ЕУ империјализам како фарса
„Историјата се повторува, прв пат како трагедија, втор пат како фарса“ – К. Маркс
Деновиве вестите пак почнаа да се полнат со уставните измени, како да е тоа нешто ново, никогаш видено, а најбитно како тоа да ги засега вистинските односи на луѓето. Внесувањето на деловите од бугарскиот народ, покрај побројните во Македонија хрватскиот, еврејскиот, црногорскиот и египќанскиот, е под притисок на шовинистичката политика на бугарската држава, којашто не ја промени официјалната многудецениска бугарска политика со бизарното тврдење дека македонскиот народ е титоистичка измислица, а дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот. Сталинистичката бирократија на Тодор Живков се уште живее низ бугарските институции, само сега е премачкана со боите на европската заедница. Нејзините големобугарски претензии, на една слаба криминална буржоазија, која се лигави пред големите сили, а е локалниот силеџија кон немоќните, за жал се охрабрени од многубројните пасоши на Македонците да побегнат во ЕУ зоната во потрага по парче леб.
Покрај бугарските притисоци, дипломатијата на ЕУ земјите, исто така врши притисок врз пратениците и народот и се заканува со прекин на пристапните преговори за влез во нивното елитно друштво. Некои земји, како Франција и Холандија, отворено се противеа на влезот на државата во ЕУ и пред уцените на Бугарија, и некако е наивно да се верува дека тие не и` даваат ветер во грбот на понижувачката рамка на преговори меѓу Македонија и Бугарија.
Како и при притисокот на грчката буржоазија која го оспори елементарното демократско право македонската нација да се нарекува како самата посакува, комунистите стојат на ставот дека Македонија има право да ги уредува демократските односи без уцени, има право да одлучува за својата судбина без притисоци и има право да не учествува во тајните дипломатски оргии на Eвропската унија или НАТО пактот.
Комунизмот како движење ги оценува и Европската унија и НАТО пактот како реакционерни, назадни, империјалистички организации со интереси за заштита исклучиво на интересите на ултра богатите. ЕУ не е никакво надминување на националната држава туку е вреќа на националните буржоазии кои тегнат на своја страна, вреќа што најмногу се обликува според интересите на најголемиот центар на моќ, Германија. Еврото како валута е алатка на монетарната политика на Германија, нешто за кое и самиот Хитлер би се гордеел.
Македонската владејачка класа, типично за неа ја манифестира целата своја неспособност да ги задоволи економските, образовни, здравствени, културни потреби на мнозинството од населението. Тие ја нудат „европската визија“ во замена за немање на друга стратегија, како би ја замаскирале својата неспособност дури и за најосновно менаџирање со оваа територија. Како што и во нашите претходни анализи нагласивме: „Па дури и при евентуален прием во ЕУ некогаш, периферната природа на македонскиот капитализам нема да се смени и истиот нема да може да се носи со европскиот пазар, што ќе резултира со егзодус на население при отворените граници и потполно уништување на она што преостанало од македонската индустрија.“
Од друга страна, македонската опозиција шири омраза кон Бугарите, наместо да ја насочи по класна линија како омраза кон империјализмот и мрачните интереси на европските капиталисти, кои нас, Македонците и Бугарите и останатите балканци, нѐ сметаат за човечки ресурси – за евтина работна сила која ја контролира со нерешеното национално прашање.
Затоа, ние велиме: Национализација на клучната индустрија без надомест, за работничка контрола во стопанството!
За работничка Југославија! Напред кон себалканска социјалистичка револуција, за Балканска социјалистичка федерација !