За нас

Марксистичката организација „Црвени“ е југословенска комунистичка организација на работници и студенти собрани околу идеите за марксизмот. Нашата цел е да изградиме работничка партија, со комунистичка агенда за воспоставување власт на работничката класа, што го сочинува огромното мнозинство од населението на секое модерно општество. Црвените имаат два официјални билтени: „Црвена критика“, на српско-хрватски, и „Нова искра“, на македонски. Во моментов имаме филијали во Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Македонија.

Граѓанските теоретичари на либерална и конзервативна определба, од кои многумина беа „комунисти“ до вчера, со години нè убедуваат дека марксизмот е надминат и дека слободниот пазар нема алтернатива. Тие главно го наведуваат распаѓањето на Советскиот Сојуз и другите сталинистички држави како примери. Во реалноста, колапсот на земјите од Источниот блок и слични држави не значи дискредитирање на социјализмот, туку пропаѓање на деформираните работнички држави, банкротот на сталинистичките режими чие бирократско раководство го фалсификуваше марксизмот и идеите на Маркс, Енгелс и Ленин со цел да ја извадат моќта од рацете на работниците.

Изворните идеи и практики на комунизмот не се спротивставуваат на демократското одлучување. Напротив, комунизмот може да успее само ако произлезе од најдемократскиот облик на управување – од демократијата на работниците, демократија што почива врз моќта на работничките совети. Нашата цел е да го реафирмираме марксизмот како единствена соодветна алатка за критичен и научен пристап за објаснување и решавање на неодложните социјални проблеми. Капитализмот се покажа како непријател на човештвото и околината, во која слободите на човечките суштества се жртвуваат на слободниот пазар и кој не знае други социјални интереси освен интересите на мал број сопственици на крупниот капитал. Од секојдневниот живот јасно се  заклучува дека во капитализмот, огромното мнозинство го следи само мизерија и ропство на „работодавците“ заради обичен опстанок. Нема причина секој работен човек да се согласи на такво нешто.

Поинакво општество е можно и неопходно!