Србија: просветните работници воведоа потполен прекин на работата!
Таканаречениот „бел штрајк“ на работниците во образованието започна уште пред уривањето на настрешницата во Нови Сад, во која загинаа 15 луѓе и предизвика лавина реакции во Србија. Во овој штрајк, наставниците и професорите од средните и основните училишта ја скратија наставата на 30 минути, а во знак на протест сите ученици ги оценуваа со 5, изразувајќи симболичен протест за тоа колку моменталниот образовен систем е бесмислен.
Покрај ниските плати за високообразованите луѓе, кои треба да ги подготват и подучат новите генерации за живот, професорите се соочуваат и со екстремно обезвреднување, каде што недостатоците на образовните институции кои се манифестираат кон студентите понекогаш доведува до екстремно непочитување на предавачите, а во некои случаи и насилство. Дополнително, за работите да бидат уште полоши, зачестено е малтретирањето на наставниците и професорите од страна на родители кои се незадоволни од начинот на оценување на нивните деца, што исто така во некои случаи резултираше со насилство, за кое никој не одговараше. Ваквата состојба во која се наоѓаат просветните работници продолжи со исто темпо и по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“, во кој ученик уби девет свои врсници и училишен чувар, а рани пет други ученици и еден наставник.

И како тоа да не е доволно, професорите се преплавени со непотребна администрација за исполнување на квотите и критериумите наметнати од режимот. За жал, ова често доведува многу едукатори да станат цинични за нивната улога во општеството, но и кон учениците кои своето образование го сфаќаат сè помалку сериозно. „Белиот штрајк“ не беше ни приближно доволен да го разниша режимот, кој има огромни придобивки од тоа да штеди на образованието и да создава евтина и послушна работна сила наместо образована, и затоа немаше проблем да ги игнорира оние наставници кои штрајкуваа.
Многу такви штрајкови со намалени часови беа згаснати во претходните години. И пред масовните протести, просветните работници полека сфаќаа дека овој метод не е доволен, а во некои случаи штрајкувачите почнаа да се насочуваат кон родителите, повикувајќи ги на солидарност, бидејќи не е во интерес ниту на учениците, ниту на нивните родители образованието да биде во ваква катастрофална состојба. Исто така, просветните работници сè повеќе одржуваа јавни протестни маршеви за да го направат нивниот проблем видлив надвор од училиштето. Просветните работници преку овие потези покажаа храброст затоа што повикот за солидарност на родителите како и активностите за штрајк надвор од училиштето се незаконски. Покажаа подготвеност да се соочат со евентуална државна репресија заради нивната борба.
Иако протестното движење кое бараше итна кривична одговорност за уривањето на настрешницата првично ја засени борбата на просветните работници, кога студентите влегоа во блокадите на факултетите, просветните работници знаеја дека нивната борба, борбата на студентите и борбата на сите нас се поврзани во една борба против системот кој ги занемарува човечките потреби и не го става човекот на прво место. Ученици, професори и наставници заедно учествуваа во движењето „Застани Србијо“, каде по притисокот од режимот врз професорите кои учествуваа во ова движење, студентите застанаа во нивна одбрана.
Просветните работници сфатија дека се во многу посилна преговарачка позиција отколку што беа. Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ, чија оставка ја бараат наставниците кои штрајкуваат, маневрираше со воведување на подолг зимски распуст надевајќи се дека ќе ја прекине борбата. Како што се приближуваше 20 јануари, кога требаше да започне вториот семестар, владата се обиде со нови маневри преговарајќи со лидерите на т.н. репрезентативни синдикати кои беа повеќе склони кон ситнење на отпорот.
Договорот што владата го направи со нив беше криминален. Иако беше претставено како зголемување на платите од 30% кое требаше да биде постепено со зголемување од 11% во февруари, 11% во април и 5% во септември. Секој што го следеше штрајкот на работниците во поштата, на кои им беа дадени слични ветувања, можеше да сфати дека работата ќе застане на првото покачување од 11% ако воопшто се реализираше тоа ветување. Во комбинација со заедничка борба со учениците, наставниците и покрај одлуката за прекин на штрајкот од т.н. Репрезентативните синдикати, донесоа одлука за целосен прекин на работата на 20 јануари. Ова беше дочекано со огромен ентузијазам, а социјалните мрежи се преплавија со бројни видеа од говори и песни за солидарност и собири за поддршка на просветните работници на кои присуствуваа родители и ученици. Како одговор на заканите на премиерот Милош Вучевиќ дека ќе испрати просветна инспекција до оние кои не работат, просветниот инспекторат во некои случаи јавно покажа непослушност. Оставка поднесе претседателот на еден од репрезентативните синдикати кои постигнаа договор со владата, а оставка поднесоа и директори на училишта.
На протестите има повици за генерален штрајк. Моменталниот план е овај прекин да трае една недела. Паралелно со овој штрајк, во еднонеделен прекин на работата е и Адвокатската комора на Србија. Штрајк оваа недела најавија и вработени во Електростопанството на Србија. Просветните работници од протестот во Белград ги повикаа и работниците од другите сектори на штрајк, што е единствен логичен развој на настаните.
Оваа ситуација дефинитивно има потенцијал за тоа отпорот да ескалира во генерален штрајк. За да се изгради и организира ова потребно е усогласување меѓу групите бидејќи јавните повици не се доволни. Работниците од различните индустрии треба да се поврзат меѓу себе, со цел колективно да извршат поголем притисок врз владата и затоа што сите имаат исти или слични проблеми на нивните работни места. Целосно и безусловно го поддржуваме штрајкот на просветните и сите останати работници, со сите нивни барања. Образованието во Србија е веќе уништено и неговиот привремен прекин нема дополнително да го колабира, туку е единственото нешто што може барем малку да ја нормализа ситуацијата.
Напред за генерален штрајк!