Првомајски проглас
Овогодинешното одбележување на Први мај, меѓународниот празник на трудот, се одвива во околности на смртоносна пандемија на коронавирусот кој повеќе од една година одзема животи и го загрозува здравјето на луѓето на целата планета. Бидејќи поради пандемијата и епидемиолошките мерки прославата на Први мај по пат на собирање е оневозможена или отежната, со овој проглас сакаме да ја нагласиме историската важност на Први мај во контекст на ситуацијата во која работничката класа се наоѓа денес.
Положбата на работничката класа и останатото население кое живее исклучиво од својот труд, со кој воедно го издржува и цел капиталистички систем, во денешните времиња е значително неповолна и неизвесна. Иако денес Први мај е во сабота, многу работници и работнички мораат да работат, бидејќи 40 часовното неделно работно време и слободните викенди се повеќе стануваат спомени од 20 век. И покрај технолошкиот напредок чија цел би требало да биде растеретување на човечкиот труд, капиталот од работничката класа во 21 век цеди што е можно повеќе време и труд заради одржување на високите профитни стапки. Пандемијата на коронавирусот дополнително ја разоткри економската логика на пазарната економија – животите и здравјето на луѓето се жртвувани пред олтарот на профитот, најбогатите капиталисти и акционери само го зголемуваат своето богатство, а вакцината не се третира како заедничко добро со цел за поголема заштита и што побрзо запирање на вирусот, туку како стока која има за цел на нејзините сопственици да им донесе што повеќе профит. Економската криза која само се продлабочи со пандемијата, засега се санира со бранови на огромни државни задолжувања, кои кога тогаш ќе стигнат за наплата, а сосема е извесно дека и овој пат исто како и после финансиската криза од 2008 година, најголемиот товар ќе го поднесе работничката класа.
Во такви неизвесни времиња го одбележуваме Први мај – најзначајниот празник на класната борба од богатата историја на работничкото движење. Први мај за нас не е церемонијален празник за делење на грав и празни говори на инертните синдикалисти, туку повик за организирање и меѓусебно поврзување поради конкретни задачи. Први мај почна да се одбележува 1891 година по повод сеќавањето на претходната пресметка на работниците од Чикаго против репресивниот апарат на капиталистичката држава во 1886 година, а изворно е тесно поврзан со општата мобилизација и кампањата за 8 часовно работно време. На овој ден мораме да се потсетиме на сите штрајкови, протести и примери на борбено единство на работничката класа, како би ја продолжиле нашата борба за подобро и понапредно општество на темел на тие искуства. На работниците никогаш ништо не им било подарено од капиталот, за се` мораа да се изборат сами.
На сите работници и работнички, на сите борбени синдикати на овој начин им посакуваме среќен Први мај, со повик на единство и солидарност во борбата против главната причина на нашите неволји – капиталистичкиот начин на производство.
Овој проглас заеднички го потпишуваат: