Првомајски проглас 2018, Левица
(проглас на Левица по повод Први мај)
Работници, невработени, хонорарци, стечајци, студенти, осиромашени!
На фронтот на работничката борба со сите свои капацитети стои Левица, единствената партија што ги има унапредувањето на трудовите права и остварувањето на политичките интереси на работниците како свој апсолутен приоритет! Стоиме во отворен конфликт со интересите на капиталот и неолибералниот политички естаблишмент и ве повикуваме на масовен Првомајски протестен марш!
Другари и другарки, работниците во земјава, иако ја носат економијата на своите плеќи, се жртви на непочитувањето на нивните права на работното место, на инертноста на институциите на трудот, кои ги игнорираат нивните проблеми и интереси. Во услови на речиси непостојна одбрана на работникот од притисокот на капиталот и државната бирократија, унапредувањето на трудовите права е заборавена тема. Затоа, мораме да настапиме офанзивно во протестот против социјално-економскиот гнет што го трпат работниците и не само да побараме почитување на стекнатите права туку и да посегнеме кон освојување нови, понапредни:
1. Намалување на максималното времетраење за кое може да се склучи договорот за вработување на определено време од пет години на шест месеци.
2. Намалување на работното време од 8 на 7 часа дневно, без негативни импликации на висината на платата и додатоците кои ги примаат работниците.
3. Наместо подлегнување под притисокот на меѓународните финансиски институции за намалување на породилното отсуство (од 9 на 6 месеци), заложба за зголемување на породилното отсуство (од досегашните 9 на 12 месеци).
4. Враќање на правото на исплата на патни трошоци и хранарина на работниците.
5. Безусловно овозможување здравствено осигурување за сите.
6. Право на пензија и по основ на работен стаж од 35 години.
7. Инспекторатот за труд да обезбеди доследно почитување на законските норми што се однесуваат на работничките права и особено да се ангажира околу:
– трансформацијата на прикриените работни односи во законски;
– исплатата на плати, вклучително и минимална плата;
– плаќањето на прекувремената работа и останатите додатоците на плата;
– почитувањето на правото на платен годишен одмор.
8. Укинување на приватните извршители и враќање на извршителите во суд.
9. Укинување на условувањето на минималната плата со исполнет т.н. нормиран учинок.
Другари и другарки, трудот, главниот двигател на економијата, не смее да се задоволи само со површни корекции на легислативата, туку треба полноправно и делотворно да учествува во создавањето и спроведувањето на политиките на сите нивоа и во сите општествени домени, а пред сè во економијата. Оти под името на трудот се вбројува најголем дел од народот! Како луѓе што се хранат себеси, го хранат општеството и ја движат историјата со својот труд, ние мораме да ја препознаеме нужноста за унапредување на нашата политичка моќ. Затоа, ги упатуваме легитимниве политички барања до власта во земјата:
1. Ослободување на синдикалното организирање од легислативните и бирократските кочници.
2. Вклучување на претставници на трудот во извршната државна власт.
3. Вклучување на работниците во управните и надзорните тела во јавните претпријатија и приватниот сектор преку работнички совети .
4. Пренасочување на буџетските средства за превоз на јавните функционери кон обезбедување бесплатен колективен јавен превоз за работниците.
5. Стоп за натамошната приватизација на јавните претпријатија (пошта, железници, водостопанство и енергетика).
Другари и другарки, ние, работниците и сиромашните, сме општествена класа, која има свои заеднички социјални, економски и политички интереси! Дефокусирањето од стварноста на оваа состојба е клучниот механизам на нашето политичко и економско заробување, смислен и управуван од политичките партии што се водат според императивот на капиталот и империјалните центри. Жолтите синдикати, пак, се помошна алатка во нашето политичко обезмоќување. Затоа, мораме на припадниците на нашата класа, на работното население во Република Македонија, да им упатиме апел за политичко организирање на трудот. Клучно во таа насока е да се застане здружено со:
1. Поддршка на автентичното синдикално организирање и охрабрување на работниците да ги преземат во свои раце оние синдикати кои ги штитат интересите на синдикалната бирократија наместо интересите на работниците.
2. Повик до работниците во Македонија да ги препознаат своите политички интереси и да се вклучат во борбата за класно освестување и ослободување преку свои претставници во Собранието на Македонија, во локалната самоуправа и во извршната власт.
Левица повикува на масовен Првомајски протестен марш, кој ќе ги демонстрира овие заложби, како и политичката освестеност и организираност на трудот! Работници и работнички, вие од погоните и канцелариите, од скелињата и полињата, од државниот и приватниот сектор, од центарот и периферијата на градовите, млади и стари, помалку или повеќе угнетени, чујте го повикот за борба за нашите трудови права и политички интереси! Ние што ги носиме историјата и иднината на нашите плеќи, да се избориме за нашето право да ја создаваме сегашноста!
Доста со политичкиот театар на богатите и сопствениците! Политичка моќ за трудот!
1 Мај живее!