ЕвропаИнтернационалаТеорија

Дали комунистите претпочитаат насилство?

Слика: јавен домен

Владејачката класа често ги прикажува комунистите како насилни поединци кои нема да запрат се додека општеството не се удави во сопствената крв. Затоа, за нас не беше изненадување кога најголемиот дански дигитален медиум БТ – интервјуирајќи водечки другар од нашата данска секција за нивната историска одлука да основаат Револуционерна комунистичка партија – за време на едно интервју цело време се обидуваше да го натера другарот да признае дека тие се залагаат за насилство.

Дозволете ни да одговориме на прашањето цврсто и јасно: дали комунистите се залагаат за „насилна револуција“? Не, ние се бориме за најмирна можна транзиција кон социјализам.

Меѓутоа, тешко е да се потисне нашиот презир, кога во овој период, во баш овој капиталистички свет, бранителите на системот тивко минуваат покрај милион секојдневни ужаси и злосторства, само за да врескаат од ужас кон идното, имагинарно „насилство“ на комунистичка револуција.

Низ целиот свет, капитализмот пролева океани од крв. Над 114 милиони луѓе се раселени поради војна и насилство како резултат на империјалистички интервенции и сиромаштија, од Газа до Украина до Судан, ДР Конго, Етиопија, Хаити итн. Од октомври, целиот западен медиумски и политички естаблишмент ја благослови колективната казна на Израел врз луѓето во Газа како „легитимна самоодбрана“ – „самоодбрана“ во која е потврдено дека се убиени 35.000 луѓе, од кои 70 проценти се жени и деца.

А сепак, истите медиуми тврдат дека се преплашени кога ние, како комунисти, велиме дека иако сакаме мирна трансформација на општеството, работничката класа има право да се брани себеси и своите придобивки. Има логика во лицемерието на капиталистите. Владејачката класа секогаш може да го оправда насилството на угнетувачот и експлоататорот во одбрана на нивното богатство и привилегии, кои се недопирливи. Но, огновите на пеколот не се доволно жешки за секој што ќе се осмели да го оспори нивното владеење.

Како што се зголемува гневот во длабочините на општеството, дури и во таканаречените демократски земји, владејачката класа покажува со какви насилни мерки се подготвени да ги бранат своите интереси. Сетете се на движењето „Жолти елеци“ во 2018 година, кога францускиот народ се крена против „демократската“ влада на Макрон како одговор на покачувањето на цената на горивото, што предизвика широко распространето незадоволство против системот. „Насилството на улиците нема да се толерира“, свечено ѝ изјави претседателот Макрон на нацијата, пред да испрати вооружени жандарми, кои користеа експлозивни оружја со цел за „контрола на толпата“ при што 17 лица изгубија око и три лица беа принудени да ампутираат рака или стапало. Една жена (која не беше ни вклучена во протестите) била убиена на нејзиниот балкон откако била застрелана во лицето со граната солзавец.

Неодамна, насилство беше искористено за да се разбијат мирните кампови од Универзитетот Колумбија во САД до Универзитетот во Амстердам во Холандија. Ова се далеку од изолирани примери – Амнести интернешенел пресмета дека во 2022 година, 54 отсто од владите употребиле насилство против мирни протести, кршејќи ги дури и сопстените закони.

Но, кога движењето на масите сериозно ги загрозува нивните интереси, нема граници за насилството што капиталистичката класа е спремна да го искористи. По пучот поддржан од САД во 1973 година против демократски избраната социјалистичка влада на Аљенде во Чиле, 10.000 работници, социјалисти, комунисти и други активисти беа убиени од режимот на Пиноче. Правото не го заштити чилеанскиот народ. Кога нивниот авторитет е навистина загрозен, како во револуциите, гледаме точно за какво ниво на насилство е способна нашата владејачка класа. Нивната жед за одмазда расте пропорционално како што револуционерните движења – дури и најмирните – го загрозуваат нивното владеење. Ако масите не се подготвени да возвратат, со оружје во рака ако е потребно, тие се без одбрана. Во Чиле, неподготвеноста на Аљенде да ги вооружи масите му дозволи на Пиноче да ја презеде власта без борба, што доведе до крвопролевање.

Помеѓу 2019 и 2023 година, Судан беше потресен од целосно мирна револуција што ја урна омразената воена диктатура на Ал Башир / Слика: Осама Елфаки, Викимедија Комонс

Како пример можеме да го земеме и Судан. Помеѓу 2019 и 2023 година, земјата беше потресена од целосно мирна револуција што ја урна омразената воена диктатура на Ал Башир. Во Картум и низ целата земја имаше масовни окупации, генерални штрајкови и формирање на масовни комитети за отпор. Раководството на револуцијата – главно Здружението на судански професионалци – не само што се обврза на мирољубиви методи туку ја влеа сета надеж на револуционерните маси во добрата волја на старите владетели, со кои тие добронамерно преговараа без да преземат никакви мерки за вооружување на народот во самоодбрана. Но, кога револуционерниот бран успори, старите владетели ги отфрлија преговорите и тргнаа во офанзива. Банди на племенски милиции организирани како Сили за брза поддршка (РСФ) се спуштија на Картум, убивајќи и силувајќи неказнето. Оваа контрареволуција беше само крвав вовед во новата граѓанска војна која расели 8 милиони луѓе, вклучувајќи и половина од населението на Картум, додека Бурхан и Хемедти – двајца гангстери, поддржани од различни регионални и империјалистички сили – се борат за пленот како мршојадци кои се тепаат за труп.

Дали народот требаше да дозволи да биде воден како јагне на колење? Комунистите одговараат, не! Ние апсолутно се залагаме за правото на самоодбрана на масите! Ние не сме пацифисти и немаме илузии за нежните намери на владејачката класа. Трагичната лекција на Судан е јасна: единствениот начин да се спречи ова варварско крвопролевање ќе беше доколку раководството на револуцијата го преземеше одлучувачкиот чекор да организира востанички генерален штрајк за да ја парализира земјата, апелирајќи до револуционерните војници да преминат на страната на револуцијата. На тој начин, крволочните насилници на стариот режим лесно ќе беа разоружани, а водачите уапсени. Наместо тоа, колебањата на раководството доведоа до крвав пораз на револуцијата и како последица на тоа, понатамошен пад на Судан во варварство.

Мирните револуции сe можни, но само ако огромното мнозинство на организирани работници и сиромашни ја убеди старата владејачка класа дека отпорот е залуден. Владејачката класа ни вели дека револуциите се насилни, и затоа секој што се залага за револуција се залага за насилство. Но, историјата кажува сосема поинаква приказна. Во голема мера, револуциите во модерната ера имаат тенденција да започнат релативно мирно. Токму за да се стави крај на угнетувањето и насилството на статус кво, угнетените прибегнуваат кон револуција.

Кога контрареволуцијата презема офанзива, гледаме страшно насилство. Руската револуција од октомври 1917 година, на пример, беше толку мирна во Петроград што повеќе луѓе загинаа при снимањето на драматизацијата на упадот во Зимската палата 10 години подоцна отколку што всушност загинаа во самиот настан. Потребна беше империјалистичката интервенција на 21 странска армија за да ја втурнат земјата во ужасна граѓанска војна. Или земете ја за пример германската револуција од 1918 година, релативно мирен настан што стави крај на Големиот колеж од Првата светска војна. Но, откако работниците не успеаја да ја преземат власта, владејачката класа испрати одреди на смртта на Фрајкорпс низ Германија да ловат и убиваат комунисти и радикални работници. Конечно, кога започна нова криза во 1929 година, владејачката класа претпочиташе да му ја отстапи власта на Хитлер отколку да се соочи со нови револуционерни експлозии, подготвувајќи го патот за убиствата на милиони во Холокаустот и Втората светска војна.

Владејачката класа повеќе би сакала да го изгори стариот свет до темел отколку да види како се појавува нов свет, ослободен од ропството и деградацијата на нивното владеење. Кризата на капитализмот ќе ги принуди масите да го изберат револуционерниот пат. Најмирниот исход ќе биде загарантиран само ако тие го сторат тоа одлучно, под цврсто револуционерно водство и со незапирливи сили на нивна страна. Под овие услови, толкава е огромната сила на работничката класа денес, што не е исклучено, на многу места, владејачката класа да ја види бескорисноста да се спротивстави и да биде лишена од средствата да го стори тоа дури и ако таа посака. Спротивно на тоа, доколку лидерите на работниците се неодлучни или прифаќаат пацифистички илузии, старата владејачка класа ќе ја види својата шанса да создаде крвав хаос и да си го врати изгубеното. Иронично, пацифистичките илузии наместо револуционерниот реализам се тоа што води до најкрвавите катастрофи.

Секаде каде што контрареволуцијата на владејачката класа е победничка, таа се обидува да ги потопи револуциите во крв / Слика: јавен домен

Историјата покажува како може да изгледа одмаздата на владејачката класа. Од распнувањето на 6.000 робови долж Апискиот пат во 71 п.н.е. по покренувањето на Спартак против Рим, до semaine sanglante („крвавата недела“) во која беа масакрирани 30.000 париски работници по уништувањето на Париската комуна во мај 1871 година – секаде каде што контрареволуцијата на владејачката класа е победничка, таа се обидува да ги потопи револуциите во крв. Причината е едноставна: тие мора да им пренесат лекција на експлоатираните маси што нема брзо да ја заборават. Како што Ричард II, наводно, им рекол на победените англиски селани кои се кренале во 1381 година: „Селани бевте и сè уште сте селани. Ќе останете во ропство, не како порано туку неспоредливо полошо“.

Кога се тврди дека комунистите се насилни, владејачката класа се обидува да ги преврти работите, да нè обвини. Напротив, тука стоиме како обвинувачи на капитализмот. Тие се обвинети за најѕверски злосторства. Неможејќи да понудат ништо во одбрана или ублажување за нивните постапки, тие со ужас го вперуваат прстот кон судијата и поротата: „Како можете да ме обвините? Јас треба да бидам обвинителот. Вие монструми би ме осудиле за насилни злосторства само за да извршите полошо насилство врз мене при спроведувањето на вашата казна!“

Ова е само обид да се фрли прашина во очите на работниците. Нашата одмазда нема да има форма на бесмислена пролеана крв. Нашата одмазда ќе биде експропријација на капиталистичката класа и создавање на ново, за човекот, здраво општество наместо урнатините што тие се трудат да ги создадат сега.

оригинал Do communists favour violence?

Бен Кари, 22 мај 2024