Збор-два за перспективата на македонската демократија
- Да почнеме со појаснување на поимите кои се клучни за разбирање на текстот. Таквите поими имаат различно значење и често се користат како флоскули во актуелниот општествен живот: демократија, слобода, народ, итн. Постапката на избирање на претставници во политичката сфера од локално до републичко ниво со тајно гласање без присила, уценување, како и други манипулации, и нивното овластување да одлучуваат според мислењето на избирачите е само привид на демократија. Дури и да се почитуваат основите правила на фер избори т.е. на отсуство на присила, како брутална сила така и прикриена сила со заплашување од секаков вид, кои во голема мера се постигнати во развиените западни држави, слободата на избор е под директна врска со материјалните и финансиските средства на политичкиот субјект, а идеолошкото загадување на мнозинството од страна на малцинството е професионализирано. Еве на пример, се согласуваме за момент дека системот е демократски поставен како е задоволено горното правило. Се избираат претставници на база на нивни намери и програма. Се спроведува референдум со јасно прашање. Но, нашето искуство вели дека политичките програми, идеи и визија се само празни зборови на потрошена хартија која поради квалитетот ни за ВЦ не може да се искористи. Тоа е јасно за Македонија, некој ќе рече, ама во вистинските демократии не е така. Ама како е? Во Грција имаше дури и референдум со кој се кажа НЕ на третиот Меморандум. Како попчиња од СИРИЗА го протнаа Меморандумот без дебата во Парламентот. Нивниот мандат повеќе не е легитимен во однос на демократското претставување.
- Некој друг ќе каже дека Грција не е пример за демократија. Еве да ја земеме за пример Британија. Монархијата каде неизбраната кралица со потесното семејство годишно за своите потреби за електрична енергија троши колку 2400 просечни семејства. Во Британија јавното, ненаштимано мислење беше против војната во Ирак. Државата не го зеде тоа предвид. Сегашната влада владее со гласот на 25% од целокупното гласачко тело. Останатите 75%, мнозинство и апсолутно и двотретинско, има различно мислење по речиси сите главни предлози на конзервативната влада. А згора на тоа во Британија постои анахронизам наречен Дом на Лордовите, неизбрани гомнари господари. Демократијата за која зборуваме се нарекува буржоаска демократија — се функционира да се одржи системот каде буржоазијата владее над останатиот дел од нацијата. Демократија од тој аспект е само алатка на капитализмот, исто како што атинската демократија била алатка на системот над робовите и другите неатињани.
- Како и поимот за граѓанска демократија, така и слободата има различна дефиниција за буржоаскиот либерализам или за научниот социјализам. Слободата сфатена од граѓанскиот мислител е секогаш во служба на одржување на капитализмот и неговата репродукција: право таткото милијардер да остави во наследство на синот имот вреден како една просечна африканска држава се нарекува „слобода“, правото да се носи и употребува оружје се нарекува „слобода“, ограничување на „слободата“ би било и се забрани пропагирање на измами како астрологијата, завери против вакцинирањето и слични болести на малограѓанштината. Слобода е кршењето на прангите сфатено индивидуално, но и за целата заедница.
- Капитализмот во Македонија исто така има потреба од алатката на буржоаската демократија. Развојот на капитализмот е засилен само со „слободни“, неприсилени граѓани, каде можат послободно да творат. Но, што правиме доколку капитализмот не може да се развива, како што реално е. Капиталистичката класа во Македонија е толку слаба, таа е реално немоќна да владее. Во оваа држава владее капитализмот, но без локална силна капиталистичка класа, државната бирократија ја превзеде улогата на менаџер. Западниот империјализам е само партнер на власта, која е добра само доколку се спроведува нивниот диктат. Демократијата, спортивно на нивната официјална агенда и милоустие, според империјалистите порано и сега, а и во иднина, треба да биде ограничена и управувана. Дозирањето на човековите права и слободи ќе продолжи и во наредниот циклус, дури и да се случи некое чудо да падне оваа власт.
- Во овие услови се поставува прашањето на антикапиталистичките активности. Залуден е овој активизам кој бара остварување на граѓанската демократија во рамки на истиот економски модел на угнетување и експлоатација. Залудно е да се бориш сега за демократија, а социјализам некогаш кога ќе дојдат погодни услови. Одговорот е јасен. Но, тоа не значи дека не треба да се прави ништо. Напротив, има премногу работи на премалку луѓе. Левицата е оставена да се консолидира, избистри и трансформира во сила која ќе делува ефикасно против системот вон системот.
- Целиот свет е во фаза на бранување. Економската криза од 2008 година нема паралела во друга криза во поствоениот капитализам. Европското стопанство се тресе од ефектите од пред 7 години, а некои либерални економисти најавуваат нова криза. Во однос на марксистичката теорија, која ја предвиде кризата кога сите веруваа во „крајот на историјата“, светот е влезен во бран од револуции и контрареволуции, атак врз работничките човекови права, и атак на работничката класа врз империјализмот и капитализмот. Фактот дека капитализмот не го бива ќе биде се` појасен и поизразен. Левиот реформизам ќе биде весник за големи промени. Секако дека неуспешноста на реформизмот ќе ги зајакне револуционените сили, но само доколку постои матрица која ќе застане позади народните маси.
- И македонската политика е дел од светската. Нестабилноста на политичката сцена во последната година дена ќе продолжи. Ќе имаме заострување на политичките манипулации, популизам, евентуално националистичка реторика од страна на владеачката коалиција. Опозицијата ќе ja насочи борбата по советите на западниот фактор во вмешувањето во инфицираните институции. Разногласието ќе ја ослабне до точка на распаѓање, а монолитноста ќе ја фрли во пропаст и заборав. Западниот империјализам будно ќе ја надгледува ситуацијата и ќе интервенира, млако и полуотворено.
- Во тие услови класната борба нема да запре. Владата ќе се обиде да не дојде до поголеми синдикални протести и ќе продолжи со својата византиска политика. Работничката демократија ќе се калее наспроти болната граѓанска. Задачата на социјалистите во наредниот период ќе биде да се поврзат органски со синдикатот, да објаснат за границите на постојниот (не)демократски капитализам, да се заземе интернационалистички став и да се подготви, конечно, за светската револуција.
објавено на ДСП Ленка