Распукнување на кревката република
Учеството во протестите пред две години против широката аболиција на Претседателот Иванов и општо груевизмот зафатени од големата афера на прислушкување објавена од тогашниот опозиционер, Заев, ме принудува да дадам јавен став по неодамнешното ослободување на двајцата контраразузнавачи од страна на Врховниот суд на Грчката република. Дополнително, на 22 мај 2018 донесена е пресуда кон Груевски со затворска казна од 2 години. Груевски не е осуден за криминалите кои се објавени во аферата и за кои „опозицијата“ ги доби изборите.
Овој чин на неспроведување на правдата е само одраз на политиката на неказнување и заташкување на сериозните прекршоци и криминали на претходниот режим, а го доживувам како крајно непријателски спрема градењето добрососедски односи со јужниот сосед и спрема демократијата и владеењето на правото во РМ. Конечно ова е пораз и на борбата на партијата Левица, чии член сум, и дефинитивен крај на илузиите што ги имавме во опозициските партии и таканаречениот граѓански сектор и независните, дека протестите од 5 мај 2015 и априлските демонстрации 2016 беа за слобода, владеење на право и рушење на груевизмот.
Сегашната владејачка гарнитура не пројавува никаков сериозен интерес и поставува врвен приоритет и е целосно игнорантна во разрешувањето на масовното прислушкување, преку кои т.н. бомби сегашниот премиер се стекна со политички капитал и поентира со освојување на власта. Свиркачите Лазаревски и Костовски, кои се најзаслужни што бомбите и криминалите на претходниот режим беа слушнати во јавноста, денес од владејачката партија се потполно маргинализирани и заборавени. Иако деновиве по втор пат беа номинирани за меѓународна награда за слобода на говор, откако една претходно им беше доделена, од владејачката партија нема никаква иницијатива за признание или благодарност за нивниот клучен придонес во падот на режимот и освојувањето на власта од страна на СДСМ.
Се случи спротивното – виновниците се слободни и неказнети. Прво, осуда на македонските безбедносни органи кои елегантно допуштија да избегаат клучните луѓе, за кои се знаеше многу повеќе од пред нивното исценирано бегство пред 9 месеци. Затоа, оставката на министерот Спасовски е нужна само поради овој пропуст. Ова го заслужуваат граѓаните, но личните врски на Заев и Спасовски изгледа дека се поважни од „демократијата“.
Второ, додека 26 саати на ден г. Заев и бившиот вмровски кадровик министерот Димитров преговараат со грчката дипломатија за наредна отстапка во нивната трговија со името, се сомневам дека не знаеја за ова забодување на нож во грбот. Доколку нема правно разрешување и судење пред македонски суд на првообвинетите во аферата прислушкување верувам е дека зад тоа стои некој таен договор. Претпоставувам дека и сегашниот режим има доста валкан веш за кој е уценет.
Трето, прорежимските медиуми се нафатија со обвинувања на Русија. Без симпатии кон рускиот режим, исто како и кон останатите европски останува за жал фактот дека руските разузнавачи и дипломатија, на кои им е отворена војна од страна на Западот, ќе продолжат со своите вообичаени активности во Македонија. Македонија брза да заземе полтронска улога кон Западот, се истрчува во нападот кон Русија, а при тоа локалната дипломатија и безбедносни органи се губитници во старт. При тоа НАТО пактот и неговите претставници не само што не ја заштитуваат РМ туку доби шлаканици од нивните демократски претставници (Франција, Данска, Холандија, Шпанија итн). Крајно време е да се преиспита стратегијата на владејачките партии на РМ во последните дваесет години за приклучување кон евро-атлантските интеграции и да му се кажат јавно и отворено сите придобивки и губитоци врз обичниот народ. Левица знае дека членството во НАТО ќе ја намали, а не зајакне, кревката безбедност на РМ. Народот треба да се заврти кон себе самите како единствена сила на помош. Економијата и просперитетот на обичниот народ се можни само доколку самиот народ се избори да биде нејзин носител, без спасители од надвор.
Четврто, аферата со прислушкувањето не е изолирана во локалните граници, а компанијата каде се извршени криминалните операции е германска/унгарска/грчка и сл. Македонските телекомуникации се приватизираа на противење на Претседателот Глигоров од економски причини, а сега гледаме дека оваа приватизација беше погрешна и од безбедносни причини. Отуѓувањето на стопанството во странски капиталистички раце само ја ослабува работничката класа т.е. обичниот народ.
Петто, Владата на Заев нема нова стратегија, како во економијата или енергетиката, судството, урбанизмот, образованието, здравството, па и во безбедноста. Тие се служат со добриот рецепт на претходниците за политички клиентелизам и широк партиски фронт за зацврствување на нивниот десничарски популистички режим. Овој режим носи само трошки на работниците, студентите и младите.
Овој режим не е стабилен затоа што се заснова на економија што стагнира, локално или глобално. Наредниот период е полн со нагли, остри промени. Работниците нема да останат во позиција на чекање на подобар живот и ќе бараат решенија. Од плакарите на македонската политика ќе излезат старите политики, а ќе се појават и нови партии кои лажно ќе ветат промени. Ќе нудат национална гордост, ќе нудат лов на вештерки, ќе нудат полувистини. Во следниот турбулентен период ќе испливаат на површина многу конфликти. Левица треба да се позиционира на бедемот на одбраната на идеите за работничка демократија, против империјализмот и неговите домашни слуги, за интернационализам против милитаризмот и национал-шовинизмот.
автор: Алек Атевиќ, координатор на ПС Надворешни работи и безбедност на Левица
објавено на порталот Антропол на 25 мај 2018