ВестиДемократијаЕвропаИнтернационалаОпшто

Париската комуна

Автор: „Револусион“ – Франција

Париската комуна беше една од најважните епизоди во историјата на француската работотничка класа. Помеѓу востанието од 18 март и „Крвавата седмица“ на крајот на мај, во Париз раководеа демократски органи на работниците, кои се обидоа да го организираат општеството на сосема поинаква основа – без експлоатација или угнетување. Лекциите од овие настани и ден денес се важни.

Претходно, 20 години порано, Наполеон Трети ја освои власта со воен удар на 2 декември 1851 год. На почетокот се чинеше дека режимот е несоборлив. Работничките организации беа репресирани. Но, на крајот на 1860тите империјалниот режим беше целосно ослабен со слабеењето на економскиот раст, реперкусиите на војните (во Италија, Крим, Мексико) и подемот на работничкото движење. Само нова војна – и брза победа – можеше да го одложи падот на „Наполеон Малиот“. Во јули 1970 тој и објави војна на Бизмарковата Прусија.

Војна и револуција

Војната често води кон револуција. Поради важна причина: војната ги отргнува луѓето од секојдневната рутина одеднаш и ги фрла на арената на голема историска активност. Масите го преиспитуваат однесувањето на водачите на државите, генералите и политичарите, многу повнимателно отколку во мирновременски услови. Ова е особено точно кога ќе се доживее пораз. Сепак, воената офанзива објавена од Наполеон Трети набрзо се претвори во фијаско. На втори септември, близу Седан, Франција, Бизмарковата војска го упаси Императорот заедно со 75 илјадна војска. Во Париз на масовните демонстрации се побара крај на Империјата и прогласување на демократска Република.

Под овој притисок на улиците, „умерената“републиканска опозиција прогласи Република на 4 септември. Се избра „Влада на национална одбрана“. Министерот за надворешни работи, буржоаскиот републиканец Жил Фавр објави дека „нема да се отстапи ниту педа од земјата ниту камен на нашата тврдина“ на Прусите.

Германската армија набрзо го опколи Париз и направи опсада на градот. Во прво време париската работничка класа ја поддржа новата влада во името на „единството“ против странскиот непријател. Но, следните настани го потресоа од темел ова единство и ги донесоа во преден план разликите на различните класи.

Во стварноста, Владата на национална одбрана не веруваше дека е можно или пожелно да се брани Париз. Како дополнување на армијата, Националната гарда, силна милиција од 200 илјади се огласи подготвена за одбрана на градот. Но, овие оружени работници внатре во Париз претставуваа поголема опасност за интересите на француските капиталисти отколку странската армија пред портите на градот. Владата помисли дека е најдобро да се капитулира што е можно побрзо пред Бизмарк. Сепак, поради борбената состојба на умот кај националната гарда, владата не можеше јавно да ги објави своите намери. Министерот и генералот Троши сметаа на економските и општествените ефекти на опсадата во кршењето на отпорот на париските работници. Владата сакаше да купи време; додека објави дека е за одбрана на Париз тајно преговараше со Бизмарк.

Како поминуваа седмиците непријателствата на париските работници со владата се зголемуваа. Се расширија гласини за преговори со Бизмарк. На 8 октомври, падот на Мец разгоре нови масовни демонстрации. На 31 октомври, неколку контигенти од Националната гарда го нападна и зазедоа Градското собрание (Л отел де вил). Во овој момент масата на работници не беше подготвена за одлучна офанзива против владата. Изолирана побуната брзо спласна.

Во Париз, опсадата имаше катастрофални последици. Итна задача беше да се пробие. По поразот со повлекувањето во селото Бизенвал на 19 јануари 1871 год., генералот Троши немаше друг избор освен да си поднесе оставка. Тој беше заменет со Винои кој веднаш објави дека е невозможно да се победат Прусите. Секому беше јасно дека владата сакаше да капитулира – што и го направи на 27 јануари 1871год.

Парижани и селаните

На изборите за национално собрание во февруари, гласовите на селаните му дадоа водечко мнозинство на монархистичките и конзервативни кандидати. Новото Собрание го назначи Адолф Тиер – тврдокорен реакционер – на чело на владата. Конфликтот помеѓу Париз и „РУРАЛНОТО“ Собрание беше неизбежен. Но со давањето отпор, контрареволуционерната опасност и даде силен импулс на париската револуција. Се намножија оружените демонстрации на Националната гарда, масовно поддржана од најсиромашните слоеви на населението. Вооружените работници го отфрлија Тиер и монархистите и повикаа на „сеопшта војна“ за одбрана на Републиката.

Националното собрание постојано ги провоцираше парижаните. При опсадата многу работници останаа без работа, а осигурувањето што го плаќаат на Националната гарда беше линијата што ги раздвојуваше од гладта. Сепак владата ги укина финансиските средства што ги исплатуваше на секој гардист што не можеше да докаже дека е неспособен за работа. Премиерот донесе декрет дека кириите не застаруваат и дека мора да се платат во рок од 48 часа. Овие и други мерки ги погодија најсиромашните, но доведоа и до радикализација на средните класи.

Владата се предаде на Бизмарк, а опасноста од монархистичка реставрација доведе до преобразба на Националната гарда. Се избра „Централен комитет на федерацијата на Националната гарда“, што ги претставуваше 215 баталјони опремени со 2 илјади топови и 450 илјади пушки. Се прифати нови Статут, наведувајќи „апсолутно право на Националната гарда да ги избира своите водачи и веднаш да ги отповика доколку изгубат доверба на гласачите“. Централниот комитет и соодветните структури, на ниво на баталјон, му претходеа на советите на работниците и војниците кои се појавија во Русија за време на револуциите во 1905 и 1017 година.

Новото водство на Националата гарда набрзо доби прилика да го тестира својот авторитет. Додека пруската армија се подготвуваше да влезе во Париз, десетици илјади вооружени парижани се собраа со намера да ги нападнат натрапниците. Централниот комитет интервенираше да се спречи борбата за којашто уште не беше подготвена. Со наметнување на својата волја по ова прашање, Централниот комитет докажа дека неговиот авторитет е признаен од мнозинството на Националната гарда и парижаните. Пруските сили окупираа дел од градот за два дена, а после се повлекоа.

Осумнаесети март

Тиер на „руралните луѓе“ на Собранието им вети реставрација на монархијата. Но, неговата прва задача беше да стави крај на ситуацијата на „двојна власт“ што постоеше во Париз. Оружјето под контрола на Националната гарда, а посебно тие на Монмартр, претставиваа опасност за капиталистичкиот „поредок“. На 18 март, во 3 часот во ноќта се испратија 20 илјади војници и жандарми под команда на генералот Леконт за одземање на оружјето. Ова беше направено без преголеми потешкотии. Сепак, командантите на експедицијата не помислија на врските потребни за отстранување на оружјето. Во 7 часот изутрина, екипите не дошле. Во „Историја на Комуната“ Лепелтје (“Histoire de la Commune”, Lepelletier) опишува за настанот:

„Веднаш по почетокот на алармот што го слушнавме на улицата Клињанкур, барабаните свиреа марш. Брзо, тоа беше како смена на бината во театарот: сите улици што водеа кон Бит се исполнија со џагор. Жените беа мнозинство, а имаше и деца. Изолираните национални гардисти се појавија со оружје и се придвижија кон Шаторуж.“

Војниците беа опкружени со маса на луѓе која непрестајно растеше. Жителите на областа, националните гардисти и луѓето на Леконт беа притиснати еден кон друг. Некои војници се збратимија отворено со гардистите. Во очаен обид да го врати својот авторитет, Леконт им нареди на своите луѓе да пукаат во народот. Ниту еден не пукна. Војската и националната гарда после се поздравуваа и се прегрнуваа. Многу брзо потоа ги упасија Леконт и Клеман Тома. Лутите војници после и ги екзекутираа. Клеман Тома инаку беше познат по тоа што пукаше на востаниците работници во јуни 1848 год.

Тиер не предвиде дека војската ќе се побуни. Во паника тој избега од Париз. Им нареди на војниците и администрацијата целосно да го евакуираат градот и околните утврдувања. Сакаше да ја држи војската подалеку од револуционерната „зараза“. Некои од војниците, а некои и со отворена непослушност и пеење на револуционерни слогани, во неред се повлекоа кон Версај.

Со колапсот на стариот државен апарат во Париз, Националната гарда ги зазеде сите стратешки точки на градот без да сретне значаен отпор. Централниот комитет немаше никаква улога во овие настани. А сепак, во квечерината на 18 март, тој дозна дека, и покрај тоа, постана де факто влада на новиот револуционерен режим основан врз оружената сила на Националната гарда.

Неодлучноста на Централниот комитет

Првата задача на мнозинството членови на Централниот комитет што си ја поставија себе си беше да се ослободат од сопствената власт. Според нив, тие немале „легален мандат“ за власт! По долги дискусии, Централниот комитет одлучи да остане во градското собрание за „неколку дена“ дури трае организирањето на општинските (комунални) избори.

Директниот проблем со којшто се соочи Централниот комитет беше армијата што маршираше кон Версај, под водство на Тиер. Еде и Дивал предложија Националната гарда да се упати веднаш кон Версај за да се скрши тоа што преостана од силите на Тиер. Но, не ги послушаа. Мнозинството на Централниот комитет мислеше дека е подобро да не „се појавиме како агресори“. Централниот комитет беше составен, во мнозинството, од чесни луѓе но многу умерени, преумерени.

Енергијата на Централниот комитет беше апсорбирана во долги дискусии за датумот и начинот на општинските избори. Конечно одлучија за 26 март. Тиер го искористи ова време во своја корист. Со помош на Бизмарк, армијата собрана во Версај се засили масовно и бројчано и оружено, со цел да изведе напад врз Париз.

Во очи на изборите, Централниот комитет на Националната гарда упати проглас во којшто се сумира духот на саможртва и интегритет кои беа карактеристика на новиот режим:

„Нашата мисија е завршена. Ќе им го остапиме градското собрание на новоизбраните претставници, на вашите вистински претставници.“

Централниот комитет даде само една инструкција на гласачите:

„Не го губите пред вид тоа дека луѓето што најдобро ќе ви служат се тие помеѓу вас, живеејќи го вашиот живот, страдајќи од истите болести. Претпазливи бидете од амбициозните и новопечените … Претпазливи бидете од дрдорливите, неспособни да преземат дејство…“

Програмата на Општината

Новоизбраната Комуна ја замени Националната гарда како официјална влада на револуционерниот Париз. Мнозинството од 90 члена можат да се дефинираат како „левичарски републиканци“. Борбените членови на Интернационалата асоцијација на работнци (предводени од Карл Маркс, меѓу другите) и бланкистите (енергични луѓе, но политички збунети) заедно претставуваа четвртина од избраните службеници на Комуната. Неколкуте десничарски претставници си дадоа оставки во неколку прилики.

Под Комуната, сите привилегии на државните службеници беа укинати. Посебно, имаше декрет дека тие нема да примаат повеќе за својата служба од надниците на квалификуваните работници. Тие исто така можеа да бидат сменети во секое време.

Кириите беа замрзнати. Напуштените фабрики беа ставени под контрола на работниците. Беа преземени мерки за ограничување на ноќната смена и беа дадени гаранции за сиромашните и болните. Комуната објави дека сака да „стави крај на анархичната и уништувачка конкуренција помеѓу работниците за бенефит на капиталистите“. Националната гарда се отвори за сите луѓе способни за воен рок и се организира на строго демократски принципи. Постојаната војска „одвоена од народот“ се прогласи за нелегална.

Црквата се одели од државата и религијата се прогласи за „приватна работа“. Се изврши реквизиција на јавните згради за бездомните,а јавното обраазование беше достапно секому, исто како и културните места и читалните. Странските работници се сметаа за сојузници во борбата за „универзална република“. Деноноќно се држеа средби; илјадници обични мажи и жени разговараа како треба да се организираат различните аспекти на општествениот живот во интерес на „општото добро“. По особините новото општество што се обликуваше во Париз јасно беше социјалистичко.

Поразот

Точно е дека комунарите направија многу грешки. Маркс и Енгелс ги прекоруваа – исправно – зашто не ја ставија под контрола Банката на Франција, што продолжи да исплаќа милиони франци на Тиер што ги користеше за вооружување и реорганизација на своите сили.

Исто така опасноста од Версај беше потценета од Комуната, којашто не само што не се обиде да нападне, барем се до првата седмица на април, но не се подготви сериозно за одбрана. На 2 април, го нападнаа одредот на комунари упатен кон Курбевоа и го притиснаа назад кон Париз. Затворениците во рацете на силите на Тиер беа погубени. Следниот ден, под притисок на Националната гарда Комуната го нападна Версај. Но и покрај ентузијазмот на баталјоните на комунарите, недостигот на воена и политичка подготовка ги осуди предоцна на пораз. Водачите на Комуната веруваа дека како и на 18 март, војската во Версај ќе се приклони кон Комуната на самото наидување на Националната гарда. Тоа не се случи.

Барикада на Ру Волтер, после освојувањето од армијата за време на „крвавата седмица“

Овој пораз расшири бран на дефетизам низ Париз. Одлучниот оптимизам од првите седмици отвори пат за расположение на пораз којшто надоаѓаше, што се одрази преку поделби во сите нивоа во воената команда. Конечно, армијата на Версај влезе во Париз на 21 мај. Во градското собрание, Комуната, во тој одлучувачки момент, беше лишена од сериозна воена стратегија. Таа просто престана да постои, со абдицирање на сите свои одговорности во корист на тотално неуспешниот Комитет за јавна сигурност.

Националната гарда беше повлечена во „своите одаи“ без централизирана команда. Оваа одлука оневозможи концентрирање на комуналните сили  способни за отпор кон версајските сили. Комунарите храбро се бореа, но постепено беа потиснати кон истокот на градот и конечно поразени на 28 мај. Последните комунари кои се бореа беа убиени во 20тиот арондисман, „федеративниот ѕид“, што може да се види на гробиштата Пер Лашез. За време на „крвавата седмица“, силите на Тиер масакрираа барем 30 илјади мажи, жени и деца, а во следните седмици заробија околу 20 илјади.

Работничката држава

Париската Комуна беше прва работничка влада во историјата. Во „Граѓанската војана во Франција“, Маркс објасни дека Комуната го покажа следното: работниците „не можат … да се задоволат со преземање на стариот државен апарат и да го користат овој инструмент за свои потреби. Првиот услов за осигурување на политичката власт е да … се уништи овој инструмент на класна доминација“. Прецизно, комунарите се обидоа да изградат нова држава – работничка држава – врз урнатините на капиталистичката држава (во Париз). При тоа тие ја покажаа основната особина на работничката држава: нема бирократија; нема армија одвоена од народот; нема привилигирани службеници: избори и отповикување на сите службеници, итн.

Комунарите немаа време да ја консолидираат својата власт. Нивната изолација – во се уште претежно селанската Франција – беше фатална за нив. Денес, спротивно, мнозинството луѓе во општеството се работници за плата. Економските основи на социјалистичката револуција се многу позрели отколку во 19 век. На нас е, според тоа, да го воспоставиме социјалистичкото, слободно и демократско општество за коешто комунарите се бореа и загинаа.