БалканМакедонија

Соопштение на РКС: Пожарот во Кочани

Изразуваме сочувство со болката од загинатите во пожарот во Кочани. Бесни сме што не можеме да направиме ништо повеќе од соопштение.

Во овој момент да се потсетиме дека загинаа деца како да сме во некоја војна. И навистина сме во војна, во една граѓанска војна во која умираат или се жртвуваат припадници од обичниот народ.

Да видиме што се случуваше во минатото.

Изгореа пациенти во пожар во монтажните болници во Тетово – одговорниот министер стана претседател на партија, а фабрикантот што ги продаде монтажните бараки продолжи со бизнисот. 

Се удавија луѓе во Охрид – криво беше езерото што има вода и никој не одговараше.

Загинаа луѓе во несоодветен автобус  – обвинија возач, го осудија, газдата отиде на одмор.

Проценките се дека 4 илјади умираат годишно поради загадниот воздух – министерството за животна средина е место каде паразитираат партиските полтрони. Плус, Македонија ќе увезува ѓубре кое нема шанси да го преработи туку ќе го пали. Велат дека 10 отсто од заболените од рак на бели дробови, агресивен и смртоносен рак, е поради неквалитетниот воздух.

Не работат болниците низ Македонија ни за рендген ни за магнет. Наместо инфузија, се става средство за чистење за да се убие пациентот. Крадат лекови на Онкологија, нема лекови на другите клиники, се плаќа мито за операции. 

Паѓаа авиони. Се газат девојки и момчиња насекаде во државата, се вози на диво.

Убиени, силувани и малтретирани се жени и девојки од своите сопрузи – државата не ги заштити.

И веста на 16 март 2025 дека минимум 59 загинаа во пожар и подлегнаа на последиците. Над 140 се со изгореници, можеби трајно оштетени. 

Зошто? Затоа што инспекторите се партиски поставени, а не стручни и независни. Зависат од милоста на власта, а не служат на народот. Затоа што буржоаските партии, без согласност на мнозинството, го кројат секој сегмент на животот, а мнозинството не може да ги промени. Работничката класа нема водачи, нема своја програма и своја партија и е на ниво разградена и подделена да со неа владејат и послаби и понеспособни од неа.

Судството остана банда на корумпирани слуги на извршната власт. Собранието е само дрдорница без нешто да направи спротивно на вистинската власт, бизнис елитата и нивната Влада. Владата на РСМ е неспособна да направи промени против корупцијата веќе 30 и повеќе години. Таа е само алатка на странските сили и домашните тајкуни.

Бизнисмените, оние милионерите, се богатат со екстра добивки нонстоп на сметка на работничката класа со неплаќање на даноци и со суперексплоатација каде не плаќаат за просто одржување во живот со најниски плати во бивша Југославија.

Државата е неспособна да ги обезбеди луѓето, да им гарантира сигурност, слобода и развој. Ние, комунистите сфаќаме дека вината е во системот, во бесполезните либерални институции како Собранието, Уставниот суд, Владата со министерствата и своите инспекторати и полицијата што само е сведок и хроничар на злосторствата. Вината е во капитализмот и неговата илузија дека може да се изгради нешто попрогресивно, поразумно и покултурно. Нема. Системот е расипан и против луѓето и му нема спас ниту тука на периферијата ни во развиениот Запад.