ДемократијаЕкономијаМакедонија

Работнички зимски сон

Во последниот период сведоци сме на одредено раздвижување во сферата на  синдикалните активности. Актуелни се протестите кои ги организира УПОЗ преку кои што се бара да почитување на потпишаните колективни договори помеѓу членовите на синдикатот и владата.

Анализата на овие случувања нѐ доведуваат до коренот на неколку проблеми поврзани со нив. Најпрво најважно е тоа дека овие колективни договори не се потпишани во краткиот изминат период. Всушност овие договори се потпишани пред неколку години и од претходни владини состави. Од тука произлегува прашањето зошто и што се чекало за конечно да се почне со нивно спроведувње. Се сеќаваме дека синдикалните организации и тогаш излегуваа на „предупредувачки” протести во времетраење од 1 час во текот на работните денови. Протестите се повторуваа одреден период и завршуваа без никаков постигнат ефект. По одреден период повторно се повторуваа протестите по истиот шаблон, за и сега гледаме дека се протестира на ист начин и зачудувачки исто така нема ефект. Не е јасно како синдикалните организации сакаат во истите услови со истите постапки да резултираат со некаков различен исход.

Работниците, претставени преку синдикатите, подучени од горкото искуство на корумпираното судство коешто е продолжена рака на властите и капиталот, заземаат одбранбен став и бараат малку повеќе од ништо што сега го добиваат. Ова е целосно понижувачки, но семејствата на трудбениците мораат да живеат и во услови што демек правниот систем им ги дал на хартија.

Повлекувањето на синдикатите пред игнорантскиот однос на властите, сегашни и претходни, е резултат на тоа што истите немаат доволна поддршка од базата на своето членство. Дали работниците во ова повеќе од 3 децениско угнетување веќе не сакаат да се активираат синдикално затоа што сметаат дека нема никаков ефект освен тоа дека стануваат потенцијални мети за политички притисок и мобинг на работните места? Дали работниците не се доволно информирани и едуцирани дека токму синдикалните организации постојат за преку нив да ги остваруваат своите права? Дали синдикалното водство е избрано или наметнато од страна на владејачките елити за да ги смируваат незадоволставата кај работниците?

Работничката класа и во времето на карикатурата од социјализам беше атомизирана, а состојбата на дезинтеграција продолжи засилено од 1990-тите кога синдикатите не ја исполнија својата основна задача да го пренесат гласот на работникот за зачувување на работните места, за одржување на платите на ниво на галопирачката инфлација и за одбрана на стекнатите права. Ниту синдикалното водство ниту политичките организации беа со намера да им објаснат на работниците дека постојат начини за одбрана преку штрајк, преговори и договори, преку демонстрација на силата на работниците. Често пати буржоаските партии се мешаа директно во бирањето на врвот на синдикалното раководство, посебно кај најголемите и најмасовните синдикати, а познато е дека имаше законски прогон на синдикалците кои се бореа за своите соборци.Одговорот на овие прашања целосно и сликовито ја дефинира состојбата во синдикалните организации во државата, без намера да генерализираме оставајќи простор за исклучоци.

Чувството на пораз кај работниците се гледа и од вториот настан штово медиумите помина релативно неодбележано. Изјавата на претседателката на еден од синдикатите на текстилните работници, во која ги поддржува предлозите на Стопанската комора на Северозападна Македонија за намалување на придонесите од платите за пензиско и здравствено осигурување. Целта е зголемување на минималната плата на 31 000 денари на сметка на овие кратења.

Еден синдикат да поддржува и охрабрува една ваква општа кражба на парите на работниците на некое друго место би предизвикало скандал од огромни размери. Да ја  поткрепиме оваа наша констатација мораме да навлеземе малку подлабоко во суштината на проблемите што ќе се јават во случај на овие постапки.

Точно е дека здравствениот систем во државата не функционира, дури слободно можеме да кажеме дека е пред колапс. Тоа е евидентно од фактите дека без врски во државните здравствени установи редот за добивање на услуга е долг и неизвесно е дали воопшто болните ги дочекуваат истите. Меѓутоа истото нема да се подобри со дополнителни кратења во придонесите од страна на работниците. Напротив тоа ќе придонесе за дефинитивен колапс и укинување на јавниот здравствен систем. Прашање е што потоа? Дали тие 7,5 % кои се одвојуваат во моментот за здравствено осигурување сега ќе бидат доволни за работникот самиот да ги покрие трошоците од евентуална болест или потреба од покомплицирани лекарски зафати? Секако дека не. Од тој износ работникот самиот ќе треба согласно своите желби да уплаќа за некакво приватно здравствено осигурување и за чии искористени услугицените ќе ги одредува приватната здравствена установа.

Дали истите институции кои ги пропагираат овие идеи имаат одржано предавања за работниците каде што јасно ќе им ги предочат “бенефитите” од овие реформи?

Синдикатите се организациите што треба да ги штитат работниците од вакви, во секој поглед, штетни предлози и квази решенија за покачување на минималната плата. Синдикалните лидери преку активирање на работниците треба да реагираат на состојбата во јавното здравство со цел за негово подобрување во поглед на квалитетот, достапноста и ефикасноста на услугите што тоа ги нуди, а не да помага во рушењето на еден систем од кој зависат најранливите категории од друштвото.

Да бидеме на чисто, предлогот што е доставен од Стопанската комора на северозападна Македонија е сосема очекуван ако знаеме дека оваа комора е само сојуз на капиталистички газди чиј главен интерес е да извлечат што е можно поголем профит на грбот на работниците, а притоа да не предизвикаат револт кај истите. Овој предлог е начин за да се реализира токму тоа, фиктивно ќе се зголеми минималната плата, а фактички работниците на крајот од денот ќе останат без своето здравствено осигурување.

Уште поалармантна е состојбата во пензискиот систем. Системот штоод година во година се подлабоко тоне во долгови коишто се покриваат од државата. Дали е логично да се предлагаат кратења во придонесите за да се подобри оваа состојбата? Согласно извитоперената логика на капиталистите да, наместо да се посегне по намалување на енормните профити што тие ги реализираат и да се создадевистинско зголемување на платите, наместо да се работи активно на намалување на невработеноста и непријавената работа, а со тоа директно да се влијае на зголемување на уплатените придонеси. Намалените придонеси за пензиско осигурување директно влијаат на износот на идната пензија, тоа мора да е јасно на сите.

Синдикатите треба што поскоро да почнат да фунционираат согласно причините за нивното постоење. Да се зафатат со реално застапување на интересите на работниците, да не се плашат од конфронтација со политичките власти коишто се директни претставници на буржоаската класа. Да посегнат кон активна едукација и анимирање на своето членство, затоа што само така може да се подобри мизерната состојба на работникот во Македонија.

Работниците треба поактивно да ги следат и да реагираат на вакви и слични провокации. Само преку практика ќе сфатат дека тие заедно се дел од една експлоатирана и угнетена класа. Дека со своето неучествување во работата на синдикатите тие сами оставаат капиталистите да им подметнуваат кукавички јајца.

Работниците треба да разберат дека најважната борба е токму класнат борба и дека со игнорирањето на ова самите си ги скратуваат своите права и привилегии. Капиталистите ова го знаат многу добро, уште само работниците да го сфатат истото преку делата. Работниците само така ќе сфатат дека нивната борба е политичка, а дека сите капиталистички политички партии се против нив. Тогаш нашата улога како комунисти е да ги повикаме за создавање на класно независна партија на трудот.

Време е работниците да ги земат своите работи во свои раце!

Стоп за експлоатирањето од капиталистите!

Кон нов општествен поредок!