Србија: напред кон генерален штрајк!
Од нашиот претходен текст напишан кон крајот на ноември, работите во Србија значително се забрзаа. Младите застанаа на чело во борбата во најинспиративното движење од падот на Милошевиќ.
Откако режимот ги испрати своите функционери и насилници на студентите и средношколците кои беа на блокадите, наместо страв, тие предизвикаа лавина млада енергија против себе. Факултетот за драмски уметности (ФДУ) беше една од метите на насилниците, каде физички нападнаа еден студент. Една недела подоцна, студентите на тој факултет реагираа со блокирање на факултетот барајќи да се поднесе кривична пријава против одговорните за нападот.
Од друга страна, откако на професорите во движењето „Застани Србија“ им се придружија дел од средношколците на познатите гимназии, Карловачката и новосадската Јован Јовановиќ Змај, притисокот кој владејачките политичари го извршија врз професорите и учениците предизвика одговор на кој режимот не се надеваше. Во Сремски Карловци самиот градоначалник излезе од кабинетот за да се спротивстави на нивната блокада, додека дел од неговите луѓе ги прозиваа учениците, а во гимназијата Јован Јовановиќ Змај, директорот на училиштето му се извини на премиерот Милош Вучевиќ, чиј син учи во тоа училиште, за како што рече тој, дозволувањето на злоупотреба врз студентите. Учениците од Карловачка носеа транспаренти на следниот протест во Нови Сад дека се дел од протестот по сопствена волја, додека неколку дена подоцна се одржа јавен час пред гимназијата Јован Јовановиќ Змај во знак на протест против тоа извинување.
Но, она што започна како искри кај младите, набрзо се претвори во силен гром! Само една недела по почетокот на блокадата на ФДУ, студентите од другите факултети почнаа да се приклучуваат кон блокадите, барајќи исто како и студентите на ФДУ, поддржувајќи ги барањата на досегашното движење за кривична одговорност за одговорните за падот на настрешницата, како и објавување на целокупната документација поврзана со тој проект и пошироко. По неколку дена, имаше блокада на сите факултети во Белград, Нови Сад и Ниш, како и некои во други градови, со вкупно над 50 блокирани високообразовни институции! Студентите се организираа во демократски пленуми на кои заеднички одлучуваат за натамошниот правец на движењето.
Блокади на факултетите се случуваа и порано во Србија, но не од вакви размери. Дури и Богословскиот факултет застана, а еден од симптомите на револуцијата е дека слоевите од кои најмалку се очекува, се приклучуваат на борбата. Солидарност со српските студенти покажаа студенти од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Македонија, па дури и од Полска.
Инспирирани од студентските блокади, средношколците го прифатија истиот метод на борба, а во некои случаи и ги блокираа своите училишта. Ова е без преседан! Последното сеќавање на блокадите во средните училишта не враќа во меѓувоениот период кога членовите на СКОЈ ги предводеа штрајковите во училиштата. Барањето на учениците од гимназијата Јован Јовановиќ Змај е да се повлече извинувањето до премиерот и извинувањето на директорот кон професорката која беше прозвана од премиерот. Директорот и неколку гнили професори се обидоа да влезат во училиштето, а учениците стоички одбија, инсистирајќи дека тоа е изгласана одлука на учениците. На советот на родители во тоа училиште само три гласа беа против блокадата. Во својот очај, директорот клекнал пред училиштето и се молел, апелирајќи до небесните сили кога земните го предале.
Студентите со своето движење го откопаа одамна насобраниот гнев што постоеше и кај возрасните. Притисокот на режимот влезе во секоја пора на општеството, вклучително и на факултетите. Студентските блокади на факултетите беа поддржани дури и од многу професори, па дури и декани, со што на студентите им дадоа признание дека го направиле тоа што професорите и деканите не смееле да го направат. Дури и професорите на Универзитетот од северот на Косово, кој беше најстрого контролиран од Белград, ги поддржаа студентите. Наставниците штрајкувачи се поврзаа со учениците. Земјоделците од западна Србија, против кои режимот се обиде да маневрира во овој хаос за да го протурка доаѓањето на рударската компанија Рио Тинто, им носеа храна на студентите на блокадите. Солидарност покажаа голем број сограѓани и на интернет кружат видеа како сите заедно ги опремивме студентите со материјали за блокадите. Студентите беа поддржани и од бројни познати личности.
Режимот се плашеше од ова движење. Претседателот Вучиќ малку кажува дека ги слуша и разбира младите луѓе, малку им се заканува со специјални единици, малку ги обвинува дека се странски платеници. Кога најави уште едно обраќање до нацијата, студентите се собраа пред Претседателството за да протестираат и да прават врева за време на обраќањето. Свирежи и пароли се слушаа директно во преносот и не можеа да се нивелираат. „Кој те праша тебе било што?“ беше одговорот на студентите на поканата за разговор што им ја испрати претседателот. Во својот говор тој беше видно поразен, иако се обидуваше да се преправа дека не е.
Секоја изјава или појавување на било кој од власта наидува на гнев и протест. Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ, чија оставка бараат просветните работници, дојде во градското собрание на Ниш, но студентите решија да ја прекинат нејзината посета и упаднаа во собранието со свирежи. Сцената на поразените функционери кои со неверување го напуштаат собранието го покажа вистинскиот однос на силите. На спомнувањето на Вучиќ и министрите на една претстава, огромен број од присутните одговорија со гласни викања и свирежи. Земјоделците бараат оставка од министерот за земјоделство Александар Мартиновиќ.
Со овој пад на моралот на режимот се поставува и прашањето за падот на власта. Студентите предложија генерален штрајк на Универзитетот во Белград. Дури и поединци од опозицијата се осмелија да кажат дека работата води кон генерален штрајк, иако нејзиното присуство на протестите генерално е помалку добредојдено. Во Белград, на 22 декември, на плоштадот Славија се одржа голем протест на кој се собраа студенти, земјоделци, пензионери и сите незадоволни граѓани, со неколку десетици илјади присутни. Според некои извештаи, можеби и 100.000. Во тек е мерење на силите и движењето допрва треба да го достигне својот врв.
Американскиот амбасадор Кристофер Хил по тепачката меѓу лидерот на опозицијата Драган Ѓилас и активистот на Српската напредна партија изјави дека луѓето од двете страни на политиката треба да се смират и дека е во редовна комуникација со опозицијата. Тој посочи дека всушност и власта и опозицијата сакаат да влезат во Европската унија, и тоа САД го поддржува, но она што навистина сака да го каже е дека работата им бега од контрола и на власта и на опозицијата.
Ние велиме генералниот штрајк е патот напред! Тој би го покажал она клучното. Дека масите во Србија се посилни од политичарите и дека е дојдено време да им го исполнат секое барање – вклучително и евентуалното барање за распуштање на владата и оставка на претседателот. Очигледно не можеме да очекуваме правда за злосторството во Нови Сад од актуелната власт. На Вучиќ и СНС им треба само тој еден удар за да се скрши целата машинерија.
Мора да предупредиме – младите често се инспирација за вклучување на работничката класа, но само работничката класа може да ги запре лостовите на економијата, што би ја принудило власта да потклекне пред нас. Ситуацијата бара разрешница и не смееме да ја пропуштиме оваа можност да ја истуркаме работата до крај!
Долу Вучиќ!
Долу Српската напредна странка!
Оставка од цела Влада!
Робија за одговорните!
Напред кон генерален штрајк!
Звонко Дан, текстот е објавен на 25 декември 2024