ОпштоТеорија

Дел Трети: Ленин за националното прашање

„Додека во национално хомогените држави буржоаските револуционери развија моќни центрипетални правци, потпирајќи се на идејата за надминување на партикуларизмите, како во Франција, или надминување на националната разединетост, како во Италија и Германија, во национално хетерогените држави, напротив, како во Турција, Русија и Австро-Унгарија, задоцнетите буржоаски револуции ги испуштија центрифугалните сили.“ – Ленин Троцки

Предреволуционерна Русија беше исклучително назадна земја, полуфеудална, тешко зависна од странскиот империјализам. Така, таа многу личеше на многу земји од Третиот Свет денес. Згора, проблемот на националностите го заземаше централното место во рускиот политички живот. Иако царска Русија сакаше да се преправа во бранителка на малите угнетени нации на Балканот, таа беше затвор на националностите. Таму, 43% од населението на царска Русија беше од доминантата великоруска националност, додека 57% беа Украинци, Полјаци, Грузици, Финци и други угнетени националности.
Седумдесет милиони великоруси доминираа над околу 90 милиони неруси и сите беа доминирани и угнетувани од царската држава со бирократски касти. За да се влошат работите, барем на западните руски територии, економското ниво на подредените народи беше општо повисоко отколку во останатата Русија. Сепак може да се расправа за руската прогресивна улога со источната експанзија во Кавказието и посебно Централна Азија, но не и истото тоа да се истакнува во случај на Полска, Финска и балтичките држави. Како што коментираше стариот Енгелс: „Финска е финска и шведска, Бесарбија руманска, кралството Полска на Полјаците. Тука не постои прашањето за обединување на расеаните и сродни кралства, сите носејќи го руското име; тука ние не гледаме ништо друго освен освојување на туѓи територии со брутална сила, ништо освен кражба.“ (МЕСД, том 27, стр.28)

Болшевистичката партија од самото оформување имаше скрупулозна позиција за националното прашање. Тоа беше есенцијално со цел да се придобијат масите, посебно селанството. Националното прашање нормално не влијае толку кај работничката класа, колку кај масите на ситната буржоазија, посебно селанството, и историски гледано националното прашање и аграрното прашање се тесно поврзани. Понекогаш дури и поедуцираните марксисти застануваат на ова прашање. За да се допре до ушите на ситно буржоаските маси и да се придобијат кон целите на револуцијата апсолутно неопходна беше употребата на демократските и други парцијални барања, како на пример правото на самоопределување. Но употребата на таквите слогани имаше смисла само како дел од борбата на пролетаријатот и неговата партија да го преземе водството на масите во директна борба со буржоаските и ситно буржоаските партии и трендови. Затоа предуслов за успех на револуционерното крило е непоколеблива борба со националистичката ситна буржоазија и буржоазија. За да се води таква борба, потребна е јасна позиција за националното прашање.
Како и Ленин, Троцки пишувал опширно за националното прашање. Посебно интересно е прекрасното поглавје во „Историјата на руската револуција“ што најдобро ја заокружува позицијата на Болшевистичката партија на оваа тема. Но, тој кој го разви и прошири марксистичкиот став за националното прашање, пред се, беше Ленин. Заокружувајќи ја болшевистичката позиција Троцки напиша:

„Ленин рано го разбра неизбежниот развој на центрифугалните национални движења во Русија и многу години тврдоглаво се бореше, посебно против Роза Луксембург, за фамозниот параграф 9 од старата партиска програма која го формулираше правото на нациите на самоопределување, т.е. за комплетно отцепување како држави. Болшевистичката партија на кој било начин не го презеде евангелието на отцепување. Тоа само значеше должност за неуморна борба против секоја форма на национално угнетување, вклучувајќи го присилното задржување на оваа или онаа националност помеѓу границите на главната држава. Само на овој начин рускиот пролетаријат можеше постепено да ја добие довербата на угнетените националности.“

„Но тоа беше само една страна од работите. Политиката на болшевизмот во националната сфера имаше и друга страна, на изглед контрадикторна со претходната но суштински суплементна. Во рамките на партијата, и во работничките организации воопшто, болшевизмот инсистираше на крут централизам, неумоливо војувајќи со сите нијанси на национализам што можат да ги постават работниците еден против друг или да ги разединат. Додека јасно го отфрлаа правото на буржоаската држава да наметне задолжително државјанство, или дури и државен јазик, над националното малцинство, болшевизмот во исто време ја направи света задачата за колку е можно поблиско обединување на работниците од различните националности преку доброволна класна дисциплина. Затоа тој потполно го отфрли национално-федеративниот принцип за изградба на партијата. Револуционерната организација не е прототип на идната држава, туку само инструмент за нејзино создавање. Инструментот треба да се адаптира за обликување на продуктот, а не да го содржи истиот. Затоа централизирана организација може да го гарантира успехот за револуционерната борба, дури и кога задачата е да се уништи централизираното угнетување на националностите.“ (Троцки, Историјата на руската револуција, стр. 890-891)

Што е нација?

Во периодот пред Првата светска војна Ленин посвети големо внимание на националното прашање и посебно на одговорот на ревизионистичките теории на Ото Бауер. Во периодот 1908-10, Ленин беше во егзил и речиси потполно изолиран. При недостаток на контакти со Русија и со соработниците, тој со ентузијазам го поздрави доаѓањето на Сталин, млад Грузиец, непознат за него. Како по обичај Ленин го охрабруваше доаѓањето на новодојдениот, како што тоа го правеше со сите млади другари. Како дополнителен бонус, Сталин беше Грузиец, претставник на угнетена националност. Ленин ја искористи можноста да го учи неговиот ученик, кој се покажа исклучително бистар, за фундаменталните ставови на неговата политика за националното прашање. Резултатот беше една подолга статија што се појави на крајот на 1912 год. во списанието Просвештение (Просветлување) под насловот Националното прашање и марксизмот.
Во 1914 се појави истата статија во памфлет насловен како Националното прашање и марксизмот. Тој е објавен во вториот том од Сталиновите Дела. Со години тој се сметаше за стандардна партиска работа за националното прашање, но фактички, покрај формалистичката репрезентација, таа не е лоша одломка. Но, ова не е резултат на Сталиновиот генијален теоретски ум. Оваа статија и не е воопшто Сталиново дело. Како што напиша Е.Х. Кар: „Нaдворешните и внатрешните докази покажуваат дека е напишано под Лениновата инспирација.“ Идеите во оваа статија се целосно Ленинови.
Уводот на оваа статија, напишан при врвот на антисемитската агитација околу општопознатиот Бејлисов случај, предупредува на „бранот на национализмот замавнува со растечка сила и се заканува да ги задуши работничките маси“. И додава: „Овие круцијални времиња и определуваат висока мисија на социјалдемократската партија да се одбрани од национализмот и да ги заштити масите од општата „епидемија“. За социјалните демократи, а само тие може ова да го направат, со истакнувањето на испробаното оружје против национализмот интернационализмот, единството и неделивоста на класната борба.” (Ј.В. Сталин, “Марксизмот за националното прашање и колонијалното, стр.8)
Централна тема е како може да се дефинира нацијата. Ова прашање воопшто не е лесно како што може изгледа. Тоа е како да се дефинира времето. Свети Августин рекол дека тој знае што времето е, но ако некој го запрашал да го дефинира, тој бил неспособен да го стори тоа. Истото е и со нацијата. Секој мисли дека знае што е, но кога ќе го запрашаат, тој веднаш ќе се соочи со тешкотии. Памфлетот објавен со Сталиновиот потпис се обидува да обезбеди дефиниција. Резултатот е најверојатно најблизок до задоволителен. Како спротивност на Бауеровата субјективна дефиниција, нацијата тука е дефинирана научно, во марксистичка смисла: „Нација е историски еволуирана, стабилна заедница на јазик, територија и економски живот и психолошки состав манифестиран во заедница на култура.“ (Ибид.)
Така, нацијата мора да има заеднички јазик и територија, споделена историја и култура, и исто така обединета со моќни економски врски. Толку од општата дефиниција, која е недвосмислено точна и во секој случај бескрајно супериорна над „психолошкиот“ приод на Ото Бауер и поклониците на „национално-културната автономија“. Сепак, како кај сите општи дефиниции, ова под никои услови не го исцрпува прашањето. Во реалноста може да наидеме на конкретни варијанти кои може да се контрадикторни со дефиницијата на еден или повеќе основи. Општо познато е дека прашањето што е нација е замрсено и упропастило многу анализи.
Да го земеме на пример јазикот. Важност на јазикот за нацијата е јасна. Тоа изгледа е најевидентното разграничувачко обележје на националноста. Во неговата Историја на руската револуција Троцки ја изразува значајноста на јазикот, та: „Јазикот е најзначаен инструмент на човечката комуникација и следствено на индустријата. Тој станува национален заедно со триумфот на стоковната размена која ги интегрира нациите. На овие основи националната држава е издигната како најудобна, најпрофитабилна и нормална арена за играње на капиталистички односи.“ (Троцки, Историја на руската револуција, стр. 889)
Но се среќаваме со исклучоци од ова важно правило. На пример, малкумина ќе негираат дека Швајцарците се нација. Швајцарскиот национален идентитет беше добиен со вековна борба да се задржи индивидуалниот национален идентитет, главно против Австрија. Но, сепак Швајцарците немаат заеднички јазик, како што рекол Ленин:

„Во Швајцарија има три државни јазици, но законите кои се подложни на референдум се печатат на пет јазика, односно на два романски дијалекти и на трите други државни јазици. Според пописот од 1900, двата дијалекта се зборувани од 38 651 од 3 315 443 жители на Швајцарија, т.е., околу еден процент. Во армијата на офицерите им е дозволено широка слобода да зборуваат со нивните луѓе на нивните мајчини јазици. Во кантоните на Граубурден и Валис (секоја со популација од нешто повеќе од сто илјади) двата дијалекта уживаат комплетна еднаквост“ (ЛСД, Критички забелешки за националното прашање, том 20)

Клучот за разбирање на прашањето лежи во почетниот суд дека нацијата е историски еволуиран ентитет. Дијалектиката не продолжува од апстрактни формални дефиниции туку од конкретни оценки на живите процеси, на нештата како се развиваат, променуваат и еволуираат. Нацијата не е нешто статично и фиксно. Таа може и се променува и еволуира. Нации може да се создадат таму каде не постоеле порано. Токму така постанаа модерните национални држави. Таков беше случајот со Франција, Италија и Германија. Подоцна беше формирана индиската национална свест, се разбира со невнимание, од британскиот империјализам. Сега со распадот на капитализмот и неспособноста на индиската буржоазија да понуди излез, постојат јасни знаци на слабеењето и фрагментацијата на оваа национална свесност, која предизвикува несомнена опасност за иднината на Индија.
Историски, нациите можат да се формираат од расположливите суровини во услови на војни, инвазии и револуции кои го разградуваат старите врски и граници и создаваат нови. Ова историско преуредување може да ги сврти работите наопаку. Она што беше вчера угнетувана нација или поробена колонија може да се трансформира во најмонструозна угнетувачка и империјалистичка држава. Најдобар пример се самите САД, што претставуваше колонија на Британија и сега е најмоќна и најреакционерна империјалистичка држава во светот. Слично, буржоаските држави кои неодамна се ослободија од странската доминација и останаа во субординирана положба визави големите империјалистички сили во светски рамки, не помалку се локални империјалистички сили, угнетувајќи ги и експлоатирајќи ги посиромашните земји близу ним. Така, Индија се однесува како империјалистичка во односите со Непал, Асам и Кашмир. Царската Русија беше една од главните империјалистички сили пред 1917 год., иако не извезуваше капитал и беше назадна, полуфеудална земја која држеше полуколонијални врски со Франција, Британија и другите развиени капиталистички земји.

Класното прашање

Националното прашање како и сите други социјални прашање во срцевината е класен проблем. Тоа беше Лениновото гледиште, и гледиште на секој вистински марксист. Во своето дело Критички забелешки за националното прашање, Ленин ги објаснува своите елементарни ставови на марксизмот со восхитувачка јасност:

„Секоја национална култура содржи елементи, иако не развиени, на демократска и социјалистичка култура, оти во секоја нација има мачени и угнетени маси, чии животни услови несомнено ја издигнаа идеологијата на демократијата и социјализмот. Но, секоја нација има исто така и буржоаска култура (а повеќето и црностотници и религиозна култура) што зема облик, а не само елементи, на доминантна култура. Затоа, општата, демек, национална култура е култура на поседниците на земјата, на клерот и буржоазијата“ (ЛСД, Критички забелешки за националното прашање, том 20)
Азбука на марксистите е дека владејачките идеи на секоја нација се идеите на владејачката класа. Ленин инсистира дека прифаќањето на „национална култура“ не е ни повеќе ни помалку отколку прифаќањето на доминацијата на буржоазијата во секоја нација. Националното прашање е класно прашање. Марксистите не смеат брзо да преминат преку класните контрадикции, ама напротив, да ги истакнат. Ова не е помалку задолжително и во случај кога се работи за угнетена националност како и за угнетувачка нација. Како што Ленин објаснува во Критички забелешки за националното прашање “Во бордовите на компаниите со здружени стоки, капиталистите од различни националности седат заедно, комплетно амалгамирани еден со друг. Во фабриките работниците од различни нации работат раме до раме. За сите основни и навистина сериозни политички прашања страните се заземаат според класата, а не според нацијата.“ (Ибид.)

Во друго дело тој пишува: „Интересите на работничката класа и нејзината борба против капитализмот бараат потполна солидарност и најблиско единство на работниците од сите нации; тие бараат отпор од националистичката политика на буржоазијата на секоја националност.“

И повторно: „Нема разлика за наемната рака дали е експлоатирана главно од великоруската буржоазија или од полската буржоазија или пак од еврејската буржоазија итн. Наемниот работник кој ги разбира неговите класни интереси е еднакво индиферентен на државните привилегии на великоруските капиталисти или ветувањата на полските или украинските капиталисти за изградба на рај на Земјата кога тие ќе ги имаат државните привилегии…“

Во секој случај работникот ќе биде предмет на експлоатација. Секоја успешна борба против експлоатација изискува од пролетаријатот се ослободи од национализмот и да биде апсолутно неутрален, така да се каже, во борбата за супремација која се одвива помеѓу буржоазијата на разните нации. Ако пролетаријатот на некоја нација и даде и најмала поддршка на „својата“ национална буржоазија, тоа сигурно ќе ја зголеми недовербата помеѓу пролетаријатот на другите нации; тоа ќе ја ослаби интернационалната класна солидарност на работниците и ќе ги подели, на воодушевување на буржоазијата. И одбивањето на правото на самоопределување, или сецесија, неизбежно во практика води до поддршка на доминантната нација.“ (ЛСД, Правото на нациите на самоопределување, том 20.)

Во сите времиња Ленин ја истакнуваше потребата да се обединат работниците и угнетените маси против буржоазијата. Ленин вели: „Националната култура на буржоазијата е всушност (и повторувам буржоазијата насекаде прави договори со земјопоседниците и свештенството) воинствен буржоаски национализам, што ги осакатува, надмудрува и разединува работниците со цел буржоазијата да ги предводи со ланец-оглавник, толку фундаментален факт во денешно време.“

„Кој што сака да му служи на пролетаријатот мора да ги обедини работниците од сите народности и да се бие со буржоаскиот национализам, дома и надвор, несомнено.” (ЛСД, Критички забелешки за Националното прашање, том 20)

За ова прашање Ленин секогаш беше непомирлив. Слични цитати може да се репродуцираат од дузина негови дела и говори.

Класна независност

Националните барања имаат демократски, а не социјалистички, карактер. Националното угнетување не влијае само врз работничката класа, иако работниците страдаат најмногу, како и од останатите видови на угнетување. Националното прашање влијае врз целиот народ, на севкупните маси и посебно на ситната буржоазија. И покрај тоа, како што е покажано, Ленин секогаш тргнуваше од класна гледна точка, а и ние го правиме истото.
Она што толку силно допира до нас, читајќи го Ленин, е колку длабоко и јасно го објаснува националното прашање. Навистина, ова прашање има долга историја во руското работничко движење, почнувајќи со дебатите со Еврејскиот Бунд на Вториот Конгрес на Руската Социјал Демократска Работничка Партија во 1903 год. Како се справил Ленин со националното прашање? Сумирано, тој имал негативен став по ова прашање. Руските Болшевици, објаснуваше тој стотици пати, беа против сите облици на национално угнетување. Не е важно за што си ти, туку против што си. Доволно е да се каже на што се спротивставуваме. Се спротивставуваме на сите облици на национално, лингвистичко и расно угнетување и ќе се бориме против сите форми на национално угнетување. Тоа е сосема доволно за пролетерската тенденција која посакува да се издржи на политиката на конзистентна демократија, задржувајќи ја класната независност.
Она што Ленин не го кажа е дека марксистите мора да ја поддржат националната буржоазија или националистичката ситна буржоазија. Напротив, фундаментална премиса на Лениновиот став за националното прашање беше апсолутна класна независност. Првиот принцип на ленинизмот е секогаш борбата против буржоазијата – буржоазијата и на угнетувачката и на угнетуваните нации. Во сите Ленинови дела за националното прашање има непомирлив критицизам не само на националистичката буржоазија, туку и на националистичката ситна буржоазија. И со право. Целата идеја на Ленин беше дека работничката класа мора да се постави на чело на нацијата со цел да се предводат масите во револуционерна трансформација на општеството. Затоа во Критичките забелешки за националното прашање тој пишува:

„Будењето на масите од феудалниот сон, нивната борба против сите национални угнетувања, за сувереноста на народот и за сувереноста на нациите е прогресивно. Па, ограничена должност на марксистите е да ја поддржат најцврстата и конзистентна демократија по сите точки на националното прашање. Задачата е главно негативна. Но, пролетаријатот не може да прејде преку ова во поддршката на национализмот, затоа што преку тоа тој почнува со “позитивна” активност на буржоазијата напрегајќи се да го зацврсне национализмот.” (наше истакнување)

Подоцна, тој додава, за поголемо нагласување: „Битка против националното угнетување — да, се разбира. Битка за секој вид на национален развиток, за ‘национална култура’ воопшто—разбирливо не.“ (Ибид.) Повторно, во Правото на нациите на самоопределување, Ленин, напиша: „Затоа пролетаријатот се самоограничува, така да кажам, на негативното барање за признавање на правото на самоопределување, без да се дадат гаранции на некоја нација и без обврска да се даде нешто на сметка на друга нација.“

Во друг дел Ленин пишува за штетното влијание на национализмот врз работничкото движење: „Заклучокот е дека сите либерално-буржоаски национализми ја предизвикуваат најголемата корупција помеѓу работниците и предизвикува штета на слободата и пролетерската класна борба. Уште поопасно е што буржоаската (и буржоаската слуго-поседничка) тенденција е сокриена под слоганот национална култура. Во името на национална култура на Великорусите, Полјаците, Евреите, Украинците и другите, црностотниците, реакционерите и клериците, а и буржоазијата на сите нации, ги вршат своите валкани работи.“

„Такви се фактите на денешниот национален живот, ако е испитан од ставот на класната борба, а ако слоганите се тестирани согласно интересите и политиката на класите и не од гледната точка на некаквите општи принципи, декламации и фрази.“ (ЛСД, том 20)

Не е ли јасно? Работниците се должни да се спротивстават на сите форми на национална дискриминација и угнетување. Но, исто така и должни да одбијат да го поддржат национализмот во секој облик или лик. Каков контраст на оние самопрогласени марксисти, кој не пропуштаат прилика да мавтаат со знамињата на ИРА, ЕТА, или ОВК, со погрешното уверување дека ја спроведуваат Лениновата политика! Да се размати линијата на поделба помеѓу марксизмот и национализмот е прекршување на сето она за кое стоел Ленин.
За да ги победи разурнувачките илузии продавани од националистите, Ленин предупреди дека пролетаријатот не може да поддржи било каква консолидација на национализмот, напротив, тој го поддржува сето она што помага при збришување на националните разлики и отстранување на националните бариери, поддржува се она што врските помеѓу нациите ги прави поблиски и поблиски и води во амалгамирање на нациите. Делувањето поинаку значи застанување на страната на реакционерниот националистички филистинизам.” (Ибид.)

Тоа е вистинската позиција на ленинизмот во врска со национализмот. Колку различно од вулгарната дисторзија која тежнее се да редуцира на еден едноставен слоган „за самоопределување“! Баш вака се запаѓа во реакционерниот националистички филистинизам и се напушта марксистичката, т.е., пролетерската, гледна точка. Далеку од глорификација на национализмот и креација на нови бариери преку сепаратизам, Ленин, како и Маркс, имаше многу бедни мисли за тесногледоста на малите нации. И двајцата фаворизираа што е можно поголеми држави. Тој стоеше на ставот за укинување на границите, а не за создавање нови. Тој стоеше на ставот за мешање на населението и дури асимилација (се додека е доброволна) а не за глорифицирање на јазикот и културата на една нација како да се спротивставени на друга. Да видиме што тој самиот кажал:

„Пролетаријатот не само што не се обврзува да го поддржува националниот развој на секоја нација, туку напротив, ги предупредува нации на такви илузии, ја поддржува полната слобода на капиталистичкиот контакт и ги пречекува сите видови на асимилација, освен присилната, или таквата изградена врз привилегија.“
И повторно: „буржоаскиот национализам и пролетерскиот интернационализам, такви се двата неприлагодливи непријателски слогана кои кореспондираат на двата големи класни табора низ капиталистичкиот свет и изразуваат две политики (уште повеќе од тоа, два светогледа) на националното прашање.“ (Ибид.) Нема никакви сомневања. Буржоаскиот национализам и пролетерска интернационализам се две крајна некомпатибилни политики, одразувајќи го некомпатибилните светогледи на двете непријателски класи. Бескорисно е да превртуваме и испретураме и да се гадиме од оваа очигледна вистина. Ленин стоел цврсто за пролетерскиот интернационализам и против национализмот во било која форма да е маскиран. Фактот што тој се спротивставуваше на сите форми на национално угнетување и покажа сочувство со угнетените народи, не треба да се користи да се замачка овој неоспорен факт. Ленин беше непријател на национализмот.

Ленин и Роза Луксембург

Како и Маркс, и Ленин ја водеше битката за националното прашање на два фронта. Требаше да се бие против опортунистичките и ревизионистички идеи како оние на Ото Бауер, кои го одразуваа притисокот на буржоазијата и ситната буржоазијата врз пролетарската авангарда. Но, истовремено требаше и да се бие против оние кои сметаа дека националното прашање е неважно. Ленин водеше остра полемика со Роза Луксембург долги години по ова прашање, а со цел да се доведе партијата во вистинската насока. Подоцна, за време на Првата светска војна тој мораше да се спротивставува и на Бухарин и Пјатиков, кои исти така тврдеа дека националното прашање не е повеќе важно и се противеа на самоопределувањето. Роза Луксембург беше, без никакво сомнение, голема револуционарка и предан интернационалист, но за несреќа нејзиниот интернационализам имаше малку апстрактен карактер. Затоа, таа го оспоруваше правото на Полјаците за самоопределување и ја опишуваше идејата за украинската народност како инвенција на интелектуалци.
Иако полските социјално демократи имаа погрешна позиција, апстрактна позиција, тие беа изворни интернационалисти и беа мотивирани од потребата за битка со реакционерниот ситнобуржоаскиот национализам на Пилсудуцкиевата самопрогласена Полска Социјалистичка Партија. ППС (Polska Partija Socijalistyczna) воопшто не беше социјалистичка партија туку ситнобуржоаска националистичка партија основана 1892. Се залагаше за сепаратизам и свесно намеруваше да ги раздели полските од руските работници. Како и кај сите масовни ситнобуржоаски националистички движења, така и ППС имаше лево и десно крило. Во 1906 дојде до разделба на двете крила. Подоцна, за време на Првата светска војна, левото крило се оддалечи од национализмот и се фузионираше со полските социјално демократи во декември 1918 за да ја создадат Полската Комунистичка Работничка Партија. Сепак, десното крило остана на шовинистичките основи. За време на Првата светска војна тие ја организираа Полската Лига која се бореше на страната на австро-германскиот империјализам.
Ленин беше Рус, т.е. член на угнетувачката нација, Великите Руси. Роза Луксембург беше Полјакина (исто така и Еврејка). Ленин ја разбираше потребата за крајна осетливост спрема народите угнетени од рускиот царизам. Тој се обрати на полските другари приближно со овие зборови: „Видите, ние ја разбираме вашата позиција. Вие сте полски социјалдемократи. Ваша прва задача е борба со полските националисти. Се разбира, мора така да правите. Но, Ве молам, не кажувајте ни нам руските социјалдемократи, да го отфрлиме слоганот за правото на полскиот народ на самоопределување. Бидејќи како руски социјалдемократи наша прва задача е да се бориме против нашата буржоазија, руската буржоазијата и царизмот. Затоа што ова е единствениот пат кој ние руските социјалдемократи може да им докажеме на Полјаците дека не сакаме да ги угнетуваме и така да ја положиме основата на единството на обата народа во револуционерната борба.“

На брилијантен, дијалектички начин, Лениновиот став на правото на нациите за самоопределување не значеше поделба на руските и полските работници, народи, туку напротив да се здружат заедно.

Единство на работничките организации

Зошто Ленин го поддржуваше правото на нациите на самоопределување? Тоа го правеше само од гледна точка на понатамошната класна борба. За болшевиците, националното прашање претставуваше не само проблем и пречка туку исто така револуционерен потенцијал. Без исправна позиција на националното прашање, Октомвриската Револуција немаше да се случи. Но, интегрален дел на Лениновата политика за националното прашање беше неговото инсистирање, од 1903 год. натаму, на потребата да се очува светото единство на работничката класа и нејзините организации над сите разлики на народност, јазик, раса или религија. Така, тој жестоко се спротивстави на обидите на еврејскиот Бунд да го организира еврејските работници одделно и покрај руските. На ова прашање тој беше најенергичен:

„Како контраст на националистичките напори на разните буржоаски партии по прашањето на јазиците, итн., работничката демократија го истакнува барањето: апсолутно единство и комплетна амалгамација на работниците од сите народности во сите работнички организации, синдикати, кооперативи, едукативни и други, за да ја натежнат рамнотежата со буржоаскиот национализам од сите видови. Само таквото единство може да ја штити демократијата, да ги штити интересите на работниците против капиталот, кој веќе постана и уште расте интернационално, да го штити човечкиот развој кон нов начин на живот според кој сите привилегии и секоја експлоатација ќе биде туѓа.“ (ЛСД, Критички забелешки на националното прашање, том 20)

Како Троцки правилно истакна, правото на самоопределување беше само половина од ставот на Ленин по националното прашање. На другата страна на медалот беше непомирливата опозиција на секоја поделба на работничкото движење според национална линија. Мора јасно да се разделат овие два елемента. Правото на самоопределување е демократско право, или поточно, буржоаско демократско барање. Таа половина од програмата се однесува на нацијата како целина. Но, што се однесува за пролетаријатот, нема збор за делење на работничкото движење по национална основа. Иако Ленин, беше апсолутно јасен и чист околу ова прашање, денес секоја од оние мизерни секти, кои себеси се викаат троцкисти не само што ја поддржуваат, туку и ја бранат и ја спроведуваат криминалната политика на разделби на работничките организации по национална линија, на еден или друг начин.

Апсолутна е монструозноста и нема никаква врска со ленинизмот поделбата на синдикатите на расна или национална основа. Но, овие секти во Британија, активно учествуваа во создавањето на посебно секции за црнците во синдикатите и Лабуристичката партија. Во Шкотска, тие поддржуваа создавање на одделен синдикат на работниците во нафтената индустрија, што е најгрубо прекршување на најосновните принципи на марксизмот. Слични примери може да се дадат и за останатите земји. Да расчистиме: поставувањето на посебни организации за различни национални и расни групи е криминален чин што доведува само до расцепкување и ослабување на работничкото движење. Друга работа е борбата со шовинизмот и расизмот во мнозинската националност. Сосем друго е да се расцепкува работничката класа на национални, лингвистички, религиозни или расни основи.
Болшевистичката партија никогаш не го зазеде таквиот став, ниту пак РСДРП пред тоа. Ниту една од тенденциите (крилата) на руската социјалдемократија (со исклучок на еврејскиот Бунд) не се согласи со поделба на движењето на национална основа. Меншевиците имаа ист став како и Болшевиците. Прашањето се дебатираше низ целиот период, кога се покрена барањето за посебна организација на еврејските социјални демократи во рамките на РСДРП. Бундот (еврејска социјалдемократска организација) беше многу силна во западна Русија и Литванија, каде имаше голема еврејска популација, бараше да тој има право да зборува за правата на еврејските работници и дека има право да формира посебна еврејска социјалдемократска организација. Барањето беше одбиено од Ленин и руските марксисти кои инсистираа дека мора да има една партија на работниците и еден синдикат. И денес нашиот став е истиот. Најсилното оружје во рацете на работничката класа е единството. Тоа мора да се зачува по секоја цена. Ние радикално се спротивставуваме на поделбата на работничката класа по национална, расна, јазична, религиозна или друга линија. Со други зборови ние ја земаме класната позиција.

Еврејското прашање

Оние кои се залагаа за поделба на работничкото движење по линија на народност, раса или пол, со досадно повторување да ја оправдаат својата позиција со изнесување на очигледна демагогија и со солзи преполна сентименталност, апелираат на страдањата на угнетените и на монструозните неправди кои го поднесуваат, како „доказ“ за „невозможноста“ за обединување во заедничка организација на црнците и белците, мажите и жените, протестантите и католиците, и така натака. Овој погрешен аргумент е побиен од историјата на самиот болшевизам, како што се покажа ставот на Ленин по еврејскиот Бунд. Евреите во Русија беа монструозно угнетувани со систематска дискриминација, присилени да живеат одвоено и подложени на периодични крвави масакри. Само ограничен број на Евреи беа примани во државната служба како и во државните средни и високи школи. До 1917 бројот на закони со кој се ограничуваат правата на Евреите беше 650. Е, ова е пример на национално ограничување во најгруб и најбрутален облик.
Ленин секогаш објаснуваше дека должноста на работниците е да се борат против својата буржоазија. Тоа значи дека сите работници, дури и оние најугнетуваните. Од тие причини руските социјалдемократи ги отфрлаа барањата на еврејскиот Бунд. Фактот што Евреите страдаа од најужасното угнетување не беше аргумент. Бундот го истакна слоганот за национал-културна автономија, позајмен од програмата на Ото Бауер и австро-марксистите. Но, овој слоган имаше уште помала вредност за руските Евреи отколку за оние во Австро-Унгарија. Со нивната расеана популација, Евреите кои претежно живееја во градските населби, не можеа да истакнат јасно дефинирана територија, еден од првите предуслови за нација. Идејата за национална културна автономија беше да се обединат расеаните Евреи околу школи и други посебни еврејски институции. Ова барање, кое Троцки го карактеризира како реакционерна утопија, само ќе ги продлабочеше алиенираните врски на Евреите со останатото население и ќе ги зголемеше расните тензии и фрикции.
Евреите не поседуваа ниту заедничка територија ниту заеднички јазик. Иако многу Евреи во Русија и источна Европа зборуваат Јидиш, многумина и не зборуваат. Во развиените капиталистички држави Евреите го зборуваа јазикот на земјата во која живееја. Така, Сефардските Евреи, кои потекнуваат од Шпанија го задржаа шпанскиот за нивен мајчин јазик по векови од нивното протерување од Шпанија и од каде се распрскале низ Средоземјето. Каде и да се создале услови за тоа, Евреите се асимилирале од населението на земјата во кои тие се населиле. Но фанатизмот и мрачноста на средновековната Католичка Црква го спречила тоа. Евреите биле присилно исклучувани и отуѓувани од општеството. Бидејќи им било забрането да поседуваат земја, тие морале да се приклонат на други начини на живот на маргините на феудалното општество, тука вклучувајќи ги трговијата и лихварењето. Присилената алиенација на Евреите беше повеќе од јасна во назадната царска Русија.
Дури и на Ленин му беше тешко да ги класифицира Евреите. Најблиско до кој тој дојде е дека се посебно угнетена каста, како што покажува следново: „Истото се применува“ – пишува тој, „за најугнетуваната и осудувана нација, Евреите. Еврејската национална култура е со слоганот на рабините и буржоазијата, слоганот на нашиот непријател. Но, постојат и други елементи во еврејската култура и низ историјата на Евреите. Од десетиполте милиони Евреи половина живеат во Галиција и Русија, назадни и полуварварски земји, каде присилно се држат во позицијата на каста. Другата половина живее во развиениот свет, и таму Евреите не се сегрегирани како каста. Таму, големите светско прогресивни одлики на еврејската култура се јасно изразени: со својот интернационализам, својата одговорност кон напредните движења на епохата (процентот на Евреите во демократските и пролетерски движења е секаде повисок од процентот на Евреите во населението како целина).“ (ЛСД, Критички забелешки за националното прашање, 1913)

Иако Евреите немаа карактеристики на нација и Ленин не ги сметаше за такви, по Октомвриската револуција, болшевиците им го понудија правото на само определување на Евреите, гарантирајќи им татковина во која тие може да емигрираат ако така сакаат (Бирoбиџан или Еврејска автономна област на Далечниот исток, заб. на прев.). Но, само неколку (илјади) го избраа тоа. Ова е бескрајно поприфатливо од создавањето на еврејска држава во Палестина, земја која ја заземаат Арапите преку илјада години, та предизвикувајќи непрестајни крвопролевања и војни на Средниот Исток. Поставувањето на државата Израел беше реакционерен чин на кој се противеа марксистите. Троцки претходно ги предупреди дека тоа ќе биде свирепа замка за еврејскиот народ. И историјата на минатиот половина век ни потврди дека тоа било вистина. Сепак, сега Израел постои како држава и времето не може да го вратиме назад. Израел е нација и не може да повикуваме на нејзино укинување. Решението на палестинското националното прашање (за него подоцна) може да се постигне со поставување на социјалистичка федерација на Средниот Исток во кој Арапите и Израелците ќе коегзистираат со нивните автономни татковини и со целосна почит за сите национални права.
Следбениците на ционизмот во Русија беа секогаш во малцинство. Значен број на кадрите во револуционерното движење во Русија беше од еврејско потекло, бидејќи најнапредните еврејски интелектуалци и работници разбраа дека нивната иднина зависи од револуционерната реконструкција на општеството. Тоа се покажа за точно. Во Русија по Октомвриската револуција, еврејскиот народ доживеа целосна граѓанска еманципација и потполна рамноправност. Тие беа задоволни со тоа и од тие причини само мал број ја прифатија понудата за татковина во рамките на Советскиот Сојуз.

Самоопределување

Барањето за признавање на правото на нациите на самоопределување е централно во Лениновата позиција по националното прашање. Тоа е општо познато. Но, како што еднаш забележал Хегел, тоа што е познато не значи дека е разбрано. Ленин пишуваше многу за националното прашање и неговите дела го поставуваат основниот марксистички став на оваа тема, кој тој ја разви на многу богат, сестран и дијалектички начин. Но, дури и најбрзо прелистување на литературата на групите кои се претставуваат како наследници на Ленин е доволно да не убеди дека никој повеќе не го чита Ленин, а ако ги читаат неговите дела, тие не разбрале ниту збор. Посебно, барањето за правото на самоопределување, без сомнение едно од најважните елементи на Лениновата мисла по националното прашање, беше тргнато од својот вистински контекст и презентиран на еден механички и едностран начин, како да било тоа единственото нешто со што се занимавал Ленин.
Ленин го бранеше правото на самоопределување и тоа е азбука на марксистот. Но по А (аз) и Б (бука) следат В (веда), Г (глаголи), Д (добро) итн. останатите букви од азбуката и оние деца кои ја пеат азбуката само АБ, АБ, АБ баш и не се сметаат за посебно интелигентни. Дијалектиката, како објаснуваше Ленин, се бави со појавите на сестран начин. Да се апстрахира еден елемент од комплексна равенка, и истиот да се замени со другите елементи, е детска злоупотреба на дијалектиката, позната во историјата на филозофијата како софизам. Таквите погрешни употреби доведуваат до најтапи утки во логиката. Во политиката, а посебно во политиката за националното прашање, тие водат директно во одбрана на реакционерниот национализам и напуштање на социјализмот. Националното прашање е минско поле, за кое ако сакаме да го поминеме треба до поседуваме соодветен компас. Моментот кога макар и еден сантиметар ќе се оддалечите од класната позиција, вие сте загубени. Затоа, многумина кои денес се обидуваат да ја цитираат Лениновата одбрана на правото на самоопределување паѓаат во замката на капитулација под притисокот на малограѓанскиот национализам што е во спротивност од Лениновиот став. Нека тој зборува самиот:

„Ние не сме за зачувување на малите нации по секоја цена, под сите други еднакви услови, ние сме за централизација и се противиме на филистерските идеали за федеративни односи.“ (ЛСД, Социјалистичката револуција и правото на нациите на самоопределување, 1916, том 22.)

Ленин не го поддржуваше во секој случај правото на малите нации на самоопределување. Како што тој внимателно објаснува, под сите други работи еднакви, ние секогаш ги поддржуваме поголемите национални единици против помалите и централизација, на демократска основа, против децентрализација. Но, сите други услови не значи дека се еднакви. Фактот за национално угнетување над една нација од друга го преморува пролетаријатот и неговите организации да се борат против националното угнетување и да се брани правото на нациите на самоопределување.
Правото на нациите на самоопределување е демократско барање и марксистите го поддржуваат, како што ги поддржуваме сите други демократски барања. Но, поддршката на демократските барања општо никогаш за марксистите не е некој вид на Категоричен императив. Таквите барања се секогаш субординирани на интересите на работничката класа и борбата за социјализам, како Ленин јасно објаснува:

„Практично, пролетаријатот може да се здобие со политичка независност само преку субординирање на неговата борба за сите демократски барање, не исклучувајќи го правото на република, на револуционерната борба за отфрлање на буржоазијата.“ (Ибид.)

Нема ништо ново и зачудувачко тука. Тоа е во согласност со општата марксистичка позиција за демократски барања. На пример, правото на развод е демократско право, кое ние исто така го поддржуваме. Во што се состои ова право? Тоа значи дека мажот и жената може да живеат заедно доколку се сложуваат и се среќни. Но ако односите се нарушат, тогаш тие имаат право на разделба. Никој не може да ги присили да живеат заедно. Или да го разгледаме правото на абортус. Во што се состои тоа пак? Жената има право да одлучи дали да има или не дете, бидејќи е јасно дека жената има право да господари со своето тело како што таа гледа дека е добро. Ние ги браниме овие демократски права, но дали кажуваме дека разводот или абортусот е добра работа за себе? Дали кажуваме дека секој мора да има абортус, или секоја брачна двојка мора да се разведе? Тоа ќе биде апсурд. Разводот и абортусот не се добри работи, но под одредени опкружувања можат да се помалото зло. Она што го браниме не е разводот или абортусот, туку само правото на развод и абортус. Исто е и со правото на самоопределување. Постои огромна разлика помеѓу поддршката на правото на самоопределување и поддршката на самоопределувањето како такво. Тоа е разликата помеѓу марксистичката политика и ситно буржоаскиот национализам. Ленин е многу јасен за ова: „за да не се спрепнеме на нашето право на самоопределување, ние не смее да се врзуваме со ‘гласање за отцепување’, како што г-нот Семковски претпоставува, туку да гласаме за правото на одделни региони за одлучат за ова прашање самите.“ (ЛСД, Национална Програма на РСДРП, 15 декември 1913, том 19.)

Тоа е срцевината на работите. За Ленин, правото на самоопределување не значи дека работниците „се обврзани да гласаат за отцепување“ туку исклучиво да се спротивстават на секоја форма на национално угнетување и да се противат на присилното задржување на некоја нација во рамките на друга држава, т.е., луѓето да одлучат слободно за проблемот. Тоа е елементарно демократско право, што го бранеа болшевиците. Но, дури и тогаш, правото не се сметаше за нешто апсолутно, туку секогаш беше субординирано на интересите на класната борба и светската револуција. Лениновата позиција не беше сепаратизам, туку доброволна унија. Слоганот за правото на самоопределување, далеку од тоа да имплицира сепаратизам, беше интегрален дел на борбата против сепарацијата. Ленин продолжува:
„Признавањето на правото на самоопределување е, не уверува г-нот Семковски, ‘играње во рацете на најтврдокорниот буржоаски национализам’. Тоа е детска глупост бидејќи признавањето на правото не ја исклучува пропагандата и агитацијата против сепарацијата или изложувањето на буржоаскиот национализам. Но, апсолутно е недвосмислено дека негирањето на правото на сецесија е игра во рацете на најтврдокорните националистички великоруски црностотници!” (Ибид.)

Нека земеме современ пример. Франкофонското население во Квебек се чувствува национално угнетено од Канада. Квебечките националисти вршат притисок за сепарација. Марксистот ќе им каже на Квебечаните: да, го имате правото на самоопределување. Ние ќе го браниме тоа право. Но сметаме дека отцепувањето ќе претставува загуба за Квебечаните и за сите луѓе на Канада. Ако има референдум ние сигурно ќе агитираме и гласаме против отцепување. Ние сме за социјалистички Квебек во социјалистичка Канада со полно разбирање на националното право како единствено решение за нашите проблеми. Таква беше приближно Лениновата позиција за националното прашање.
Ленин во никој случај не го сметаше правото на самоопределување за панацеја, универзално применлива под секоја околност. Таквиот идиотизам беше преземен од групите кои одаваат јазична почит кон марксизмот и ленинизмот без да поседуваат ни најмало знаење што е тоа. Ленин не го сметаше правото на самоопределување за апсолутно право, одвоено од просторот и времето, туку само како дел од борбата на пролетаријатот за власт и исклучиво подредена на таа борба. Во Сталиновото дело Националното прашање и марксизмот, кое е речиси диктирано од Ленин и кое без сомнение ги изразува неговите погледи на ова прашање, оваа идеја е јасно изразена:

„Нацијата го има правото да го уредува својот живот по автономни линии. Таа има право дури на сецесија. Но тоа не значи дека така треба да се направи под било кои услови, дека автономијата или сепарацијата насекаде и секогаш ќе предничат за нацијата, т.е., за мнозинството на населението, т.е., трудбеничкиот слој.“ ( Сталин, оп.цит., стр.20)
И продолжува:

„Но кое решение ќе биде најприфатливо за интересите на трудбеничките маси? Автономија, федерација или сепарација?“

Сите овие се проблеми чии решенија ќе зависат од конкретните историски услови во кои нацијата ќе се најде.„Уште повеќе. Условите, како и се друго, се менуваат и некоја исправна одлука во одредено време е сосема неприфатлива за друго.“ (Ибид.)

Ова е апсолутно точно. Позицијата која марксистите ќе ја заземат во однос на правото на самоопределување не може да се постави однапред. Зависи од конкретните околности на секој случај и неговите импликации за каузата на пролетаријатот и светската социјалистичка револуција. Таква беше секогаш Лениновата позиција. Така, во Правото на нациите на самоопределување, тој пишува:

„Не станува збор за марксисти од некоја земја ако тие составуваат нивни национални програми без да ги земат предвид сите овие општи историски и конкретни државни услови.“ (ЛСД, Правото на нациите на самоопределување, 1914, том 20, стр. 401)

Расправајќи се со полските социјалдемократи кои имаа ултралева позиција за националното прашање и го негираа правото на самоопределување во принцип, Ленин објаснува, помеѓу останатото, дека не е задача на социјал-демократијата да ја поддржува секоја и секаква борба за самоопределување. Ленин го вели следново: „Од гледиште на општа теорија овој аргумент е гаден, бидејќи е очигледно нелогичен, прво нема и не може да има некакво демократско барање кое не ги изложува злоупотребите освен ако посебните се подредени на општите. Ние не сме обврзани да поддржуваме било каква борба за независност или некое републиканско или антиклерикално движење.“ (ЛСД, Расправа за Самоопределувањето, Сумирано, том 22, стр. 349)
Има еден случај каде Ленин ни става на знаење дека не го поддржува правото на нациите на самоопределување: кога тоа значи воведување на работниците во војна. Тој го сметаше барањето за поддршка на самоопределувањето (иако тоа беше оправдано за и по себе), ако тоа значеше вовлекување на големите сили во војна како монструозна сугестија. Дали болшевиците ќе ја поддржуваа националната борба за дадениот случај зависеше од конкретните околности и во секој случај Ленин пријдуваше на проблемот, не од гледна точка на тесниот национализам, ама од стојалиштето на светската револуција. Во јули 1916 Ленин ги предупреди Полјаците да не ја дигнат борбата за национална независност. Тој објаснува дека судбината на борбата на полскиот народ е неразделно врзана од перспективата на револуцијата во Русија и Германија: „Да се покрене прашањето на независноста на Полска денес“ – пишува, „под постојните односи на соседните империјалистички сили, тоа е навистина потрага по утопија, спуштање на тесниот национализам и заборавање дека неопходна е премиса за сеевропска или најмалку руска и германска револуција.“ (Ибид.)

Во дадените услови тој им препорача на Полјаците да ја подредат нивната борба за самоопределување на перспективата на револуција во Русија и Германија. Ленин се покажа за исправен. Само руската револуција ги создаде условите за поставување на независна полска држава, додека сите останата обиди завршија во катастрофа. Тоа е она што Ленин го мислеше и предупреди на „потрагата по утопија“ и „спуштање во тесниот национализам“. Колку добри совети Ленин им даде на полскиот народ! И колку беше монструозна карикатурата на Лениновиот став да се биде адвокат на рушењето на Југославија на подметнатите основи за самоопределување! Тоа беше токму потрага по утопија (и тоа реакционерна) и спуштање во тесниот национализам од најлош вид.

Ленин и „практичноста“

Еден од најчестите трикови на ситнобуржоаската критика за марксизмот, што капитулирале пред национализмот е да се обвини марксизмот за утопизам. „Вашите говори за обединување на работниците се утопизам“, „идејата за социјалистичка федерација не е практична“, „мора да направиме нешто сега!“ и слично на тоа. Како Ленин одговори на ваквите аргументи, кои му беа нему добро познати?

„Што имплицира барањето за практичност во националното прашање?“ – се прашал Ленин и одговорил „или поддршка за сите национални аспирации или одговори од типот да и не за прашањето на сецесија за секој случај на секоја нација, или националните барања веднаш да се направат општо практични“.

Продолжува: „Нека ги испитаме сите три можни значења на барањето за практичност.“

„Буржоазијата, која природно излегува како хегемон (водач) во почетокот на секое национално движење, вели дека поддршката на сите национални аспирации е практична. Но политиката на пролетаријатот за националното прашање (и за другите прашања) ја поддржува буржоазијата само во одредени правци; никогаш не се совпаѓа со политиката на буржоазијата. Работничката класа ја поддржува буржоазијата само за да се одржи национален мир (која буржоазијата не може да го донесе потполно и кој може да се достигне само со комплетна демократија), со цел да се обезбедат еднакви права и да се создадат подобри услови за работничката борба. Затоа, таа е против практичноста на буржоазијата каде пролетерите ги истакнуваат своите принципи во националното прашање. Тие и даваат на буржоазијата само условна поддршка. Во националните прашања буржоазијата секогаш се стреми или за привилегии за својата сопствена нација или исклучиви предности за себе; а тоа се нарекува практичност. Пролетаријатот е против сите привилегии, против сите исклучивости. Да се бараа тој да биде практичен е да се следи патот на буржоазијата, да се падне во опортунизам.“ (ЛСД, Пр. на нац. на самоопределување, 1914, том 20)

Кога Ленин ги пишувал овие редови во 1914, тој сѐ уште ја имал перспективата на буржоаско-демократската револуција во Русија. Болшевиците се бореа на екстремно левото крило во буржоаско-демократскиот камп. Нивната цел беше да се мобилизираат масите под раководство на пролетаријатот, не да пренесе власта на работничката класа (Ленин го сфати тоа дури во 1917) туку да се спроведе најрадикален вид на буржоаска-демократска револуција во Русија и така да се создадат најповолни услови за развој на капитализмот и класната борба. Се разбира, Лениновата перспектива не заврши тука. Тој ја гледаше победоносната буржоаска-демократска револуција во Русија како силен импулс за социјалистичката револуција во западна Европа, а тоа пак ќе значеше поттик на руските работници, заедно со работниците на Европа, да ја превртат буржоаска-демократска револуција ви социјалистичка. Но итните задачи на револуцијата беа буржоаско-демократски, а средиште на тоа беше аграрната револуција и националното прашање.
Дури и кога Ленин ја имаше перспективата на буржоаска-демократска револуција тој инсистираше на потребата за целосна независност на пролетаријатот од буржоазијата. Во националното прашање пролетерите мора де бидат независни од националистичката буржоазија . Тие мора да се борат против националните угнетувања, но да се борат под своето знаме, со своја политика и методи. Додека националната буржоазија прави чекори против угнетувачката нација, работничката класа е обврзана да ја поддржува, јасно. Но, на прво место, оваа поддршка е високо условна и тоа не значи под било какви околност обврска за работниците за поддршка на националната буржоазија во секој случај. Ленин предупреди на предавството на националната буржоазија , на себичната алчност и реакционерни намери и ги убедуваше работниците да не се подредат на националистичката демагогија за единство.

Аргументот на буржоаските и ситно буржоаските националисти против марксистичката позиција на националното прашање секогаш е една те иста: „Зборувањето за социјализам и класната борба е утописко. Ние страдаме од национално угнетување токму сега и мора да преземеме практични мерки да се решат овие проблеми.“ Еве го одговорот на оваа демагогија:

„Барањето да се одговори на прашањето на национална сецесија со ‘да’ и ‘не’ за секој случај на секоја нација изгледа дека е многу практичен. Во стварноста тоа е апсурдно; метафизика во теоријата, а во пракса тоа води до субординирање на пролетаријатот на интересите на буржоазијата. Буржоазијата секогаш ги истакнува националните барања. Ги истакнува категорично. За пролетаријатот, пак, овие барања се субординирани на интересите на класната борба.“ (Ибид. )

Повторно:

„Буржоазијата на угнетените нации ќе го повика пролетаријатот да ги поддржи нејзините аспирации безусловно под изговор дека нејзините барања се практични. Најпрактично е да се каже просто ‘да’ во однос на сецесија на одредена нација отколку во однос на сите нации да одвојување!“

„Пролетаријатот е против таквата практичност. Додека се признаваат еднаквоста и еднаквите права на националната држава, тој над се ги вреднува сојузот на сите пролетери на сите нации и го оценува секое национално барање, секоја национална сепарација од аголот на класната борба на работниците.“ (Ибид.)

Од овие редови е јасно дека Ленин сметаше дека пролетаријатот не е обврзан да го поддржи секое барање за самоопределување, дека тој ги повика работниците за дадат отпор на обидите на буржоаските (а ние да додадеме и ситнобуржоаските) националисти за се присилат на поддршка на национализмот со апел на нивното природно сочувство со национално угнетените луѓе; дека националното прашање секогаш е подредено на општите интереси на пролетаријатот и класната борба; и дека е неопходно да се заземе позицијата на самоопределување исклучиво на основите на понатамошниот развој на каузата на пролетаријатот и борбата за социјализам во дадениот случај. Во секој друг случај, пролетаријатот, далеку од давањето на поддршка, мора одлучно да ја отфрли.
Со секој настан, Лениновата позиција за националното прашање еволуираше со време, како што се промени и неговиот општ поглед за природата за руската револуција. По Февруарската Револуција Ленин го напушти поранешниот став дека руската револуција ќе биде буржоаска-демократска во карактер („демократска диктатура на пролетаријатот и селаните“) и се приклучи на ставот бранет од Троцки од 1904-5. Троцки објасни дека иако објективно задачите на руската револуција се со буржоаско-демократски карактер, револуцијата може да се предводи само од пролетаријатот во сојуз со сиромашните селани. Руската буржоазија прекасно се појави на историската сцена за да ја изврши својата прогресивна улога. Под околностите, задачите на буржоаска-демократска револуција во Русија можеа да се спроведат само од работничката класа, откако ќе ја земе власта во свои раце. Но тоа не е „демократска диктатура на пролетаријатот и селаните“ туку диктатура на пролетаријатот. Оваа перспектива брилијантно беше потврдена во октомври 1917 год.
Дури и пред ова, како што видовме, Ленин никогаш не ја бранел поддршката за националната буржоазија, или, најмалку гледал најограничена и условна поддршка под одредени услови, додека секогаш ја потенцирал потребата на пролетаријатот да ја задржи независноста од махинациите на така наречената прогресивна буржоазија. Но, по 1917 год. тој сфати дека таканаречената национална буржоазија во назадните полуколонијални земји како царска Русија беше целосно неспособна да ја изврши својата прогресивна улога. На Вториот Конгрес на Комунистичката Интернационала, Ленин демонстративно го смени својот став за националната буржоазија. Од тој момент натаму тој ја сметаше националната буржоазија на колонијалните земји за неспособна за прогресивна улога. Целата подоцнежна историја го потврди неговиот став по ова прашање.

назад: Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање

следно: Дел Четврти: Националното прашање по Октомври

 

Содржина

Увод
Дел Први: Националното прашање во историјата
Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање
Дел Трети: Ленин за националното прашање
Дел Четврти: Националното прашање по Октомври
Дел Петти: Националната држава денес