Македонија

Реорганизација на државната управа – кои се вистинските мотиви?

Прва работа што ја направи новата власт во Македонија во 2024 е промена во државната управа со експресен закон. Ако по утрото денот се познава, новата власт ќе биде власт на борба против работниците.

По одржаните парламентарни избори на 8 мај и убедливата победа на коалицијата  предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието на 23 јуни избра коалициската влада на ВМРО-ДПМНЕ со ВЛЕН и ЗНАМ предводена од Христијан Мицкоски. Оваа Влада беше избрана со стабилно мнозинство од дури 77 пратеници, што е на работ од двотретинско, а тоа на ВМРО-ДПМНЕ му дава одредена комоција и политичка самоувереност. И покрај покажувањето на мускули и трзавиците на релација Атина-Скопје и Софија-Скопје, стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува меѓународните договори и Уставот и премиерот изјави дека ќе ја користи придавката северна во официјалното име на државата. Ова не е нешто кое што изненадува и покрај засилената предизборна реторика дека ќе испреговараат подобар договор со Бугарија и ќе ги прекинат националните понижувања кои ги наметна претходната влада на СДСМ и ДУИ. Треба да се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која од нејзиното основање до денес е главен претставник на интересите на германскиот империјализам во земјата и навистина е тешко да се поверува дека оваа партија би застанала одлучно против меѓународните договори.

Она што е вредно за политички коментар е новата организација на државната управа. Ова беше едно од главните ветувања  во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. За носење на овој системски закон беше потребно двотретинско мнозинство, кое ВМРО-ДПМНЕ го обезбеди во преговори со „лутите непријатели“ од Европскиот Фронт на ДУИ за возврат ветувајќи им формирање на ад-хок комисија што ќе ја следи застапеноста на етничките заедници во органите на државната управа. Самото носење на овој Закон беше по скратена постапка, што е редовна пракса на владејачките елити години назад, да ја суспендираат политичката дебата за важни прашања и по секоја цена да ги протуркаат своите предлози.

Што предвидува новата организација на органите на државната управа?

Наместо досегашните 16 министерства, се формираат 20 министерства. Имено се формира ново министерство за спорт, наместо досегашната агенција за спорт и млади, ново министерство за европски прашања кое треба да го замени моменталниот Секретаријат за европски прашања, министерство за дигитална трансформација, што се дели од моменталното министерство за информатичко општество и администрација, како и ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Има и прелевање на надлежности од едно министерство во друго. Енергетиката и рударството од министерството за економија преминуваат во новото министерство, а во министерството за економија се додава и трудот односно работните односи. Досегашното министерство за труд и социјална политика станува министерство за социјална политика, демографија и млади со што добива нови и поинакви надлежности. Политичкиот систем се префрла кај еден од вицепремиерите, со што ќе постои само министерство за односи помеѓу заедниците.

Што стои позади овие измени?

Постојат две основни политички причини за овие крупни измени. Прво, политичките апетити за задоволување се доволно големи, особено по 7 долги години во опозиција. Дополнително, треба да се обезбеди и коалициска кохезија со новите владини партнери ВРЕДИ и ЗНАМ, кои мора да добијат нешто од колачот. Верните партиски кадри мора да се вдомат на сигурни и добри работни позиции за повторно да се обнови старата добро позната шема на искористување на државните ресурси за приватни и партиски потреби, а листата за вдомување е доволно голема. Ова е првата причина која најчесто се истакнува во јавните критики на новите законски решенија.

Втората, посуштина и побитна причина е новата офанзива на капиталот против интересите на работничката класа и новата фаза во развојот на класната борба во Македонија. Имено, укинувањето на министерството за труд и социјална политика како посебно министерство и негово интегрирање во склоп на министерството за економија, претставува дополнително политичко обезвластување на трудот и негово отворено и безобразно подредување под интересите на капиталот. Ако се знае дека  еден од приоритетите на ова министерство е создавање на поволна бизнис клима и неговата ориентираност кон поддршка на компаниите, тогаш синдикатите и општо трудот ќе бидат институционално занемарени повеќе од претходниот период. Поволната бизнис клима е капиталистичка кованица што значи дека се фаворизирани интересите на капиталот и неговото оплодување, на сметка на интересите на трудот. Ова министерство постои за да пружи системска поддршка на бизнис секторот и подредувањето на трудот во ова министерство доволно говори за класните преференци на новата влада.

Со новото министерство за енергетика, рударство и минерални суровини постои јасна намера да се олесни постапката за издавање на концесии за отворање на популарно наречените „рудници на смртта“ во југоисточниот дел на државата, каде локалните заедници организираа масовен и успешен отпор против намерите на претходните влади за отворање на рудниците. Локалните заедници и активистите понудија издржани аргументи за опасноста од уништување на животната средина за сметка на профитот на мултинационалните корпорации. Ова министерство е директен резултат на рударското лоби, чии бизнис интереси се претставени преку ВМРО-ДПМНЕ. Исто така енергетскиот сектор што во изминатиот период владите на СДСМ и ДУИ го направија ел дорадо на сомнителен домашен и странски капитал, ќе значи извор на профити и за новата власт. Веќе почнаа со продолжување на оваа стихија за брзи и лесни пари со планот за изградба на електрана со ветерници.

Што може да очекуваме во иднина?

Политичката и економска нестабилност која постои во капиталистичките центри нужно ќе се прелее и кај нас на периферијата. Привидната стабилност што ја ужива новата влада може многу лесно да се претвори во своја спротивност, особено ако капиталот тргне одлучно во реализација на своите планови. Веќе има реакции од некои синдикати за новите законски измени во областа на трудот, а сигурно ни еко-активистите и локалните заедници нема да седат со скрстени раце доколку се рестартираат плановите за рудници на југоистокот. Новата политичка реалност ќе биде реалност на засилена класна борба и заситеност од статус-квото, а комунистите ќе бидат секогаш таму каде што ќе се брани интересот на работничката класа.

Дејан Лутовски

30 јуни 2024 година