Наредната рецесија и баукот на Маркс
Во целиот свет, многумина се заинтересирани за марксизмот, не само во својата скаменета форма туку за оној вистинскиот, за оној на политички активизам за промена на општеството. Тоа е поради длабоката криза на капиталистичкиот систем, што е објаснет од Карл Маркс пред повеќе од 150 години.
Терминална фаза
Маркс укажа на тоа дека капитализмот не може да се реформира (како што повеќе веруваат) поради законите на капиталот и акумулацијата. Капитализмот се темели на стремежот за зголемени профити. Профитите, од друга страна, произлегуваат од неплатениот труд на работничката класа. Маркс едноставно објасни дека работниот ден може да се подели на два дела. Едниот дел е времето што работникот го работи да создаде доволно вредност да си ја покрие платата. Остатокот од времето е да се создаде вишок вредност (т.е. профити) за шефот (тоа е вишокот труд).
Работниците не можат да ја откупат целокупната вредност произведена од нивниот труд со своите плати, па тука се раѓа суштинскиот проблем. Капиталистите мораат да ја заобиколат оваа контрадикција со инвестирање на вишокот вредност назад во производството. Со тоа се осигурува проширување на системот на сметка на растот на производниот капацитет. Ова води кон криза на прекумерно производство, како што видовме во 2008 година.
Капиталистичкиот систем, што бил прогресивен во далечното минато, сега е исцрпен. Ги престигна своите граници и е во терминална фаза.
Песимизмот
Економистите пред неколку децении говореа за падот на социјализмот и за триумфот на капитализмот. Тие беа полни со оптимизам и веруваа во прогрес на целото човештво. Денес, во весниците како Форбс, Гардијан, Њујорк Тајмс, Дејли Телеграф и сл. слободно може да прочитате и тоа редовно дека следува нова економска криза, дека нема да има развој. Страниците се преполни со песимизам. А како да не бидат, кога гледаат дека нивниот безалтернативен свет се распаѓа. (Само побарајте наслови „next recession“). Така на пример во Форбс е објавена статија Кога е следната рецесија? во која се наведени индикатори за рецесија и каде јасно е покажано дека рецесијата не само што е неизбежна туку е и појака од таа во 2008 год, но парадоксално некаде при крајот на песимистичката анализа стои следново: „Игнорирајте ги чувствата и искушението за контрола на цените на активите во временската рамка на пазарот – како што треба да се игнорира и овој есеј за следната рецесија.“ Ова е исто како да кажеш игнорирај дека те боли кога ти влегува нож.
Напредокот во техниката и технологијата го загрозува истиот систем, со осиромашување на работниците и создавање на поголеми нееднаковости. На врвот на буржоаската идеологија денес стои и Марк Карни, гувернерот на Бенк оф Ингланд (централна банка на Обединетото кралство) кој изјави „масовните губења на работните места поради технологијата можат да го оживеат марксизмот на Западот“. Исто така и дека „очекуваната автоматизација на милиони работни места во производството и услугите, со слаб раст на платите за тие што работат, може да ги однесе кон комунизмот“ (цитат преземен од Дејли Телеграф, гласило на десничарските Ториевци). Значи, претставникот на владејачката класа и клучен одбранбен играч на капиталот, верува дека капитализмот се поткопува самиот себе си преку уништување на работните места и преку предизвикување на огромна нееднаковост. На крај Марк Карни заклучува дека доколку се реализира овој свет на вишок труд, повторно Маркс и Енгелс може да станат значајни. Ова е шокирачка изјава за светот, кој во последните три децении слушаше дека Маркс е мртов. (повеќе за Марк Карни и неговото експозе на Самитот за раст на Канада тука.)
Историјата се повторува
Пред 150 години брзината на производство се забрза со новата технологија. Но просечните плати со децении беа замрзнати, затоа што воведување на машините значеше дека се создаваат само работни места со ниска квалификација.
график: Прва изгубена декада на реалните плати од средината на 19 век. (извор Бенк оф Ингланд)
„Општо работниците не можат глатко да се префрлуваат од едно работно место на друго со иста продуктивност“ (Марк Карни) „Според тоа, добробитта, од аспект на работникот, од првата индустриска револуција, која започна во втората половина на 18 век, не се осети целосно во продуктивноста и платите се со втората половина на 19 век“. Инаку оваа стагнација на платите е позната како „Енгелсова пауза“. Карни признава дека последниве години слабиот раст на плати од 2008 година е показател дека појавата забележана во 19 век се повторува денес (види график). И навистина е така. Реалните плати паѓаат. Животниот стандард е исцеден како никогаш порано во развиените земји. Овој напад посебно лошо се одразува врз младината која е соочена со несигурна иднина.
Алармот е вклучен кај стратезите на капиталот. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е загрижен за исклучително големото ниво на задолженост на земјите. Тие нивоа се поголеми отколку во 2009 година. ММФ исто така предупредува дека народот ја губи вербата во нивните влади. Јавниот оптимизам е еродиран со „долгогодишни трендови на поларизација на работата и платата, спарено со упорниот потпросечен раст на средната плата“ (Обсфелд, ММФ).
Маркс е во право!
Пол Ормерод, економист, не се сложува со песимизмот на гувернерот на британската национална банка и вели дека Маркс погрешил. „Иднината изгледа многу пооптимистична отколку тврдењата на Маркс или Керни. Маркс погрешно верувал дека капиталистичката класа ги експропреира сите придобивки и дека платите ќе останата блиску до нивото на преживување.“ Ова е упростување до бесвест на Маркс, а се игнорира стварноста на милиони обични луѓе. Во овој период на енормни профити на капиталистите, дали не е факт дека условите и платите на работниците се влошени додека богатите стануваат побогати? Во последнава декада, реалните плати се паднати повеќе од која било декада од 1750 год. Работниците се принудени да учествуваат во трката на дното. Уделот од националниот доход кој се враќа на работниците во облик на плати се намалува за декади. Дури и Ормерод признава дека во развиените земји, уделот што се враќа на трудот бил 56 отсто од националниот доход во средината на 1970те, а е паднат денес на 51 отсто.
Капитализмот е во неразрешлива криза. Иднината не му е баш сјајна. И најсериозните аналитичари го гледаат ова. Затоа е неопходно да заклучиме дека не може да се реформира овој систем проткаен со кризи. Капитализмот треба да се прекрати и замени со економија што е рационално планирана и што се раководи од потребите, а не профитите. Таа задача е како интернационална, така и локална, на нашиот Балкан.
Алек Атевиќ, 5 мај 2018
Користена литература