ОпштоТеорија

Дел Четврти: Националното прашање по Октомври

„Разните барања за демократија, вклучувајќи го самоопределувањето,“ – пишува Ленин, „не се апсолутни, туку само мал дел на општо демократско (сега општо-социјалистичко) светско движење. Во индивидуални конкретни случаи, делот може да ја контрадиктира целината, ако е така тој мора да биде отфрлен. Можно е републиканското движење во една земја да е само инструмент на свештенички или финансиско-монархистички интриги на други земји; ако е така, ние не смееме да го поддржиме ваквото, конкретно движење. Но, ќе биде лудо да се поништи барањето за република од програмата на Интернационалната Социјал-Демократија на овие основи.“ (ЛСД, Расправа за самоопределувањето Сумирано, 1916 , том 22)
Овие зборови кажуваат дека правото на самоопределување е само релативно право. Дали работничката класа треба да го поддржи барањето на право на самоопределување зависи од специфичните околности во секој одделен случај. Тоа е конкретно прашање. Невозможно е да се заземе општ став, валиден за сите случаи. Ленин сигурно никогаш не зема таков став. Неопходно е да се проучи секој конкретен случај и да се направи, внимателно, разлика помеѓу она што е реакционерно и она што е прогресивно. Ако не, ќе завршите во збрка. А Лениновиот став се покажа дека е точен во практиката во 1917. Националното прашање се реши во Русија, не со буржоаска, туку со социјалистичка револуција. Тоа е факт што сите негатори на болшевизмот одбиваат да го признаат. Ова е од фундаментално значење за сите оние кои сакаат да ја разберат марксистичката позиција на националното прашање.
Како Ленин предвиди, Полјаците се здобија со независност како резултат на револуцијата во Русија. Октомвриската Револуција ги создаде условите за отцепување на Полска. Десното крило на ППС се избори да ја предводи владата, каде тие брзаа да им ја предадат власт на буржоазијата. А таа пак, подбуцната од Британија и Франција, објави војна на Русија во 1920. Болшевиците не само што се бранеа од полската реакционерна буржоазија, туку ја пренесоа војната во Полска. Дали тоа значи одрекнување од правото на самоопределување? Ленин веќе одговори на ова прашање во неговата „Расправа за Самоопределувањето, Сумирано“, напишана во јули 1916:
„Да се повтори конкретната ситуација со која се соочи Маркс во периодот кога царистичкото влијание во интернационалната политика беше доминантно, на пример, во таква форма да бројни нации почнат социјалистичка револуција (како буржоаско-демократската револуција од 1848 год.), додека останати нации беа почва за буржоаската реакција, тогаш и ние ќе бидеме за револуционерна војна против последниве, за нивно ‘рушење’, за уништување на нивните претстражи, без разлика какви мали национални движења ќе се родат во нив.“ (ЛСД, Расправа за самоопределувањето, сумирано, том 22.)
Овие редови адекватно ја одразуваат реалната позиција на самоопределувањето. Националното прашање (вклучувајќи го и самоопределувањето) секогаш е подредено на општите интереси на пролетаријатот и светската револуција. Пролетаријатот мора да ги поддржува националноослободителните борби на угнетените нации, до степен до кој последните се насочени против империјализмот и царизмот. Во оваа смисла националните движења можат да бидат сојузници на пролетаријатот, како селанството. Но кога таквите национални движења се насочени против револуцијата, кога малите нации се користат како пиони на империјализмот и реакцијата (како што често се случува во историјата), тогаш ставот на работничкото движење мора да биде комплетно непријателство, дури и до точката на објава на војна на таквите движења. Тоа е перфектно јасно од Лениновите зборови.
Болшевистичката програма по националното прашање значеше средство за обединување на работниците и селаните од сите националности на царска Русија за револуционерно рушење на царизмот. Кога руските работници ја земаа власта, тие им го понудија правото на самоопределување на угнетуваните националности, но во големо мнозинство на случаи народот реши да остане заедно и да доброволно учествува во советската федерација. Вистина е дека Полска и Финска се одвоија, и двете поставија диктатури, непријателски расположени на советската сила. Украина потпадна под германска контрола. Болшевиците не интервенираа против Финска и Полска, не заради правото на самоопределување, туку затоа што беа преслаби да го направат тоа. Подоцна тие де факто интервенираа во Полска, Украина и Грузија.
По Октомвриската револуција, болшевистичката влада на повеќе пати мораше да објави војна на реакционерните националистички движења, на пример ерменските Дашнаци и украинските Ради, кои беа само изговор за странската империјалистичка интервенција против Советската република. Во 1920 год., Ленин беше за револуционерна војна против Полска. Троцки беше против таа војна, не од принципот, а секако не и на основите на полското самоопределување (реакционерниот режим на Пилсудски во Полска беше играчка за францускиот и британскиот империјализам, што го охрабруваше во агресивниот став спрема Советска Русија), ама од практични причини.
Кога финската националистичка буржоазија, за свои реакционерни причини, се оддели од Русија по Октомвриската револуција, болшевиците не презедоа ништо да интервенираат. Тоа беше одраз на слабоста на советската држава во тоа време. Работничката влада се бореше на живот или смрт на многу фронтови. Троцки мораше да ја импровизира Црвената Армија од ништо. Внатре во Финска изби крвава граѓанска војна помеѓу буржоаските националисти од Белата Гарда и работниците. Да ја имаа болшевиците Црвената Армија, тие сигурно ќе интервенираа да ги поддржат финските работници против контрареволуционерната финска националистичка буржоазија. Како што бидна, интервенцијата беше материјално невозможна во тоа време, но тоа немаше никаква врска со „правото на самоопределување“ што, како што објаснуваше Ленин, беше само дел, релативно мал дел, на општата стратегија на светската пролетерска револуција. Првото беше секогаш подредено на последното, на ист начин како што делот секогаш е подреден на целината.
Во 1922 год. во својата книга Социјалдемократијата и војните на интервенција (понекогаш позната како Помеѓу црвено и бело), Лев Троцки го напиша следното: „Економскиот развој на сегашното општество има силен централистички карактер. Капитализмот ги постави прелиминарните основи за добро уредената економија на светско ниво. Империјализмот е само предаторски капиталистички израз за оваа желба да се има управувачка улога во водењето на светската економија. Сите силни империјалистички земји сметаат дека немаат доволно домет во рамките на тесните граници на националната економија и сите тие се во потрага по пошироки пазари. Нивната цел е монопол со светската економија…“
„Фундаменталната задача на нашата епоха се состои во поставување на блиски односи помеѓу економските системи на разните делови на светот и во изградба за интересите на целото човештво, во координирано светско производство, базирано на најекономската употреба на сите сили и извори. Тоа е токму задачата на социјализмот. Очигледно е дека принципот на самоопределување во ниеден случај не ги надминува намерите на социјалистичката економска конструкција. Во овој аспект, самоопределувањето ја зазема подредената позиција избрана од демократијата воопшто во процесот на историскиот развиток. Социјалистичкиот централизам, пак не може да го замени империјалистичкиот централизам, без транзиција и на угнетените националности мора да им се даде можноста да ги протегнат нозете вкочанети под синџирите на капиталистичката принуда.“
Задачата и методите на пролетерската револуција не се состојат во механичка елиминација на националните карактеристики или во воведување на присилена амалгамација. Вмешување во јазикот, образованието, литературата и културата на разните националности е секако туѓо за пролетерската револуција. Таа се однесува за други работи од професионалните интереси на интелектуалците и „националните“ интереси на работничката класа. Победоносната социјална револуција ќе донесе целосна слобода на сите национални групи да се сместат себеси во сите прашања од националната култура, додека ставајќи под една капа (за доброто на сите и со дозвола од работниците) стопанските задачи, што бара вештина на начин, промислен и адекватен со природните, историските и техничките услови, а не, под никакви услови, со националните групирања. Советската Федерација претставува најмногу прилагоден и флексибилен државен облик за координација на националните и економските потреби.
„Политичарите на Втората Интернационала, во единство со нивните ментори од буржоаските дипломатски канцеларии, се смешкаат пакосно на нашето признавање на правата на национално самоопределување, ние се грижиме да им го објасниме на масите неговото ограничено значење и ние никогаш не го истакнуваме над интересите на пролетерската револуција.“

 

Ленин и великорускиот национализам
Ленин ја познаваше и ја сакаше националната традиција, историја, литература и култура на Русија. Иако тој во душата беше длабок интернационалист, тој исто така беше враснат во рускиот живот и култура. И покрај тоа, Ленин не направи ни најмали концесии кон великорускиот шовинизам, против што тој водеше безмилосна битка целиот живот. Победата на пролетерската револуција, се разбира, не значеше веднаш исчезнување на старовремските предрасуди и навики на умот, или ликвидација на традицијата, која, според зборовите на Маркс, тежи на човечката совест „како Алпите“. Не може да се променат умовите на мажите и жените преку ноќ само со рушење на власта на експлоататорите и национализирање на средствата за производство. Општеството и понатаму ги носи раните и деформациите на стариот поредок, не само на својот грб туку исто така и во својот ум.
Постигнувањето на вистински хумани односи помеѓу мажите и жените, помеѓу поранешните угнетувани и угнетувачки нации може да се случи во период, чија должина ќе биде определена од нивото на развој на силите на производство, должината на работниот ден и културното ниво на масите. Ова е прецизно значењето на транзицискиот период помеѓу капитализмот и социјализмот. Во случајот со Русија, каде револуцијата се најде изолирана во услови на најстрашна назадност, проблемите со кои се соочуваше Советската власт беа огромни. Тоа директно се одрази врз националното прашање. Во предвечерието на Првата светска војна Ленин запиша:
„Дури сега, најверојатно и прилично долго време, пролетерската демократија ќе мора да смета на национализмот на великоруските селани (не со цел да и се прават концесии, туку да се собори).“ (ЛСД, Правото на Нациите на самоопределување , феб-март 1914, том 20, наше истакнување)
И тој продолжува: „Состојбата на работите е таква да пролетаријатот на Русија е соочен со двострана задача; да се бори со сиот национализам и најмногу со великорускиот; да ги признае не само еднаквите права на нациите општо, туку и еднаквоста на правата во однос на државноста, т.е., правото на нациите на самоопределување. И во исто време, нивна е задачата да ја промовираат успешната борба против национализмот на сите нации, без разлика на формата, и го сочуваат единството на пролетерската борба и на пролетерските организации, амалгамирајќи ги овие организации во густо збиени интернационални асоцијации покрај буржоазијата која намерува национална ексклузивност.“
„Комплетна еднаквост на правата на сите нации, правото на нациите на самоопределување, единството на работниците од сите нации, таква е националната програма која марксизмот, искуството на целиот свет и искуството на Русија, ги учат работниците.“ (Ибид.)
Ленин секогаш покажуваше голема чувствителност справувајќи се со националностите во Советската држава. Болшевиците ги пресретнаа сите должност кон угнетуваните нации на поранешната царска империја. Во почетокот, името на Русија исчезна од сите официјални документи. Болшевиците ја именуваа само како „работничката држава“. Подоцна имаше движење за основање на Сојуз на Советски Републики. Додека разбирливо во корист на доброволна федерација, која беше формирана веднаш по Октомвриската револуција, Ленин беше нестрплив да се избегне импресијата на неруските националности дека болшевиците само сакаат да ја реконституираат старата царска империја под ново име. Тој повикуваше на претпазливост и внимателност. Но, Сталин, кој беше поставен за Комесар за националностите бидејќи беше Грузиец, имаше други идеи. Добро е познато дека членовите на малите нации кои се издигнуваат на водечки позиции во владата на угнетувачката мнозинска нација тежнеат да постанат најголеми шовинисти. Така, Наполеон Бонапарта, иако корзиканец, стана најфанатичен застапник на францускиот централизам.
Сталин, битие на бирократијата, стана еднакво изразит великоруски шовинист, покрај фактот што тој зборуваше руски тешко и имаше силен грузиски акцент. Во 1921 год., покрај Лениновите замерки, Сталин организираше инвазија на Грузија, која беше (теоретски) независна држава. Поставен пред свршен чин Ленин беше принуден да ја прифати позицијата. Но тој силно советуваше внимание и чувствителност кога се работи со Грузијците, со цел да се отстрани секое руско силеџиство. Тој го нагласи значењето на одржувањето на братските односи помеѓу националностите и инсистираше на доброволниот карактер на секој сојуз или федерација. Сталин, напротив, сакаше по секоја цена да го истурка сојузот на Руската Социјалистичка Федерација (РСФСР) со Транскавкаската федерација, Украинската ССР и Белоруската ССР. Кога Сталин го понуди предлогот на Централниот Комитет, Ленин го подвргна на силен критицизам и предложи алтернативно решение кое беше во принцип различно од Сталиновото. Ленин, типично, го потенцираше елементот на еднаквост и доброволната природа на федерацијата: „Ние се гледаме како еднакви со Украинската ССР и другите,“ тој пишува, „и заедно со нив на рамноправни основи со нив влегуваме во нов сојуз, нова федерација…“ (Ленин, Прашања за националната политика и пролетерскиот интернационализам, стр. 223)
Во меѓувреме, зад грбот на партиското водство, Сталин, помогнат од неговиот потрчко Орџоникиѕе (руски Грузиец, како него) и Џержински (Полјак) направија нешто како удар во Грузија. Ги споија грузиските меншевици, против Лениновиот јасен совет, и кога грузиските болшевистички лидери протестираа, тие безмилосно беа отстранети. Сталин и Орџоникиѕе ги сузбија сите критики. Со други зборови, тие спроведоа политика сосема спротивна на Лениновата во однос на Грузија. Тие ги заплашуваа грузиските болшевици и отидоа дотаму да употребат физичко насилство, кога Орџоникиѕе удри еден болшевик. Кога Ленин, оневозможен од болест, го дозна тоа, тој беше престрашен и диктираше серија на писма на неговите секретари, разоткривајќи го Сталиновото однесување со најсурови можни термини и барајќи најстрога казна за Орџоникиѕе.
Во текстот диктиран на 24/25 декември 1922 год., Ленин го сврсти Сталин како „вистински и прав национал-социјалист“, и вулгарно „великоруски силеџија“. (види Буранов, Лениновата волја, стр. 46.) Тој пишува: „Јас исто така се плашам дека другарот Џержински кој беше во Грузија да го испита ‘злосторот’ на овие ‘национал-социјалисти’, се истакна таму со прави руски мисловни рамки (јасно е дека луѓето од други националности кои се русизирани претеруваат со овие руски рамки на размисла) и дека непристрасноста на оваа цела комисија беше добро обработена од Орџоникиѕевото ‘однесување со луѓето’.“ (ЛСД, Прашањето на националностите и ‘автономизација’, 13.12.1922, том 36, стр. 606.)
Ленин ја постави вината за овој инцидент цврсто кај Сталин: „Мислам“, пишуваше, „дека Сталиновото итање и залуденост со чиста администрација, заедно со неговата пакост против неславните ‘национал-социјалисти’ одиграа фатална улога. Во политиката, пакоста општо има најниска улога.“ (Ибид.)
Ленин го поврза Сталиновото однесување во Грузија со проблемот на бирократската дегенерација на советскиот државен апарат под услови на страшна назадност. Тој посебно го осуди Сталиновото брзање во истакнувањето на Сојузот на Советски Републики, без оглед на мислењето на луѓето кои се засегнати, под изговор за потребата за „обединет државен апарат“. Ленин цврсто го отфрлил овој аргумент и го објаснил како израз на гнилиот руски шовинизам произлезен од бирократијата, која, во голем дел, Револуцијата ја наследи од царизмот:
„Речено е дека е потребен обединет државен апарат. Од каде поизлегува ова убедување? Дали не доаѓа од истиот руски апарат, што, јас го истакнав во претходните делови на мојот дневник, ние го земавме од царизмот и малку му додадовме Советско масло?
„Нема сомневање дека таквата мерка треба да се одложи се додека ние може да речеме дека зборуваме за наш апарат како за свој. Но сега, мораме со сета свесност, да го признаеме спротивното, државниот апарат кој го нарекуваме наш е, фактички, сѐ уште доста туѓ за нас; тој е буржоаски и царски бучкуриш и немаше можност да се ослободиме од него во минатите пет години без помош од другите земји и затоа што ние бевме „зафатени“ најголемиот дел од времето со воени обврски и борба против гладот.
„Сосема е природно што во такви услови ‘слободата да се одвои од сојузот’ со којшто се оправдуваме ќе биде само чкртаница на хартија, неспособни да се бранат нерусите од присилбата на тој вистински руски човек, великорускиот шовинист, во суштина битанга и тиран, каков што е типичниот руски бирократ. Нема сомневање дека инфинитезимален процент на советските и советизираните работници ќе биде вовлечен во таа плима на шовинистички великоруски олош како мува во млеко.“ (Ибид., наше истакнување.)
По Грузиската афера, Ленин ја насочи целата тежина на својот авторитет во борбата да го тргнат Сталин од должноста генерален секретар на партијата која тој ја вршеше од 1922 год., по смртта на Свердлов. Лениновите најсилни стравови, најголеми од кога било, пак, беа дека отворениот расцеп во водството, под тие услови, може да води до расцеп на партијата по класни линии. Затоа тој се обидуваше да ја задржи борбата во рамките на водството и пораките и другиот материјал не беа јавни. Ленин пишуваше тајно до грузиските болшевици-ленинисти (праќајќи копии до Троцки и Каменев) заземајќи ги нивните причини против Сталин „со целото свое срце“. Бидејќи не можеше да ја спроведе работата лично, тој му напиша на Троцки барајќи од него да се заземе во одбрана на Грузијците во Централниот Комитет.
Документираните докази за Лениновата последна битка против Сталин и бирократијата Москва ги скриваше со декади. Лениновите последни дела беа криени од Комунистичката Партија во Русија и интернационално. Лениновото последно писмо до партискиот конгрес, покрај протестите на неговата вдовица, не беше прочитано на партискиот конгрес и остана затворено и заклучено се до 1956 год. кога Хрушчов и компанија го објавија, заедно со други предмети вклучувајќи ги писмата за Грузија и националното прашање. Така, Лениновата борба во одбрана на вистинската политика на болшевизмот и пролетерскиот интернационализам беа препуштени на заборав.

Сталин

„Социјализам во една земја“
Национализмот и марксизмот се некомпатибилни. Но, национализмот е сијамски близнак на сталинизмот во сите свое облици. Во срцето на идеологијата на сталинизмот е така наречената теоријата за социјализам во една држава. Оваа антимарксистичка поставка не може никако да биде бранета од Маркс и Ленин. До доцната 1924 год., Сталин продолжи да ја поддржува Лениновата интернационалистичка позиција. Во февруари истата година, во својата Основи на ленинизмот, Сталин ги сумираше Лениновите погледи како треба да се гради социјализмот, па:
„Рушењето на буржоазија од власт и поставување на пролетерска влада во една земја не гарантира потполна победа на социјализмот. Главната задача на социјализмот, организација на социјалистичко производство, ни преостанува понатаму. Може ли да се постигне оваа задача, може ли конечната победа на социјализмот во една земја да се достигне, без заедничките напори на пролетаријатот на неколкуте напредни земји? Не, тоа е невозможно. Да се сруши буржоазијата доволни се напорите на една земја, како тоа го кажа нашата револуција. За конечната победа на социјализмот, за организација на социјалистичко производство, напорите на една земја, посебно таквите селански земји како Русија, се недоволни. Затоа се потребни напорите на пролетаријатот на неколку развиени земји.“
„Такви, накратко, се карактеристичните црти на ленинистичката теорија за пролетерска револуција.“
Дека точно тие беа „карактеристичните црти на ленинистичката теорија за пролетерска револуција“ не беше доведено во прашање на почетокот на 1924 год. Тие беа повторувани многу пати во стотици говори, дела и документи од Ленин од 1905 год. Но, при крајот на 1924 год., се ревидираше Сталиновата книга и беше заменето токму со спротивното. Во ноември 1926 год., Сталин го кажуваше токму спротивното: „Партијата отсекогаш за почетна точка ја земаше идејата за победа на социјализмот во таа земја и таа задача може да се постигне со силите на една земја.“
Овие редови значат комплетно раскинување со Лениновата политика за пролетерски интернационализам. Сталин никогаш не се изразил вака, додека Ленин сѐ уште беше жив. Првенствено, „теоријата“ за социјализам во една земја го изразуваше расположението на растечката каста на бирократи на кои им беше добро по Октомвриската револуција и кои сега посакуваа да се запре револуционерната бура и стрес. Тоа беше теориски израз на ситно буржоаската реакција против Октомври. Под паролата Социјализам во една земја, сталинистичката бирократија водеше еднострана војна против болшевизмот што заврши со физичко уништување на Лениновата партија и создавање на монструозен тоталитарен режим.
Режимот што беше издигнат на коските на Болшевистичката партија конечно ги уништи сите придобивки на Октомвриската револуција. Но, тоа не можеше да се предвиди однапред. По Руската револуција, Комунистичката Интернационала повторно ја бранеше исправната позиција на националното прашање. Но, со растот на сталинизмот и дегенерацијата на третата Интернационала сите фундаментални идеи беа загубени. Повеќето од лидерите на странските комунистички партии слепо ја следеа линијата од Москва. Тие кои се обидоа да заземат независна позиција беа бркани. Коминтерната се трансформира од возило на светската пролетерска револуција во пасивен инструмент на Сталиновата надворешна политика. Кога веќе не му одговараше, Сталин ја распушти во 1943 год, без да свика конгрес.
Само еден човек претходно објасни каде дефинитивни води теоријата за социјализам во една земја. Дури рано во 1928 год., Лев Троцки предупреди дека доколку оваа теорија се прифати од страна на Коминтерната, тоа неизбежно ќе биде старт за процесот кој ќе заврши во национал-реформистичка дегенерација на секоја комунистичка партија во светот, без оглед дали е на власт или не. Три генерации подоцна, СССР и Комунистичката Интернационала лежат во урнатини, а многу време е помината и откако комунистичките партии ја напуштија намерата за застанат зад вистинската ленинистичка политика каде било.

 

Троцки и украинското прашање

За Троцки, како и за Ленин, прашањето дали треба да се поддржи барањето за право на самоопределување беше конкретно прашање кое ќе биде определено потполно од интересите на пролетаријатот и светската револуција. Добар пример за методот што го употреби Троцки беше неговиот став за Украина во триесеттите години. Монструозното спроведување на сталинистичката бирократија кон Украина сериозно ја наруши солидарноста помеѓу Русија и Украина постигната со Октомвриската револуција.

Како и Грузија, Украина беше претежно земјоделска земја со предоминантно селанско население. Таа голема земја, со пространство и население слични на Франција, Украина, беше од стратегиска важност за болшевиците. Успехот на револуцијата во Украина беше круцијален за проширувањето на револуцијата во Полска, на Балканот и најважно од се, Германија. Во јануари 1919 год. Христијан Раковски, претседателот на комесарите на Украинската Советска Република, рече дека „Украина е навистина стратешки јазол за социјализмот. Да се создаде револуционерна Украина ќе значи подбуцнување на револуцијата на Балканот и давање можност на германскиот пролетаријат за отпор кон гладот и светскиот империјализам. Украинската револуција е одлучувачки фактор за светската револуција.“ (Христијан Раковски, Одбрани дела)

Советската власт во Украина се постигна со тешкотии. Само мал удел од тоа беше резултат на странската интервенција. Најголемата тешкотија беше огромната доминација на селанството. Тоа беше разлутено од националното прашање. Иако украинскиот јазик е многу близок до рускиот и двата народа делеа заедничка историја со векови (Киев беше главен град на старата Рус), сепак Украинците формираа посебен народ со свој јазик, култура и национален идентитет, факт кој не го признаваа великорусите кои традиционално ги нарекуваа Украинците „Мали Руси“.

Националната поделба на Украинците коинцидираше во голема мера со класната поделба во украинското општество. Додека 80% од населението беа селани кои говореа украински, голем дел од урбаното население беа Руси. Затоа, болшевиците имаа силна поддршка во градовите, но екстремно мала во селата. Судбината на украинската револуција висеше на решавањето на овој проблем. Слабоста на болшевиците е што тие им изгледаа како партија на „Руси и Евреи“. Како и да е, револуцијата се случи и во Украина, класната диференцијација неизбежно се отвори внатре во селанството и се рефлектираше во поделба во старите традиционални украински национални организации. Најважна е еволуционата промена на боротбистите, украински еквивалент на руските леви Социјал револуционери. За време на граѓанската војна боротбистите ги здружија силите со болшевиците во битката против Белите (Петљура). Покрај сомнежите на украинските болшевици Ленин инсистирајќи побара тие да се приклучат кон боротбистите. По многуте проблеми, боротбистите конечно се фузираа со Комунистичката партија, па со тоа давајќи и на партијата првпат масовна база во украинското селанство. Тоа беше пресудно за победата на револуцијата во Украина.

Точно е дека потоа следеа многу проблеми со „националистичките“ девијации во украинската партија. Но тие беа надминати со трпение и дипломатија, секогаш присутна во политиката на Ленин и Троцки за националното прашање. Како и да е, со подемот на Сталин и бирократската дегенерација на советската држава,  енормно се влоши незадоволството во Украина. На Дванаесеттиот Конгрес на партијата во 1923 год. Раковски ја предводеше борбата против зголемениот стремеж кон бирократија и великоруски шовинизам. Во храбриот говор на конгресот, Раковски јасно ги идентификува изворите на проблемот со зборови во кои одекнуваа самите Ленинови: „Сталин само остана на прагот на објаснението,“ тој објави. „Има второ, поважно објаснение, главно во фундаменталното несогласување помеѓу нашата партија и нашата програма на една страна и нашиот државен апарат на другата. Ова е централното, круцијалното прашање.“ (Ибид.)

И тој продолжува: „Нашите централни авторитети почнуваат да ја гледаат администрацијата на целата земја од гледна точка на удобност. Јасно, тешко е да си администратор на дваесет републики, па колку удобно ќе биде ако сите тие се обединат. Од бирократско гледиште, тоа ќе претставува полесно, попросто и попријатно.“ (Ибид.)

Концентрацијата на моќта во рацете на привилегираната нова аристократија од бирократи имаше катастрофални последици врз националното прашање во СССР. Бирократската авантура на присилена колективизација имаше разурнувачки последици низ целиот Советски Сојуз, ама никаде толку страшни како во Украина. Сталиновите чистки започнаа најпрво во Украина, поради распространетоста на отпорот на тоа лудило што ги принудуваше масата на селани Украинци во опозиција. Тоа пак се одрази на опозицијата во рамките на Украинската комунистичка партија. Помеѓу 1933 год. и 1936 год., Сталин ја десеткуваше украинската партија. Само за една година, во 1933 год., се спроведе чистка на половина од сите регионални партиски секретари. Многумина од овие настрадани во чистките беа приврзаници на Сталин, како Скрипник, стар болшевик и угледен лидер на украинската партија, кој се самоуби во 1933 год. како протест на чистките. Ова беше само првиот удар. Во 1938 год., на врвот на Московските судења, се спроведе чистка на близу половина од сите секретари на партиските организации. Тоа беше предупредување дека ќе се толерира само комплетна послушност на московската бирократија.

Од неговиот егзил во туѓина, Троцки ги следеше сите овие вознемирувачки настани. Забележувајќи дека чистките најмногу ја погодија Украина отколку другите републики, тој заклучи дека угнетувачките мерки на руската бирократија ќе предизвика нетолерантна рана на врската меѓу Украина и остатокот на Советскиот Сојуз. Опасноста од повторното раѓање на контрареволуционерниот украински национализам нему му беше јасна. Во дадените услови, таквиот тренд ќе најде силно ехо во селанството. Троцки веќе го предупредуваше светот на неизбежноста на нова светска војна во која Хитлер ќе се обиде да го освои Советскиот Сојуз. Под тие услови, украинското прашање имаше живо, врело значење за иднината на светот.

Само под тие особени услови Троцки тогаш ја исфрли паролата за независна Советска Социјалистичка Украина. Неговите интенции беа сосема јасни: да се пресечат корењата на украинските буржоаски националисти кои се обидуваа да ја одделат Украина од СССР на реакционерна основа, што значеше неизбежно предавање на колосалниот земјоделски и индустриски потенцијал, Украина, на Хитлер. Троцки разбираше дека политичката револуција ќе го доведе во ред и националното прашање. И тој разбра дека работите отишле дотаму да е невозможно да се спречи отцепување на Украина од присилниот сојуз, кој сега ги потсетуваше масите на насилство, страдање и национално понижување. Задачата на украинските болшевици-ленинисти, затоа, беше да му дадат на украинското национално движење социјалистичка, а не буржоаска содржина.

Успешната револуција во Украина ќе имаше големо влијание во Русија и во соседните земји, пред се, во западна Украина, што гниеше под петицата на бонапартистичката диктатура на Пилсудски во Полска. Обединувањето на Украина на основа на независен советски социјалистички режим ќе значеше пад на Пилсудски и почеток на социјалистичка револуција во Полска. Ова пак ќе ја охрабреше германската работничка класа за се завртат против Хитлер. Како и во 1919 год., Украина претставуваше „клуч за светската револуција“. Да дојдеше украинската работничка класа на власт, дури и да значеше тоа и отцепување од Русија, вратата за федерација со Русија ќе беше отворена за понатака. Но, работите отидоа по друг пат од оној што го предвиде Троцки. Втората светска војна ги докрајчи неговите перспективи.

Кога Сталин во 1939 год. го потпиша познатиот Пакт со Хитлер и ја испрати Црвената армија да окупира дел од Полска, вклучувајќи ја и западна Украина, Троцки предупреди дека Хитлер неизбежно ќе го прекрши Пактот и ќе го нападне СССР. Во таква ситуација, националното незадоволство во Украина ќе створи смртоносни закани по Советскиот Сојуз: „Хитлеровата политика е следна: воспоставување на точно одреден поредок во неговите освојувања, едно по друго, и креација со секое негово ново освојување на нов систем на ‘пријателства’. Во сегашната фаза Хитлер ја предава Велика Украина на неговиот пријател Сталин како привремен депозит. Во следната фаза тој ќе го постави прашањето кој е сопственикот на таквата Украина: Сталин или тој, Хитлер.“ (Троцки, Дела, 1939-40.)

Тој предупреди дека националното угнетување на Украинците од великоруската сталинистичка бирократија ќе ги одведе Украинците во Хитлеровите прегратки. Токму поради оваа причина, а во дадениот историски контекст, Троцки го исфрли слоганот за независна советска Украина, како средства за соборување на реакционерниот украински буржоаски национализам и придобивајќи ги украинските работници и селани на идејата за советска власт. Во предвечерието на Втората светска војна тој напиша:

„Прогерманската ориентација на дел од украинската мисла сега едновремено ќе го открие својот реакционерен карактер и својот утопизам. Преостанува само револуционерната ориентација. Војната ќе ја разбесни брзината на начинот на развиток. Со цел да не нè фатат неподготвени, потребно е да се заземе навремено јасен став за украинското прашање.” (Ибид.)

Во 1941 год., точно една година по атентатот врз Троцки извршен од Сталинов агент, Хитлер го нападна Советскиот Сојуз, баш како што предвиде Троцки. И како што се плашеше, многу Украинци, претежно селаните, гледаа на Германија со степен на надеж или барем резигнација. Но, тоа набрзо се промени како резултат на глупавата расистичка политика на Нацистите, со нивното лудило за „инфериорни раси“. Да беше Советскиот Сојуз нападнат од Американците со евтина стока во нивните товарни возови, исходот можеше да биде сосема различен. Но, Хитлеровата војска не дојде со евтина стока туку со гасни комори. Како резултат на тоа, масата на население, не само од Украина туку од целата СССР се здружи против нацистичките напаѓачи. На крај, бројот на колаборатори-предавници беше мал, дури и во Украина. И покрај злосторствата на сталинизмот, тие го гледаа како помало зло.

Важно е дека Троцки ја сметаше Украина за посебен случај. Тој начелно го исфрли слоганот за „независна советска Украина“ поради посебни причини. Тој никогаш не го исфрли истиот слоган за било која друга република на СССР.  Згора, овој слоган повеќе не е применлив за Украина. По колапсот на Советскиот Сојуз Украина, заедно со сите други поранешни републики, се здоби со независност. Но, по десет години на искуство од благословот и на независноста и капитализам, масите на Украина, сега не ги посакуваат ни двете. Тие тоа го заклучуваат од страшниот економски и културен колапс кој резултираше од тоа. Сега постои силно и зголемено расположение во корист на обновување на Советскиот Сојуз. Се разбира, Украинците сакаат демократски права, вклучувајќи автономија да ги водат своите работи и почит за нивните прави национални аспирации, јазик и култура. Тие сакаат да ги сметаат за еднакви, не второкласни „мали Руси“. Со други зборови, тие сакаат вистинска Социјалистичка Федерација, основана на ленинистички принципи. Таква е и нашата програма. Будалесто е да се продолжи, во сегашните конкретни услови, со стариот слоган за „независна советска Украина“. Тоа ќе нè направи позаостанати дури и од просечниот Украинец, кој мисли дека независноста не е решение.

Уште поглупаво би било да се обидеме да го примениме стариот Троцкиев слоган по механички пат на Косово, како што се обиде една секта. Откако се зацапале на една фраза од делата на Троцки од 1930тите, тие како папагали ја повторуваат, без ни малце да разберат зошто Троцки го истакна тој слоган или што тој значи. Дијалектичкиот метод, кој го користеа Ленин и Троцки, се состои од елементарниот став дека „вистината секогаш е конкретна“. Ние веќе ги објаснивме посебните причини зошто Троцки во овој посебен случај (и само во овој посебен случај) начелно го истакна овој посебен слоган. Но, во случајот за Косово, по околу половина век подоцна, тој слоган нема никаква врска со овој случај.

Ние ќе го објасниме нашиот став за косовското прашање на друго место (го објаснивме многу пати порано). Распаѓањето на Југославија, како и распадот на Советскиот Сојуз, беше потполно реакционерен, кој ние не можеме да го поддржиме. И како и секогаш на Балканот, зад секое национално движење секогаш стои некоја од големите сили да ги влече конците. За големите сили, малите нации се толку многу мал ситниш што се користат цинично и се занемарува нивната волја. Решавачки фактор во оваа равенка беа маневрите на империјализмот на САД, маскиран под знамето на НАТО. ОВК е целосно реакционерно движење, што, во овој случај, беше локален агент на американскиот империјализам. Во дадените услови, како што неуморно повторуваме од почетокот, војната на Косово, демек водена под знамето на „самоопределување“ за Косово, може само да заврши во поставување на американски протекторат на Косово. И тоа и се случи. Ако има сè уште некои толку слепи да не можат да го согледаат ова, ние жалиме за нив.

Сакаме да знаеме што има ова врска со самоопределувањето? На кој начин сегашната омраза ја помага каузата на работничката класа и социјализмот? ОВК, која е организација главно од гангстери, вклучени во криумчарење на дрога, заштитнички ракети и систематско убивање на Срби, Цигани и други национални малцинства, се обидува да се докопа на власт со надеж дека подоцна ќе се здобие со независност. Но, тоа е невозможно. Независно Косово ќе значи војна на Балканот, вклучувајќи ја не само Југославија, туку и Албанија, Македонија, Грција, Бугарија и Турција. Од тие причини американските империјалисти се против тоа. Но, како вели изреката “fools rush in where angels fear to tread 11“. Па што ако ова води во сеопшта војна на Балканот?-се дерат секташите. Важно е дека Косово е независно! Доволно лошо е ова лудило. Но, потоа други секташи, кои се полуди, пак, додаваат нова и многу оригинално превртување: „Независност, да, но мора да биде советско и социјалистичко!“

Навистина, баш е штета што генералите од НАТО не ги погледнуваат овие дела на ваквите сезнајковци, па нели совршено е јасно дека од време на време и ним и треба малку лесна разонода. Стомакот ќе ги заболи американските генерали од смеење. ОВК беше и е ништо без армијата на САД зад неа. Таа е, затоа, помошна рака на војската на САД. Како таква, таа нема никакво независно значење. Само заради силата на војската на САД, ОВК влезе „херојски“ на Косово. И само со американско попуштање и е дозволено да оперира. Ако, а можно е, ОВК излезе од колосек, набрзо ќе се соочат со тоа. Стварноста е таква што империјализмот владее сега со Косово и ќе остане така долго време, бидејќи тие не можат да се повлечат така лесно. Тоа е конкретната стварност на Косово. Тоа е тоа „самоопределување“ што го донесоа американските бомби. Да се очекуваше нешто друго беше целосна заглупавеност. Ама, имаше такви кои себе си се нарекуваа марксисти кои ја поддржуваа оваа акција, ма како, тие ја бараа. Еден од овие господа („марксистички теоретичар“ ако некој верува во тоа што тие го зборуваат) дури му пиша на Робин Кук, британскиот министер за надворешни работи, барајќи НАТО да ја бомбардира Југославија. Да, сите тие беа за „самоопределување“ и „независност“, па дури и за „независно социјалистичко Косово“. Но сега, соочени со конкретната реалност на новата империјалистичка енклава на Балканот и на одвратниот спектакл на порано угнетуваните националности убивајќи ги и угнетувајќи ги другите националности, што може да кажеме?

Националното прашање е стапица токму за оние кои не размислуваат за нештата се до нивниот крај. Освен ако имаш цврста класна позиција, ти секогаш ќе завршиш со смена на едно угнетување со друго. Косово е само уште еден пример за тоа.

 

Националното прашање и сталинизмот

Ленин објасни дека националното прашање во крајна линија е прашање на лебот. Брзиот економски развој на СССР, овозможен од национализираната планска економија, значеше драматично зголемување на животните стандарди и културното ниво на сите народи на Советскиот Сојуз. Најголемиот напредок беше постигнат во најзаостанатите републики на Кавказ и централна Азија. Помеѓу 1917 год. и 1956 год., севкупното индустриско производство на СССР се зголеми за повеќе од 30 пати. Но, истото во Казахстан се зголеми за 37 пати, Киргистан 42 пати, Ерменија 45 пати. Сличен раст е забележан и во Узбекистан, Таџикистан, итн. Но, покрај овие импресивни постигања, националното угнетување сè уште постоеше во Советскиот Сојуз. Но пофалбите на бирократијата беа неосновани. Следи еден типичен:

„Сојузот на Советски Социјалистички Републики, вид на мултинационална држава непозната претходно во историјата, е основана на принципите на братската соработка и взаемната доверба. Населена е од социјалистички нации (?), Руси, Украинци, Грузијци, Узбеци и други. Тие се нации од нов вид (?) кои немаат слични во минатото. Тие се нации на работни луѓе ослободени од било кој вид на угнетување и експлоатација. Тие се поврзани со морален и политички сојуз и со вистинско пријателство на луѓето градејќи ново општество. Овие нации имаат нов морал и политичка градба кои се манифестираат преку заедничка култура, социјалистичка по содржина и национална по форма. Тие се образуваат од страна на Комунистичката Партија во духот на Советскиот патриотизам, пријателство меѓу народите и почит за правата на другите луѓе, во духот на интернационализмот.“ (Вовед кон Лениновите прашања за националната политика и пролетерскиот интернационализам, стр. 11.)

Слатките митови на бирократијата која ги претставуваше односите меѓу народите на СССР во идеализирано светло немаа никаква врска со вистинската состојба на работите. Ова не е место да се занимаваме со еволуцијата на Советскиот Сојуз по смртта на Ленин. Ние ја препорачуваме книгата Русија, од револуција до контрареволуција (на англиски)  на Тед Грант, каде националното прашање во СССР е анализирано до некоја мерка. Излишно е да се каже дека монструозниот шовинизам на Сталин и бирократијата служеа да се поткопа солидарноста која постоеше помеѓу различните народи на Советскиот Сојуз, па го поплочија патот на распадот на СССР, на штета на сите народи. Невозможно е да се објасни брзината со која колабираше СССР ако некој ја прифати сталинистичката пропаганда во која сѐ е толку перфектно. Вистината е сосем поинаква.

Под Сталин се спроведуваа најмонструозни дела против националните малцинства на СССР. Чистките ја завршија работата почната од Сталин од 1922 год., ликвидација на она што остана од болшевичката партија. Околу средината на 1937 год. беше спроведен прогон против Комунистичката Партија во секоја национална република. Голем број на лидери на националните партии беа судени на познатите театрални судење на Бухарин во март 1938 год. Лидерите ги обвинуваа обично за „буржоаски национализам“ и погубувани. По ова, беше отворен патот за масовни апсења и депортации. Точниот број на жртвите на Сталиновите чистки најверојатно нема да се знае, но ќе се бројат се разбира во милиони. Не е никаква утеха на Украинците, Грузијците или Ерменците тоа што и рускиот народ страдаше не помалку грозоморно. Сталиновиот екстремен руски национализам се собра во говорот што се објави во Правда на 25 мај 1945 год., каде што тој изјави дека рускиот народ бил „најистакната нација на сите нации на Советскиот Сојуз“ и „водечка сила“ за СССР. Следствено, сите други националности биле второкласни и мораа да ја прифатат „водечката улога“ на Москва. Таквата концепција го руши делото и духот на ленинистичката политика по националното прашање.

Најмонструозен криминал спроведен од Сталин беше масовната депортација на националностите за време на Втората светска војна. За време на војната, цели седум народи беа депортирани во Сибир и Централна Азија под најнечовечки услови. Таква беше судбината на Кримските Татари, Германците од Волга, Калмиците, Карачаите, Балкарите, Ингушите и Чеченците. НКВД, Сталиновата тајна полиција, ги обиколи сите, мажи, жени и деца, стари и болни, комунисти и синдикалци, и им нареди преку нишан да се качат во запрежните коли и да понесат она што може да го носат. Голем дел умре при преминот или по пристигнувањето од студ, глад или изнемоштеност. Војниците кои се бореа на фронтот, дури и тие што беа наградени за храброст, беа исто така уапсени и протерани. Наследството на оваа горчина создадена од овој одвратен чин, варварско дело на национално угнетување, трае до ден денес. Се одрази при распадот на Советскиот Сојуз и кошмарот во Чеченија.

Побудата за русизација на неруските народи се покажа при составување на „комунистичките“ партии на републиките. Во 1952 год., само половина од сите водечки јавни личности во Централна Азија и балтичките републики беа од локалната националност. На другите места, пропорциите беа дури помали, На пример, во молдавската партија само 24,7% беа Молдавци, додека само 38% од регрутите на таџичката партија во 1948 год. беа Таџици.

Една од најодвратните особини на сталинизмот беше антисемитизмот. Болшевичката партија секогаш се бореше против антисемитизмот. Следуваше дека Евреите ја гледаа Октомвриската револуција како нивен спас. Болшевиците им дадоа на Евреите еднакви права и целосна слобода. Нивната култура и јазик беа охрабрувани.

Тие дури формираа автономна република, та сите Евреи кои сакаа одделна земја да ја добијат. Но под Сталин оживеа сета стара расистичка гнасотија. Евреите повторно станаа вечни виновници за сè. Дури во 1920тите, Сталин се подготви да употреби антисемитизам против Троцки. Бидејќи Евреите формираа голем дел од старите болшевици, тие страдаа најмногу во Чистките. По Втората светска војна, имаше антисемитска кампања, само делумно преоблечена во смоквини лисја како „ционисти“ или „безмилосни космополити“, зборови кои просто значеа „Евреи“. Познатата случка „Доктор Плот“ во која беа обвинети лекари од Кремљ, дека наводно сакале да го отрујат Сталин, беше сигнал на проѕирната антисемитска кампања, бидејќи сите обвинети лекари беа Евреи. По прогласувањето на државата Израел во 1948 год. (првично поддржана од Москва), сериозно се притискаше врз еврејската култура, до тогаш толерирана. Сите публикации на јидиш беа затворени, а затворен беше и еврејскиот театар. Во 1952 год., година пред да умре Сталин, беа застрелани речиси сите лидери на еврејската култура и уапсен голем дел на Евреите. Само смртта на Сталин спречи нови Чистки. Дури и денес, во така наречената „Комунистичка“ Партија на Зјуганов присутни се елементи на антисемитизам. Ова, самото е доволно да се покаже амбисот што ги разделува сталинизмот (и неосталинизмот) и вистинскиот ленинизам.

Сега, конечно, мораат да се соочат со сторените грешки. СССР се распадна со војни и конфликти. „Човекот учи додека е жив“12, – сакаше да додаде Ленин. А животот самиот ги научи народите на Советскиот Сојуз на многу горчливи лекции. Пропаста на социјализмот во една земја зјае како носовите на бирократијата, што е презафатена во себе-трансформирањето во нова класа на капиталистички експлоататори. Никој во современата епоха не може да го игнорира фактот дека светската економија е детерминирачки услов. „Социјализмот во една земја“ се разобличи како реакционерна утопија.

Сегашните кошмари на стопански колапс, војни и етнички конфликти се отровни наследства на декади на тоталитарна бирократска власт од Москва. Но, капитализмот не нуди излез за поранешните републики на СССР. Формалната независност не реши ништо за нив. Напротив. Прекинот на врските што постоеја помеѓу сите нив за заеднички план на производство доведе до колапс на трговскиот и стопанскиот раст, со страшни последици за масите. Повеќето од народот без сомнение ја преферира претходната состојба отколку денешната мизерија. Реконституција на СССР ќе биде прогресивен чин, но враќањето кон системот на старата бирократија нема да биде долготрајно решение. Сите стари контрадикции би се врателе и би се случило повторно нова криза. Она што е потребно е враќање на оригиналната програма и идеите на Ленин и Троцки: демократски режим на работничка (советска) власт во која работните луѓе од сите републики можат да основаат социјалистичка федерација базирана на вистинско единство и братство и ниту една нација да не надвладува над другите.

И покрај сѐ, уште живеат перспективите за социјалистичка трансформација на општеството. Но, покрај тоа што постои стравичната насока во минатиот период, Русија не е повеќе заостаната неписмена селанска земја од 1917 год. Штом работничката класа ја преземе власта во свои раце, изгледите ќе бидат барем придвижување кон социјализмот, иако конечната победа може да се постигне само во светски размери. Сепак, Русија и земјите на ЗНД имаат гигантски продуктивен материјал, не помалку и високообразовани работни сили, клучен фактор за развој на новата информатичка технологија. Капитализмот покажа дека е неспособен да го насочи овој потенцијал. Но, демократски национализирано планско стопанство може набрзина да ја трансформира целата ситуација.

На основите на современата економија, каде работничката класа е веќе значително мнозинство во општеството, демократски социјалистички план за производство што ги поврзува изобилните природни, човечки и технолошки извори на големата територија ќе произведе такво изобилие што за речиси релативно кратко време сите стари национални ривалства и сомневања ќе се повлечат во незначајност, како лошо сеќавање од минатото. Ќе биде отворен пат за слободно мешање на народите во слободна социјалистичка заедница, со сѐ она што значи за човековиот културен напредок. Таквата визија за иднината е бескрајно многу поинспиративна отколку тесните и во суштина мизантропски утопии на национализмот.

назад: Дел Трети: Ленин и националното прашање

следно: Дел Петти: Националната држава денес

 

Содржина

Увод
Дел Први: Националното прашање во историјата
Дел Втори: Маркс и Енгелс и националното прашање
Дел Трети: Ленин за националното прашање
Дел Четврти: Националното прашање по Октомври
Дел Петти: Националната држава денес