Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање
Embed from Getty Images
Националното прашање има многу долга историја во теоретскиот арсенал на марксизмот. Веќе во делата на Маркс и Енгелс можеме да најдеме некои многу интересни и продорно забелешки за националното прашање. Подоцна Ленин се базираше врз тие дела и ја разработи својата класична теорија за народностите. Така на пример Маркс ги истражуваше до детаљ прашањата на Полјаците и Ирците што низ XIX век го преокупираа вниманието на европското работничко движење. Интересно е да се види дека Маркс, кој не му приоѓаше на националното прашање како на шиболет, ама дијалектички, го смени ставот во однос на двете теми.
Разликата помеѓу револуционерната дијалектика и апстрактното мислење остро се изрази во дебатите за националното прашање помеѓу Маркс и Прудон за време на Првата Интернационала. Прудон, француски социјалист и предвесник на анархизмот, го одби постоењето на националното прашање. Низ историјата секогаш имало секташи кои ја презентираат апстрактната концепција на класната борба. Тие не се водат од конкретната реалност на општеството какво постои, туку се движат во безживотните апстракции на нивниот имагинарен свет. Прудонистите на Генералниот Совет на Првата Интернационала ја сметаа борбата на Полјаците, Ирците и Италијанците за национална еманципација за неважна. Сѐ што беше потребно беше револуција во Франција, и сѐ ќе беше перфектно; сите мораа да чекаат. Но угнетените народи не можат да чекаат и тие нема да чекаат. Во 1866 Маркс му напиша на Енгелс разобличувајќи ја „прудонистичката клика“ во Париз која „… ги декларира националностите како апсурдност и ги напаѓа Гарибалди и Бизмарк. Како полемика против шовинизмот нивните тактики се корисни и експлицитни. Но кога верниците на Прудон (моите добри пријатели Лафарг и Лонге припаѓаат кон нив) мислат дека цела Европа може и треба да седи мирно и спокојно додека господата од Франција ја укинат сиромаштијата и незнаењето, тие постануваат глупави.“ (Маркс и Енгелс, Selected Correspondence, писмо од 7 јуни 1866)
На Генералниот Совет на Првата Интернационала или Интернационална Работничка Асоцијација (International Workingmen’s Association (IWА) Маркс мораше да се бори на два фронта, на една страна против ситнобуржоаскиот националист како Мацини, а на другата против полуанархистичните следбеници на Прудон кои го негираа постоењето на националното прашање. На 20 јуни 1866, Маркс напиша: „Вчера имаше дискусија на Интернационалниот Совет за сегашната војна… Дискусијата го разгори, како што се очекуваше, со генерално ‘прашањето на националностите’ и со ставот што го заземавме… Претставниците на „Млада Франција“ (не-работници) истакнаа дека сите националности и дури и нации се застарени предрасуди. Прудонизиран Стирнеризам… Целиот свет чека додека Французите не созреат за социјална револуција…“ Но, иако Маркс и Енгелс му одаваа значење на националното прашање, како во случајот против Прудон, тие секогаш го сметаа за подредено на ‘работничкото прашање’, односно, тие го разгледуваа исклучиво од гледна точка на работничката класа и социјалистичката револуција.
Полското прашање
Како Ленин, и Маркс имал доста флексибилен став околу националното прашање, на кој тој секогаш му пријдувал од гледна точка на општите интереси на пролетаријатот и интернационалната револуција. Во еден стадиум во 40-тите, 50-тите и 60-тите години на деветнаесеттиот век, Маркс го бранел правото не само на самоопределување на Полјаците туку и на беспрекорна независност. Така беше и покрај фактот дека движењето за независност на Полска беше предводено во тоа време од реакционерната полска аристократија. Причината зошто Маркс застана зад овој став не беше некаква сентиментална приврзаност за национализмот, а најмалку од сѐ тој го разбираше правото на самоопределување како некоја универзална панакеја5.Во едно од неговите последни дела, Надворешната политика на рускиот царизам, Енгелс истакнува дека полскиот народ, со нивната херојска борба против рускиот царизам, во неколку прилики ја спасиле револуцијата во останатиот дел на Европа, како во 1792-94 кога Полска, поразена од Русија, ја спаси Француската револуција. Но има и друга страна на полското прашање. „Прво, Полска, комплетно дезорганизирана, република на племството, основана на пљачкањето и угнетувањето на селанството, со устав со кој секоја национална акција е оневозможена и според тоа земја која е лесен плен на соседите. Уште од почетокот на векот, како што и самите Полјаци кажуваа, таа постоеше само како неред…, целата земја беше заеднички окупирана од странски трупи, кои ја користеа како крчма… во која обично забораваа да платат.“ ( Маркс и Енгелс, Собрани Дела, том 27, стр.18)
Низ деветнаесеттиот век полското прашање заземаше централно место во европската политика и исто така длабоко влијаеше на работничкото движење. Во јануари 1863 Полјаците дигнаа побуна. Востанието се прошири во цела Полска и доведе до формирање на национална влада. Но востанието го предводеа ниските благородници кои не беа способни да го подигнат масите да учествуваат во побуната. Кога моќта подоцна ја презедоа крупните земјопоседници, последниве надевајќи се на дипломатска интервенција на Франција и Британија, постигнаа договор со царот, кој веднаш го прекрши. Русите го срушија движењето. Се разбира, Французите и Британците не го мрднаа ни малото прсте. Но, полската побуна ги разбуди солидарноста и сочувството на работниците на Европа. Првата Интернационала беше основана во 1863 како резултат на интернационалната иницијатива за асистенција на револуционерното движење на Полјаците. Енгелс истакна дека единствената надеж за полското востание е работничката класа на Европа. „Ако издржат“ – му пишуваше на Маркс на 11 јуни 1863 – „тие може да се вклучат на општо европско движење што ќе ги спаси; на друга страна ако работите тргнат надолу Полска ќе биде уништена за десет години, востание од овој вид ја истрошува борбената сила на населението за многу години.“ (МЕСД, стр.150.)
Марксовиот став за полското прашање беше детерминирано од општата револуционерна стратегија за светска револуција. Во тоа време царска Русија беше главен непријател на работничката класа и демократија, монструозна реакционерна сила на Европа, посебно во Германија. Бидејќи во тоа време немаше работничка класа во Русија, тогаш не постеше можност за револуција во Русија. Како што подоцна Ленин се изрази, „Русија сѐ уште спиеше, а Полска вриеше.“ (ЛСД, Правото на нациите на самоопределување, февруари март 1914, том 20, стр.108.) Затоа Маркс го поддржуваше правото на полска независност како средство со кое ќе се удри на главниот непријател, рускиот царизам. Но, до 1851, Маркс извлече песимистички заклучоци за „витешко-тромата“ Полска, така да се каже, тој беше скептичен околу изгледите за успех на востанието предводено од полската аристократија.
Од ова апсолутно е јасно дека и Маркс и Ленин барањето за самоопределување и националното прашање во општи црти секогаш зазема субординирана позиција на класната борба и перспективите за пролетерска револуција. Никогаш марксистите немале должност да го поддржат секое и секакво движење за самоопределување. Истиот Маркс кој ја поддржуваше полската независност беше радикално спротивставен на независноста на Чесите и беше против така наречените ослободителни движења на Балканот во втората половина од деветнаесеттиот век. Овие две на изглед контрадикторни става беа, де факто, мотивирани од истите револуционерни разгледувања. Маркс разбираше дека независноста на Полска ќе претставува гест против рускиот царизам, што ќе имаше револуционерни импликации, а националните движења на јужните Словени беа користени од рускиот царизам како алатка за својата експанзионистичка политика на Балканот. Како што премногу често се случува во историјата, борбите на малите нации се користат како ситниш во маневрите на реакционерните големи сили. Кој нема да ја надмине оваа страна на националното прашање неизбежно ќе западне во реакционерна замка.
При крајот на својот живот, Енгелс, со исклучителна далекувидост, ги предвиде револуционерните потреси во Русија: „И тука доаѓаме до самата срцевина на стварта. Внатрешниот развој на Русија од 1856, поддржана од самата влада, ја заврши својата работа. Социјалната револуција ги направи големите чекори. Русија од ден на ден станува сѐ повеќе оксидентална; модерни мануфактури, пареа, железница, трансформација на сите видови исплати во парични исплати, и со тоа дробењето на старите темели на општеството се развиваат со сѐ поголема брзина. Но, со ист степен е и еволуирањето на неспособноста на деспотското царство за новото општество на курсот на формирање. Се формираат опозициски партии, уставни и револуционерни, кои владата може да го потчини со зголемување на бруталноста. И руската дипломатија го гледа ужасот кога ќе треба да се чуе гласот на рускиот народ и кога заради поставеноста на внатрешните работи ќе нема време, а ни желба да се грижат за такви детски работи како освојувањето на Константинопол, на Индија и владеењето со светот. Револуцијата од 1848 која заврши на полските граници сега чука на вратите на Русија, а сега има многу сојузници од внатре кои го чекаат вистинскиот момент да и ги отворат вратите.“ (МЕСД, том 27, стр.45.)
Какви неверојатни редови! Во 1890 год., 15 години пред првата руска револуција и 27 години пред Октомври, Енгелс ги предвиде овие величествени настани и поврзувајќи ја судбината на националното прашање со Руската револуција. Настаните го потврдија Енгелс. Како што Ленин подоцна објасни, од 1880-тите натаму слоганот за полска независност не беше прикладен слоган заради развојот на работничката класа во Русија и изгледите за револуција во самата Русија.
Француско-пруската војна
Под влијание на Маркс и Енгелс Првата Интернационала зазеде принципиелен интернационалистички став за сите фундаментални прашања. Ставот на Интернационалата не беше само теоретски туку и практичен. Така на пример, за време на штрајк во една земја, членовите агитираа и го објаснуваа проблемот во другите земји да се спречи употребата на странските крлежи7.
Како што проследивме, еден од централните проблеми на работничката класа во првата половина на XIX век беше обединувањето на Германија. Маркс и Енгелс беа принудени да дадат критичка поддршка на германското обединување, иако овој објективно прогресивен чин беше спроведен со реакционерни средства од Бизмарк. Но тоа на никој начин не значи капитулација пред Бизмарк или напуштање на класната позиција. Првата Интернационала првобитно ја сметаше Франко-Пруската војна од 1870-71 како дефанзивна борба за Германија. Тоа беше недвосмислено точно. Реакционерниот бонапартистички режим на Наполеон Трети се стремеше да го блокира германското национално обединување со употреба на сила. Но, тој погреши. Пруската армија се проби низ деморализираните француски сили како врел нож низ путер.
Случајот со Франко-Пруската војна јасно го претстави флексибилниот и револуционерен став на Маркс за националното прашање. Тој даваше критичка поддршка на Прусија во првата фаза од војната, кога таа имаше исклучиво дефанзивен карактер. Тука Марксовиот став беше детерминиран не од некои натприродни и сентиментални размисли (тој го мразеше реакционерниот пруски Бизмарк), но исклучиво од гледна точка на интересите на пролетаријатот и интернационалната револуција. Од една страна, победата на Прусија ќе доведе до обединување на Германија, историски прогресивна задача. Од друга страна, поразот на Франција ќе значи отфрлање на бонапартистичкиот режим на Луи Наполеон, отворајќи ги перспективите за револуционерни развитоци во Франција. Тоа ќе значеше и движење против рускиот царизам кој се базираше на бонапартистичкиот режим во Париз, да се држи Германија слаба и поделена. Затоа Маркс првобитно ја поддржуваше Прусија во војната со Франција, покрај фактот дека пруската победа ќе значи зацврстување на режимот на Бизмарк, барем за некое време.
Но, овој општ исказ не го исцрпува прашањето на марксистичкото однесување кон војната. Во секое време неопходно е да се пријде на националното прашање од класна гледна точка. Дури кога некоја национална борба има прогресивна содржина, неопходно е пролетаријатот да ја зачува својата класна независност од буржоазијата. Во текот на војната Маркс го смени својот став. Кога Луи Наполеон беше тргнат (во октомври 1870) и беше прогласена република во Франција, карактерот на војна од пруска страна се смени од војна за национално ослободување во агресивна кампања насочена против народот на Франција. Војната престана да има прогресивен карактер и Маркс затоа ја осуди. Заземањето на Алзас-Лорен од Прусија исто така беше целосно реакционерен чин што не може да се оправда со прогресивната задача на обединување на Германија. Тоа служеше само да се загрее националната омраза помеѓу Франција и Германија и да се подготви тло за империјалистичката кланица од 1914-18.
Поразот на француската армија веднаш доведе до револуција во Франција и славната епизода на Париската Комуна. Маркс ги советуваше работниците од Париз да почекаат, но кога веќе тие се активираа тој веднаш се стави себе си во одбрана на Париската Комуна. Во тој момент карактерот на војната се трансформира. Националното прашање за Маркс беше секогаш подредено на класната борба (прашањето на трудот). Исправноста на овој став се открива во огледалниот лик, на однесувањето на владејачката класа во секоја војна. Без оглед колку е голем степенот на национален антагонизам помеѓу владејачката класа во завојуваните држави, тие секогаш ќе се обединат да ги поразат работниците. Затоа, пруските генерали стоеја настрана кога нивните непријатели, реакционерните Версајски сили, го нападнаа Париз и ги испоубија комунарите.
Маркс за Ирска
Како и за Полска, така и Марксовиот став за Ирска беше определен исклучиво од револуционерните размислувања. Додека природно сочувствувал со угнетуваниот ирски народ, Маркс секогаш непомирливо ги критизираше буржоаските и ситно буржоаските националистички водачи. Од почетокот Маркс и Енгелс објаснија дека националното ослободување на Ирска е неразделно поврзано со прашањето на социјална еманципација, посебно на револуционерното решение на проблемот со земјиштето. Оваа далекугледна анализа има голема тежина општо во национално-ослободителната борба, а не само во Ирска.Во писмото до Едвард Бернштајн од 26 јуни 1882, Енгелс истакна дека ирското движење се состои од два тренда: радикално аграрно движење што бликна во спонтана селанска директна акција и ги најде своите политички изјаснувања во револуционерната демократија, и “либерално-националната опозиција на урбаната буржоазија “. Ова е вистина за селанските движења во сите периоди. Може да успее се до степенот да најде водачи во урбаните центри. Под современи услови, тоа значи или буржоазијата или пролетаријатот. Но, буржоазијата демонстрираше низ историјата колку е неспособна да ги реши било кое од фундаменталните проблеми со буржоаско-демократска револуција, вклучувајќи го проблемот на национална независност. Ирска е класичен пример за ова.
Во срцето на ставот на Маркс и Енгелс беше перспективата за доброволна федерација на Ирска, Англија, Шкотска и Велс. И оваа перспектива беше секогаш поврзана со перспективата работниците да ја земат власта. Тоа, пак, бараше безусловна одбрана на единството на работничката класа. Така, Енгелс напиша во јануари 1848:
„Ирскиот народ мора да се бори ревносно и во блиска соработка со англиската работничката класа и Чартистите, да ги добијат шесте точки од Народниот Договор (People’s Charter), годишни парламенти, универзално право на глас, гласање преку избори, укинување на квалификациите за сопственост на членовите на парламентот, на исплата на истите и воспоставување на еднакви изборни подрачја. Само откако ќе се добијат овие шест точки ќе биде можно Укинувањето (на Унијата) и некаков прогрес за Ирска.”(Енгелс, Фиргус О Конор и Ирскиот Народ, 9.01.1848)
Од самиот почеток, Маркс и Енгелс продолжија со непомирливата борба со ирските националистички либерали од средната класа како Даниел Оконел, кого го разоткрија како шарлатан и предавник на ирскиот народ. Подоцна, за кратко време тие даваа критичка поддршка на ситнобуржоаските фенијанци. Тоа беше природно и исправно во време кога не постоеше работничко движење во Ирска, која остана претежно аграрно општество до првите години на XX-от век. Но, Маркс и Енгелс не се однесуваа како навивачки лидери на фенијанците, туку секогаш ја прифаќаа независната класна позиција. Тие сериозно ја критикуваа авантуристичката тактика на фенијанците, нивните терористички намери, нивната национална ограниченост и нивното одбивање да ја прифатат потребата за поврзување со англиското работничко движење. Иако фенијанците беа најнапредно крило на ирското револуционерно демократско движење, па дури покажуваа социјалистички инклинации, Маркс и Енгелс немаа илузии за нив. Еве што пишуваше Енгелс на 29.11.1867 год. до Маркс :
„Што се однесува до фенијанците, ти си сосем во право. Ѕверствата на Англичаните не треба да направат да заборавиме дека лидерите на оваа секта се повеќето магариња и делумно експлоататори и ние на било кој начин не треба да станеме одговорни за глупостите што се случуваат во секоја завера. А тие сигурно ќе се случат.”
Набрзо се покажа дека Енгелс е во право. Само две недели подоцна, на 13.12.1867 г., група од фенијанците постави експлозија во Лондонскиот затвор Клеркенвел во неуспешен обид да се ослободат нивните затворени другари. Експлозијата уништи неколку соседни куќи и повреди 120 души. Според предвиденото, инцидентот предизвика бран на антиирско расположение кај населението. Следниот ден Маркс му напиша на Енгелс со огорченост:
„Последново нешто на фенијанците во Клеркенвел беше многу глупаво. Лондонските маси, кои покажуваа големо сочувство со Ирска, ќе станат луди со тоа и вовлечени во војска од владејачката партија. Не смее да дозволи лондонскиот пролетаријат да биде самиот разнесуван во експлозии во име на честа на фенијанските емисари. Секогаш има некој вид фаталност околу таквите тајни, мелодраматични типови на завери.“
Неколку дена подоцна, на 19.12.1867 год. Енгелс одговори:
„Глупавата афера во Клеркенвел секако е дело на неколку специјализирани фанатици; несреќа е што сите завери што тие водат до такви ступидност, бидејќи по се, нешто мора да се случи, по се, нешто мора да се стори. Посебно што во Америка се крена прав за овие разрушувања и работа со запаливи средства и потоа дојдоа неколку магариња и ни ги претставија тие глупости. Уште понатака, овие канибали се општо најголемите кукавици, како овој Ален, кој се чини дека го привлече вниманието на кралицата, а потоа идејата за ослободување на Ирска со тоа што ќе го запали лондонскиот кројачки дуќан!“
Ако Маркс и Енгелс можеа да пишуваат со такви погрдни термини за фенијанците само да замислиме што тие ќе кажеа за терористичката тактика на ИРА во последниве 30 години, кои споредени со „злосторствата во Клеркенвел“ се само детска игра. Најреакционерната содржина за овој индивидуален тероризам, што не ја слабее буржоаската држава туку само ја зајакнува, е таа што ги разделува работниците и ги ослабува во очите на експлоататорите. Ова беше најслабата точка на фенијанците, кои Енгелс ги критикуваше кога напиша „за ова ниско благородништво целото работничко движење е чист еретизам и за кои на ирските селани ни под која цена не треба да им било дозволено за дознаат дека социјалистичките работници се нивни единствени сојузници во Европа.“ (МЕСД, Енгелс до Маркс.)
Се разбира дека Маркс и Енгелс ги бранеа фенијаските затвореници од лошиот третман од англиската држава. Тие секогаш го бранеа правата на ирскиот народ за определување на нивната судбина. Но, тие го правеа тоа од социјалистичка, а не од националистичка гледна точка. Како доследни револуционери и следбеници на пролетерскиот интернационализам, Маркс и Енгелс секогаш ја истакнуваа врската помеѓу судбината на Ирска со перспективите за пролетерска револуција во Англија. Во четириесеттите и педесеттите години на XIX-от век, Маркс мислеше дека Ирска може да ја добие независноста преку победа на англиската работничката класа. Подоцна, во шеесеттите години од тој век, тој го промени мислењето и го прифати гледиштето што е поверојатно, дека победата во Ирска може да биде искра што ќе ја запали револуцијата во Англија. И најлетимично читање на Марксовите дела на Ирското прашање покажуваат дека неговата одбрана на ирската независност по 1860 беше детерминирана исклучиво врз општите интереси на пролетерска револуција, пред се во Англија, која тој ја сметаше за клучна земја за успехот на светската револуција. Во доверливата комуникација со членовите на Генералниот Совет, напишан во март 1870, Маркс го објаснува своите погледи, та:
„Иако револуционерната иницијатива најверојатно ќе дојде од Франција, Англија самата може да биде лост за сериозна економска револуција. Таа е единствената земја каде повеќе нема селанство и каде земјишните поседи се во рацете на мал број луѓе. Таа е единствена земја каде капиталистичката форма, т.е. здружен труд на голем размер под капиталистички господари, го опфаќа речиси целото производство. Таа е единствената земја каде што поголемото мнозинство од населението се наемни работници. Таа е единствената земја каде класната борба и организациите на работничката класа, синдикатите, бараат извесен степен на зрелост и универзалност. Таа е единствената земја каде, поради нејзината доминација на светскиот пазар, секоја револуција во економските сфери мора веднаш да повлијае на сиот свет. Ако земјопоседството и капитализмот се класични примери во Англија, од друга страна, материјалните услови за нивна деструкција се најзрели тука.“
Од ова гледиште, ирското националното прашање беше само дел од големата слика за перспективите на светска социјалистичка револуција. Невозможно е да се разбере Маркс вон овој контекст. Причината зошто Маркс ја посакуваше независноста на Ирска по 1860 год. беше што тој заклучи дека англиските земјишни интереси, кои почиваа најмногу во Ирска, можеа многу лесно да се поразат од револуционерно движење основано од ирското селанство во кое барањето за национално самоопределување беше поврзано со радикално решавање на аграрното прашање. Во истиот меморандум, Маркс објасни:
„Ако Англија е тврдината на земјопоседништвото и европскиот капитализам, единствената точка која најсилно може да ја погоди официјална Англија е Ирска. Првин, Ирска е тврдината на лендлордизмот, англиското земјопоседништво. Ако падне во Ирска, ќе падне во Англија. Во Ирска е стопати полесно бидејќи економската борба таму исклучиво е концентрирана во поседувањето на земја, бидејќи борбата истовремено е и национална и бидејќи луѓето таму се пореволуционерни и пораздразнети отколку што се во Англија. Земјопоседништвото во Ирска е единствено одржувано од британската армија. Во моментот кога присилениот сојуз помеѓу земјите ќе заврши, веднаш ќе избие социјална револуција во Ирска, иако во застарена форма. Англиското земјопоседништво не само што ќе го изгуби големиот извор на богатство, ама и најголемите морални сили, т.е., оние кои значат доминација на Англија над Ирска. На друга страна, со задржување на силата на нивните земјопоседници во Ирска, англискиот пролетаријат ги прави нив неповредиви во самата Англија.
„Второ, англиската буржоазија не само што ја експлоатира ирската сиромаштија за да задржи работничката класа на Англија преку присилена имиграција на сиромашниот Ирец, туку го дели пролетаријатот на два непријателски табора. Револуционерниот оган на келтскиот работник не оди баш со природата на англосаксонскиот работник, цврст, но бавен. Напротив, во сите големи индустриски центри во Англија има длабок антагонизам помеѓу ирскиот и англискиот пролетаријат. Просечниот англиски работник го мрази ирскиот работник, како соперник кој ја снижува платата и животниот стандард. Тој чувствува религиозни и национални антипатии кон него. Тој го смета него слично како што сиромавите белци од јужните земји на Северна Америка ги сметаат нивните црни робови. Овој антагонизам помеѓу пролетерите на Англија е вештачки потхрануван и поддржуван од буржоазијата. Таа знае дека тоа е вистинската тајна да се одржи на власт.“
И Маркс заклучува:
„Резолуциите на Генералниот Совет за ирската амнестија служат само како увод во други резолуции кои ќе потврдат, сосема одвоено од интернационалната правда, дека тоа е предуслов за еманципирање на англиската работничката класа да го трансформира сегашниот присилен сојуз (односно поробувањето на Ирска) во еднаква и слободна конфедерација, ако е можно, и комплетна сепарација ако е потребно.“
Да увидиме колку внимателно Маркс пишува тука, и колку скрупулозно ја опишува пролетерската позиција на националното прашање. Прво, ирското прашање не е можно да се согледа вон перспективите на светска социјалистичка револуција, во кое е интегрален дел. Посебно, се смета за почеток на социјалистичка револуција во Англија. И потоа? Маркс не зема здраво за готово дека борбата за националното ослободување на Ирска нужно ќе доведе до сепарација од Британија. Тој вели дека има две можности: или „еднаква и слободна конфедерација“, која тој ја преферираше, или „комплетна сепарација“, која тој го сметаше за можен, но не толку посакуван исход. Која од двете варијанти ќе дојде зависи од однесувањето на англискиот пролетаријат и перспективите на победоносната социјалистичка револуција во самата Англија.Така, Марксовите ставови секогаш беа за пролетерската револуција и интернационализмот. Тоа и само тоа ги детерминираа неговите ставови за ирското прашање и секоја друга појава за националното прашање. За Маркс и Енгелс , „трудовото прашање“ беше централно. Никогаш не им паднало на ум да ја редуцираат нивната пропаганда и агитација за ирското прашање на едноставен, прост слоган како „трупите надвор“ или да изигруваат неплатени советници на националистите. Напротив, тие водеа тврдоглава борба против опасната демагогија на ирските буржоаски и ситнобуржоаски националисти и за револуционерен сојуз на ирската и англиската работничката класа.
Историјата покажа на исправност на процената на Маркс и Енгелс за ирските буржоаски и ситнобуржоаски националисти. Во 1922, ирските буржоаски националисти ја предадоа национално-ослободителната борба со тоа што се согласија на поделбата на Север и Југ. Од тогаш ситнобуржоаските националисти покажуваат на длабоката неспособност да се реши „граничното прашање“. Тактиката на индивидуален тероризам, толку критикуван од Маркс и Енгелс, покажа дека е и контрапродуктивен и немоќен. По триесет години од т.н. „оружена борба“ во Северна Ирска унификацијата на Ирска е подалеку од било кога. Единствениот начин да се реши она што е останато во Ирска е основано врз класна, социјалистичка и интернационалистичка политика – политиката на Маркс, Ленин и големиот пролетерски револуционер и маченик Џејмс Коноли.
Само работничката класа може да го реши проблемот со обединување околу класна програма за спроведување на неумолива борба против буржоазијата во Лондон и Даблин. Предуслов за успех е обединувањето на работничката класа. Тоа не може да се постигне на националистичка основа. Национализмот на ситната буржоазија направи неискажливи штети на работничкото единство во северна Ирска. Раните можат и мораат да се излечат. Но, тоа може да се стори само на основа на јасен раскин со национализмот и прифаќање на класна политика, со оживување на духот и идеите на Ларкин и Коноли. Националното прашање во Ирска ќе биде решено преку социјалистичка трансформација на општеството или нема да биде решено никако.
Втората Интернационала
Започната во 1889 Социјалистичката Интернационала, за разлика од Првата Интернационала, беше составена од масовни организации во форма на масовни социјално демократски партии и синдикати. Несреќата на Втората Интернационала беше таа што беше родена во период на пролонгиран капиталистички раст. Во периодот од 1870-1900 год. светското нафтено производство се покачи два и пол пати. И железничките пруги се зголемија два и пол пати. Германија и САД ја предизвикуваа хегемонијата на Велика Британија. Грабеж почна да го дели светот на сфери на влијанија и колонии. Брзиот раст на индустријата исто така значеше раст на работничката класа и нејзините организации во развиените капиталистички земји. Во последните три декади на XIX век работничката класа во Русија и САД порасна трикратно. Во Британија бројот на синдикатите се зголеми четири пати помеѓу 1876 и 1900. Во Германија бројот на членови на синдикатите порасна од десетина илјади на милиони. И паралелно со ова имаше и постојан растеж на членството, гласовите и влијанието на масовните социјалдемократски партии.
Од почеток, иако во теоријата стоеја зад марксизмот, на новата Интернационала и фалеше теоретска јасност гарантирана со присуството на Маркс и Енгелс. Очигледен беше случајот со односот кон националното прашање. Втората Интернационала реално не го разбра националното прашање, кое доби несоодветен третман на конгресите. Во 1896 год. Лондонскиот конгрес на Интернационалата ја донесе следнава резолуција:
„Конгресот се декларира за целосна автономија на сите националности и за сочувство со работниците на секоја сегашна држава страдајќи под јаремот на милитарниот, националниот или друг деспотизам; и ги повикува работниците од сите овие земји да се подредат раме до раме со класно-освестените работници ширум светот, да се организираат за отфрлање на интернационалниот капитализам и поставување на интернационална социјал-демократија.“ (цитирано од Е.Х.Кар, Болшевичката Револуција)
Но, ставот на Втората Интернационала за колонијалното прашање беше двосмислен и неодреден. Левицата се стремеше кон антиколонијализам, а имаше и такви кои го оправдуваа колонијализмот на основа на наводната „цивилизирачка мисија“. Така на дебатите на Амстердамскиот конгрес во 1904, холандскиот делегат Ван Кол отворено го бранеше колонијализмот. Поднесе резолуција во која се тврдеше:
„Новите потреби по победата на работничката класа и нејзината економска еманципација ќе ги направи колониите неопходни, дури и во идниот социјалистички систем на владеење.“ И го запраша конгресот: „Можеме ли да ја напуштиме половината од светот на каприцот на народите, сѐ уште во нивното детство, кои го препуштаат енормното богатство на здравицата10 неразвиено и најплодните делови на нашата планета некултивирани?“ (Лениновата борба за револуционерна партија)
Конгресот му пожели добредојде на Дадабаи Наороџи, основачот и претседателот на Индискиот Конгрес, но во неговата резолуција, иако повикувајќи за автономија, нагласи дека Индија ќе остане под британска сувереност. Не го ни прифати ни отфрли погледите на Ван Кол. Во дебатата за имиграцијата, беше подигната расистичка резолуција од американецот Хилкит, а поддржана од Австријците и Холанѓаните. Но, таа предизвика бура од негодување та мораше да биде повлечена. Сепак, фактот што таква резолуција можеше да се предложи пред Конгресот беше симптом на притисокот на буржоазијата и националистичките идеи на социјалистичките партии.
Руската револуција во 1905 и даде моќен импулс на колонијалната револуција, инспирирајќи ги масите на одбрана на нивните национални аспирации во Персија, Турција, Египет и Индија. Со тоа се заострија разликите во редовите на Социјалистичката Интернационала за колонијалното и националното прашање. На конгресот во Штутгарт во 1907, на кој Ленин и Роза Луксембург ги приложија нивните славни амандмани за војната, имаше остра борба помеѓу левицата (во стварноста центристи) репрезентирани од Лебедур и десницата, предводена од ревизионистот Едвард Бернштајн, токму за колонијалното прашање. Холандските делегати, типични ситнобуржоаски империјалисти, пак беа најгласни бранители на колонијализмот. Левицата беше во малцинство во спротивставувањето. Во вжештената дебата, Бернштајн го даде следниов коментар:
„Мораме да ја напуштиме утописката замисла просто да се напуштат колониите. Крајна консеквенца на таквиот поглед е дека САД треба да се врати на Индијанците (вознемиреност). Колониите се тука и ние мораме да го прифатиме тоа. И социјалистите треба да се заблагодарат на потребата на цивилизираните луѓе да се однесуваат како заштитници на нецивилизираните.“ (Ибид.)
Расправајќи за аргументите околу „цивилизирачката“ улога на колонијализмот, полскиот делегат Карски (Јулијан Марчлевски) одговори: „Давид претпоставува дека постои право на една нација да вежба туторство на друга. Но, ние Полјаците го знаеме вистинското значење на ова туторство, бидејќи и рускиот цар и пруската влада се однесуваа како заштитници („многу добро“)… Давид го цитира Маркс да го поддржи својот поглед дека секоја нација мора да помине низ капитализмот, но не е во право и тука. Она што навистина Маркс го кажа е дека земјите кои го почнаа капиталистичкиот развој мораат да го продолжат процесот до негово комплетирање. Но тој никогаш нема речено дека ова е апсолутен предуслов за сите нации…
„Ние социјалистите разбираме дека постојат и други цивилизации покрај капиталистичка Европа. Апсолутно не смееме да бидеме вообразени за нашата така наречена цивилизација, ниту пак да ја наметнуваме на азиските народи со нивните антички цивилизации. („браво!“) Давид мисли дека колониите ќе потонат во варваризам ако се остават на нив самите. Во случајот со Индија тоа тешко да ќе се случи. Дури јас ја гледам независна Индија која ќе продолжи да профитира од европското влијание во идниот развој и ќе се развива на овој начин до најголемиот потенцијал.“ (Ибид., стр. 11)
На крајот, резолуцијата за Индија не беше ставена на гласање.
Иако лидерите на Интернационалата се обидоа да ги препокријат пукнатините со сите видови на дипломатија, крајниот резултат на ова беше катастрофата во Август 1914, кога секоја од партиите на Втората Интернационала, со исклучок на Русите и Србите, ги предаде принципите на интернационализмот и ја поддржи империјалистичката војна. Отсуството на права револуционерна интернационалистичка политика начисто беше изложена летото 1914 кога Втората Интернационала пропадна поради социјал-шовинизмот.
„Национално-културна автономија“
Посебна верзија за националното прашање на Втората Интернационала беше претставена од австрискиот социјален демократ пред Првата светска војна Тие ја бранеа така наречената национално-културна автономија. Истата позиција беше прифатена во Русија од еврејскиот Бунд. На конференцијата во Брно на австриските социјалдемократи (1899 г.) идејата за национално-културна автономија бранета од јужните Словени беше отфрлена. Наместо тоа, конференцијата го прифати слоганот за територијална автономија, која иако недоволна беше сигурно подобра. Подоцна под влијание на центристичкиот теоретичар Бауер и неговиот другар Карл Ренер (кој пишуваше под псевдонимот Рудолф Шплинглер), партијата ја смени позицијата и застана зад национално-културната автономија.
Отфрлајќи ја поврзаноста меѓу нацијата и територијата, Бауер ја дефинираше нацијата како „релативна заедница на карактери“. (Otto Bauer, Die Nationfrage und die Sozialdemokratie, Vienna 1924, p. 2) Но, што е тоа национален карактер? Бауер го дефинира како „вкупна сума на карактеристики кои ги разграничува луѓето од една и од луѓето со друга народност, комплексни и духовни карактеристики кои ја разделуваат една нација од друга.“ (Ибид., стр.6) Излитеноста на оваа дефиниција е сосема јасна. Чиста тавтологија: национален карактер е она што ја прави една нација различна од друга! А што ја прави разликата на една нација од друга? „Карактерот на луѓето е детерминиран од ништо друго како што е од нивната судбина… Нацијата е ништо друго та заедница на судбини (детерминирани) од условите под кои луѓето го произведуваат средствата за опстанок и ги распределуваат производите на нивниот труд.“ (Ибид., стр. 24)
Нацијата, според Бауер, е „агрегат од луѓе ограничени во заедница на карактери со заедница на судбини“. (Ибид., стр. 135) Ренер ја дефинира како: „Нација е сојуз на личности кои слично размислуваат и слично зборуваат, /таа е/ културна заедница на современи луѓе кои не се повеќе поврзани со земјиштето.“ (Шпринглер) Овој пристап кон националното прашање не е научен, туку субјективен и да кажеме „психолошки“, т.е. мистичен. Тоа беше неуспешен и опортунистички обид да се бара решение на националното прашање во австро-унгарската империја преку давање концесии на буржоаскиот национализам. Напротив, марксизмот му приоѓа на националното прашање од историско-економски стојалишта.
Спротивно на болшевиците, кои го гледаа решението на националниот проблем преку револуционерно отфрлање на царизмот, австриските социјалдемократи му пријдоа на националното прашање во духот на ситните реформи и градуализмот. Бауер напишал: „Ние први претпоставуваме дека австриската нација ќе остане во истиот политички сојуз во кој тие постојат истовремено, и следи како нациите во овој сојуз ќе ги уредат меѓусебните односите и односите со државата.“ (цитирано во Сталиновата Националното прашање и марксизмот)
„Еднаш кога ќе се скине алката помеѓу нацијата и територијата, се истакнува барањето за групирање на членови од различни националности кои живеат во различни региони во општ меѓукласен национален сојуз. Членовите од различни национални групи може да си се соберат на конференција и да гласаат на која националност тие и припаѓаат. Германците, Чесите, Унгарците, Полјаците итн., потоа ќе гласаат за свој Национален Совет, “културен парламент на нацијата”, како во стилот на Бауер. Со таквите средства австриските социјал демократи се обидоа да го избегнат отворениот судир со државата на Хабсбурзите и го редуцираа националното прашање на чиста културно-лингвистичка работа. Бауер отиде дотаму да тврдеше дека локалните автономии за националностите ќе бидат скалило кон социјализмот кој „ќе го дели човештвото на национални ограничени заедници“ и „ќе преставува шаренолика слика на национални сојузи на личности и корпорации“.
Оваа филозофија е сосем различна од класното гледиште и интернационалистичките принципи на марксизмот. Тој го претставува ситно буржоаскиот национализам накитен со „социјалистички“ фрази. Од тие причини Ленин беше навреден околу ова. Тој беше непријателски расположен посебно на идејата да се сепарираат училиштата за различните националности. За ова Ленин напиша: „Културно-националната автономија значи точно најпрочистениот и затоа и најопасниот национализам, значи корупција на работниците со помош на слоганот за национална култура и пропаганда за длабоко штетната и дури антидемократска поделба на училиштата според националноста. На кусо, оваа програма недвосмислено противречи на интернационализмот на пролетаријатот и е во согласност само со идеалите на националистичката ситна буржоазија.” (ЛСД)
Никаде не е појасен штетниот ефект на оваа ситнобуржоаска теорија отколку во полето на образованието. Затоа, Ленин се спротивстави на секој привилегиран статус за јазикот, и спротивно на ставовите на Ото Бауер и адвокатите на „национално културната автономија“, жестоко се спротивстави за одвоени училишта за децата од различни националности: „Практичното извршување на планот за екстратериторијалност (надвор од и неповрзана со територијата на која живее нацијата) или културно националната автономија ќе значи само едно нешто: поделба на образовните процеси според националност… (ЛСД, Критички осврти на националното прашање, 1913)
Очигледна е разликата помеѓу ленинизмот и ситно буржоаскиот национализам. Марксистите ќе се борат против секој облик на национално угнетување, вклучувајќи го и јазичното. Недозволиво е мажот или жената да биде лишени од правото да го говори нивниот јазик, да бидат учени на него, да се користи во судниците или во другите јавни функции. Општо, нема никаква посебна причина за постоење на „официјален“ јазик, или за некакви привилегии на еден јазик во однос на друг. Но, да се разделат децата на национална, лингвистичка или религиозна основа е крајно реакционерно и ретроградно. Сегрегацијата на училиштата одигра реакционерна улога во Јужна Африка и во САД. И одвојувањето на католичките и протестантските деца во Северна Ирска во т.н. религиозни училишта игра не помалку погубна улога. На религијата и нема место во образовниот систем и треба радикално да е одвоен од него. Ако црквата сака да ги проповеда своите доктрини, таа мора тоа да го прави во свое време и со свое пари, собрани од својата конгрегација, а не од државата. И додека училиштата ги обезбедуваат потребите на различните лингвистички групи, со парични средства за оваа цел, потполно е неприфатливо да се одвојуваат децата на национално-лингвистичка основа и со тоа да се создава основа за предрасуди и конфликти во подоцнежниот живот.
Непријателството во Белгија помеѓу фламанското население кон француското е производ на генерации на дискриминација на фламанскиот јазик и насилното наметнување на францускиот. Но, има разни видови на остварување на ова прашање. Така, во Јужна Африка предавањата на мајчините јазици беа користени за национално угнетување. На ист начин претставниците на неруските националности се напрегаа да ги учат децата на руски. На пример, во ерменските црковни училишта, децата учеа на руски иако тоа беше незадолжително. Болшевиците се противеа на дискриминација кон било кој јазик, насилната асимилација и насилното наметнување на доминантен јазик и култура. Но, нема причина некој јазик да има монопол. Во Швајцарија има не два туку четири официјални јазика. Сега со современата технологија нема причина луѓето да немаат образование и да комуницираат во парламентот или во судниците на кој било јазик. Она што е неприфатливо е воведување на националистички или религиозен отров во училиштата:
„Марксистите, драги националисти-социјалисти, имаат општа школска програма која бара, на пример, апсолутно секуларни училишта. Од гледиште на марксизмот, излегувањето од општата програма никогаш не е дозволиво во демократска држава било каде (и прашањето на воведување на некакви „локални“ предмети, јазици и понатака, од страна на локалното население). Но, од принципот дека образованието ‘треба да ги следи одредбите на државата’ и да биде пренесен на нациите, следи дека ние работниците мораме да дозволиме ‘нациите’ во нашата демократска држава да ги трошат народните пари на црковни школи! Без да биде свесен г-н Либман ја откри реакционерната природа на културно-националната автономија!” (ЛСД)
На овој како и на сите други аспекти на националното прашање, борејќи се против сите видови на угнетување и дискриминација без исклучок, марксистите ја заземаат класна позиција. Така, во Белгија каде фламанските и валонските националисти се обидоа, за жал со некој успех, да го поделат белгиското општество и работничкото движење врз национална основа со користење на јазичното прашање, белгиските марксисти изработија транзициски барања по јазичната тема. Таму, на пример, каде се бараше од работникот да учи на фламански или француски, тие бараа да им се даде од работното време со целосна надница и курсеви платени од нивните шефови под контрола на работничките организации и згора на тоа добивање на повисока плата како резултат на новите научени вештини.
Од сево ова јасно е дека Ленин инсистирал да се пристапи кон националното прашање строго од класно стојалиште. „Слоганот за работничка демократија,“ – напиша Ленин, „не е ‘национална култура’ туку интернационална култура на демократија и светското движење на работничката класа.“ (ЛСД, том 20)
И повторно: „Националната програма за работничка демократија е: никакви привилегии за било која нација или за било кој јазик, поставување на прашањето на политичко самоопределување на нациите, т.е. нивна државна сецесија на апсолутен слободен и демократски начин; донесување на закон кој ја покрива целата земја и прогласување за незаконите и ништожни и празни сите мерки… кои гарантираат привилегии на било кој нација, кои ја кршат еднаквоста на нациите или правата на националните малцинства, и со правото на законот секој граѓанин на државата има право да побара поништување на таквите мерки како неуставни и криминално гонење на сите они кои тоа го спроведуваат.” (Ибид.)
Расколничката природа на „културно-националната автономија” јасно беше прикажана со штетните ефекти врз работничкото единство во самата Австрија. По Конгресот во Вимберг, австриската социјално демократска партија почна да се цепи на национални партии. Наместо една обединета работничка партија во која сите националност ќе бидат присутни, се формираа шест партии: германска, чешка, полска, рутенска, италијанска и југословенска. Со тоа се поттикна ширењето на шовинистичките сентименти и националните антагонизми во рамките на работничкото движење, со негативни резултати: чешката партија немаше што да прави со германската, итн.
Како што се случува секогаш, така наречените практични политики на реформизам ги постигнуваат спротивните резултати од предвидените. Програмата за национално-културна автономија имаше за цел да се спречи расцепувањето на Австро-Унгарија, но го имаше токму спротивниот ефект. Соборувањето на Хабсбурзи можеше да води кон пролетерска револуција, како Февруарската Револуција во Русија. Но, неуспехот на работничката класа да ја земе власта водеше директно кон дезинтеграција на Австро-Унгарија на национална линија, додека Лениновата политика за правото на самоопределување ги обедини работниците и селаните на повеќето угнетувани нации и така создавајќи услови за советска федерација. Не сепаратизам, туку ставот на болшевизмот. Тоа брилијантно се потврди по 1917 година.
назад: Дел Први: Националното прашање во историјата
следно: Дел Трети: Ленин за националното прашање
Содржина
Увод
Дел Први: Националното прашање во историјата
Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање
Дел Трети: Ленин за националното прашање
Дел Четврти: Националното прашање по Октомври
Дел Петти: Националната држава денес