Интернационала

Ниту цент, ниту куршум за израелскиот воен апарат: пораката од бранот студентски протести во солидарност со Газа

Како дел од растечкото движење против масакрите во Газа студентите во преку 60 универзитети низ Соединетите Американски Држави oрганизираат кампови. Цела една генерација станува политизирана и заклучува за природата на империјализмот, улогата на полицијата и државата, но и за потребата од колективна акција.

На 17 април студентите и членовите од Универзитетот Колумбија во Њујорк го предводеа патот кон нивниот универзитетски кампус со своите кампови во знак на протест и солидарност со палестинскиот народ кој подлежи на брутален геноциден колеж од страна на израелскиот ционистички режим. Искрата што го запали движењето низ САД беше клеветата од страна на претседателката на Универзитетот Колумбија, Шафик, дека движењето за солидарност со Палестина е антисемитско, по што следеше повик на полицијата да го разбие протестот на универзитетскиот кампус.

Со месеци веќе сме сведоци на пропагандна канонада од страна на владините министри, државните службеници и мејнстрим медиумите, таргетирајќи го како антисемитик секој оној кој го поддржува палестинскиот народ и се спротиставува на ционистичката влада на Израел. Иронијата е во тоа што многу еврејски студенти отворено и активно учествуваат во движењето за солидарност со Палестина и се доста видливи во овој бран на протести. Тие разбираат дека да се биде против геноцидот врз Палестинците не значи да се биде антисемит.

До сега, повеќе од 34 илјади луѓе се убиени во Газа, а преку 77 илјади се повредени. Ваквата бруталност ја разбранува совеста на илјадници американски студенти. Тие не се спремни да ја толерираат отворената поддршка од Бајденовата администрација за војната на Нетанјаху. Видовме серија на разни демонстрации за солидарност со Палестина, но тие скоро и да немаа некаков ефект врз Бајден и владата на САД. Тоа објаснува зошто движењето сега прераснува на ново повисоко ниво. Американските студенти сакаат да направат нешто поконкретно за да го запрат овој геноцид. Многу од нивните професори им се придружија.

Атланта, брутално апсење на професорката по економија Керолајн Фолин

Американските власти помислија дека можат да го запрат движењето во уште во својот зачеток со силна полициска репресија на Универзитетот Колумбија, на ниво кое не е видено со децении, резултирајќи со стотици апсења и со исклучување и суспендирање на студентите. Но, напротив, ова го постигна спротивниот ефект од тоа што тие се надеваа. Всушност, тие само додатно ги разгневија студентите на Универзитетот Колумбија што послужи за ширење на движењето низ целата држава. Започнувајќи од Јејл, еден по еден кампус, доживеаа голема мобилизација, а движењето продолжува да се шири. Исто така, ги премина и националните граници, во обиди за започнување на студентски окупации во Франција, Грција, Британија и Австралија.

Нивото на полициска репресија постигнува широк ефект на радикализација. Студентите со свои очи ја гледаат вистинската природа на државата, односно користењето на „оружени тела“ за одбрана на интересите на американската капиталистичка класа. Ова искуство не го добиваат преку книги туку во реалниот живот, преку насилство и апсење. Полицијата и војската користи пендраци, солзавци, полицајци на коњи итн., против мирно движење коешто го користи своето демократско право за протест. Во вакви услови, младите учат многу брзо! Службениците на државата, во нормални услови, ги мијат своите усти со нивните говори за одбрана на „демократијата“ и човечките права, додека во реалноста тие само ги бранат своите профити и привилегии. Ова движење во САД го открива вистинското лице на системот. Ова ќе има последици во идниот период. Се кова нова генерација на борбена младина.

Нивото на репресија испратено од американските власти открива дека тие се плашат од движењето. Тие сакаат да го скршат и сузбијат. Но што е тоа од што се плашат? Капиталистите и политичките службеници на САД отворено го бранат интересот на американските империјализам. Снабдувањето на Израел со оружје претставува мошне доходовен бизнис и е геостратешки интерес на американската владејачка класа. Одбраната на Израел е клучен елемент на американската империјалистичка политика во однос на задржувањето на сферите на интерес во светски рамки, но и освојување на влијанието во одредени делови изгубени во однос на нивните противници.

Ова објаснува зошто САД е вмешан во сите светски конфликти што се протегаат од Украина преку Палестина, од Африка преку Латинска Америка и Пацификот. Се судираат со две други големи сили како Русија и Кина, чии влијанија и моќ масивно пораснаа во изминатите неколку децении и посегнаа по она што некогаш беше сметано за американска сфера на влијание. Иран исто така го рашири своето влијание на Блискиот Исток, поставувајќи се како силна регионална сила, со врски во Ирак, Сирија и Либан, која постана дел од ланецот на земји поврзани со Русија и Кина. Неодамнешната размена на дронови и ракетни напади помеѓу Израел и Иран и заканата од поширока војна помеѓу нив е само дел од еден уште поширок конфликт.

Американските студенти се против најсилната империјалистичка сила на планетата, која постојано се обидува да го врати своето загубено меѓународно влијание. Американските студенти јасно можат да согледаат дека да ја запрат израелската геноцидна војна во Газа, мораат да ја сопрат американската помош за режимот на Нетанјаху. Тие бараат од американските универзитети да се одземат од Израел и од компаниите кои профитираат од војната во Газа. Ние сосема се согласуваме со нивните барања. Ниту цент ниту куршум не треба да биде даден на израелскиот воен апарат. Без воената и финансиска американска помош, Израел ќе биде значајно ослабнат во својата воена офанзива во Газа.

Прашањето кое мора да се постави е следното: како движењето може да успее во наметнување на својата главна цел за одземање од Израел и од компаниите? Жалбите до универзитетската администрација не се доволни. Овие тела имаат сопствени интереси во продолжување на економските врски со Израел. Исто така, големи светски корпорации се вмешани, од Блекрок до Гугл, Амазон, Локхид Мартин и многу други, со вложени милијарди долари. Токму нив ги брани американската полиција. Американските студенти можат да согледаат дека тоа што е потребно е моќно, масовно движење со директна акција. Во повеќето случаи, деталите од финансиската поврзаност на универзитетите со овие големи корпорации и со Израел, не се јавно достапни. Овие сметки треба да се направат јавно видливи. Поради тоа едно од клучните барања треба да биде: отворање на деловните книги; покажување на изворите на парите и каде тие пари се инвестираат! Сите зделки на универзитетските администрации со Израел треба да бидат јавно видливи.

Студентите во САД започнаа добро. Сепак, барањата досега беа само доставени до универзитетските власти, на кои не може да им се верува. Движењето треба да најде начин присилно да ги наметне своите барања на овие власти. Овие луѓе не можат да се убедат преку „дијалог“. Тие мора да бидат доведени до точка каде што движењето е толку моќно што ќе бидат принудени да се повлечат. Студентите се на прав пат. Но, да додадат тежина на нивната кампања, тие мора да ја прошират оваа борба во другите слоеви на општеството.

Ова може да започне со приближување кон работниците во кампусите, од наставниот кадар – од кои неколку веќе ги ризикуваа своите работни места излегувајќи во одбрана на студентите – до административниот персонал, работниците за одржување, истражувачкиот персонал итн. Треба да се изврши притисок на синдикатите, почнувајќи од обичните членови, и понатаму врз претставниците на синдикатите и комисиите на синдикатите.

САД се најголемиот извозник на оружје за Израел / Слика: јавен домен

Треба да се организира кампања на ова ниво, при што студентите би се организирале во групи и така би им пристапиле на различните групи работници. Треба да се организираат заеднички акции меѓу работниците и студентите. На пошироко ниво, треба да им се пристапи на работниците вклучени во транспортот како што се пристаништата, воздухопловниот товар итн., за тие да го бојкотираат транспортот на оружје или стока што би се користела во воената офанзива на израелската армија во Газа преку штрајкови. Во другите делови на светот, работниците во овие сектори веќе презедоа такви иницијативи. Истрајноста на студентите против полициската репресија генерира огромно сочувство и почит меѓу пошироките слоеви и сигурни сме дека студентите ќе добијат позитивен одговор од многу од овие работници.

САД се најголемиот извозник на оружје за Израел. Тоа претставува околу 65 проценти од израелскиот увоз на конвенционално оружје. Следните два главни добавувачи на оружје за Израел се Германија (околу 30 проценти) и Италија (со нешто помалку од 5 проценти). Успешен работнички бојкот на Израел сериозно би ја оштетила неговата способност да продолжи со својата геноцидна кампања во Газа. Успешна кампања во САД би можела да биде поттик за низа такви кампањи во повеќе земји, и би додала на ефектот доколку се организира низ цела Европа, особено во оние земји кои им обезбедуваат оружје на Израел. Затоа, ваква кампања треба да се организира на меѓународно ниво. Фактот дека слични кампови како оние што ги видовме во американските факултети се одржаа во кампусите во Париз, Сиднеј и Каиро, со дојави за слични обиди во други земји, е показател за потенцијалот за ширење на движењето. Додека движењето има за цел да го запре израелското касапење во Газа, јасно е дека директниот непријател на американските студенти е дома. Тоа е владејачката класа на САД, исто како што непријателот на студентите од Обединетото Кралство е владата на Сунак, на француските студенти е Макрон и неговата влада, на италијанските студенти е владата на Мелони итн. Сите овие влади користеа полициски сили за да ги запрат активностите за солидарност со Палестина на еден или друг начин. Демонстрантите беа удирани со палки, солзавец и апсени во многу земји.

Обвиненија за антисемитизам, исто така, систематски се користат во сите западни земји во обид да се криминализира движењето за солидарност со Палестина. Иронијата на ова е што токму владејачката класа го поттикнува расизмот. Истите буржоаски министри, кои се обидуваат да создадат хистерија против мигрантите и кои издаваат скандалозни изјави насочени кон предизвикување меѓуетнички конфликти – добро познатиот метод на „раздели па владеј“ – сега креваат врева за антисемитизмот. Ги отфрламе сите овие бесрамни маневри на капиталистичката класа во сите земји. Ние велиме: непријателот е дома. За да му помогнеме на палестинскиот народ, треба да се бориме со овие непријатели на домашниот фронт. Така, „ниту цент, ниту куршум за израелската воена машина“ треба да биде јасен повик за целото движење. Треба да биде насоченo кон сите национални влади кои го поддржуваат геноцидот во Газа.

Бајден, Сунак, Макрон, Шолц, Мелони и сите други владини лидери – од десничарските конзервативци, како што е Сунак, до социјалдемократите, без разлика дали се во влада како Шолц во Германија или во опозиција, како што е Стармер во Британија – рацете им се со крвта на палестинскиот народ. Сите тие ги бранат економските интереси на сопствените владејачки класи. И сите тие ги користат репресивните сили на државата за физички да ги нападнат, малтретираат и апсат младите демонстранти, чие единствено злодело е кампањата за запирање на криминалните активности на нивните владетели.

Сето ова многу јасно покажува дека борбата за одбрана на палестинскиот народ е во исто време борба против непријателот дома, капиталистите, владејачката класа и нивните политички претставници. Истите политичари кои секогаш можат да најдат милијарди за куршуми, бомби, беспилотни летала и проектили, се оние кои ги намалуваат трошоците за здравство, образование, јавен превоз, јавни станови. Тие се вклучени не само во војни на армиите туку и во класната војна.

Додека во различни делови на светот се водат десетици локални војни, капиталистите профитираат од крвопролевањето и уништувањето. Треба да ги исчистиме сите овие паразити! Затоа треба да ги организираме сите најнапредни, најборбени работници и млади во вистинска, револуционерна комунистичка сила во сите земји. Таквата сила може да ја започне задачата да ги собере најдобрите класни борци, сите оние поединци кои сакаат да го променат општеството, но се чувствуваат немоќни сами. Ние велиме: „Силата е во обединувањето“. Помогнете ни да ја изградиме таа партија, каква што заслужуваат работничката класа и младите.

Сè додека капитализмот постои, капиталистите ќе предизвикуваат војни една по друга. За окончување на ова варварство, на овој пекол на земјата, треба радикално да го трансформираме општеството. Тоа значи дека треба да се бориме за вистински комунизам, каде што власта е во рацете на оние кои го произведуваат богатството: работниците во светот!

Ниту цент, ниту куршум за израелската воена машина!

Слобода за Палестина!

Интифада до победа, револуција до победа!


26 април 2024 година

Not a cent, not a bullet for the Israeli war machine: statement on wave of Gaza solidarity student protests