БалканЕвропаЕкономијаИнтернационала

Грчката драма влегува во нов стадиум

Ден по ден, час по час, грчката драма станува поинтензивна, заканувајќи се да ја загрози стабилноста на цела Европска унија. Додека вчера растеше револтот на улиците, владата на Папандреу го преживеа критичното гласање доверба во моментите кога десетици илјади луѓе се собраа пред зградата на парламентот извикувајќи „Крадци! Крадци!“

Премиерот Јоргос Папандреу се бори да добие поддршка за мерките за строгo штедење со цел да избегне банкрот на државата. Но нема сериозен човек што во овој момент мисли дека тоа може да се избегне. „Верувам дека треба да банкротираме и да завршиме со тоа. Ове мерки пополека не убиваат“, вели за Ројтерс Ефи Колеверу, дваесет и двегодишна студентка. Вака размислуваат и во Брисел, без оглед на тоа што велат во јавност. Не е прашањето дали Грција ќе бакротира, туку кога и под кои услови.

Новиот кабинет ја доби поддршката во парламентот многу тесно: 155 наспрема 143 гласа, со двајца отсутни. Пратениците сега ќе треба да одлучат дали ќе го поддршат пакетот од 28 милијарди евра кратење, зголемување на даноците, фискални реформи и план за приватизација. Министрите од еврозоната велат дека овие закони мора да поминат за Грција да добие заем од 12 милијарди за да си ги плати долговите.

Ова повеќе не е криза на владата: ова е криза на самиот режим. Ѕвонат алармите на сите влади во Европа – и пошироко.

Гласање доверба

Гласањето доверба беше во средата, по жестоката дебата во вторникот. Сите политички партии го почувствуваа вжештеното столче. Во обид да се оттргне од жестокиот притисок, опозицијата побара пауза. Но, на крај и тие го одобрија гласањето доверба. Нормално!

Папандреу имаше кец во ракавот. Десницата не сака избори во овој момент, бидејќи се плаши дека можеби ќе победи. За нив е подобро Папандреу да се ја заврши валканата работа.

Истовремено со тоа заканите за револт внатре во Панхеленското социјалистичко движење (ПАСОК) почнаа да прскаат како капка вода на жешко тавче. Откако направија многу врева, пратениците на ПАСОК гласаа по линијата што ја постави раководството на партијата. Ова ја подвлекува вистинската природа на левичарскиот реформизам. „Левите“ не можат да имаат независна позиција, освен да свртат кон десницата, која, како постојан бранител на капитализмот, отклонува кон буржоазијата.

Оваа е вечната дилема на социјалдемократијата во сите земји. Кога еднаш ќе дојдат на власт тие се соочени со недвосмислен избор: или ќе ги бранат интересите на работничката класа и ќе го напаѓаат капиталот, или ќе го бранат капиталот и ќе ја напаѓаат работничката класа. Тие неизбежно ќе го заземат вториов пат. Десните реформисти тоа го прават енергично и без двоумење. „Левичарите“ пак го прават неволно и со двоумење, но тие го прават тоа како и да е, зашто тие немаат перспектива за основите на промените во општеството и органски се неспособни да одржат цврста позиција во било што.

Но, добивањето на довербата не е крајот на проблемите на Папандреу. Тој до 28 јуни мора да го убеди парламентот да го одобри петгодишниот пакет од 28 милијарди евра зголемувања на даноците и намалуваше на трошењето , поинаку, Брисел се заканува дека нема да го даде новиот пакет „помош“. Ова е исто како некој да се заканува да ги прекине цевките што го одржуваат во живот пациентот на интензивна нега.

Германската влада, и владите на кредиторските нации, соочуваат со сериозен политички проблем. Тие се повикуваат на „донаторски замор“, и тоа е слика во огледало со таканаречената „замореност од помош“ во Грција. Во цела Европа, десничарските политичари завиваат во хор: „немој да им плаќате на Грците!“ Обвинувајќи го народот на Грција, овие демагошки шовинисти се обидуваат да го свртат вниманието од вистинските виновници – големите банки и самиот капиталистички систем.

По колапсот од 2008 година, владите во цел свет земаат илјадници милијарди евра од банките за да ги покријат црните дупки што ги остави декадата на шпекулации и измами. Тие потоа ја информираат јавноста дека не останале пари за болниците, училиштата и домовите, и дека „секој мора да го затегне каишот“ (секој освен банкарите, се разбира).

Досега изгледаше дека се извлекоа со оваа гигантска измама. Но грчката криза го разоткри нивниот блеф. Се разоткри измамничката природа на еврозоната. Точно е дека Грција е екстремен случај, но всушност, секоја влада во Европа ги крши правилата на договорот од Мастрихт. Грција е само жртвен јарец на кризата на европскиот капитализам. Таа е најслабата алка во синџирот. Но има и многу други слаби алки, и сите се поврзани и мора да паднат заедно.

Работниот народ на Грција имаше храброст да стане против паразитите и перачите на пари. Еден грчки работник интервјуиран за британска телевизија рече: „Работам напорно за живот, како и сите други овде. Јас не сум одговорен за кризата и за долгот, па зошто јас да плаќам?“ Тоа е многу добро прашање, прашање кое треба да си го постават милиони работници низ цела Европа.

Кејнз има речено: „ако човек и должи на банката сто фунти, тогаш тој човек си има проблем, но ако човек на банката и должи милион фунти, тогаш баката си има проблем“. Сега ЕУ си има навистина голем проблем. Ако Грција пропадне поради својот долг – кој изнесува 150 отсто од годишниот БДП – тогаш таа ќе мора да ја напушти седумнаесетчлената еврозона. Ова ќе предизвика загуби во европските банки на кои им должи Грција, а најмногу во Германија и Франција.
Застрашувачки е фактот дека три француски банки веќе имаат намален кредитен рејтинг поради нивната поврзаност со грчкиот долг. Поради тоа, Германците, другите грчки кредитори, немаа избор освен да праќаат уште пари во Атина, додека во себеси кажуваа пцости. Тие знаат што ќе се случи ако Грција банкротира, заразата ќе се шири многу брзо во остатокот од Европа, ставајќи го и еврото под неподнослив стрес и заканувајќи и се на самата иднина на Европската Унија.
„Зараза“ не се однесува само на економијата. Тоа се однесува и на политиката. Примерот на Грција се шири.

Демонстрациите на четврт милион луѓе во Барселона минатата недела покажува дека движењето во Шпанија продолжува. Во Велика Британија за 30 јуни е најавен масовен бран на координирани акции против плановите на владата за пензиски реформи.

Комесарот на ЕУ за монетарни работи, Рен, овој страв го преточи во зборови кога рече: „Ние сме во најлошата криза од Втората светска војна, ова е критична точка“

Револуционерни импликации

Тонот на изјавите на европските шефови станува се позаканувачки: мора да скратите и да приватизирате се, или Под силен притисок Папандреу го реконструираше кабинетот и по минатонеделните масовни демонстрации го смени министерот за финансии.

Пакетот на ЕУ, кој треба да биде доставен на почетокот на јули, ќе вклучува заеми од други земји во еврозоната. Тој исто така ќе вклучува и доброволни прилози од приватни инвеститори кои ќе можат да купуваат од новите грчки обврзници, како и од оние постарите. Одговорните велат дека овие пари мора да бидат дадени без обврски или на нив ќе се гледа како на техничка поддршка на грчкото отплаќање на долговите. Но, што и да направат сега, тоа ќа биде погрешно.

Целта е да се намали потребата од заеми што ја има грчката влада и да се направи нејзиниот долг прифатлив. Но на пакетот се опира народната маса и не е сигурно дали ќе биде одобрена од грчкиот парламент. Опозицијата и некои од членовите на партијата на Папандреу не се согласуваат со некои од мерките за кратење на потрошувачката.

Признавајќи дека мерките се тешки, Папандреу инсистира дека „не постои друга алтернатива“ (што, за капиталистите е точно) и константно повторува дека последно нешто што и треба на Грција во овој момент се избори. Под „Грција“, се разбира, тој ги подразбира грчките банкари и капиталисти. „Во ова врем на болка сакам да пратам порака до Грците,“ вели тој, „Да, секако дека ќе биде тешко, но има светлина на крајот од тунелот.“ Она што тој заборави да спомене, тоа е дека светлото е експресен воз кој се движи во спротивна насока.

„Сите ќе мора да се согласиме дека мора да ставиме крај на дефицитите. Сакаме да направиме поцврста, поздрава држава, зашто поинаку нашата земја нема да може да го поднесе товарот“ порачува лидерот на ПАСОК. Но ова се празни зборови. Дури и Папандреу да успее да го одржи отплаќањето на долговите некое време, финансиските пазари веќе сметаат дека Грција во некој момент нема да може целосно да ги отплати долговите на време. Кредитната агенција „Стандард и Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Грција на ЦЦЦ – најниското можно ниво, полош рејтинг од било која земја во светот.
Грција ќе биде уништена дури и од исплатата само на каматите на сопствениот долг. Понатамошните мерки за штедење, со големи намалувања на платите, отпуштања и скратувања на пензиските фондови и другите социјални сервиси, само ќе ја зголеми рецесијата и понатаму ќе ги намали примањата од даноци, со што долгот ќе стане уште потешко да се исплати. Грција ќе влезе во бескрајна надолна спирала.

Но, главниот страв на владејачката класа е можноста од реакција на улиците, што ќе направи она што сега се случува да изгледа како мачкина кашлица. Протестантите се одлучни денот на гласање да го направат ден за акција што ќе ја разниша Грција до темели. Синдикатите зборуваат за 48-часовен генерален штрајк. Штрајкот на електричарите покажува дека само овој сектор има доволно мускули да ја парализира цела економија.

Ситуацијата плаче за револуционерно водство. Но, токму тоа и недостасува. Алексис Ципрас од левичарксата коалиција Сириза, правилно процени кога кажа: „Ова не е програма за да се спаси економијата, ова е пљачкање пред конечниот банкрот“. Ова е сосема точна проценка. Но, за жал, Синаспизмос, партијата на Ципрас, не понуди револуционерна перспектива на масовните протести. Наместо тоа тој сака да ги заврши.

Позицијата на лидерите на Коминистичката партија (ККЕ) е дури и полоша. Тие направија се што можеа да го поделат движењето и да ги чуваат работниците-комунисти настрана од него. Сталинистичка недоверба кон секое движење кое не е под нивната бирократска контрола. Во најдобар случај, тие гледаат на масовните протести како на средство за остварување на нивните сопствени парламентарни амбиции. Во најлош случај, тие го сметаат за „реакционерно“.
Ова покажува колку се далеку лидерите на „левицата“ од реалното расположение во општеството. Масовните организации на работничката класа, и нагоре се до нивните лидери, заостануваат далеку назад. Затоа, не е изненадувачки што слоевите кои ја водат борбата гледаат на нив со недоверба или дури и непријателство. Ова не е „анархизам“, но сосема оправдана реакција против бирократските реформистички тенденции, што изгледа како да е дел од естаблишментот против кого се бунат масите.

Движењата во Грција и Шпанија ја разобличија лагата дека младината е апатична. Тие не се ниту апатични ниту аполитични. Тие имаат желба да се борат, но се отуѓени од постоечките политички партии и лидерство. И кој може за тоа да ги обвини? Ако треба да избереме меѓу парламентарните кариеристи и синдикални бирократи, и младите луѓе што протестираат на плоштадот Синтагма и на Плаза де Каталонија, ние безусловно сме на страната на вториве.

Навистина, движењето е сирово и неискусно. Како резултат на тоа неискуство, прави грешки. Овие грешки може да бидат поправени со време, посебно со помош на стрплива и пријателска критика од искусните револуционерни марксисти. Но новите генерации не сакаат да бидат контролирани од бирократска апаратура, или манипулирани или диктирани од оние секти кои се „марксисти“ на зборови, но кои ги делат истот бирократски и арогантен однос како и старите реформисти и сталинистички лидери.

Интервенцијата на грчките марксисти беше модел за тоа како да се пристапи на ова движење: комбинација од теорија и принципиелна смиреност со екстремна тактичка флексибилност. Ние мора да интервенираме во масовните движења и да се бориме тие да бидат успешни. Но, ние мора да посочиме и на нивните недостатоци и да ги убедиме најдобрите борци во потребата од постојана револуционена политика. Тоа е патот по кој треба да се продолжи! Марксистите во цела Европа треба да ја научат лекцијата од овој голем пример, и да ја следат истата линија. Тоа е единствениот пат до успехот.

Автор: Алан Вудс, напишано во Лондон, на 22 јуни 2011
преведено од: Greek drama enters a new stage, превод: И.A.