ИнтернационалаТеорија

КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА СОЦИЈАЛИЗМОТ

Додека од 99% се бара да платат за кризата, 1% акумулираат богатство со сè побрзо темпо. Прекумерниот број на скандали и корупција во политичкиот естаблишмент отуѓуваат милиони од традиционалната политика. Сето ова предизвикува длабоко преиспитување на капиталистичкото општество. Многумина бараат алтернатива за системот што го имаме, а сè поголем број го бараат одговорот во револуционерниот социјализам.

На многумина им е јасно против што се бориме: корупција, криза и штедење; но може да биде потешко да се артикулира или дури да се замисли за што точно се бориме. Поточно, како може да функционира новото општество? Како тоа би влијаело на нашите индивидуални животи? Како ќе изгледа социјализмот?
Марксистите не гледаат во кристални топки. Не можеме да ја предвидиме иднината со апсолутна сигурност, па затоа и не можеме да кажеме точно како ќе изгледа социјализмот. На пример, кога зборува за семејството во социјализмот, Енгелс вели „[природата на семејните односи во социјализмот] ќе се реши кога ќе порасне нова генерација… кога ќе се појават овие луѓе, последната грижа ќе им биде она што е денес замислено дека треба да направат, тие ќе креираат своја пракса и соодветно мислење за практиката на секој поединец – точка“.

Сепак, можно е да се извлечат некои заклучоци за тоа како ќе изгледа социјализмот, бидејќи марксистите се научни социјалисти, кои применуваат материјалистичка анализа за развојот на историјата и општеството. Со други зборови, можеме да создадеме хипотези за иднината, врз основа на докази од сегашноста и минатото. Ова не е егзактна наука – исто како што лекарот не може точно да каже кога пациентот ќе умре, а геологот не може да го даде датумот и времето на следниот земјотрес или вулканска ерупција, така и марксистот не може точно да предвиди кога ќе избие револуција или каква специфична форма ќе има. Но, исто како што со набљудување на дете може да се види приближно каков возрасен тој или таа потенцијално би можел да стане, со набљудување на капиталистичкото општество можеме да го видиме потенцијалот за тоа како ќе изгледа социјалистичкото општество.
Веќе можеме да го видиме ембрионот на социјализмот во внатрешноста на капитализмот. Важно е дека со испитување на противречностите и пречките што капитализмот – системот на приватна сопственост и профитно производство – ги наметнува на општеството, можеме да видиме каков може да биде потенцијалот за идно, социјалистичко општество; општество каде овие бариери се отстранети и каде што производството наместо тоа се врши врз основа на човечките потреби.


ЕКОНОМИЈА БЕЗ ПРОФИТ

Економскиот развој е материјален предуслов за развој на сите други аспекти на општеството. Без доволен развој на производните сили – индустријата и земјоделството; технологијата и техниката – општеството нема да има материјални услови и ресурси потребни за напредок во областите на науката, уметноста, културата, филозофијата итн. Ова е фундаменталниот принцип на марксистичко – материјалистичкиот поглед на историјата.
Капитализмот сега веќе не е способен да го развие овој најфундаментален аспект на општеството, благодарение на неговите противречности и анархијата и неефикасноста што произлегуваат од тоа. Милијарди беа изгубени во несреќата во 2008 година, која не беше предизвикана од индивидуална алчност или идеологија, туку од инхерентните механизми на самиот капитализам. Потоа следеше стагнација на силите на економското производство на глобално ниво. Ова остави многу земји со години или дури со децении наназад во однос на нивниот економски развој – во Обединетото Кралство, на пример, економските инвестиции се сè уште 25% пониски од пред кризата, а градежништвото е сè уште 10% помалку.
Капитализмот не е во состојба да ги развие силите на економското производство до нивниот целосен потенцијал. Искористеноста на капацитетите на производните сили во развиените земји во моментов е на 70-80%, дури и по затворањето на огромен дел од производството и губењето на милиони работни места. Во светот, просечното искористување на капацитетите е 70%. Тоа значи дека во моментов имаме можност да го зголемиме глобалното економско производство за речиси 50%, едноставно со користење на постоечките капацитети во економијата. И покрај фактот дека луѓето ширум светот имаат очајна потреба од храна, засолниште, здравствена заштита и други основни потреби, овој резервен капацитет не се користи. Всушност, многу буржоаски економисти денес зборуваат за вишок капацитет – т.е. дека економијата е способна да произведе премногу (од пазарна перспектива) и дека треба дополнително да се скрати, што значи затворање и дополнително губење на работни места.
Причината за оваа противречност е профитот. Во капитализмот, економската моќ на општеството се користи само за производство на добра што може да се продаваат со профит; ако ова не може да се направи, ништо нема да се произведе. Сопствениците на средствата за производство попрво би ги затвориле своите претпријатија отколку да произведуваат со загуба, дури и ако добрата што можат да се произведат се очајно потребни. Капиталистичката економија е водена од профитот, а не од потребата, и затоа е крајно неефикасна во исполнувањето на потребите на општеството, и покрај тоа што го тврдат сите апологети на капитализмот. Често ни кажуваат дека капитализмот е најефикасен од сите економски системи – но ако е така, зошто фабриките и канцелариите седат без работа и празни, и покрај тоа што можат да произведат изобилство на добра и услуги што му се потребни на општеството?
Доколку профитот се исфрли од равенката, нема да има пречка да ги искористиме сите средства за производство со кои располагаме со полн капацитет. Оваа идеја за економија која не е водена од профит ни дава прв поглед за тоа како ќе изгледа социјализмот.


КАПИТАЛИЗАМ=СИРОМАШТИЈА СРЕДЕ ИЗОБИЛСТВО

Глобалната невработеност официјално е 200 милиони; но во реалноста бројот на невработени и недоволно вработени е поблиску до милијарди. Овие луѓе не се невработени затоа што се неспособни за работа, ниту затоа што нема работа, туку едноставно затоа што не е исплатливо да се вработат.

Во исто време, бројките објавени во 2012 година покажаа дека 24% од луѓето во Велика Британија имаат две работни места, од кои 90% морале да земат втора работа бидејќи приходите од само една работа не им биле доволни. Во 2012 година, забележано е зголемување од 37,4% на бројот на луѓе кои се приклучуваат на веб-страниците за вработување кои бараат друга работа. Со инфлацијата, замрзнување на платите и ниски плати, ова е тренд што ќе продолжи и во иднина. Очигледна контрадикторност на капитализмот е тоа што некои луѓе се принудени да работат две работни места, додека милиони остануваат невработени – апсурд роден од потрагата по профит.
Без бариерата од профитот, овие милијарди невработени и недоволно вработени луѓе би можеле да најдат продуктивна работа. Секој би можел да заврши само една работа подобро, а би останале доволно луѓе за да создадат многу повеќе работни места. На оваа основа, производните сили би можеле да добијат огромен прилив на човечки труд, а глобалното економско производство драстично би се зголемило.
Во капитализмот има и други апсурдни противречности од овој вид. 6.500 луѓе во Лондон спијат на улица, што е зголемување од 77% од 2010 година; Другите форми на бездомништво се исто така во пораст – барањата на домаќинствата за статус на бездомници во Англија се зголемија за 26% на 111.960, а хотелите за бездомници забележаа 38.500 пополнети места. Во исто време, според владините податоци, во Англија има 610.000 празни домови. Зошто имаме растечка епидемија на бездомништво со зголемен број на слободни имоти? Имотот се продава или издава само на луѓе кои можат да платат, без разлика дали треба да живеат некаде. За капиталистите, тоа е прашање на профит, а не неопходност.
Ужасната човечка штета што е предизвикана е надополнета со материјална штета од места како Авенијата Бишоп во Лондон, втората најскапа улица во Британија, каде што една третина од куќите стојат празни, а некои се распаднати од 25 години неупотреба. Овие имоти се чуваат како удели за профит, а не како домови за живеење. Овој имот од 350 милиони фунти е претворен во пустош – уште еден резултат на економијата водена од профит.
Таквата економија стои и на патот на технолошкиот развој и примената на машините. Машините не купуваат стоки, па ако буржоазијата сака да има пазар за својата стока, мора да вработи одреден број луѓе како работници. Во капитализмот, примената на машините и технологијата доведува до истискување на човечка работната сила, што резултира со масовна (технолошка) невработеност за некои и интензивна прекумерна работа за други. Но, без бариерата на профит, би можеле да произведуваме машини за вршење на опасните и валкани работи што никој не сака да ги прави, а автоматизацијата би им ослободила многу повеќе време на луѓето да се вклучат во други економски продуктивни активности и ќе го намали бројот на работни часови. со што се генерира вистинско време на слобода. Принудната невработеност што ја гледаме во капитализмот би се заменила со доброволно слободно време.
Профитот стои на патот на дистрибуцијата, како и на производството во капитализмот. Озлогласените „планини“ и „езера“ со вишок храна произведени во ЕУ достигнаа 13.476.812 тони житарки, ориз, шеќер и млечни производи и 3.529.002 хектолитри алкохол/вино во 2007 година. И додека овој вишок храна се трупа и Заедничката земјоделска политика на ЕУ да им се плаќа на земјоделците да не произведуваат храна, шест милиони деца умираат од неухранетост секоја година. Не постои логична причина зошто плодното земјиште во некои земји не може да се користи за производство на храна што ќе се дистрибуира до луѓето кои живеат во поостра клима. Единствената причина зошто тоа не се прави е што истото не е профитабилно да се прави тоа, а огромната бариера на нацијата-држава го спречува спроведувањето на вистинско интернационално решение. Во капитализмот, храната се фрла наместо да се дистрибуира оние на кои им е најпотребна.


ПЛАНИРАНА ЕКОНОМИЈА

Често ни велат дека конкуренцијата е тајната на капиталистичката ефикасност; но во реалноста конкуренцијата води до повеќе отпад. На пример, постои значително преклопување на работата помеѓу компаниите кои вршат слични функции – што значи дека времето и парите се инвестираат двапати во исти работи. Да ги земеме супермаркетите како пример: ако дистрибуцијата на храна ја врши една организација, тогаш обемот на економијата би го направил процесот поевтин, а централизираното планирање би го направило поефикасно.
Конкуренцијата, исто така, ги принудува компаниите да создадат побарувачка за нивните специфични производи преку рекламирање, чија цена се пренесува на потрошувачот. Трговските тајни и правата на интелектуална сопственост значат дека најдобрите идеи и иновации не се реализираат онолку колку што би можеле да бидат и водат до скапи тужби, како што е злогласните судски парници за мобилни телефони Apple против Samsung, кои повторно ги зголемуваат цените за обичните луѓе. Наместо најдобрите и најпаметните умови во светот да бидат вработени во тандем за да ги произведат работите што му се потребни на општеството, научниците, инженерите и дизајнерите се поделени во различни корпорации и се спротивставуваат еден против друг во конкуренција, што резултира со целосно непотребно дуплирање на напорите и ресурсите.
Во секој случај, вистинската конкуренција во ерата на империјализмот, највисоката фаза на капитализмот, е мит. Во 2012 година беше откриено дека Barclays, UBS, Citibank, RBS, DB и JP Morgan имаат фиксни каматни стапки со цел да остварат повеќе профити. Во неодамнешното минато British Airways и Virgin Atlantic во авиоиндустријата; Гролш, Баварија и Хајнекен во пивото; и Sainsbury’s, Asda и други супермаркети: се покажа дека сите договарале цени за да обезбедат поголем профит. Причината за овие скандали е што овие компании признаваат дека планирањето е поефикасен начин за водење на економијата отколку да се дозволи анархијата на слободниот пазар.
Самото присуство на вакви гигантски мултинационални монополи во секоја индустрија, со само неколку компании кои доминираат на пазарот, покажува како слободната конкуренција се претвора во нејзина спротивност, токму поради зголемената продуктивност и ефикасност што може да се постигне со производство во толку огромни размери. Во секоја компанија постои огромно ниво на планирање, координација и соработка, се со цел да се зголеми ефикасноста во име на остварување поголем профит. Помеѓу компаниите, пак, останува анархија на конкуренцијата и невидливата рака, што доведува до огромна неефикасност и трошење на општествено ниво.
Како пример, во книгата Мултинационална корпоративна стратегија: планирање за светските пазари, Џејмс К. Леонтиадес го наведува примерот на компанија за електроника, Texas Instruments – мултинационална организација која ги планира сите свои операции од своето седиште во Далас. Нивото на централизирана контрола на мултинационална компанија го покажуваат елементите на стратегијата за кои се одлучува во седиштето. Тие вклучуваат:

  • Регионална и глобална анализа на конкуренцијата
  • Основни дизајни на производи кои се стандардизирани ширум светот
  • Централизирано и координирано истражување и развој за да се избегне скапо дуплирање
  • Рационализација на производството на глобално ниво за да се максимизира ефикасноста поврзана со обемот на меѓународно ниво
  • Одредување на цена на глобално ниво

Овде го гледаме семето на новото општество присутно во старото. Социјалистичкото општество би ги прифатило можностите што доаѓаат со економското планирање; но секако дека би можеле да планираме во интерес на потребите на мнозинството, наместо профитот на малкумина. Тоа е основата на општеството на изобилство, во кое сите сили на економското производство и инвестиции се рационално и демократски планирани во интерес на мнозинството. Првиот чекор кон тоа ќе биде експропријација на командните точки на економијата – односно земјиштето, банките, комуналните претпријатија, инфраструктурата и најголемите компании – сето тоа ќе биде ставено под демократска контрола на работничката класа како дел од планска економија.
Резултатите од планираната економија може да се видат во трансформацијата на Русија во педесетте години помеѓу 1913 и 1963 година, по Руската револуција од 1917 година – и покрај огромната кочница на развојот создадена од сталинистичката бирократија. Во овој период, земјата стана втора најмоќна нација во светот од економски позаостаната од денешниот Бангладеш. Индустриското производство порасна за 52 пати, во споредба со шест пати во САД и два пати во Британија. Продуктивноста на трудот се зголеми за 1310%, во споредба со 332% во САД и 73% во Британија. Очекуваното траење на животот во Русија е двојно зголемено, а смртноста на децата е намалена за девет пати. Советската држава имаше повеќе лекари на 100.000 луѓе од Италија, Австрија, Западна Германија, САД, Велика Британија, Франција, Холандија и Шведска. Ако ова беше постигнато во Русија во 20 век, која во тоа време беше заостаната, речиси феудална земја и беше растргната од две светски војни и граѓанска војна, а страдаше од сталинистичка бирократија, замислете каква демократски планирана економија во Велика Британија и остатокот од светот би можел да го постигне економски напредниот свет во 21 век.
Куба, исто така, дава добар пример за успехот на планираната економија, дури и покрај ограничената работничка демократија. Очекуваниот животен век при раѓањето во Куба денес (според податоците на Извештајот за човековиот развој на ОН за 2005 година) е 77,7 години (62 години во 1959 година во времето на револуцијата), речиси исто како во САД (77,9). и значително повеќе од соседниот Хаити каде што е само 59,5 години, и значително повеќе од регионалната капиталистичка сила Бразил (71,7). Стапката на писменост на возрасните во Куба е 99,8%, додека во Бразил е едвај 88,6%, а е повисока од Чиле (95,7%) и Костарика (94,9%). Во реалноста, според истиот извештај на Обединетите нации, Куба го има четвртиот највисок индекс на човечки развој во Латинска Америка. Ако ги погледнеме бројките за смртноста на доенчињата (во смртни случаи на 1.000 живородени), според Светската книга за факти на ЦИА од 2008 година, ситуацијата во Куба (5,93 денес наспроти 78,8 во 1959 година) е многу подобра дури и отколку во САД- во ( 6,3 ), Чиле (7,9), Костарика (9,01), потоа во Бразил (26,67), а да не зборуваме за Хаити, каде е стапка од 62,33 умрени на 1000 живородени деца. Овие бројки не треба да не изненадуваат бидејќи според Светска банка Куба е втора земја во светот по број на лекари на 1.000 жители (5,91), додека САД имаат само 2,3, Бразил 2,06, Чиле 1,09, Коста Рика 1,32, а Хаити едвај 0,25.
Повторно, ова беше економски заостаната земја во 1959 година кога се случи револуцијата на Кастро. Неговата историја беше обележана со доминација на странски сили, се користеше како игралиште за американските капиталисти и како монокултурен производител на шеќер. Оттогаш, напредокот е можен само врз основа на планирана економија ослободена од империјалистичката доминација.


РАБОТА, ПЛАТИ И ПАРИ

Резултатот од таквото планирање, во комбинација со рационална распределба на работата меѓу сите работоспособни луѓе (наместо некои луѓе да работат две или три работни места, а други да бидат невработени, како што се случува во капитализмот), би значело намалување на должината на работниот ден без губење на платите. Доказ за тоа може да се најде во окупираната фабрика Фласко во Бразил. Од 2003 година, кога фабриката беше окупирана за прв пат и работата беше демократски планирана, работното време е намалено од 40 часа неделно на 30 часа, без губење на платите и намалување на продуктивноста.
Со развојот на технологијата која заменува сè повеќе работна сила, работното време би можело уште повеќе да се скрати. На пример, во 1870 година, 70-80% од населението на САД било вработено во земјоделството, додека денес таа бројка е само 2%. Но, и покрај намалувањето на вработените во земјоделството, производството во овој сектор е значително зголемено. Од 1950 до 2000 година, земјоделската продуктивност се зголеми енормно. На пример: просечната количина на произведено млеко по крава се зголеми од 2.410 литри на 8.256 литри годишно (+242%); просечниот принос на пченка се зголеми од 1,37 кубни метри на 5,39 кубни метри по утро (1 утро = 5754,64 m2) (+292%); и секој земјоделец во 2000 година произведувал во просек 12 пати повеќе земјоделски производи на работен час отколку еден земјоделец во 1950 година. Ова зголемување на продуктивноста во голема мера се должи на механизацијата, развојот на нови ѓубрива и други технолошки достигнувања. Понатамошниот развој од овој размер во другите сектори може да постигне слични резултати во однос на намалување на должината на работниот ден. Врз основа на ова, барањата за работа за секој човек конечно би можеле да се разработат на доживотна основа, наместо на дневна, неделна или месечна основа.

Марксистите често ги прашуваат кој ќе биде поттикот за работа во социјалистичко општество. Стимулацијата за работа во капитализмот има форма на барање од луѓето да работат за да заработат пари за да го живеат својот живот. Ова е причината зошто луѓето бараат слобода за работа – за да можат да живеат. Социјализмот, наспроти тоа, е слобода од работа. Поттик за работа во социјализмот ќе биде тоа што работиме на изградба на општество во кое ќе се ослободиме од потребата да работиме. Оваа слобода може да се добие со колективните напори на општеството за развој на економијата и производните сили до тој степен што ќе биде потребен мал човечки труд за да се одржи, оставајќи нè слободни да ги живееме нашите животи како што сакаме
Капиталистите имаат многу тесна и неточна концепција за тоа што ги мотивира луѓето да направат нешто – тие на сето тоа гледаат како на прашање на пари, и покрај фактот што има многу работи што секој ги прави (хоби и сл.) кои сме мотивирани да ги правиме едноставно затоа што сакаме да ги правиме; работи кои не развиваат како луѓе, ни даваат чувство за цел и ни помагаат да воспоставиме врски со другите.
Всушност, постојат капиталисти кои самите го препознаваат ова. Професорката на бизнис школата на Харвард, Тереза Амабиле, напиша книга наречена Принципот на напредок, во која се тврди дека чувството на унапредување и напредување, и професионално и лично, е она што навистина ги мотивира луѓето на работа. Според Алфи Кон, социјален научник во Harvard Business Review, жаргонот на капиталистичкото управување се однесува на четири фактори кои ги мотивираат или охрабруваат луѓето да работат напорно: личен развој, признание, одговорност и работни предизвици – паричната награда е видливо отсутна од ова. листа. Токму овие облици на стимулации би ги поттикнал социјализмот на прв план, над паричната добивка.
Наместо да не отуѓи од нашата работа, социјализмот ќе ни даде соодветна улога во економијата и општеството, давајќи ни колективна сопственост над нив. Самата работа, а не само платата што доаѓа од неа, ќе има подиректна цел и јасно ќе служи на нашата сопствена корист и на другите околу нас, наместо на дебелите тајкуни во некоја далечна сала за состаноци. За тоа сведочеше и претседателот на една од окупираните фабрики во Венецуела кога извести дека во неговата фабрика работниците активно бараат да го подобрат производствениот процес бидејќи знаат дека нивните идеи можат да го подобрат животот на луѓето.
Ако парите играат мала улога во мотивирањето на луѓето во социјализмот, дали тоа значи дека платите ќе бидат укинати? Одговорот на ова е не – не веднаш; тоа значи дека платите би можеле постепено да исчезнат како што се развива економијата. На почетокот, работниците сепак ќе бидат платени во пари (чија вредност е поврзана со реалната економија) – тоа не е нешто што може да се укине преку ноќ. Разлики во платите веројатно ќе постојат во транзициониот социјалистички период, бидејќи свеста и производните сили се менуваат и се развиваат. Ова беше случај во Русија веднаш по 1917 година, кога болшевиците дозволија разлики во платите каде што беше потребно, но строго ограничени на сооднос 1:4.

Меѓутоа, со текот на времето, платите можеа да се заменат со купони, кои пак може да се заменат со ништо, а луѓето едноставно ќе можат да земат се што им треба. Колку општеството се приближува до состојба на изобилство, толку е помала улогата на платите во рационализацијата на потрошувачката, бидејќи сè би било доволно за секого.
Како што е со платите, така е и со парите воопшто. Троцки ја објасни потребата од нерегулирана валута, каде понудата на пари е поврзана со вистинското ниво на производство во економијата, дури и во социјализмот. Јасно е дека многу функции на парите во капитализмот би се промениле или исчезнале – потребата за парични плати е еден пример – но тие сепак би можеле да играат улога како показател за здравјето на планираната економија.
Во капитализмот, протокот на пари и употребата на ценовни сигнали укажуваат каде има недостиг или изобилство во економијата. Кога, на пример, побарувачката ја надминува понудата, цените на стоките се зголемуваат над нивната реална вредност, создавајќи суперпрофит за капиталистите во тој сектор. Ова ги охрабрува капиталистите на други места да ги инвестираат своите пари во овие сектори и на тој начин да ја зголемат понудата во рамнотежа со побарувачката. Во раните фази на социјализмот, оваа улога на пари и ценовни сигнали сè уште ќе биде потребна; но, наместо тоа, главните лостови на економијата – банките и големите компании – би биле под контрола на работничката држава, која би можела да ги насочи инвестициите за отстранување на сите недостатоци. Оттука, ценовните сигнали ќе бидат показател за понудата и побарувачката на стоки во различни региони и сектори, а стапката на инфлација ќе укаже на какви било потенцијални економски проблеми. Протокот на пари ќе биде мерка за тоа колку се шири трговијата во планираната економија.
Постепено, како што се повеќе и повеќе од економијата влегува во заеднички, демократски план за производство, производството и размената на стоки ќе се намалуваат, а парите како целина ќе исчезнат бидејќи овие функции на мерење на здравјето на економијата ќе бидат заменети со административна наместо со финансиска контрола.


ДРЖАВАТА И ДЕМОКРАТИЈАТА

Како што парите на крајот ќе исчезнат во социјализмот, така ќе исчезнат и државата. СО својот прв чин вистинската пролетерска држава ќе го започне процесот на сопствено уништување. Тоа е затоа што експропријацијата на средствата за производство и нивното управување под демократска работничка контрола како дел од планираната економија ќе започне со елиминирање на класните разлики, дефинирани такви какви што се со разликата меѓу оние кои поседуваат имот и оние кои немаат. Општество во кое секој поседува и користи средства за производство е бескласно општество; тоа е општество кое повеќе нема да бара државен апарат составен од вооружени групи кои ги користи експлоататорската класа за да ги држи под контрола експлоатираните.
Предкласното општество, кое настанало околу 10.000 п.н.е. во времето на неолитската револуција, општеството било организирано според примитивните комунистички принципи. Класите во тоа време не постоеја, бидејќи производните сили не беа во можност да произведат повеќе од она што е неопходно за живот, затоа беше економски невозможно да се створат класа на поседувачи и класа на лишени. Енгелс, потпирајќи се на работата на антропологот Луис Хенри Морган, го опишува начинот на кој функционирале овие примитивни комунистички општества. Клучно, во контекст на проучувањето на ирокејскиот род (генс), тој истакнува:
„Авторитетот на Водачот во родот беше татковски, од чисто морална природа; тој немаше средства за принуда…Генсот ги заменува Водачот и воениот поглавар по волја…Родовите другари биле должни да си пружаат помош, заштита и особено поддршка кога се одмаздуваат за повредите нанесени од странци…Генсот имал совет, демократско собрание на сите полнолетни членови, мажи и жени, на кое секој имал исто право на глас“.
Ова е опис на општество без државни структури како што се полиција, војска, судови, затвори или политички естаблишмент кој е одвоен и над општеството. Бидејќи ова племе се држеше и работеше заедно со производните сили (поради потребата за опстанок), економските интереси на сите беа усогласени, што значи дека не беше потребен државен инструмент со принудна моќ за да се спроведе волјата на една класа против друга.
Експропријацијата на водечките сектори на економијата, ставајќи ги под демократска работничка контрола и управување и нивно водење како дел од планираната социјалистичка економија, на сличен начин ќе ја отстрани економската поделба на луѓето на класи, со што ќе ја отстрани материјалната основа за државата. Би се вратиле во комунистичка форма на општество, но на повисоко ниво, со напредни производствени сили наместо со примитивни.
Оваа слика за тоа како би изгледала една социјалистичка држава е во остар контраст со она што се случи во СССР за време на Сталин. Монструозната бирократска држава која ја задушуваше планираната економија во таа земја не беше здрава работничка држава, бидејќи и недостигаше секаков вид на работничка демократија, која е основна за водење здрава социјалистичка економија. Капитализмот има за цел (но често не успева – како што е споменато погоре) да ја искористи конкуренцијата за да го минимизира неефикасното производство. Во социјализмот, без конкурентски претпријатија, потребен е поефикасен механизам за да се обезбеди ефикасност и да се спречи корупцијата – тој механизам мора да биде демократска контрола на економијата од обичните луѓе. Како што еднаш рече Троцки, на планираната економија и е потребна работничка демократија како што на телото му треба кислород.
Конкретно, ова значи спроведување на мерки како што се целосни права за отповикување за сите избрани функционери, кои исто така нема да смеат да заработуваат повеќе од просечната плата на работникот, за да ги имаат истите материјални интереси како и луѓето што треба да ги претставуваат. Не смееме да бидеме принудени да чекаме пет години пред да можеме да ги исфрлиме пратениците кои донеле одлуки кои не се во интерес на мнозинството – пролетерската демократија вклучува поголема контрола од тоа. Ленин, исто така, зборуваше за потребата сите да бидат вклучени во администрацијата на новото општество, за да не се формира посебна класа на бирократи, одвоена и над останатата работничка класа. Ако сите се бирократи, тогаш никој нема да биде бирократ.

Формирањето синдикати претставуваше голема победа за работничката класа, бидејќи тие се демократски организации создадени од работничката класа за работничката класа. Во оваа смисла, тие се олицетворение семето на социјалистичката демократија. Марксистичкиот автор Роб Севел го истакнува ова во својата книга In the Cause of Labour: History of British Trade Unionism, каде што вели: „Синдикатите се основните организации на работничката класа. Но, тие се многу повеќе од тоа. Тие се ембрионот на идното општество во старото“. Тој понатаму објаснува дека тоа значи дека тие се поспособни да се борат за интересите на работничката класа:
„Работниците одново и одново се обидуваат да ги трансформираат своите организации во органи и училишта на солидарност, борба и социјализам, да го искористат изразот на Фридрих Енгелс“.
Окупираната фабрика Фласко во Бразил уште еднаш ни нуди пример за конкретни елементи на работничката демократија во пракса. Избраниот совет на фабриката подлежи на сегашното право на отповикување. Овој совет се состанува неделно за да разговара за плановите за фабриката, а записниците од овие состаноци се објавуваат за сите работници да ги разгледаат. Понатаму, секој работник во фабриката секој месец гласа за буџетот на фабриката. Овој модел, исто како и Советите во Русија на почетокот на 20 век, ја става економската контрола во рацете на самите луѓе, не принудувајќи ги да се потпрат на некој друг.
Советите беа избрани работнички совети во кои работниците учествуваа за да управуваат со нивните работни места, места на живеење и региони. Таквиот демократски метод е многу поблизок до работничката класа отколку буржоаската демократија, бидејќи на луѓето им дава директна контрола врз нивните животи на начин на кој парламентарната демократија никогаш не може. Земете ги за пример претстојните општи избори во Обединетото Кралство – која партија и да формира влада, таа ќе биде влада на штедење. Немаме вистински избор во оваа работа бидејќи економијата е во приватни раце, а за да се зачува функционирањето на капиталистичката економија, владата мора да се потчини на волјата на оние кои ги поседуваат водечките сектори на економијата – т.е. капиталистите. Само со предавање на контролата врз економијата на работничката класа можеме да гарантираме вистински демократски избор.


ПАРИСКАТА КОМУНА

Како и руските совети, претходната Париска комуна од 1871 година е исто така пример за пролетерска држава, која е многу различна од државата како што ја разбираме во капитализмот. Маркс ја опишува Комуната на следниов начин:
„Првиот декрет на Комуната беше декрет за укинување на постојаната војска и нејзина замена со вооружен народ“.
„Комуната беше составена од градски советници избрани врз основа на општо право на глас во различни региони на Париз. Тие беа одговорни и заменливи во секое време. Повеќето од нив, се разбира, беа работници или признати претставници на работничката класа. Комуната не требаше да биде парламентарно, туку работно, законодавно и извршно тело“.

„Полицијата, која дотогаш беше алатка на централната власт, веднаш и беша одземени сите политички функции и беше претворена во одговорен и во секое време заменлив орган на Комуната. Исто така и службениците од сите други гранки на администрацијата. Почнувајќи од членовите на Комуната надолу, јавната служба мораше да се врши за работничка плата. Заедно со исчезнување на овие достоинственици исчезнаа сите нивни привилегии и финансиски трошоци за репрезентација. Јавните позиции престанаа да бидат приватна сопственост на претставници на централната власт. Не само градската управа, туку и секоја дотогаш спроведена иницијатива од државата премина во рацете на Комуната.
Отстранувајќи ја постојаната војска и полиција, алатките на материјалната моќ на старата власт, Комуната веднаш се зафати со кршење на алатките на духовното угнетување, моќта на свештениците; донела одлука за распуштање и експропријација на имотот на сите цркви. Свештениците беа вратени во тишината на нивниот приватен живот, да живеат таму, по примерот на нивните претходници, апостолите, од милостината на верниците“.
Сите образовни институции беа отворени за народот бесплатно и во исто време ослободени од какво било мешање на државата и црквата во нивната работа. Ова не само што го направи училишното образование достапно за секого, туку и самата наука беше ослободена од оковите што ја ограничуваа со класните предрасуди и државната моќ“.
Судиите ја изгубија таа привидна независност, која служеше само за прикривање на нивната потчинетост на сите влади, на кои тие се заколнаа на верност и ја прекршија таа заклетва. Како и сите други јавни функционери, и тие мораа да бидат јавно избрани, одговорни и заменливи во иднина“.

Се разбира, за обичните луѓе вистински да учествуваат во демократското водење на општеството, на начин опишан погоре од Маркс, тие исто така мора да имаат време да го сторат тоа. Во капитализмот, должината на работната недела и притисоците од секојдневниот живот значат дека огромното мнозинство е целосно исклучено од политичката активност. За некој што работи долго или на две работни места, последното нешто што тој може или сака да го прави за време на вечерните часови и викендите е да ги проучува сложеноста на економското планирање или државното уредување. Понатаму, дури и да проучува, нема да има никаква разлика бидејќи обичните работници немаат влијание врз тоа како се води економијата или општеството како целина.
Во социјалистичкото општество, каде технологијата, автоматизацијата и ефикасноста на планираната економија ќе го намалата бројот на работни часови на ден, обичните луѓе конечно ќе го имаат потребното слободно време за целосно учество во управувањето со општеството. Со ставање на економијата под вистинска демократска контрола на работничката класа, луѓето исто така ќе бидат мотивирани да учествуваат знаејќи дека нивните мисли и постапки можат да направат опиплива разлика.
Како што илустрира погоре Марксовиот опис за Париската комуна, пролетерската демократија исто така се состои од замена на парламентарните тела со извршната власт-замена на празни зборови со вистинска акција. На пример, на генералниот штрајк во 1926 година во Британија, Североисточниот штрајкувачки одбор го отфрли барањето на владата за дистрибуција на основните материјали во регионот, бидејќи тие веќе имаа воспоставено систем за да го направат тоа сами. Овој штрајкувачки одбор не само што расправаше туку и донесуваше заклучоци, а потоа ја префрлаше одговорноста на други – неговите претставници носеа одлуки, ја преземаа одговорноста за нивно спроведување и ги сносеа последиците заедно со сите. Ова е вистинска пролетерска демократија и многу се разликува од млатењето празна слама во зградата на парламентот.
Затоа, во срцето на социјалистичката демократија е способноста на општеството реално да ги спроведува одлуките што ги носи. Ова е фундаментална пречка за демократијата во капитализмот – дури и ако општеството гласа за барања како што се целосно вработување и инвестиции во овој или оној сектор, како може таквите барања да се применат, кога сите реални одлуки за тоа кои работни места се отвораат и каде се инвестираат ги носат неизбрани банкари и газди? На крајот, тогаш, вистинската демократија бара економската контрола да биде во рацете на 99%, а не на 1%.


ПОЛИЦИЈАТА, ВОЈСКАТА И ЗАКОНОТ

Марксистите ја сфаќаат државата како вооружени тела на луѓе кои стојат над општеството – тоа се институции како што се полицијата и армијата. Во капитализмот, државата е оружје на буржоазијата, која ги користи полицијата и армијата за да ја одржи својата моќ; но пролетерската држава би била оружје што работниците би можеле да го употребат против обидите на капиталистите да продолжат да ги експлоатираат и угнетуваат. На ова мислат марксистите кога повикуваат на вооружување на работничката класа. Ова значи целосна реконструкција на полицијата и армијата по пролетерска линија – давање контрола на овие организации на работниците преку демократски избор на офицери и нивно подложување на дисциплината на организираната работничка класа.

Примери за такви мерки се забележани во Торино, Италија во 1920 година, кога Црвените бригади, составени од работнички доброволци, беа формирани под контрола на фабричките комитети. Синдикатот на ФИОМ ги окупираше фабриките и постави стражари за да ги чуваат вратите на фабриките. Тие не се потпираа на силите на буржоаската држава – тие создадоа алтернатива на таа структура под контрола на пролетаријатот.
Слично на тоа, по 1917 година, Троцки добил задача да ја формира Црвената армија во Русија од нула под најтешки услови. Тој воведе систем на комесари низ целата армија, чија улога како водечки кадри на Болшевичката партија беше да ја одржуваат политичката дисциплина на полковите и генералите кои командуваа со нив (кои поради недостатокот на воено-технички вештини често беа генерали кои претходно им служеле на поранешните реакционерни режими на царот и Керенски). На овој начин, армијата беше конструирана како оружје на пролетаријатот, а не како алатка на контрареволуционерната буржоазија.
Со текот на времето, како што класите се распаѓаат во услови на социјализирано производство, овие тела ќе исчезнат, бидејќи повеќе нема да ѝ бидат потребни на една класа да ја одржува својата доминација над друга. Административните работни места ќе останат; но, со секој како бирократ, ова нема да доведе до тоа една група во општеството да се одвои од останатите. Спроведување на општествени норми на однесување итн. би било постигнато со социјален притисок во општеството, а не со принуда надвор од него – на ист начин како што цивилизираното однесување е регулирано во пријателска група или како што беше во примитивните комунистички општества.
Енгелс го опишува примитивното комунистичко општество вака врз основа на студијата на Морган за Ирокезите:
„Без војници, жандарми и полицајци, без благородништво, кралеви, гувернери, префекти или судии, без зандани, без тужби, сè оди по својот уреден тек. Секоја кавга и спор се решава од заедницата на засегнатите, род или племе, или поединечни родови меѓу себе. Само како последно, ретко применето средство стои крвната одмазда, чија форма – само цивилизирана и оптоварена со сите предности и штетни страни на цивилизацијата – е нашата смртна казна. Иако има многу повеќе секојдневни задачи отколку сега – за цела низа семејства домаќинството е заедничко и комунистичко, земјата му припаѓа на племето, само градините се привремено доделени на домаќинствата – сепак нема ни трага од нашиот разгранет и комплициран административен апарат. Одлуките ги носат оние што се засегнати, а во повеќето случаи сè е веќе регулирано со прастар обичај. Не може да има сиромашни и бедни – комунистичкото домаќинство и родот ги знаат своите обврски кон старите, болните и осакатените во војната. Сите се еднакви и слободни – вклучително и жените“.
Во поголемиот дел од времето кога луѓето биле на оваа планета, околу два милиони години, живеевме во општества како ова, и го регулиравме нашето однесување во општеството, а не со тела што стоеја надвор и над него. Социјализмот би означил враќање на овој природен човечки начин на организирање на општеството – кооперативно наместо антагонистички.
Покрај оние тела кои го спроведуваат законот, постои и самата институција на правото, за која Маркс посочи дека не може да биде повисока од нејзината економска основа. Значи, Законот ќе постои се додека постои државата, но како и државата, на крајот ќе исчезне.
Советскиот правник Евгениј Пашуканис го дискутира ова во својата книга Општа теорија на правото и марксизмот:
„Смртта на категориите на буржоаското право ќе значи, под овие услови, целосна смрт на правото, односно исчезнување на правниот фактор од општествените односи.
Една од карактеристиките на правото во социјализмот, со оглед на тоа што е во процес на умирање, е тоа што веќе нема да има целосно апстрактна форма, како што е случајот во капитализмот. Буржоаското право инсистира на тоа дека правдата е слепа – со други зборови, дека таа ќе ги третира нееднаквите работи сосема исто. Според тоа, договорното право претпоставува дека двете договорни страни се целосно еднакви, дури и ако тоа не е случај во економската и социјалната реалност. Таквиот став во рамките на буржоаското право едноставно ја зајакнува нееднаквоста и неправдата. Законот во социјализмот, од друга страна, не би бил слеп – би имал широко отворени очи и би гледал како да ги брани интересите на работничката класа.
Како што сопственоста на средствата за производство ќе престане да биде прашање на индивидуална сопственост во социјализмот и ќе стане прашање на колективна сопственост, така и правото ќе стане помалку прашање на индивидуални права, а повеќе на колективно право на општеството. Во социјализмот, однесувањето ќе се оценува како криминално или не во однос на тие права.
Поговорката вели дека имотот е девет десетини од законот – така што укинувањето на приватната сопственост на производните сили сигурно ќе доведе до намалување на судските спорови и криминалот. Како може некој да краде од продавница, кога робата во таа продавница е во изобилство, слободно достапна за луѓето да ја земат врз основа на нивните потреби? Би било исто толку апсурдно како да обвинувате некого дека крадел кислород со вдишување на воздухот што му е потребен за да преживее!
Во капитализмот, огромното мнозинство на правна работа постои само за изготвување договори и разјаснување на правата на приватна сопственост. Со имотот кој сега е во колективна сопственост, во социјализмот оваа огромна количина на легална работа би застарела и наместо тоа би можела да се пренасочи кон повеќе општествено неопходни задачи.
Понатаму, во однос на прашањето на криминалот, колку сме поблиску до општество на суперизобилство каде што секој има работа и директен, демократски удел во економијата и сопствениот живот, толку ќе биде помал мотивот за извршување на криминалот на прво место. Во случај на злосторство, оние кои вршат злосторства може да се третираат како жртви на социјални болести, а не како бесни животни кои треба да бидат затворени. Пашуканис ја објаснува оваа точка на следниов начин:
„Замислете за момент дека судот навистина се занимаваше само со разгледување на начините на кои би можеле да се променат условите за живот на обвинетиот за да се подобри или да се заштити општеството од него – и целото значење на терминот „казна“ веднаш испарува. “
Прашањето за правото го повлекува прашањето на самите законодавци – политичките партии. Социјализмот не значи еднопартиска држава; но тоа значи промена во однос на партиите како што ги разбираме денес – односно групирани околу различни класни интереси, бидејќи овие класни разлики брзо ќе исчезнат. Додека конзервативците традиционално ги застапуваа интересите на буржоазијата во Велика Британија, лабуристите беа основани од синдикатите за да ги застапуваат интересите на работничката класа. Во САД, демократите и републиканците претставуваат различни крила на буржоазијата кои имаат малку различни ставови за тоа како најдобро да се одржи владеењето на капиталот. Во социјализмот повеќе нема да се основаат политички партии со цел да претставуваат одреден класен интерес, туку различни идеи за тоа како најдобро да се планира економијата, каде најдобро да се насочат инвестициите и знаењето, кои се приоритетите за општеството итн. Ќе гледаме партии засновани на идеи и желби, а не на класи.


КРАЈ НА НАЦИОНАЛИЗМОТ, СЕКСИЗМОТ И РАСИЗМОТ

Националната држава како што ја разбираме денес е воспоставена со развојот на капитализмот надвор од феудализмот, многу често на произволен начин (границите на многу африкански земји се едноставно производ на линии исцртани на картата од империјалистите). Денес, националната држава е кочница за развојот на производствените сили бидејќи раѓа протекционизам, конкуренција меѓу државите и контрола на имиграцијата. Таа, исто така, делува како оков на развојот на човечката култура преку охрабрување на токсичниот национализам кој ги отфрла странските културни идеи и го ограничува слободното движење на луѓето и мешањето на нивните култури.

Создавањето зони за слободна трговија, како Европската унија, е признание од буржоазијата дека економскиот развој бара отстранување на националните пречки; а сегашната криза во еврозоната е доказ дека во капитализмот е невозможно да се отстранат националните бариери.
Социјализмот е систем кој ја обединува работничката класа преку границите и ги урива националните бариери и конкуренцијата меѓу државите. Ова не значи уништување на локалната различност и култура – обединувањето на различни региони во една држава под социјализмот не би ја уништило нивната индивидуалност, туку едноставно би ги уништило вештачкиот данок, миграцијата и другите бариери меѓу луѓето.
Ова е поентата нагласена во една статија напишана пред повеќе од 120 години од Француската работничка партија, со наслов Патриотизам и социјализам. Разговарајќи за заслугите на интернационализмот, статијата вели:
„Интернационализмот никогаш нема да не спречи да бидеме патриоти. Ќе го видиме целосното цветање на човештвото. Како што видовме на крајот на минатиот век, кога, иако станавме Французи, сепак доаѓавме од Прованса, Бурбон, Белгија или Бретања“.
Со други зборови, иако буржоаските револуции во места како Франција и Германија ги надминаа локалните поделби и го зацементираа постоењето на националните држави, тоа не ги уништи локалните идентитети и традиции на луѓето. На сличен начин, интернационализмот значи отстранување на бариерите за соработка меѓу луѓето од различни националности, но не значи наметнување на единствен идентитет на целиот свет.
Другите поделби меѓу луѓето би исчезнале во социјалистичкиот систем, на пример предрасудите кон жените. Енгелс објаснува дека потеклото на женското угнетување е во приватната сопственост. Социјализмот, со укинување на приватната сопственост, ги отстранува материјалните услови за ова угнетување. Исто така и со традиционалното семејство, кое во капитализмот ја игра улогата на најосновната единица на економска експлоатација. Во социјализмот, семејството може да биде ослободено од буржоаските ограничувања и да се социјализираат домашните задолженија, симнувајќи го овој товар на неплатен труд од грбот на (претежно) жените и правејќи го одговорно за општеството како целина. Готвењето, чистењето, перењето и грижата за децата може да се обезбедат како јавни услуги, ослободувајќи ги жените од стегите на традиционалниот семеен живот. Ова не би ја отстранило можноста да продолжи да се живее традиционален семеен живот, ако се сака, но ќе престане да биде неопходност. Во такви услови, законите со кои се регулира бракот, разводот и абортусот би биле апсурдни.
Болшевиците презедоа чекори во оваа насока по Октомвриската револуција од 1917 година. Троцки ги објасни целите на социјалистичката држава во една статија за Правда во јули 1923 година со наслов Од старото семејство до новото:
„Физичките подготовки за условите на нов живот и ново семејство, повторно, не можат суштински да се одвојат од општата работа на социјалистичката изградба. Работничката држава мора да стане побогата за сериозно да се зафати со јавното образование на децата и да ги ослободи семејствата од товарот на готвење и перење алишта. Социјализирањето на семејното домаќинство и јавното образование на децата се незамисливи без значително подобрување на нашата економија во целина. Ни требаат повеќе социјалистички економски форми. Само под такви услови можеме да го ослободиме семејството од функциите и грижите кои сега го врзуваат и уништуваат. Перењето мора да се врши во јавна перална, кетеринг во јавен ресторан, шиење во јавна работилница. Децата мора да бидат воспитувани од добри јавни наставници кои имаат право да бараат работа. Тогаш односот меѓу мажот и жената би бил ослободен од се надворешно и случајно, а едниот би престанал да го впива животот на другиот. Конечно ќе се воспостави вистинска еднаквост. Врската ќе зависи од меѓусебната наклонетост. И токму поради ова ќе добијат внатрешна стабилност, се разбира не еднаква за сите, но незадолжителна за секого“.
Како што објаснува Троцки, таквите промени, исто така, би оделе на долг пат кон рушење на многу други предрасуди, како што е хомофобијата, кои во капитализмот владејачката класа ги користи за да предизвика поделби во работничката класа. Навистина, болшевиците започнаа многу од овие реформи, вклучително и легализацијата на хомосексуалноста, по 1917 година под водство на Ленин и Троцки.
Расистичките предрасуди исто така нема да опстанат во социјализмот. Расизмот се користи и како алатка од владејачката класа за да се подели работничката класа меѓу себе за газдите полесно да ги експлоатираат работниците. Не случајно антиимиграциската, расистичка реторика доаѓа до израз во периоди на капиталистичка криза кога буржоазијата смета дека е неопходно дополнително да се притисне животниот стандард на работниците.
Во социјализмот конечно нема да има материјална основа за расизмот, бидејќи нема да има класни поделби. Иако е многу искривен пример, СССР ни дава некои погледи во дел од напредокот што може да се постигне во социјализмот во оваа сфера. Голем дел од советската пропагандна уметност прикажува слики на расно разновидна група на луѓе кои се борат за социјализмот, за да се нагласи дека битката за социјализмот ја води работничката класа ширум светот. Понатаму, СССР понуди бесплатно образование на граѓаните на африканските земји и го основа Универзитетот за пријателство на народите Патрис Лумумба, именуван по левичарскиот револуционерен водач на Конго. Во меѓувреме, во архи-капиталистичките Соединетите Американски Држави, расната сегрегација траеше до средината на 1950-тите.
Исто како што ќе ја отстрани материјалната основа за овие различни видови угнетување и предрасуди, процесот на револуција и градење на социјалистичко општество сам по себе ќе ги разбие овие предрасуди. Во контекст на социјалистичката револуција, класните прашања доаѓаат до израз, додека поделбите меѓу расите, половите и така натаму се повлекуваат во втор план.
Штрајк на рударите во Велика Британија 1984-85 година. дава пример за ефектот на револуционерниот процес врз родовите односи. Лорета Лоуч, во својата книга за Жените во штрајкот на рударите, објаснува како односите меѓу мажите и жените радикално се промениле во работничките заедници во тоа време, како резултат на нивната заедничка борба против архи-капиталистичката влада на Тачер:
„Колку стануваа поголеми тешкотиите, толку женската одлучност стануваше посилна. Почнаа да маршираат со своите мажи, да присуствуваат на митинзи и состаноци, постојано да учат. Претходно аполитични, воздржани жени се појавија како надарени креатори и зборуваа на состаноците за да соберат пари за да ја продолжат задачата што ја имаат.
Во борбата за социјализам, она што станува важно е посветеноста на социјалистичката револуција, карактерна особина која не е ограничена на некој посебен пол или раса. Сите други поделби се разбиени во процесот на заедничка борба.


ПРОЦУТ НА НАУКАТА И КУЛТУРАТА

Во СССР беа преземени масовни програми за описменување и национализација на народните библиотеки. Со повеќе луѓе способни да читаат и пишуваат, книжевната, театарската и поетската култура на луѓето ќе може многу брзо да достигне нови височини.
Во Венецуела, земја која усвои голем број социјалистички политики под Хуго Чавез како дел од Боливарската револуција, ефектите од масовната програма за образование и писменост која научи 1,5 милиони луѓе да читаат и пишуваат може да се видат во бумот на венецуелското белетристика. Според новинарот Борис Муњоз, венецуелската белетристика „се отвори за да најде поголема публика, преку ноар романи, историски романи, без да се одрече од сопствените венецуелски карактеристики“. Друг книжевен критичар, Антонио Лопез Ортега, ја опишува венецуелската белетристика како „најчуваната тајна на Карибите“, додека во 2006 година еден Венецуелец ја освои престижната награда Хералде за роман за прв пат, а исто така беше финалист за награда на Независните весници за странска фикција. Понатаму, на Меѓународниот саем на книгата во Ла Паз во 2006 година, Венецуела одлучи да им подари 25.000 книги бесплатно на граѓаните на Ла Паз и соседниот град Ел Алто, наместо да ги продава на богатите меѓународни посетители, во интерес да го прошири пристапот до културата. Ваквиот развој и ставови беа возможни само во земја која го користеше богатството од своите природни ресурси во интерес на мнозинството наместо за профит на малкумина. Врз основа на ова, замислете што би можело да се постигне во областа на културата во целосно развиено, здраво социјалистичко општество!
И ова прашање оди подалеку од самото проширување на програмите за описменување. Социјализмот им нуди на младите посветла иднина полна со можности, која, во споредба со мрачните изгледи за младите во капитализмот, ќе инспирира голем напредок во уметноста и филозофијата. Не случајно најголемите буржоаски филозофи пишуваа во зората на капитализмот, кога општеството излегуваше од дотраениот феудален систем кон посветла капиталистичка иднина. Слично на тоа, најголемите уметници – Да Винчи, Бетовен, Шекспир итн. – тие ги создадоа своите ремек-дела благодарение на инспирацијата од револуционерната борба на буржоазијата против стариот феудален поредок. Таков културен напредок ќе се случи со доаѓањето на социјализмот; но со дополнителна придобивка од неколку стотици години човечки развој зад себе, овие социјалистички ремек-дела ќе ги изразат идеите на бескрајно повисоко ниво од сè што сме виделе досега.
Планираната економија ќе овозможи рационалното инвестирање во научното истражување да произведе многу поефикасни резултати отколку што е случајот во капитализмот. Светски реномираното кубанско здравство е производ на планирана инвестиција во научниот развој, а неговата ефикасност е многупати докажана, а неодамна со огромната помош што Куба им ја пружи на земјите погодени од вирусот ебола и податоците за бројот на лекарите по глава на жител, како што беше споменато претходно.
Кога станува збор за научните прашања околу климатските промени, се чини дека социјализмот е единственото нешто што може да не спаси од уништување на планетата. Она што ни треба е меѓународно координиран план за справување со климатските промени – план каде профитот и националните граници не се пречки. Ова е директна спротивност на капитализмот, и е токму описот на социјализмот. Со меѓународно планирани научни напори за намалување на емисиите и ублажување на климатските промени, би можеле да го решиме најсериозниот проблем со кој се соочува целиот живот на Земјата денес.
Веќе постојат технологии за искористување на енергијата на ветерот, брановите и сончевата енергија, кои би можеле да се користат за напојување на целата планета. Во 1986 година, германскиот физичар Герхард Книс откри дека пустините на Земјата добиваат повеќе сончева енергија за шест часа отколку што човештвото троши за една година, што значи дека област во Сахара со големина на Велс може да обезбеди енергија за цела Европа. Искористувањето на овој потенцијал би значело отстранување на секаква зависност од фосилните горива, драматично намалување на емисиите на јаглерод – нешто што на планетата очајно и треба. Тоа не е направено затоа што би бил неисплатлив потфат за оние капиталисти кои граделе и инвестирале во огромните компании за фосилни горива. Капитализмот не е способен да ја планира иднината, тој е заинтересиран само за краткорочна добивка. Од капиталистичка гледна точка, уништувањето на планетата е прифатлива цена за поголем профит, а не само затоа што најсиромашните луѓе во светот ќе го сносат товарот од екстремните климатски промени. Само преку рационално долгорочно демократско планирање можеме да го направиме она што е неопходно за да ја спасиме планетата.
Научниот напредок во истражувањето на вселената може да се постигне многу поефикасно со користење на планирана економија, наместо секоја нација да произведува, лансира и одржува сопствени сателити и друга опрема. Всушност, дури и досега, приватните компании кои се обидуваа да лансираат мисии на Марс мораа да се потпираат на проекти финансирани од владата, како НАСА, за помош со финансирање и експертиза. Рационално планираниот јавен сектор е поефикасен начин за продолжување на вселенското истражување, како што докажа СССР со тоа што беше првата нација што испрати човек во вселената и беше на работ да лансира цела вселенска станица способна да ги достигне надворешните граници на Сончевиот систем, додека САД беа само во фаза на ставање човек на Месечината.


КРАЈОТ И ПОЧЕТОКОТ

Ќе има ли марксисти во социјализмот? Дали марксистичката теорија ќе има некаква улога по победата на социјалистичката револуција? Во моментов, марксизмот е првенствено политичка алатка, а оние кои ги проучуваат идеите и се обидуваат да ги применат во пракса се првенствено политички активисти.
Меѓутоа, во социјалистичкото општество, дијалектичкиот материјализам, филозофијата на марксизмот, ќе продолжи да биде витална алатка за анализа на развојот на тоа општество. Понатаму, тој ќе стане свесен елемент во научното истражување и културната креативност. Во моментов, оваа филозофија е имплицирана во различни области на науката, како што се истражувањето на квантните процеси и теоријата на хаосот, но со тоа што ќе ја направиме експлицитен елемент во нашето разбирање на општеството, свеста на човечките суштества ќе се развива многу подалеку и побрзо во социјализмот. Како што филозофиите на либерализмот и рационализмот ја играа оваа улога во капиталистичкото општество, така и марксизмот ќе ја игра оваа улога во социјализмот.
Социјализмот значи крај на општеството во кое човечките суштества се угнетувани и експлоатирани од други човечки суштества. Ова значи крај на големата приватна сопственост и крај на приватниот профит и анархијата на слободниот пазар. Но, социјализмот не значи итен крај на сите светски проблеми и создавање на рај во кој сите ќе живеат среќно до крајот на животот; ниту пак значи крај на историјата и сиот иден развој на човечкото општество.
Всушност, социјализмот е само почеток на историјата. Ветува систем способен да ги развие продуктивните сили до точка каде што луѓето ќе можат да престанат да се уништуваат себеси и својата планета и наместо тоа да почнат свесно да преземаат контрола над сопствените животи.
Филозофот Хегел рекол дека вистинската слобода не доаѓа од обидот да се надминат законите што владеат со светот, туку истите да се разберат; бидејќи, откако ќе ги разбереме, можеме да ги искористиме овие закони во наша корист. Теоријата на марксизмот ни дава разбирање за физичките, социјалните и економските закони кои управуваат со светот, а практиката на социјализмот ќе ни ја даде слободата што доаѓа од нивно искористување за нас самите. Што да се прави со оваа слобода ќе биде движечкото прашање на целиот иден човечки развој.

Текстот е објавен на 14 април 2015 година.