ИнтернационалаМакедонијаТеорија

Пропаст на цивилизацијата

Светот веќе долго време е во сериозна криза и тоа не е никаква тајна. Светот всушност е во толкава криза, што може да се случат катастрофи без преседан за човештвото.

Уште во јануари 2018 во текст под наслов „Крај на времето: Дали западната цивилизација е пред колапс?“ во списанието Њу сајентист пишуваше: „Ако не ја намалиме зависноста од фосилни горива, не ја решаваме нееднаквоста и не најдеме начин да ги запреме елитите да се борат меѓу себе за супериорност, работите нема добро да завршат.“1 Авторката на текстот е новинар за научни теми и не навлегува во политички анализи. Текстот е песимистички во смисла дека не зборува за решенија.

Навистина, ако ја погледнеме историјата во последниве векови, нема простор за оптимизам. Само во двете светски војни умреа најмалку 100 милиони луѓе, според некои проценки.2 Поради пандемијата на КОВИД-19 умреа меѓу 20 и 35 милиони луѓе, според оценките на Ди икономист.3 Скоро сите овие жртви во принцип можеа да се избегнат. На пример, денес науката има доволно знаење со кое сарс-ков-2 вирусот можеше да биде локализиран во Кина и уништен таму, со што немаше да дојде до пандемија, а смртните случаи немаше да надминат од прилика 5 до 10 илјади луѓе. Исто така науката има доволно знаење за спречување на понатамошно глобално затоплување. Секоја војна во принцип може да биде спречена со договор меѓу страните кои се во спор. Откако е напишан текстот во Њу сајентист ситуацијата станува само полоша речиси секоја година. На пример, трошоците за воени потреби, кои може да се сфатат како мерна единица за натпреварот во империјалистичките елити, рушат нови рекорди во секоја од последниве шест години.

Нееднаквоста во распределбата на богатството во САД исто така поставува нови рекорди баш за време на пандемијата.

Нови рекорди се поставуваат и во емисиите на еквиваленти на јаглерод диоксид во ефектот на стаклена градина на светско ниво.

Од земјите кои најмногу емитуваат вакви гасови, Кина и понатаму поставува нови рекорди, додека САД има само благ пад по 2007 година, со тенденција тој да запре и да премине повторно во раст по евентуална победа на Доналд Трамп на следните избори.

Причината зошто ова се случува е потребата на капиталистичката класа постојано да ги зголемува стапките на профитот. Всушност, постојаното зголемување на профитот е ултимативната цел на постоењето на капиталистот, како што е објаснето на студиите за бизнис и менаџмент и во учебниците од кои учат идните менаџери. При рушењето на феудализмот во Европа новата владејачка класа својата економска револуција ја втемелија идејно, во својата најчиста форма во Холандија и Британија, како либерален договор за владеење на пазарните механизми во интерес на капиталот. Овој договор подоцна станува формализиран во највисокиот правен акт во сите земји, во членовите од уставот кои зборуваат за неприкосновено право на приватна сопственост и за слободен пазар.

Но, да го зголемат профитот капиталистите мора да се натпреваруваат против другите капиталисти и локално и глобално. Во процесот на натпреварување нужно мора да носат одлуки кои подразбираат и вршење притисок врз нивните национални влади за започнување нови војни, за непреземање мерки против епидемии, против климатските промени и слично.

Она што работничката класа преку искуството односно класната борба го разбира е дека капиталистичката класа нема сили и визија за промена, а реалноста не може да биде поинаква сѐ додека државите, како оружена гарда на сили на присила, полицијата и судовите, се капиталистички и го штитат својот капиталистички и империјалистички правен поредок т.е. сѐ додека приватна сопственост врз средствата за производство и т.н слободен пазар, што во основа е регулирана поделба на светската економија на сфери на империјалистички интереси е основа на економијата. Војните ќе продолжат со зголемен интензитет, други идни пандемии нема да бидат спречени, а климатските промени со екстремно високи температури, суши и разорни поплави ќе забрзаат.

Промена на ваквата мрачна и депресивна реалност може да настане ако работничката класа, мнозинството, се обедини во меѓународна, светска политичка партија која, баш поради поддршката од членстовото ширум целиот свет, ќе ја преземе власта од локално национално до светско ниво и ќе ги укине приватната сопственост врз средствата за производство и националната држава со поставување на планска економија, демократски контролирана од мнозинството.


1     https://www.newscientist.com/article/mg23731610-300-end-of-days-is-western-civilisation-on-the-brink-of-collapse/ Проверено на 7 јули 2024

2     https://en.wikipedia.org/wiki/List_of_wars_by_death_toll Проверено на 7 јули 2024

3     https://github.com/TheEconomist/covid-19-the-economist-global-excess-deaths-model/blob/main/output-data/export_world_cumulative.csv Проверено на 7 јули 2024

автор: Никола М., јули 2024