Што значи „компромисот“ на двете партии за должничкиот плафон за работникот?
Во постојната економска криза, капиталистите посакуваат да поминат со кратење во јавните услуги, со цел да го префрлат товарот на заздравувањето врз работничката класа. Оваа ситуација не е единствена во САД, таа се гледа насекаде во светот. Во Грција, Италија, Шпанија, маршот на кратењата ползи низ Европа и сега премина преку Атлантикот на бреговите на САД.
oд Џон Лакер
вторник, 10 август 2011
Се постигна договор за подигнување на должничкиот плафон по недели на сеење страв од страна на двете политички партии на газдите и Вол Стрит, и пристигна на потпис кај претседателот пред истекот на рокот на втори август. Содржината на конечниот договор останува прилично нејасна, но доволно е да се направи поширок увид за да се сфати неговото значење за работниците во САД. Договорот содржи штедење во јавната потрошувачка од 2,4 билиони долари (2.400.000.000.000 долари). Претседателот Обама на 31 јули изјави дека сѐ ќе биде ставено на маса, а претходно посочи и дека социјалното и здравственото осигурување нема да бидат изоставени од штедењето (во име на „компромисот“), па според тоа може да заклучиме дека голем удел од 2,4 билиони долари од „штедењето“ ќе биде покриено од овие витални јавни програми.
Веќе е јасно е дека ќе има значајни кратења на студентските програми за кредити, во вредност од вкупно 22 милијарди долари за следните 10 години. Сумите што се уплаќаат при уписот се превисоки за многу работници да ги посетуваат установите за високо образование. Бранителите на спогодбата ја управуваат штетата, велејќи дека кратењето е неопходно за да се одржат грантовите Пел (Pell Grants) за најсиромашните студенти, но зошто некој студент или работник треба да плаќа за економската ситуација која не ја предизвикал.
Како и суперхерој-фалбаџија од стриповите кој нѐ спасува од опожарената зграда, законодавците и партиските челници од обете страни на големиот бизнис се удираат по рамо меѓусебно за добро сработеното во „отклонувањето на национална катастрофа“. Но овие претставници не се ни Супермен, ни Супервомен. Должничката „криза“ како што постојано се нарекува во медиумите е „произведена криза“ како што истакна Марк Вајсброт од Центарот за економски и политички истражувања.
Како што напиша Вајсброт во TheRealNews.com, проблемот на краткорочниот дефицит е производ на економската криза, а како што објаснивме на друго место, во постојната економска криза, капиталистите посакуваат да поминат со кратење во јавните услуги, со цел да го префрлат товарот на опоравувањето на работничката класа. Оваа ситуација не е единствена на САД, туку се гледа насекаде во светот. Во Грција, Италија, Шпанија, итн, маршот на кратењата ползи низ Европа и сега премина преку Атлантикот на бреговите на САД.
Ги видовме првите симптоми на овој стремеж, на оваа тактика на дел од најзаразното десно крило на капиталистичката класа во САД; прво во Медисон за анти-синдикалниот закон на Вокер, потоа во затворањето на државата во Минесота со милијарда долари кратење на државниот буџет, а сега дебата продолжува од држава во држава со кратења кои ќе ја погодат работничката класа. При секоја точка овие кризи на државите на САД беа и останаа епизодни брзи огнови кои во основа развиваат многу голем пожар.
Вистинската опасност со која се соочува работничката класа е програмата на кратења, а не должничкиот плафон. Должничкиот лимит на земјата само е удобно оправдување употребено до владеачката класа, проследено со лажни инфомации и страв во медиумите од политичките и новинарски апаратчици, на начин како да е ставена пушка на нашите слепоочници со цел да се протуркаат кратењата за да се зачува платежната способност на нивниот систем и продолжување на нивното владеење.
Што е тоа должнички плафон?
Должничкиот плафон е поставен од Конгресот и тоа е износот на пари кои земјата може да ги позајми. Тој е значително подигнат од почетните 11,5 милијарди во 1917 година и сега е на неверојатните 14,29 билиони долари, што би значело дека тој пораснал за 74 пати од 1962 година и 10 пати од 2001 година, според податоците од Службата за истражување на Конгресот.
Должничкиот плафон се подигнува секогаш кога Конгресот се согласува да го зголеми штедењето и да донесе даночно кратење. Факт е дека штедењето веќе се појави за време на донесувањето на буџетот, и според тоа, дебатата за „должничкиот плафон“ се сведува на тоа дали САД ќе ги плати своите сметки или не.
Ако не се платат, тоа многу лошо ќе се одрази на „кредитниот рејтинг“ низ целиот свет. Сосема сигурна претпоставка е дека, како претставници на интересите на Вол Стрит кои исто така ќе претрпат загуби, ниту демократите, ниту републиканците нема да дозволат земјата да „банкротира“ доколку одбијат да се зголемуви должничкиот плафон и таа да си ги плати своите долгови. Сепак владејачката класа останува истрајна дека токму сега има потреба од кратења во потрошувачката. Со цел да се протурка ова, неопходно е републиканците, кои ги изразуваат потребите на нивната класа за кратења во многу почиста форма, да ја користат заканата од банкрот, што ќе има ефекти во целото стопанство, да ги исплаши неодлучните демократи во тотално предавство за програма на масовни кратења, ослободени од било какви (макар минимални) оданочувања на богатите, сместувајќи го товарот несразмерно на работниците.
Дали демократите понудија алтернатива?
Значи, двете партии постигнаа компромисна спогодба полна со очекуваните широки кратења и целосно предавство антиципирано од секој кој ги извлекол неопходните заклучоци од дебатите за легислативата во последниот период (посебно за дебата за здравствената заштита). Многумина ќе прашаат дали можеше да биде поинаку? Мораше ли да биде вака? Зошто демократите не се бореа?
До петокот на 29 јули долниот Дом (односно републиканците) предложи дека треба 2,5 билиони долари, главно неодредени, кратења предложени од посебен комитет на конгресот и со тоа ќе го подигнеше должничкиот плафон за истата сума. Тоа вклучуваше и повик за сосема формален „амандман за избалансиран буџет“ во Уставот. Истовремено, предлогот од Сенатот (односно демократите) беше да има потрошувачки кратења од „само“ 1,8 билиони долари првично, и сепак предлагаа подигнување на должничкиот плафон за 2,7 билиони долари со уверување за зголемување на кратењата за да се согласат со зголемениот плафон во конечната верзија на законот, некој вид на класична измама од типот на „bait-and-switch“ (прво се фрла мамка да се уловат купувачите на ниска цена, а потоа потрошувачот дознава дека доброто не е веќе на понудата и се префрла на друг поскап производ, заб. прев.)
Додека може да се дискутира како тоа демократите испланирале да дојдат до еден билион долари со повлекувањето од Авганистан и Ирак, остануваат уште 1,7 билиони долари за други кратења, откако се стигна до сума од 2,7 билиони долари за потрошувачки кратења. На чиј грб ќе легнат сите овие кратења во неопходните социјални услуги? Секако не на богатите.
Дури и да немаше поголеми кратења во планот на демократите, ако имаше само 800 милијарди долари кратења во невоената потрошувачка, и тие 800 милијарди ќе беа премногу за образованието, здравството, социјалното осигурување и другите програми кои веќе страдаат од недоволно финансирање.
Обама, демократите и другите поддржувачи, во медиумите се претставија како да поддржуваат „избалансиран приод“ во кој има не само кратења, туку и зголемени даноци за богатите. Сепак, во стварноста работите стојат многу поинаку. Законите кои поминаа во Конгресот на 29 јули се речиси непрепознатливи. Препирањето, се чини, дека било само шоу. Како што претставникот Џеф Флек, републиканец од Аризона, изјави за Хафингтон Пост, немаше „некоја разлика“ помеѓу двата закони.
Таканаречениот народен буџет
Ако демократите не понудија алтернатива, тогаш дали таа постои? Дали прифаќањето на помалото од двете зла е навистина единствениот исход од дебата за должничкиот плафон?
Сепак, алтернатива постои. Постојната збрка е производ на економската криза предизвикана целосно од капиталистичката класа и нејзиниот систем. Не се виновни работниците, и затоа и не треба ние да плаќаме за тоа. Целата одговорност треба да падне на Вол Стрит и 500-те најбогати според Форчн.
За ова, милиони Американци се суштински согласни. Во неодамнешна анкета мнозинството Американци поддржуваат решение на буџетските проблеми во кои нема кратења, туку експлицитно има даночни зголемувања со кои се подразбира се загрозени најбогатите Американци. Сепак, ова го зедоа предвид при поддршката на „избалансираниот приод“ на претседателот и демократите кои го „делат товарот“ со решение за буџетското паѓање со многу мали даночни зголемувања за богатите и целосно сечење на социјалната потрошувачка. Оттука, презентирано низ овие две алтернативи, републиканскиот приод за исклучиво потрошувачко кратење и демек „избалансираниот приод“ на демократите, големото мнозинство од Американци го поддржуваат второво.
Сепак, доколку имаше решителна презентација на видлива алтернатива на маса, таквиот предлог сигурно ќе имаше масовна јавна поддршка. Прогресивната групација дојде до предлог-закон наречен „народен буџет“, на половина пат до целта во многу аспекти, кој ќе отидеше подалеку од „балансирање на буџетот“ на предлогот на демократите, републиканците или двопартискиот компромис, но како и да е не доби никаква јавна промоција.
„Народниот буџет“ како предлог содржеше зголемување на потрошувачката во градежништвото, преку програма на потрошувачка за јавни работи, преполовена потрошувачка за воениот сектор од 700 милијарди долари, ќе создадеше „јавен избор“ кој беше отстранет во законските измени за здравството од минатата година, ќе прекинеше со даночните олеснувања за најбогатите Американци од времето на Буш, ќе се вратеше данокот на имот и ќе се елиминираше јазолот во социјалното осигурување кој не дозволуваше понатамошно оданочување за социјалното осигурување за секој приход поголем од 100.000 долари. Законот имаше доста пропусти за сите, на пример потрошувачката во воениот сектор можеше повеќе да се намали и она што е потребно не е „јавен избор“ туку здравствена заштита за сите, но сепак тој главно ќе беше подобрување на опцијата на кратење, кратење и само кратење, кој ја донесоа Конгресот и Сенатот како компромис.
Тој беше целосно игнориран од страна на главните медиумски мрежи, а сигурно и затоа што тој не претставуваше поглед на дел од челниците на Демократската партија, и сигурно не е дел од целите на оваа партија. Покриеноста во печатот можеше да се забележи само на ограничени мрежи како Хафингтон Пост или британското издание на магазинот Економист.
Алтернативата на работничката класа
Сите демократи кои поддржуваат идеи како оние дека богатите треба да платат за кризата, масивна програма за јавни работи, вистинско универзално здравство, правилно финансирање на јавното образование, и крај на империјалистичките војни, секогаш ќе бидат главно игнорирани од медиумите. Се додека се субординираат самите себе си во политичка партија на големиот бизнис, тие ќе бидат ставени во мрак. Демократската партија е партија чија цел не е одбрана на работничките интереси, туку интересите на богатите и моќните; таа е партијата која го глуми „добриот полицаец“ со цел да се исцеди повеќе од работниците. Единствената класа способна за да го предизвика двопартискиот режим на партиите близначки на големиот бизнис е работничката класа. Од таму есенцијално е работникот да се отцепи комплетно од демократите и образува своја партија.
Сенаторот Берни Сандерс (независен, од Вермонт), „независен“, но сепак дел од групацијата на демократите во Сенатот, беше бесен на брзото затрупување на социјалното осигурување од страна на Обама за време на дебатата за долгот и ги повика „програсивните“ да го предизвикаат Обама, внатре во Демократската партија. Тоа не е решение, затоа што се покажа како неуспех кога „народниот буџет“ на Прогресивната групација не доби медиумска покриеност. Поради капиталистичката криза се потешко е за Демократската партија да ги негува илузиите кај работниците. Единствената „прогресивна“ улога кои тие ја прават во Демократската партија, е да ги приковаат искрените работници за партијата, која никогаш не ги претставувала нивните интереси. Во Демократската партија не може да се најде ништо.
Работничкото движење одржаа собири во Вашингтон, на кои присуствуваа неколку илјади луѓе, во поддршка на буџетско решение во кое нема никакво кратење. Овие собири беа од време на време чудни кога демократските говорници ќе требаше да зборуваат во опозиција на нивниот партиски предлог или само за „оданочување на богатите“, одбегнувајќи го во целост прашањето за кратењата (ако, на пример, тие беа поддржувачи на демократското мнозинство во Сенатот). Да имаше работничкото движење свои претставници во салите на Конгресот, поткрепени со поддршката од улиците, ситуацијата ќе беше сосема поинаква.
Факт е дека веќе постојат пари со кои ќе се спречат кратењата, па дури и ќе се зголеми потрошувачката на социјални програми. Средствата за тоа се блокирани од демократите или републиканците, затоа што двете се ограничени од системот кој го бранат. Најбогатите 1 отсто поседуваат 42 отсто од богатството, додека врвните 10 отсто поседуваат 85 отсто. Најбогатите 400 Американци просечно се оданочени на 18 отсто, две третини од американските корпорации, 1,2 милиони компании, не платиле ништо како данок помеѓу 1998 и 2005 година, според извештајот на Државната сметководствена служба, а над сето тоа тие известија дека овие корпорации „без данок“ заработиле 2,5 билиони долари од продажба. 25 отсто од овие корпорации „без данок“ се „големи корпорации“ според стандардите на истата служба.
Претходно споменатиот Берни Сандерс дури и поднесе листа на овие големи американски корпорации кои не плаќаат никакви даноци. Во нив се такви како Ексон Мобајл, Банк оф Америка, Џенерал Електрикс, Шеврон, Боинг, Валеро Енерџи, Голдман Сакс, Ситигруп, КонокоФилипс и Карнивал Круз Лајнс. Секако дека ова не е целосната листа, ако некој сериозно е загржен за „балансирање на буџетот“, „избегнување на национална криза“, „исполнување на обврските“ или „плаќање на нашите долгови“, корпораците кои се наведени погоре треба да „го стегнат појасот“. Сепак да не заборавиме на тоа дека како работници, „националниот“ долг не е наш долг. Работничкиот меѓународен Сојуз бара поништување на националниот долг, освен за обврзниците држени од пензиските фондови, работниците и сиромашните луѓе, што е многу мал дел од вкупниот долг, затоа што другиот дел го држат богатите и големите банки, како и странски инвеститори (голем дел од националниот долг го поседува Кина). Тоа е долг и криза на газдите и не треба ние да им ги платиме!
Масовна работничка партија може да се избори за програма за трошоци на квалитетно здравство и образование за сите и крај на невработеноста преку масивна програма на јавни работи кои ќе создадат работни места и ќе ја зајакнат инфраструктурата и ќе може се да се покрие преку зголемено оданочување на богатите. Не само тоа, преку национализација на клучните сектори на стопанството, врвните 500 корпорации, може да создадеме основа за ново стопанство водено демократски, основано на рационален план на производство, и водено за интересот на народот, а не профитите. Ова може да звучи недостижно, но во овој ќорсокак тоа е единственото реално решение. Пари и средства реално постојат, но тие се во рацете на капиталистичката класа. Придружи се на Работничкиот меѓународен сојуз во борбата против штедењето и за буџет во кој работникот е на прво место!
напишано: 2 август 2011
оригинал: What Does the Bi-Partisan Debt-Ceiling Compromise Mean for Workers?
превод: А.А.