Кој е следен?
На 29.01.2025 година во Скопје загина 22 годишна девојка од удар на автомобил управуван од 20 годишно лице за кое се испостави дека претходно имало “судир” со законот во врска со поседување на наркотични средства и сообраќајни прекршоци, но истиот не се соочил со соодветни санкции пропишани со важечките закони поради конекции со политичкиот и правниот естаблишмент кои наводно неговите родители ги уживаат.
Како реакција на ова во Скопје се одржаа два големи протести на 31.01.2025 и 02.02.2025 година со околу 10 илјади присутни. На протестите беше искажано незадоволство од нефункционалниот систем во кој некои поединци фактички се изземени од важењето на законите и истите претставуваа искрен и спонтан крик кој бара правда во врска со смртта на младата девојка од Скопје, без конкретно формулирани барања кон институциите на државата. Сличен протест беше оддржан и во Неготино. Набргу по социјалните мрежи се рашири повик за учество во граѓанската иницијатива “Кој е следен?” (една од главните пароли на двата протеста) а на 09.02.2025 година се одржа таканаречен Граѓански форум со наслов “Зошто нашите градови се небезбедни” на кој беше предвидено да се постават темелите на иницијативата.

Трагичниот настан од 29.01.2025 година во кој, за жал, животот прерано го загуби една млада личност разбуди револт кај луѓето кој беше преинтензивен да остане премолчан и спонтано се излеа по улиците. Овој револт не се однесува само на овој конкретен случај во кој сторителот очигледно континуирано бил толериран од страна на “органите на редот”, туку е револт кој се однесува на целиот систем во кој постојано сведочиме за привилегирани поединци за кои присилните закони на државата не важат. Во овие моменти кога неправдата се чувствува во воздухот и постои потреба да се бара правда на улиците, потребно е да извршиме анализа на тоа од каде потекнува самата привилегирана положба за гневот да биде правилно канализиран. Живееме во општество кое се базира врз економска нееднаквост и експлоатација. Малцинството кое го сочинува владејачката класа, кое ги поседува средствата за производство, има акумулирано огромна економска моќ во своите раце. Тие нивните интереси ги штитат преку нивни претставници во политиката и институциите на буржоаската држава, кои благодарение на економската моќ на нивните господари поседуваат (поголема или помала) политичка моќ. Правниот систем, законите, полицијата и војската како апарат на присила за спроведување на тие закони, првенствено служат да се заштитат економските интереси на владејачката класа, пред се приватната сопственост како јадро на системот на експолатација а дури потоа за “одржување на мирот и безбедноста”. Тие служат да се одржи status quo-то и воспоставените односи во него.
Овој систем се базира на привилегии кои потекнуваат од акумулирана економска и политичка моќ. Кривичните и прекршочните закони важат за обичните луѓе, работничката класа и за останатите потчинети класи, но не и за моќниците.
На граѓанските форуми се споменуваше и поимот за “безбеден град” со акцент на сообраќајната безбедност. Кога зборуваме за безбеден град треба да се запрашаме што би претставувал еден безбеден град. Дали тоа е зголемување на човечкиот и материјален капацитет на полицијата? Дали тоа значи дека трба да има повеќе полиција во градовите? Дали поставувањето на повеќе камери и зголемен надзор би допринело кон побезбеден град? Можеби зголемениот надзор со користење на современа технологија би добринел кон превенирање на престапите, но под услов системот да се демократизира до највисоката можна точка. Транспарентноста односно пристап до камерите, до базите со податоци во областа на безбедоста треба да им биде гарантиран на сите жители. Секој да има право да ја следи безбедносната состојба и престапите. Градот, со сета урбана опрема, вклучувајќи ги и камерите и друга безбедносна опрема се наши, заеднички. Секому треба да му е гарантиран пристап до истите. Во системот ваков каков што е, во кој прашањата на безбедноста се под превез на доверливост се овозможува манипулација со податоците при што некој чиновник има можност да ги избрише евидентираните престапи на привилигираните. Доколку ни е овозможено на сите да се грижиме за безбедноста и редот, колективно, нема да е возможна злоупотреба на системот од страна на привилегираните. Која е ползата на повеќе полиција, безбедносна опрема и надзор доколку престапниците имаат можност да избегнат санкционирање поради привилегирана положба?
Безбеден град подразбира квалитетен и достапен јавен превоз, подразбира заеднички јавни површини, заеднички јавни добра и соодветна инфраструктура. Ова никако не се вклопува во капиталистичката логика за генерирање на профит и акумулација на капитал. Во актуелниот систем, се па и урбаното планирање е подредено на капиталот и остварување на профити. Економските моќници преку нивните претставници во државните и локални органи и институции го подредуваат јавниот интерес под приватниот. Целото урбано планирање е ставено во функција на инвеститорите за неограничено и непланско градење. Заедничките јавни површини секојдневно се намалуваат и биваат окупирани од инвеститори. Инфраструктурата е субординирана под интересите на урбаната мафија. Во недостиг на квалитетен и достапен јавен превоз, се стимулираат автомобилите, што ја поддржува потрошувачката и конзумеризмот. Од сето ова корист има само сопственичката класа која брои профити на своето конто, додека на работниците и на сите останати секојдневно им се отежнува животот. Потребно е да го заштитиме јавниот интерес и како жители на еден град да вршиме притисок кон демократизација на урбаното планирање. Носењето на одлуки во урбанизмот треба да се дисперзира надолу кон месните заедници во кои ќе бидат инволвирани сите жители за да ги заштитиме заедничките (јавните) површини од канџите на профитот. Општините вакви какви што се, не обезбедуваат транспарентност на урбанистичките постапки и им овозможуваат на богатите да го окупираат јавниот простор.

Овој настан го отвора прашањето на вредносниот систем, воспитанието и девијантноста. Угнетувањето, експлоатацијата, тешкиот живот на работниците не ретко водат кон “барање на среќата” во алкохол, наркотици, коцкање, конзумација на евтина култура која промовира ниски вредности итн. Од друга страна трката по профит на привилегираната класа доведува до дехуманизација на нивните вредности (профит наспроти хуман и солидарен соживот) и фрустрација во бесконечната трка за поголем профит при што и тие не се имуни на прибегнување кон пороци и девијантно однеување. Ваквиот превртен вредносен систем и сите девијации кој тој со себе ги носи, несомнено допринесуваат за зачесеноста на вакви и слични инциденти. Покрај згаснатиот живот на починатата девојка, уништен е и животот на младиот возач. Дури и привилегираната класа не е слободна! И тие се заробени во оковите на профитот како највисока вредност.
Системот кој се базира на економска експоатација и создава привилегии за некои поединци од едната страна и ја нарушува безбедноста подредувајќи го јавниот интерес под приватниот бизнис интерес од другата страна со промоција на погрешни вредности доведува до вакви трагични случки на коишто, за жал, често сме сведоци.
Ја поздравуваме иницијативата за демократско самоорганизирање на жителите на Скопје во потребата да се “извојува” правда на улиците и додаваме: нема да има правда додека не се укинат привилегиите, а привилегиите ќе се укинат кога ќе се укинат класите!
Никола Крстевски