ИнтернационалаМакедонија

ПРОТИВ ИМПЕРИЈАЛИЗМОТ И ВОЈНАТА! ПРОЛЕТЕРИ ОД СИТЕ ЗЕМЈИ, ОБЕДИНЕТЕ СЕ! Изјава на Револуционерната комунистичка интернационала

Крајно е време за широка, меѓународна кампања со јасна програма за борба против милитаризмот и империјализмот. Кон оваа цел РКИ ја предлага следнава програма како почетна точка за таква кампања, а ги повикува сите поединци и организации кои сериозно се спротивставуваат на империјалистичката војна да нѐ контактираат и да се здружат во иста кампања и да се приклучат на оваа задача.


Капитализмот е болен систем што одамна ја надживеа својата корисност. Во епохата на неговиот сенилен пад, тој предизвикува војна, расизам, сиромаштија и глад. Империјализмот, највисокиот стадиум на капитализмот, се карактеризира со борба меѓу различни банди капиталистички разбојници за споделување на пленот. Денес, додека пленот се намалува под влијание на кризата на капитализмот, нивната борба се интензивира и гледаме обновен нагон кон милитаризам и војна.

Војната во Газа ни даде најсликовит приказ на дивјаштвото на капитализмот. Западните империјалисти ја дадоа својата целосна, ентузијастичка поддршка и материјална помош за геноцидниот колеж на 40 илјади беспомошни мажи, жени и деца од страна на израелската воена машина. Со ова ги уништија сите нивни лицемерни приказни за „западните вредности“, „правилата засновани на меѓународното право“ и за неповредливоста на човековите права.

Сите нивни проповеди и крокодилски солзи за руските воени злосторства во Украина се разоткриени како лицемерие. Не заради украинската слобода или суверенитет туку да се ослабне Русија како ривалска сила, та украинскиот народ е фрлен како топовско месо во уште еден империјалистички масакр.

Овие војни, во Газа и Украина, се само два примера на варварството што капитализмот го поттикнува низ целиот свет. Газа, Украина, Конго, Судан, зголемени тензии низ Тајванскиот теснец, војни и граѓански војни во повеќе од 30 земји ширум светот: ова е сликата за иднината што капитализмот ја подготви за човештвото.

Во епохата на смртна агонија на капитализмот, се шират реакционерни и империјалистички војни. Милиони обични сиромашни и работни луѓе ја плаќаат цената: со смрт, повреди и болести; над 117 милиони раселени; уништени средствата за живот и диво растечки цени. Сето тоа за профит на грст неизбрани, неодговорни паразитски милијардери.

Но, постои и друга страна на овој процес. Милиони, дури и стотици милиони, се радикализираат. Тие бараат борбено водство против милитаризмот, против војната и против империјализмот. Тоа го докажаа милионите кои протестираа против војната во Газа.

Крајно е време за широка, меѓународна кампања со јасна програма за борба против милитаризмот и империјализмот. Кон оваа цел РКИ ја предлага следнава програма како почетна точка за таква кампања, а ги повикува сите поединци и организации кои сериозно се спротивставуваат на империјалистичката војна да нѐ контактираат и да се здружат во иста кампања и да се приклучат на оваа задача.

Нашата цел е да стигнеме до секој кампус, училиште, работничка организација, синдикат и работно место, да дадеме јасен израз на растечкиот гнев во општеството и да го насочиме против виновниците одговорни за варварството што сега се крева околу нас: нашите империјалистички владејачки класи.

Здравје, а не оружје! Книги, а не бомби!

Како што капиталистичкиот систем влегува во криза, додека се намалуваат пазарите и испаруваат шансите за инвестиции, борбата на империјалистичките сили се интензивира. Низ целиот свет ги острат ножевите да ги одбранат и прошират своите пазари, сфери на влијание и области на инвестирање.

Насекаде владејачката класа писка: за пушки за убивање наместо за масло за јадење! Само во 2023 година, глобалните трошоци за одбрана се зголемија за 9 отсто до рекордни 2,2 илјади милијарди долари годишно. Тоа се 306 долари годишно за секој маж, жена и дете во светот што се трошат на средства за уништување.

Тие можат да најдат дарежливост за воениот сектор. Тие можат да најдат милијарди воена помош за израелската воена машина и мелница на месо во Украина. А сепак, со децении ни беше кажано дека нашите полици се празни, дека живееме над нашите можности и затоа мора да прифатиме напади врз образованието, здравството и другите јавни услуги. Во исто време додека се подготвуваат за дополнителни кратења на јавните услуги, ветуваат огромни суми за војската.

Истите дами и господа кои тврдат дека не можат да најдат средства за образование, најдоа огромни суми пари за да ги претворат домовите на 2 милиони жители на Газа во урнатини. Тие тврдат дека не можат да си дозволат да градат нови училишта и универзитети дома, но најдоа пари за да ги срамнат со земја сите 12 универзитети во Газа во првите 100 дена од војната.

Во Европа, воените трошоци се зголемија за 16 отсто во 2023 година. Набрзо по избувнувањето на војната во Украина во 2022 година, германскиот канцелар Олаф Шолц најави нова серија од 100 милијарди евра што треба да се потрошат за германско вооружување. Ова доаѓа како додаток на зголемувањето на трошоците за одбрана од 55 проценти од 2014 година навака.

Тие пари треба да дојдат од некаде, а оваа година ќе бидат скратени 30,6 милијарди евра од јавната потрошувачка ширум светот, која ќе вклучува здравствена заштита, грижа за деца и јавен превоз. И ова е само почеток.

Во Британија, само минатата година, трошоците за одбрана пораснаа за 7,9 отсто. Споредете го ова со намалувањето за здравствената заштита од 1,2 отсто планирано за 2024 година, најголемото реално намалување на здравствените трошоци во Британија од 1970-тите. Новиот британски „лабуристички“ премиер Кир Стармер инсистираше на тоа дека не може да вети пари за здравствениот систем во распаѓање или за гладните деца, но веднаш вети милијарди за оружје за Украина.

Иста е ситуацијата и во другите империјалистички земји. Во Јапонија, трошоците за одбрана се зголемија за 11 отсто за една година, а во Шведска за 12 отсто. Сликата е иста скоро насекаде.

На прославата за 75-годишнината од НАТО оваа година, беше објавено дека рекорден број членки на пактот трошат над 2 отсто од БДП за одбрана: 23 од 31 членка на алијансата, во споредба со само три пред 10 години. А сепак, дури и ова не им беше доволно добро.

Империјалистите јасно ставија до знаење дека нивните планови за милитаризација едвај започнаа. Тие се подготвуваат за епоха на војна и уништување, во која нивниот систем нè вовлекува сè подлабоко и подлабоко. Сè поголем дел од човечкиот напор ќе се троши во целосно непродуктивно производство на оружје.

Далеку од тоа да додаде нешто во економијата, производството на оружје е насочено токму кон уништување на производството. Стотици милијарди потрошени на овој начин без да се произведе ништо продуктивно или корисно неизбежно ќе поттикне дополнителна инфлација, што ќе ја почувствуваат милиони. Затоа ќе бидеме принудени да плаќаме за повторно вооружување по втор пат: не само со пониски буџети за образование, здравство итн., туку и со зголемени цени.

Замислете што може да направиме со оваа бројка од 2,2 билиони годишно и повеќе. Само тие пари би покриле две третини од проценетите 3,5 билиони долари годишно на инвестиции потребни за борба против климатските промени. Или можеме да дадеме бесплатно, квалитетно образование на сите. Колку лекари и медицински сестри би можеле да бидат обучени да го оживеат здравствениот систем на кој во моментов му се дозволува да се распадне? Само 40 милијарди долари годишно (помалку од 2 отсто од глобалните воени трошоци) би можеле да нахранат 850 милиони луѓе кои моментално живеат во глад.

Со еден потег би можеле да решиме било кој од многуте проблеми со кои се соочува човештвото. И зошто да не го направиме тоа? Само затоа што империјалистичките мршојадци треба да ги заштитат своите пари и имот со складирање на огнено оружје, тенкови и артилерија.

Ние велиме:

Да го уништиме НАТО и другите империјалистички договори и организации!

За здравје, не за оружје!

Книги, а не бомби!

За експропријација на банките и производителите на оружје

Таму каде што е коритото со билиони долари таму се и бутнати муцките. Трговците на смртта, како што се Локхид Мартин (Lockheed Martin), Рејтион (Raytheon), Џенерал дајнамикс (General Dynamics), Би-еј–и системс (BAE Systems) и други, се радуваат на изгледите за ера на засилена империјалистичка војна.

„Знаете, ситуацијата во Израел е очигледно ужасна, искрено“, се жалеше главниот финансиски директор на производителот на оружје Џенерал дајнамикс на состанокот со инвеститорите две недели по почетокот на масакрот во Газа. Но, неговото однесување се промени следниот момент, кога ги опишуваше неверојатните можности коишто војната ќе ги отвори за нарачките на артилерија.

Како што рече Ленин пред повеќе од еден век: „Војната е ужасна? Да, ужасно профитабилна“.

Од февруари 2022 година, британскиот производител на оружје Би-еј-и системс ги удвои цените на акциите и очекува продажбата да се зголеми за уште 12 проценти во 2024 година. Додека остатокот од глобалната економија е во депресија, Локхид Мартин, Џенерал дајнамикс и Нортроп Груман очекуваат вредноста на нивните акции да се зголеми помеѓу 5 и 7 проценти оваа година.

Овие корпорации редовно генерираат од 10 до 12 проценти од годишниот приход со поттикнување на империјалистичките воени машинерии. Каде на друго место на Земјата се генерираат толку големи приходи?

Супермаркетите, енергетските гиганти и други, исто така, редовно ги користат пореметувањата во синџирите на снабдување и другите последици од војната за да ги зголемат цените, а да не ги спомнуваме оние што се појавуваат по завршувањето на војната за да профитираат од реконструкцијата. Ние велиме: да ја конфискуваме добивката добиена од милитаризмот и да извршиме експропријација на воената индустрија.

Многу пацифистички заговорници на разоружувањето, со најдобри намери, повикуваат на затворање на фабриките за оружје. Но, со тоа, тие несвесно служат за отуѓување на овој моќен сектор на работници, кои со тоа би биле отпуштени. Во воената индустрија се вработени стотици илјади високо обучени работници. Да не зборуваме за бројни академици чие истражување е насочено од страна на инвеститорите од одбранбениот сектор за унапредување на уметноста на масовни убиства. Наместо работниците, заедно со фабриките, да се фрлаат на купот отпад, овие вештини треба подобро да се искористат.

Наместо затворање на овие фабрики, национализацијата на индустријата за оружје и големите банки под работничка контрола ќе им овозможи да се пренасочат кон создавање општествено корисни добра. Под работничка контрола, со целосно финансирање од експроприраниот банкарски сектор и конфискувани профити од трговците со оружје, работниците лесно може да развијат планови за пренасочување на фабриките.

Наместо да се создаваат средства за уништување, за многу краток временски период, тие би можеле да се претворат во општествено корисни добра, поврзани на пример со растечките зелени индустрии. Можноста е докажана во практиката: го посочуваме примерот на планот Лукас во Велика Британија во 1970-тите, кога работниците во фабриката за оружје развија токму таков детален план за пренасочување на фабриката.

Затоа велиме:

Да ги експроприраме воените профитери!

Да ги експроприраме трговците на смртта!

Да ги експроприраме банките што со милиони нишки се врзани со воената индустрија!

Без компензација!

Да ги ставиме сите национализирани фирми под работничка контрола поради пренамена на фабриките за општествено корисни цели!

Во одбрана на демократските права!

Низ Западот, овој нагон кон милитаризам се спроведува под истите пароли: потребни се воени бродови и бомби за „да се обезбеди нашата сигурност“ и „да се заштити нашата демократија“.

А што е со оваа „демократија“ што наводно ја „заштитуваат“? Милитаризацијата секаде е придружена со истите работи: цензура, хистерична кампања против сите противници на воените авантури, отворено задушување и ерозија на тешко стекнатите демократски права.

Војната во Газа добива целосна поддршка од западните режими, и покрај фактот што огромното мнозинство население се противи. Каде е тука „демократијата“?

Во Германија владејачката класа навистина предизвика хистерија. Сега тие ја мешаат нивната целосна поддршка за масакрот во Газа со антиимигрантска, исламофобна кампања, воведувајќи нови закони кои скандалозно ќе бараат од новите граѓани да го признаат правото на државата Израел да постои.

Видовме забрани на мирни протести против геноцидот, затворени студентски здруженија и брутално потиснати кампови од полицијата, од УКЛА до Универзитетот во Амстердам. Истите полицајци стојат на страна и гледаат како ционистичката толпа ги напаѓа незаштитените студенти. Во Германија и Франција видовме обиди за забрана на пропалестинските протести. На поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис дури и му беше забранет влез во Германија на конференција за солидарност со Палестина. Каде е светото право на „слободно собирање“?

Во меѓувреме, оние кои се противат на војните во Украина и Газа, „слободниот“ печат ги оцрнува како „агенти на Путин“, „антисемити“, „симпатизери на Хамас“ итн. Во Франција видовме злобна кампања од страна на медиумите и сите партии, десни и „леви“, кои ги напаѓаат Меланшон и Непокорена Франција како „антисемитски“ затоа што се спротивставуваат на војната во Газа. Еве го познатиот „слободен печат“ на дело.

Ако ништо друго, ни рекоа дека во капитализмот сите ние имаме едно, неприкосновено демократско право: право да ги трошиме парите како што сакаме. Сепак, многу влади сега отворено дебатираат за законодавството против БДС (Бојкот, неинвестирање и санкции), што би го направило незаконско повикувањето на луѓето да го бојкотираат Израел. Многу американски држави и универзитети и јавни тела во САД и Велика Британија веќе имаат такви забрани против БДС.

Ни велат дека капитализмот и демократијата неизбежно одат заедно. Оваа илузија испарува во контакт со реалноста. Во време на раст, барем во богатите земји, владејачката класа можеше да си дозволи одредени демократски слободи. Но, колку се поостри класните и националните спротивставености, толку повеќе владејачката класа е принудена да се откаже од формалностите на демократијата. За банкротираната капиталистичка класа, тоа е луксуз што сè помалку може да си го дозволи.

Ние велиме:

Го браниме правото на слобода на говор! Нема замолчување на антиимперијалистите.

Го браниме правото на протест! Против репресијата врз антивоеното движење!

Да ја запреме криминализацијата на движењето против масакрот во Газа!

За крај на војната мора да се стави крај на капитализмот!

Капитализмот значи војна. Од избувнувањето на кризата во 2008 година, пазарите и шансите за инвестирање се намалуваат. Капитализмот се надживеа себеси. Производствените сили се задушуваат во лудачката кошула на националните пазари и приватната сопственост. Подемот на милитаризмот и војната, додека секоја империјалистичка сила се обидува да освои пазари и ресурси на штета на своите конкуренти, е логична крајна точка на кризата на капитализмот.

Релативното слабеење на американскиот империјализам го засилува овој процес. Тој повеќе не може да ги спречи неговите ривали да се наметнат на регионално ниво. Нејзините сојузници, исто така, сфаќаат дека мора да се потпрат на својата воена сила за да ги заштитат своите интереси, така што воената сила се зголемува во Европа и во регионот на Пацификот.

Различните светски банди на разбојници, непријатели и пријатели на САД, внимателно го проучуваа крвавиот хорор што се одвиваше во Украина, што ја откри слабоста на Америка. Сцените на империјалистичките и прокси војните што доаѓаат ветуваат дека ќе бидат смртоносни, исцрпувачки кланици. За тоа ќе бидат потребни војници, конвенционално оружје и огромни количини артилерија.

Работниците и младите ќе бидат тие што ќе ја платат цената: со животниот стандард и својот живот. Покрај стотиците милијарди што се влеваат во воената индустрија, имаме отворена дебата за повторно воведување на воен рок во многу земји за прв пат по Студената војна.

За жал, таканаречената левица, доколку не се застана зад оваа или онаа империјалистичка сила, се ограничи на најпатетичните пацифистички повици за „мир“ и, уште полошо, повика да се вмешаат организации како Обединетите нации. Но, империјалистичкиот „мир“ секогаш трасира само увертира и е период на подготовка за нови империјалистички војни.

Што се однесува до Обединетите нации, описот на Ленин за нивниот претходник, Друштвото на народите, е сосема соодветен: тоа е само „крчма на крадците“. Тоа е само форум каде што правата и егзистенцијата на цели народи се тргуваат како ситни пари во односите меѓу империјалистичките сили. Кога крадците не можат да се договорат меѓу себе, ООН се бескорисни. Кога американскиот империјализам може да добие одобрение од ОН за своите империјалистички цели во странство, како што тоа го направи во Корејската војна од 1950-53 година, атентатот на Лумумба во Конго во 1961 година, Заливската војна во 1991 година и воената интервенција на Хаити во 2004 година, со задоволство ќе ја искористи оваа можност. Кога ОН гласаат за резолуции што не му се допаѓаат (како во случајот со Куба и Палестина), тој ладнокрвно ги игнорира знаејќи дека нема да има никакви последици.

Она што пацифистите не го разбираат е дека милитаризмот и војната не се производ на злите политики на оваа или онаа буржоаска партија или министерство. Ниту една меѓународна организација не може да се „издигне над“ завојуваните страни и да наметне мир во светот. Војната и милитаризмот се органски, неопходен резултат на капитализмот во неговата епоха на империјалистичка дезинтеграција.

Како што брилијантно објасни Клаузевиц, „војната е само продолжување на политиката со други средства“. А политиката на револуционерните комунисти во време на империјалистичка војна е само продолжение на нашата политика во време на империјалистички мир.

Во срцето на империјалистичките земји, според зборовите на големиот револуционер и борец против милитаризмот, Карл Либкнехт, „нашиот главен непријател е дома!“ Мора да се бориме да ги собориме воените хушкачи дома, да ги запреме империјалистичките планови на нашата владејачка класа. Само класната војна може да ја запре империјалистичката воена машина. Само социјалистичка револуција може да го урне капитализмот и да го отвори патот за вистинска ера на мир.

Затоа, го повторуваме нашиот повик. До работниците, младите, левичарските и комунистичките организации, синдикалните ограноци, студентските групи и сите кои сериозно сакаат да се стави крај на војната, милитаризмот и империјализмот: ајде да работиме заедно.

Сакаме да соработуваме со сите оние кои се согласуваат со овие фундаментални точки во изградбата на сериозна меѓународна, револуционерна, антиимперијалистичка кампања против милитаризмот и војната. За тоа постои волја, наша задача е да ја организираме и да му дадеме јасна политичка програма на дејствување. Ние велиме:

Против империјализмот и милитаризмот! Да ги запреме бескрајните војни!

Долу воените хушкачи!

Мир меѓу народите, војна против милијардерите!

Пролетери од сите земји, обединете се!

30 јули 2024