присвојуваат државни фондови за производство на продажна стока и ги подигнуваат цените на своите производи за да обезбедат огромен профит.
Во извештајот од 2017 година објавен од Националната академија на науки во САД пишува дека сите 210 нови лекови одобрени од страна на Управата за храна и лекови помеѓу 2010 и 2016 година се финансирани од страна на Националниот институт за здравје во вкупна вредност од 100 милијарди долари. Но ништо од парите заработени од овие лекови не се вратени во државното истражување. Наместо тоа, тие пари отидоа во рацете на големите фармацевтски компаннии коишто обезбедија патент за да ги продадат, некогаш и до 1000 пати поскапо. Додека дел од тие фондови одат во приватно истражување и развој, добар дел од нив е наменет за бонусите за директорите, политичкото лобирање и производство на постоечките лекови.
Врв на цинизмот е дека овие компании зборуваат за „ризик“ додека обичните луѓе го ризикуваат своето здравје на работа и се соочуваат со штедење за време на пандемијата. Профитерството на големите фармацевтски компании на катастрофата на јавното здравство која усмрти милиони луѓе и фрли десетина милиони во сиромаштија и невработеност е најголем можен доказ за потребата од експропријација на овој трул сектор под демократска контрола на работниците.
СИРОМАШНИТЕ НЕМАAТ ПРИСТАП
Често се вели дека ковид-19 е заеднички непријател на светот, дека не познава граници и дека сите сме заедно во тоа. Но, двојните окови на приватната сопственост и националните држави значи дека овие навистина потребни лекови нема да бидат достапни за милиони луѓе во сиромашните држави.
Многуте пари коишто развиените капиталистички држави ги даваат на фармацевските компании доаѓаат под определени услови, вклучувајќи и првенствен пристап. САД обезбедија 300 милиони дози од Фајзер и Модерна, со опција да купат уште 800 милиони. Покрај тоа, резервираа и 810 милиони од Астра Зенека, Џонсон и Џонсон, Новавакс и Сафонија, со договори за проширување, што би можеле оваа бројка да ја истуркаат до 1,5 милијарди. Британија купи 357 милиони дози од овие компании, покрај тоа и од една помала, Валнев, со опција да купи уште 152 милиони. А ЕУ обезбеди 1,3 милијарди дози од истите компании и од германската компанија Кјурвај, со опција да купи уште 660 милиони дози.
Една од последиците на анархичната природа на производството на слободен пазар е тоа што голем број различни фармацевтски компании на производството на вакцина против ковид-19 работеа одвоено и во тајност. Бидејќи не постоеше гаранција дека било кој од овие кандидирани лекови ќе биде успешен, богатите држави се осигураа купувајќи многу различни вакцини. Покрај тоа што на милијарди луѓе им скратија ефикасна вакцина, овој пристап на „земи и помешај“ е исклучително неефикасен, поготово затоа што некои од лековите (како што се тие на база на иРНК технологија) мораат да се чуваат во специјализирани, супер ладни фрижидери на голем трошок. Исто така е дискутабилно како големите фармацевтски компании воопшто можат да ги исполнат овие нарачки, бидејќи производството и дистрибуцијата на вакцината е комплициран процес.
Сè на сè, најбогатите држави во светот во просек купија доволно дози за три пати да го вакцинираат своето население. Во случајот на Канада, жителите можат да се вакцинираат и до пет пати. Ова апсурно ниво на натрупување може да значи катастрофа за сиромашните држави (а се сиромашни бидејќи се експлоатирани од тие империјалистички држави), што се турнати на крајот од редот. Народниот сојуз за вакцини – мрежа на организации која ја вклучува и Амнести интернешнл, Оксфам и Глобал џастис нау – проценува дека 70 држави со ниски приходи ќе можат да вакцинираат еден од десет луѓе.
Шака на богати „филантропи“ лобираа за пристап до вакцини во сиромашните држави. На пример, Адар Пунавал (шеф на Серум Институтот во Индија) обезбеди големи количини на вакцината од Астра Зенека и Новавакс, велејќи: „Индија има приоритет бидејќи тоа е државата во која сум роден“. Слично на тоа, мексиканскиот милијардер Карлос Слим помогна во финансирање на договор од 150 милиони дози на вакцина од Астра Зенека во Латинска Америка. А фондацијата Бил Гејтс вложи напор да обезбеди милијарда дози за 92 сиромашни држави. Вистинско лудило е тоа дека обезбедувањето на вакцини за милијарди луѓе зависи од хирот на неколку капиталисти, кои на крајот сакаат да го спасат сронетиот капиталистички систем. Уште повеќе, нивното „доброделство“ не е ни доволно блиску за да се пополни празнината – додека експропријацијата на нивните огромни богатства би имала значително поголемо влијание.
Др. Синди Вонг, извршен ко-директор на пристапната кампања Доктори без граници (МСФ) изјави: „Сега сме во ситуација каде мнозинството од ограничениот број на првите дози ги зграбија неколку земји како САД, Велика Британија, како и ЕУ, оставајќи многу малку за останатите држави во краток рок. Она што навистина би сакале да го видиме е брзо зголемување на глобалните залихи да има повеќе вакцини и дозите да можат да се даваат спрема јавно-здравствените критериуми на Светската здравствена организација, а не спрема платната способност на една држава.“
Но во капитализам, платната способност на државите е поважна од сите други размислувања. Обидите ова да се заобиколи на капиталистички начин се залудни. СЗО покрена програма на истражување на вакцина против ковид-19 (КОВАКС): план за глобална вакцинација на луѓе во државите со ниски и средни приходи против коронавирусот. Целта им е да достават 2 милијарди дози до крајот на 2021 година за 20% од најзагрозените луѓе во 91 држава, посебно во Африка, Азија и Латинска Америка. Но меѓународните документи покажуваат дека овој план се соочува со „многу голема можност“ на неуспех, бидејќи постои можност милијарди луѓе да немаат пристап до вакцините сè до 2024 година.
Ова е делумно затоа што две од најголемите светски економии САД и Кина, не го обврзаа финансиски КОВАКС, а не доделија ниту една доза која ја обезбедија. Кина започна сопствена иницијатива да направи вакцини достапни за сиромашните земји во нејзината сфера на влијание, што секако ќе биде во корист на нејзините геополитички интереси за предизвикување на САД на светско ниво. Не е изненадувачки тоа што претседателот Доналд Трамп ја применил својата максима: „Америка на прво место“ и на развојот на вакцината, необврзувајќи се да укаже на нееднаквоста во пристапот до вакцините, покрај тоа што се повлече од СЗО.
Со оглед дека новоизбраниот претседател Џо Бајден треба да ја преземе канцеларијата во другата половина на јануари (во моментот кога е пишуван текстот Бајден не ја имал преземено канцеларијата, заб. на прев.) некои коментатори се надеваат на промена во политиката. Бајден вети дека повторно ќе се придружи на СЗО. Меѓутоа, промената на врвот нема да го смени фактот дека најголемите држави и понатаму ги грабнуваат глобалните залихи на вакцините. Постои надеж дека, кога напорите за вакцинација ќе вродат со плод оваа година, побарувачката ќе опадни и цените ќе почнат да паѓаат. Меѓутоа, ако испадне дека вакцината против ковид-19 мора да се прима на годишно ниво, како вакцината против грип, тогаш, како што кажува Др. Гришна Удајакумар, директорот на Дјук центарот за светски здравствени иновации: „сè паѓа во вода“. Големите фармацевтски компании коишто имаа приватна сопственост над средствата за производство на фармацевтски препарати, ќе ги држат цените високи сè додека тие препарати се нужни. Тоа за последица ќе има дека богатите држави од Запад ќе продолжат да земаат дози преку ред, додека најсиромашните држави нема ни да дојдат на ред. Тоа во практика значи дека милиони животи ќе бидат жртвувани пред олтарот на профитот.
ПРИВАТНАТА СОПСТВЕНОСТ И НАЦИОНАЛНАТА ДРЖАВА
Во интерните документи на КОВАКС многу се зборува за проблемите со „ризикот“ што разубавено значи финансиски издатоци за приватните компании кои ги снабдуваат со вакцини пазарите со ниски приходи. Планот на СЗО се потпира на ефтини вакцини од компании како Астра Зенека, кои исто така не мораат да се чуваат на супер-ниски температури, што ја олеснува дистрибуцијата. Наспроти тоа, Фајзер и Модерна не планираат да ја спуштат цената на своите призводи (кои покажаа подобри резултати на тестирањето) за посиромашните држави.
Фајзеровото поднесување на документација за својата вакцина до Европската агенција за лекови (ЕМА) е неодамна хакирано, заради што компанијата мораше да ги шифрира за да ја заштити својата интелектуална сопственост. Ова поставува многу важно прашање. Со оглед на тоа што овој лек главно го финансираше државата и дека истиот се базира на истражувањата направени во државни лабаратории, зошто тогаш овие документи не се достапни? Ако овие податоци станат јавни, тоа би овозможило сиромашните држави да развијат евтина генеричка верзија на Фајзеровата вакцина на домашниот пазар, наместо да увезуваат скапи производи од некое друго место.
ЕМА предупреди дека ваквото споделување на податоци е всушност неопходно за решавање на светската пандемија, повикување на споделување на секоја неопходна интелектуална сопственост и податоци така да што повеќе држави би можеле да ги произведат овие вакцини. Установите како што е здружението за пристап до технологија за ковид-19 постојат баш заради ова. А декларацијата од Доха 2001 година, за Договорот за трговските аспекти на правото на интелектуална сопственост (ТРИПС) од 1994 година – за која се согласија сите држави членки на Светската трговска организација – потврдува дека јавното здравство секогаш мора да биде пред примената на правото на интелектуалната сопственост.
Но приватната сопственост е светост во капитализам. Големите фармацевтски компании веќе со години се потсмеваат со декларацијата од Доха, а наместо тоа (како што наведува еден извештај на Оксфам од 2019 година) „спроведоа агресивна програма на потчинување на државата во развој на уште построга заштита на интелектуалната сопственост, преку договори за слободна трговија и едностран притисок“. Дури ни оваа неспоредлива загрозеност на јавното здравство не е поважна од правото над интелектуалната сопственост на фармацевтските компании. Неодамна лобито на големите фармацевтски компании ги саботираше обидите на владата на Индија и Јужноафричката Република да ги спречат овие компании во спроведувањето на правото на интелектуална сопственост додека не се стекне глобален имунитет.
Под светска, планска економија, цела човечка генијалност и ресурси би се здружиле во создавање на успешна вакцина без оглед на застарените национални граници. Овој процес би бил забрзан со отворено и слободно споделување на податоци и стручност. Кога би дошло до некакво откритие, тој клучен ресурс би имал приоритет за производство што е можно побрзо и поповолно, како би се осигурало до секого на местото на употреба. Но приватната сопственост и националната држава го кочат овој процес на штета на човечкиот род.
НЕДОВЕРБАТА НА ЈАВНОСТА
Дури и во државите каде вакцините ќе бидат достапни имаме проблем со двоумење во јавноста. Една скорешна анкета која ја спроведе Кантар открива дека бројот на луѓе кои сакаат да се вакцинираат против ковид-19 во западните држави драстично опадна. Моментално, само 43% од Британците рекле дека „дефинитивно“ би ја примиле вакцината ако е достапна. Тоа може да се спореди со 30% од луѓето во САД, 38% во Италија, во Италија, 35% во Германија и само 21% во Франција.
Историски гледано, „антиваксерските“ теории на заговор се нешто коешто влијае на оние поназадни слоеви во општеството. Но овој широко распространет скептицизам е од поинаков карактер. Многу испитаници на анкетата изразија сомнеж во „сигурноста на вакцините заради брзината со којашто се произведени“. Навистина, многу компании што произведоа вакцини лобираа да се воведат поопуштени регулаторни процеси за да се случи брз пресврт. Иако ова, со оглед на итната потреба за вакцини не е зачудувачко, треба да нагласиме дека резултатите од клиничкото тестирање на насловните вакцини против коронавирусот изгледаат сигурно. Што е уште поинтересно, таа иста анкета откри дека „Државите каде е најмала довербата во владата – Франција (18% од луѓето веруваат во владата) и САД (14% од луѓето веруваат во владата) исто така имаат и најмал број на луѓе кои би се вакцинирале.“
Катастрофално погрешниот пристап кон оваа пандемија, правилата кои цело време се менуваат, двосмислените пораки и бескрајните карантини со многу мал видлив ефект, заедно со веќе постоечкиот пад на поддршката кон естаблишментот по една деценија напади на животниот стандард и мерки за штедење, доведоа до тоа милиони луѓе повеќе да не веруваат во ниеден збор кој излегува од устата на политичарите. За многумина, таа недоверба се прошири и на „научниот естаблишмент“.
Ова расположение, кое е одраз на разбирлива класна лутина на изопачен начин, демагошки го разгоруваат десничари како Доналд Трамп, Најџел Фараж, Жаир Болсонаро, кои го искористија очајот и лутината на населението, фрлајќи семе на сомнеж во опасноста (па дури и постоењето) на пандемијата. Ова е така и покрај тоа што неодамна никој друг туку Трамповиот сојузник Мајк Пенс јавно ја прими вакцината на Фајзер во живо на телевизија.
Тоа што ова расположение продре во значајни слоеви од општеството и покрај милиони случаи на зараза и милиони смртни случаи, е показател на длабочината на кризата на капиталистичкиот систем, во кој народот загуби доверба. Тоа е исто така показаел на патетичниот неуспех на водачите на работничките движења да ја насочат оваа лутина кон елитите ,во прогресивна и класна насока. Ако овој скептицизам доведе до низок степен на вакцинација, тогаш можеби нема да постигнеме 70% имунитет, што ни е потребно да ја запреме пандемијата. Сите пари и напори вложени во производство на вакцините би можеле да бидат залудни.
Затоа е клучно за левицата да го впери прстот кон вистинскиот извор на оваа криза: на капиталистичкиот систем и неговите несреќни политички претставници. Да управуваше социјалистичка држава со процесот на вакцинација, којашто би извршила успешни блокади со пружање на соодветна финансиска поддршка на луѓето кои не можеа да работат, оваа струја на огорченост и недоверба не би постоела. Затоа што големите фармацевтски компании би биле експроприрани и ставени под работничка контрола, нивните деловни книги би биле отворени и целиот процес на развој на вакцините би бил целосно транспарентен, за да би се осигурала довербата на јавноста. Луѓето благодарно би ја примиле вакцината како би ја завршиле мрачната ноќ на оваа пандемија. Наместо тоа, зачудувачките научни достигнувања би можеле да бидат поткопани од овој сенилен економски систем. Искуството извлечено од оваа криза откри сериозна болест на капиталистичкото општество, за која единствениот лек е социјалистичка револуција.
Линк до оригиналот: COVID-19 vaccines: Big Pharma profits trump human lives