БалканВестиЕкономијаМакедонијаОпшто

Со штрајк за нашето здравје!

Владата не е спремна да се избори за суштински ефикасни мерки и потребно е да се организираме и погрижиме да се остварат радикални мерки, а во интерес на јавното здравје и преживување на народот. Затоа мора да се формираат одбори на работните места за самозаштита од короната како и организирање на доброволци за помош на постарите лица (животни средства, лекови, домашни миленици итн.) и најзагрозените.

Државните органи спроведуваат мерки за заштита кои се неопходни, но се водени од интересите на богатите, а ги запоставуваат интересите на обичните граѓани. Мерките се недоволни. Наместо тоа работничката класа треба да се подготви во оваа вонредна ситуација и упатува низа барања. 

  1. Замрзнување на цените на сите добра и услуги и по пандемијата.
  2. Запирање на отплатата на кредити и хипотеки.
  3. Забрана на отпуштање или смалување на платите за време на кризата.
  4. Платено отсуство за секој кој е во служба што не е од витално значење.
  5. Запирање на работата на извршителите во делот на наплаќањето долгови од сметките на граѓаните со месечни примања до 30.000 денари, како и на принудните иселувања.
  6. Зголемување на минималната плата на ниво да ги покрие основните потреби и кирија. Минималната пензија да не биде пониска од минималната плата.
  7. Војската да се стави на располагање на Министерството за здравство и да почнат со градење на полски болници заради зголемениот број заболени.
  8. Итно вработување на сите квалификувани здравствени работници со редовни плати. Итно признавање на квалификациите на студентите од последната година на Медицинските факултети и нивно ангажирање во Министерството за здравство со редовна плата.
  9. Национализација на сите индустриски постројки што ги произведуваат неопходните материјали или средствата за борба против коронавирусот.
  10. Изработка на национален план за борба против коронавирусот и неговите последици со учество и согласност на работничките колективи.
  11. Воведување на бесплатен интернет за секое домаќинство.
  12. Укинување на поскапата тарифа за електрична енергија.
  13. Реквизиција на угостителските објекти што може да се користат за карантин или болница.
  14. Мораториум за плаќање на сметки и кирија.
  15. Посебен социјален програм со обезбедување на основните средства за сите невработени, бездомници и бегалци.
  16. Создавање на државна веледрогерија и инвестирање во државна фармацевтска и прехранбена индустрија под работничка контрола.
  17. Сите аптеки ги издаваат лековите само со рецепт. Се забранува продажба по приватни цени. Лековите (ОТЦ) за коишто не се пишува рецепт да се субвенционираат од државата.
  18. Обврска за бесплатни здравствени услуги во приватните клиники на трошок на државата, а по цени од јавното здравство. Во случај на непочитувањето на одредбите од страна на аптеките и здравствените установи да се изврши конфискација.

Веќе е јасно дека светот нема да биде ист по коронавирусот. Оваа пандемија со сета своја сериозност ги извади од нормалноста државите и ја покажа трулоста и лицемерието на институциите, дали во вид на отсуство на солидарност меѓу нациите, или во истакнување на алчноста на капиталистите кои се повеќе загрижени за профитите отколку за добробитта или здравјето на работниците. 

Марксистичка организација „Црвени“