ЕкономијаМакедонија

Критика на Нови даночни политики

Точно е дека политичката јавност деновиве е усредсредена на изјавите на министрите како и самиот претседател на влада, г-динот Заев, во врска со законските промени во оданочувањето. При тоа, редакцијата на Антропол излезе со реакција (Нови даночни политики) во која се осудува непринципиелноста на власта кон својата идеологија – социјалдемократската. Би сакал да го докажам спротивното, па, оваа власт доследно ја спроведува социјалдемократската идеологија, чии противник е авторот на овие редови.

Социјалдемократијата, за која зборуваме сите, по Октомвриската револуција и создавањето на Коминтерната цврсто застана во промоција на капитализмот со човечки лик, се залага за низа вистински праведни реформи на агресивниот, див или, според нив нехуман, капитализам. Таа е веќе спротивставена на марксизмот и се позиционира првенство во одлучна борба против револуционерните социјалисти. Социјалдемократијата е реформистичка левица, која е одделена од масите со апарат на бирократи и партиска аристократија, а својата теорија не ја фундира ни сега ниту во минатото кристално јасно, па нема увид и разбирање за целокупната работничка класа, а што е битно има органска недоверба во социјалната моќ на масите. Социјалдемократите се медиокритети, кои се набилдани во буржоаската политика и кои класната борба ја гледаат како пазар – тие се трговци со работничките интереси.

Ова не значи дека СИТЕ членови на вакви реформистички партии се зачленети од тесни, себични интереси, но без јасна перспектива, под притисок на раководството и во атмосфера на партиски клиентелизам, најголем број од нив ќе капитулираат под реформизмот и според тоа ќе станат дел од проблемот на општеството.

Социјадемократијата не може да ја гледаме изолирано, како редови зборови во некои книги или нивни партиски документи, таа како и сите други идеологии е практика на владеење, стратегија и тактика на политичка активност. И не само наша локална практика, социјалдемократија насекаде во светот (било да е СПД од Германија, Социјалистичката партија на Франција, ПАСОК од Грција, Лабуристите од Британија или Австралија итн.) нема строго дефинирана долгорочна или среднорочна политичка агенда. Некој ќе рече дека некогаш имале, да, и го нарекуваа Ерфуртска програма, но тоа време на Енгелс е одамна завршено за социјалдемократијата. Како што се тврди во статијата „потребно е да се прифатат одредени премиси на социјалдемократската идеологија, имено: (1) моменталниот капиталистички економски систем нуди нееднаква распределба на богатството меѓу капиталистичката и работничката класа и (2) моменталниот капиталистички економски систем може да се реформира, најчесто преку политики на прераспределба на богатството и градење на поцврст државен сектор кој ќе овозможи лесно достапни услуги за граѓаните“ и тука се прави првичната грешка. Имено не се тие премиси на социјалдемократијата туку обланди или параван, а премиси се дека социјалдемократија, како масовна работничка партија, се поставува како застапник на интересите на мнозинството во националната држава и преговара со владејачката класа за одредени концесии. Не борбата за принципи ама преговарачката способност, адвокатура на народот, се знаци на препознатливост на социјалдемократијата. Тие и заборавија на класната природа на општеството, а не го ни употребуваат зборот капитализам, експлоатација, социјализам. Затоа и лесно се дефинира нивна шема на делување – кога се во опозиција се борат за партикуларни политики за маргинализирани групи, а кога ќе дојдат на власт тогаш забораваат да спроведат реформи во интерес на нивната база, за работниците. Борбата за маргинализираните групи е исправна, но нивните политички мотиви не произлегуваат од потребата овие групи да се сфатат како органски поврзани со класата која ја застапуваат, туку профитерски да успеат да победат во нешто и да го подобрат животот на една мала група луѓе. Тука се на пример многу помалата група на најугнетени работници во моментов, оние во текстилната индустрија или пензионерите. Затоа нивната победа за минималната плата или зголемување на пензиите ги гледам само од аспект дека добија битка за подобрување на животот на мал број луѓе, додека животот на останатите е во стенд бај. Но, тука во равенката на македонското општество една победа на маргинализираните групи, по кратко време може да се претвори во пораз. Пример се стечајните работници, кои се измамени, пар екселанс.

Еден не толку небитен момент за социјалдемократија е нивно врзување само еден дел од работничката класа, само делот кој живее во тесните национални граници. Национализмот е затоа инхерентен за секоја социјалдемократија, а тој во одредени околности секогаш зема форма на ксенофобија (Спасовски со неговите ставови за бегалците како пониски суштества), одбрана на „патриотизмот“ (така промената на името на нацијата ја бранат од апстрактните позиции на националните интереси, а не од класните позиции за интернационализам), a законот за јазици ДУИ-СДСМ го носат под мотивот за национално помирување и унапредување на малцински права, иако тоа е дил меѓу партиите, нема никакво унапредување на малцинските права и доведува до продолжување на етничката одвоеност на работниците што зборуваат албански или македонски). За оваа тема пошироко друг пат.

Да се вратиме сега на прашањето за даноците. Тевдовски, академски граѓанин, кој дали има искрени намери да го намали јазот помеѓу богатите и сиромашните или е дел од добро осмислена пи-ар циркусијада ќе дознаеме за година-две, предлага од сегашниот рамен данок да се додаде нова стапка за вкупни доходи над 60 илјади денари месечно. Стапките и на елементарен познавач на финансова економија му се трагични – 10 со 18 отсто. Овакви бројки нема во учебниците во лекциите за прогресивен данок. Еве, во една крајно либерална антикомунистичка земја утепана од неолиберализмот, Австралија, данокот на доход е од 0 (со зборови, нула) до 45 (четириесет и пет ) отсто. Сите жители на Австралија кои не заработиле над 16 илјади евра годишно, не и должат на државата ни цент, а тие до 37 илјади (што е под просечната плата од 57 илјади) до 10 отсто. За тие кои просечно заработуваат важат стапките околу 18%, а стапките од 45% се резервирани за тие над три просечни плати. Нормално, овие проценти над 40 или 60 во некои скандинавски или европски држави, се добиени со борбата на синдикатите и нивниот притисок, но и со тамошните социјалдемократски влади кои можеа во историјата да одземат повеќе од профитите на своите капиталисти.
Македонската социјалдемократија не може да се договори со „своите“ богаташи да дадат по некоја трошка повеќе. Затоа и таква фама дигнаа околу овој рамен-ванаби-прогресивен данок. Реалноста ќе ги принуди на големи отстапки од своите изборни ветувања и повторно ќе ја остави Македонија да се дави во даночното дно на Европа и на Балканот. Марксистите мора да ја имаат предвид таа перспектива.

За крај, би сакал да потсетам дека за социјалистите даночните политики не се креатор на економијата тука дека се негова рефлексија. Борбата за подобро општество не е и не смее да се редуцира на борба за високо прогресивни даноци, даноци на луксуз или даноци на имот. Посебно не тие редуцирани барања да се стават во контекст на одржување на режимот.

„Реформистичките политичари, овие вешти манипулатори, итри интриганти и кариеристи, експерти за парламентарни и министерски маневри, штом текот на настани ќе ги исфрли од сферата во која се навикнати, што се најдат лице в лице со моменталните контингентности, се разоткриваат како целосни и стопроцентни будали“  (Лав Троцки)

Алек Атевиќ, 2 април 2018