Дел Први: Националното прашање во историјата
„Во Западна Европа епохата на оформувачки стадиум на буржоаските нации, ако се тргне настрана борбата на Холандија за независност и судбината на островската земја, Англија, почна со Француската Револуција и заврши приближно сто години потоа со обединувањето на Германската Империја.“ (Леон Троцки, Историја на руската револуција, стр. 889)
Иако многумина мислат дека националната држава е нешто природно, па има свои корени во далечното минато, ако не и во душата и крвта на мажите и жените, таа е, де факто, релативно модерна креација, што рака на срце постои само во последниве 200 години. Единствен исклучок на ова е Холандија, каде буржоаската револуција во XVI век го зазема обликот на национално ослободување против Шпанија, и Англија заради уникатната положба на островското кралство, каде капиталистичкиот развој започна порано од остатокот на Европа (од касниот XIV век понатаму). Пред овој период немаше нации, туку само племиња, градови-држави и империи. Научно не е коректно да се употребува терминот „нации“ за претходните поими, како што често се прави. Еден велшки националист го истакнуваше поимот „велшка нација“, пред римската инвазија на Британија! Може само да се занесува. Велс тогаш преставуваше агломерат на племиња кои фундаментално не се разликуваа од другите на просторот денес познат како Англија. Тоа е убиствена црта на националистичките писатели кои се обидуваат и создаваат впечаток дека „нацијата“ (посебно нивната посебна нација) отсекогаш постоела. Всушност националната држава е историски еволуционо битие. Тоа не постоело отсекогаш, а нема ни да постои секогаш во иднината.
Реално, националната држава е производ на капитализмот. Поставена е од буржоазијата која побарувала национален пазар. Морала да ги сруши локалните рестрикции на малите места со нивните локални такси, патарини, одвоени монетарни системи, одвоени мерни единици. Следниот извадок од Роберт Хајлбронер сликовито ни ја опишува ситуацијата на еден германски трговец од околу 1550 година:
„Андреас Риф, трговец, брадосан и со крзно на себе, се враќа дома во Баден; тој и пишува на својата жена дека посетил триесет пазари и имал неволји со седлата. Уште повеќе незгоди имал со времето; додека патувал тој запирал на секои десет милји да плати царина; помеѓу Базел и Келн платил 31 леви.
И тоа не е се. Секоја заедница што тој ја посетувал имала свои пари, свои правила и регулативи, свој закон и ред. Во околината на Баден имало 122 различни мерки за должина, 92 различни мерки за житарки и 123 за течности, 63 за ликери и 80 за тежина.“ ( R, Heilbroner, The Worldy Philosophers, p. 22.)
Отфрлањето на локалните партикуларизми тогаш претставуваше гигантски чекор напред. Собирањето на продуктивните сили во национална држава е колосална прогресивна историска задача на буржоазијата. Основата за оваа револуција беше поставена при крајот на Средниот век, во периодот на падот на феудализмот и подемот на буржоазијата и градовите во кои постепено ги добиваат нивните права. Средновековните кралеви бараа пари за нивните војни и беа присилени да се потпрат на класата во раст, на трговци и банкари, како Фугерови и Медичи. Но времето на пазарната економија сѐ уште не беше дојдено. Она што постоеше беше ембрионска форма на капитализмот, карактеризиран со ниско производство и локални пазари. Никој не можеше да зборува за вистински национални пазари и национални држави. Навистина, елементи кај некои современи европски земји ги има во овој контекст, но и овие беа во не толку развиен стадиум. Иако Франција постепено ја заземаше својата форма со стогодишната војна со Англија, овие борби беа од феудален и династички карактер, а не од вистински национален. Војниците кои се бореа во овие војни оддава повеќе почит на нивните локални кнежеви отколку на кралот на Франција, и покрај заедничката територија и јазик, се сметаа себеси за Бретонци, Бургундијци и Гаскоњи повеќе отколку Французи.
Вистинската национална свест се издигна постепено, мачно, за период од неколку века. Овој процес се одвиваше паралелно со растот на капитализмот, монетарната економија и постепено воведување на националниот пазар, претставен со трговијата со дрво во Англија во доцниот Средниот Век. Распадот на феудализмот и растот на апсолутните монархии, кои за свои потреби го поттикнуваа развојот на буржоазијата и трговијата, го забрзуваа процесот. Роберт Хајлбронер го напиша како:
„Првин, имаше постепена појава на национални политички единици во Европа. Под виорот на селските буни и кралските освојувања, изолираната егзистенција на раниот феудализам го отвори патот за централизираните монархии. А со монархиите растеше и националниот дух; за возврат тоа значеше кралска патронажа на омилените индустрии, како големите француски таписериски работи и развојот на армадите и армиите со сите нивни неопходни сателитски индустрии. Бескрајните правила и регулативи кои го плашеа Андреас Риф и неговите другари, патувачките трговци од шеснаесеттиот век, го отворија патот за националните закони, заедничките мерки и повеќе или помалку валутите.“ (Ибид. стр.34)
Затоа националното прашање, од историска гледна точка, се поврзува со буржоаската демократска револуција. Говорејќи стриктно, националното прашање не влегува во социјалистичката програма, бидејќи се претпоставува дека е решено од буржоазијата во нивната борба против феудализмот. Буржоазијата е таа што, на прво место, ја формираше националната држава. Основањето на национална држава, во тоа време, беше извонреден прогресивен и револуционерен чин. И не беше постигнат мирољубиво и без борба. Првата вистинска европска нација, Холандија, беше формирана во XVI век како резултат на буржоаската револуција што доби форма на војна за национално ослободување против империјалната Шпанија. Во Соединетите Држави доби форма на револуционерна војна за национално ослободување во XVIII век и беше консолидирано преку крвавата граѓанска војна во 1860тите. Во Италија тоа беше постигнато со војна за национална независност. Обединувањето на Германија, прогресивна задача во тоа време, беше спроведено од јункерот Бизмарк со реакционерни средства, со војна и политика на „крв и железо“.
Француската Револуција
Основањето на модерните европски држави (со исклучок на Холандија и Англија) започнува со француската револуција. До овој момент националната држава беше идентично спознаена со кралската држава. Нацијата беше сопственост на владејачките суверени. Оваа застарена легална поставка, наследена директно од феудализмот, беше во директен конфликт со новите услови поврзани со подемот на буржоазијата. Со цел да заземе власт буржоазијата мораше да се постави како претставник на народот односно нацијата. Како што кажа Робеспјер: „Во аристократските држави зборот патрие (нација) нема никаква смисла освен за патрициските фамилии, кои ја одредуваа сувереноста. Само под демократија државата е вистински патрие на сите индивидуи што ја сочинуваат.“ (цитирано од Е.Х. Кар , Болшевичката револуција, том 1, стр. 414)
Првиот принцип на Француската револуција беше непомирливата централизација. Тоа беше предуслов за успехот во борбата на живот или смрт против стариот режим поддржан од останатата Европа. Под знамето на „Републиката, една и неделива“ Револуцијата ја обедини Франција за прв пат во една нација, заобиколувајќи ги локалните партикуларизми и сепаратизми на Бретонците, Норманите и Провансалците. Алтернативата беше дезинтеграција и смрт на самата револуција. Крвавата борба во Ванде беше и војна против сепаратизмот и феудалната реакција. Падот на Бурбоните даде нов моќен импулс во националниот дух низ Европа. Во прво време, примерот на револуциониот народ кој успеа да го сруши стариот феудален монархистички поредок насекаде служеше како инспирација и фокусна точка за револуционите и прогресивни сили. Подоцна, револуционите војски на француската револуција беа принудени на офанзива против здружените снаги на Европа кои се обединија под водство на Англија и рускиот царизам да ја урнат револуцијата. Со чудовиштниот подвиг на оружјето, револуционерните сили успеа да ги одвратат реакционерните сили на секој фронт, а со тоа пред вчудоневидениот свет ја открија моќта на револуционерниот народ и оружената нација.
Револуционерната армија го пренесе духот на револт насекаде и беше присилена да ја пренесе и револуционерната порака на териториите што ги окупира. Во растечката фаза на Револуцијата, пред народите на Европа армијата на француската Конвенција се појави како ослободителна. За да успеат во титанската борба со стариот поредок, тие беа присилени да ги повикаат масите да ги спроведат истите револуционерни трансформации што се случија во Франција. Ова беше револуционерна војна, невидена никогаш порано. Беше укинато ропството во француските колонии. Револуционерната порака на Декларацијата за правата на човекот беше насекаде здружен повик што го означи крајот на феудализмот и монархистичкото угнетување. Дејвид Томсон истакна:
„Тие (Французите) беа навистина поддржани од домашните помошници и деструктивната страна на нивната работа често беше добро пречекана. Дури откако популациите сфатија дека француските господари не се повозбудливи од нивните стари режими, тие ги распламтеа идеалите за самостојно управување. Идејата дека ‘сувереноста на народот’ водеше во национална независност е индиректна последица на француската окупација; нејзиното оригинално значење, укинување на привилегиите и правењето на правата да бидат универзални, се сплотија во оваа нова импликација само како резултат на освојувањата. Француските револуционери го ширеа либерализмот со интенција, но креираа национализам од невнимателност.“ (Дејвид Томсон, Европа по Наполеон, стр 50.)
Исцрпеноста и распадот на француската револуција ја произведе диктатурата на Наполеон Бонапарта, како што и дегенерацијата на изолираната држава на руски работници подоцна заврши со пролетерска бонапартанска диктатура на Сталин. Поранешната револуционерна демократска порака беше испревртена и деформирана во династичките и империјални амбиции на Наполеон што се покажаа за фатални по Франција. Но, и под Наполеон, дури и во дисторзирана форма, некои од придобивките на Француската револуција беа зачувани и раширени низ француските европски територии, со револуционерни последици, посебно во Германија и Италија.
„Нејзините најдеструктивни придобивки беа меѓу најперманентните. Наполеон ги прошири и зајакна ефектите на Француската револуција со рушењето на феудализмот во Ниските Земји, во поголем дел на Германија и во Италија. Феудализмот како легален систем, кој вклучува благородничка јуриздикција над селаните, заврши; феудализмот како економски систем што вклучува феудални давачки од селаните на благородниците, заврши, иако често како одговор имаше компензации и обесштетување. Барањата на Црквата беа тргнати настрана од патот на оваа реорганизација. Средните класи и селаните станаа како благородништвото, субјекти на државата, сите подеднакво должни да плаќаат даноци. Системот на наплата и собирање на даноци стана поефикасен и порамноправен. Старите гилди и градските олигархии се укинаа; интерните тарифни бариери се тргнаа. Насекаде беше инаугурирана поголема рамноправност, во смисла што кариерите станаа отворени за талентите. Дуваа ветришта на модернизација низ Европа во екот на Наполеоновиот поход. Неговите насилни обиди да ја закова западна Европа како супсервилен блок на анектирани и сателитски територии успеаја барем да ги ослободат од застарените јуриздикции и привилегии, од поминатите територијални поделби. Повеќето од она што беше збришано не можеше да се реставрира.“ (Ибид., стр. 67.)
Но Наполеоновото владеење не беше со непоматен благослов. Со цел да го избегне наметнувањето на тешки даноци дома, Наполеон наметна даноци во освоените територии. И покрај сите социјални предности, француската власт си остана странска. Робеспјер мудро забележал, никој не ги сака мисионерите со бајонети. Неизбежно француската инвазија доведе до војни за национално ослободување кои целосно ги поткопаа поранешните триумфи. Наполеоновиот пораз на замрзнатите предели во Русија и уништувањето на француската војска беа сигнали за бранот на национални востанија против Французите. Во Прусија целата нација стана и го прати Фредрик Вилхем Трети во војна со Наполеон. Од крвавиот хаос на Наполеоновите војни и делењето на пленот на победниците што го следеа се издигнаа модерните држави на Европа како што ги знаеме денес.
Националното прашање по 1848
Годината 1848 беше пресвртница за националното прашање во Европа. Помеѓу пламените јазици на револуциите, потиснатите национални аспирации на Германците, Чесите, Полјаците, Италијанците и Маѓарите остро проникнаа од позадината. Да успееше револуцијата, ќе беа отворени патиштата за решавање на националните проблеми во Германија и на другите места со најдемократски средства. Но, како што објаснија Маркс и Енгелс, револуцијата од 1848 год. беше предадена од контрареволуционерната буржоазија. Поразот на револуцијата значеше дека националниот проблем мораше да се реши со други средства. Случајно, една од причините за поразот беше точно манипулацијата со националното прашање (на пример, на Чесите) за реакционерна завршница.
Во Германија националното прашање можеше да се каже со еден збор: обединување. По поразот на револуцијата во 1848 год., земјата остана поделена на мали државички и поседи. Тоа беше несовладлива пречка за слободниот развиток на капитализмот во Германија и воедно на работничката класа. Обединувањето, затоа, беше прогресивно барање. Но, централно беше прашањето кој ќе ја обедини Германија и со какви средства. Маркс се надеваше дека тоа ќе се случи од долу, од работничката класа и со револуционерни средства. Но, не испадна така. Бидејќи пролетаријатот не успеа ова прашање да го реши со револуционерни средства во 1848, беше решено со реакционерни средства на конзервативниот пруски јункер Бизмарк. Принципиелниот метод да се постигне целта беше преку војна. Во 1864 год. Австријците и Прусите се собраа да ги победат Данците. Данска ја загуби провинцијата Шлезвиг-Холштајн, која по препирањето меѓу Австрија и Прусија, се обедини кон Германија во 1865 год. Маневрирајќи со тоа што ја држеше Франција настрана од конфликтот, Бизмарк формира сојуз со Италија против Австрија. Откако Австрија претрпе пораз во битката кај Кенинггрец во јули 1866, беше обезбедена пруската доминација на Германија. Со овој чин, Германија беше обединета со реакционерни средства, користејќи го прускиот милитаризам. Обединувањето послужи да се зајакне прускиот милитаризам и Бизмарковиот бонапартистички режим и да се посее семето на нови европски војни. Затоа, начинот на кој се решава националното прашање, која класа го решава и со кои интереси, и те како не е неважно прашање за работничката класа. Само ова е доволно да се објасни зошто е недопустливо да се бара од нас да се однесуваме како водачи на навивачите за буржоазијата и ситно буржоаските националисти, дури тие и да спроведуваат задача што објективно е прогресивна. Во секое доба мора да се зачува класната гледна точка.
Објективно, обединувањето на Германија беше прогресивен развој, кој Маркс и Енгелс го поддржуваа. Но, тоа никако не значи дека германските социјалисти треба да го поддржуваат Бизмарк. Самата помисла би била анатема за Маркс. Тој секогаш се спротивставувал на реакционерниот Бизмарк, но кога тој веќе успеа да ја обедини Германија, Маркс и Енгелс опирајќи се мораа да го поддржат, како чекор напред, бидејќи бездруго ќе го отежнеа обединувањето на германскиот пролетаријат. Така, Енгелс му пиша на Маркс на 25 јули 1866: „Стварта ја има добрата страна во тоа што ја поедноставува ситуацијата; револуцијата ја прави полесна со кавгата меѓу ситниот капитал и во секој случај ќе го забрза развојот… Многуте државички ќе бидат збришани со движењето, најлошите локализирачки влијанија ќе престанат и страните конечно ќе постанат вистински национални, наместо локални…
Според мене, затоа, сѐ што можеме да направиме е да го прифатиме фактот, без да го оправдуваме, и да ги користиме, колку што можеме, подобрите прилики за национална организација и обединување на германскиот пролетаријат, кому сега по секоја цена му се ставени на располагање.“
Италијанското обединување
Аналогна ситуација постоеше во Италија. При крајот на 1850-тите, покрај сите обиди за унификација, Италија сѐ уште остана безнадежно поделена и потчинета на Австрија, која ги анектираше северните територии. Згора, неколку помали држави, како бурбонското Кралство на Две Сицилии (јужна Италија и Сицилија) беа заштитени од револуција од, подготвените за интервенција, австриски трупи. Папските држави во централна Италија беа под француска „протекција“. Само малото кралство на Сардинија, поставено од Савоа-Пиедмонт, не беше под австриска доминација. Под водство на способниот дипломат и државник грофот Кавур, конзервативната владејачка династија постепено ја ширеше сферата на влијание и териториите, бркајќи ги Австријците од една по друга област.
Раме до раме на династичката конзервативна опозиција на Пиедмонтови кон Австрија беше радикалниот и револуционерно националистичко движење, хетерогена мешавина на републиканци, демократи и социјалисти. Овие сили беа присутни во сите држави во Италија како и во егзил. Највиден претставник на овој тренд беше Мацини, чии конфузни и аморфни идеи кореспондираа со природата на движењето што го застапуваше. Спротив нему, Кавур, челникот на независната северно италијанска држава Пиедмонт, маневрираше итро и непринципиелно. Во типично дипломатска интрига, тој првин доби дозвола да им се придружи на Британија и Франција во Кримската експедиција против Русија во 1855 год. Потоа тајно, ветувајќи му ги на францускиот император Наполеон III Ница и Савој, Кавур склучи сојуз со кој Французите ќе му дадат помош на Пиедмонт во случај на непријателство со Австрија. Војната избувна во 1859 год. и беше почетница на обединувањето на Италија. Се востанаа сите италијански војводства и папски држави. Заедно со Французите, трупите на Пиедмонт извојуваа значајна победа против Австријците кај Солферино. Обединувањето на Италија се чинеше блиску. Но тоа не кореспондираше со интересите на Луи Бонапарта, кој промптно потпиша примирје со поразените австриски армии, оставајќи ги Пиедмонтови и револуционерите на нивниот к’смет.
Конечно, италијанската војна за ослободување беше спасена со востанието во Сицилија, отпоздравено од експедитивната сила на Гарибалди со илјадата црвенокошулашки доброволци. По победата во битката за Сицилија, Гарибалдовите бунтовнички сили навлегоа во јужна Италија и триумфално влегоа во Неапол. Така италијанското обединување беше остварено со револуционерни средства оддолу, но плодовите ги ожнееја други. Несопирливиот интригант Кавур ги убеди Лондон и Париз дека е подобро да се прифати власта на Пиедмонт над обединета Италија, отколку да им се предаде на револуционерите и републиканците. Армијата на Пиедмонтовата династичка реакција маршираа во Неапол без никаков отпор. Гарибалди, наместо да ги собори, ги отвори портите и го поздрави Кралот на Пиедмонт, Виктор Емануел, како „крал на Италија“ на 26 октомври. Така народот на Италија наместо целосен триумф против стариот поредок, извојува само половина победа која ја плати со пролевањето на својата крв.
Наместо република, Италија стана уставна монархија. Наместо демократија, доби ограничени повластици од кои беа изземени 98% од народот од гласање. На папата му се дозволи да управува со папските држави (концесија на Луи Бонапарта). И покрај сево ова обединувањето на Италија беше гигантски чекор напред. Беше обединета цела Италија со исклучок на Венеција, кој остана под Австриска власт, и папските држави. Во 1866 год., Италија и се придружи на Прусија во војната против Австрија и ја доби Венеција како награда. Конечно, по поразот на Франција во Франко-Пруската војна (1871) француските трупи се повлекоа од Рим. Влегувањето на италијанските трупи во овој град ја означи конечната победа на италијанското обединување. До подоцната половина на деветнаесеттиот век, националното прашање во западна Европа беше главно решено. Со обединувањето на Италија и Германија, по 1871 националното прашање во Европа изгледаше ограничено во Источна Европа и, со посебно експлозивна смисла, на Балканот, каде беше замрсено со територијалните амбиции и ривалитети на Русија, Турција, Австро-Унгарија и Германија, факт кој неумоливо доведе до Првата светска војна. Во првиот период, приближно од 1789 до 1871, националното прашање сѐ уште имаше релативно прогресивна улога во Западна Европа. Дури и обединувањето на Германија под реакционерниот јункер Бизмарк се смета за прогресивен чин како што видовме претходно. Но веќе во втората половина на XIX век развојот на производните сили под капитализмот ги надраснуваше тесните национални граници. Ова веќе беше манифестирано со развојот на империјализмот и неодоливата наклоност кон војна помеѓу главните сили. Балканските војни од 1912 и 1913 значеа завршница на формирањето на национални држави во југоисточна Европа. Првата светска војна и Версајскиот Договор (кој случајно се одржа под слоганот „право на нациите на самоопределување“) ја заврши работата со растурањето на австро-унгарската империја и гарантирајќи и независност на Полска.
следно: Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање
Содржина
Увод
Дел Први: Националното прашање во историјата
Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање
Дел Трети: Ленин за националното прашање
Дел Четврти: Националното прашање по Октомври
Дел Петти: Националната држава денес