Напад на Рафа: искра што може да го запали Блискиот Исток
Нетанјаху ја заострува својата војна уште повеќе. Тој знае дека не може да се повлечеод патот што го трасира, ако сака да остане на функцијата. А сепак неговите постапки се закануваат да го дестабилизираат целиот Блиски Исток, со ризик од општата војна да стане уште пореална. Револуцијата, исто така, ги демне сите режими во регионот, бидејќи гневот на масите е издигнат на сѐ поголеми височини. Следниот трагичен чин, масовното бомбардирање и копнената инвазија на Рафа, може да стане пресвртница. Нетанјаху изјави: „Ќе го направиме тоа“, додека се подготвуваат воените операции. Тој додаде дека: „Оние кои велат дека во никој случај не треба да влеземе во Рафа, во основа велат „изгуби ја војната, чувај го Хамас таму“. Од гледна точка на сопствените интереси, тој не може да си дозволи да се гледа како губитник во Газа.
Времето на оваа планирана инвазија е значајно. Преговорите за некаков вид прекин на огнот, наводно, напредувале, а делегатите на Хамас денеска се на пат за Каиро за да се сретнат со египетските и катарските посредници. Со оглед на тоа што политичкиот живот на Нетанјаху е виси на жица (заедно со неговата слобода, со оглед на многуте случаи на корупција против него) во негов интерес е да го прекине секое мирно решение. Толку од ционистичките обвинувања дека само Хамас е одговорен за непотребното одолговлекување на војната со „одбивање да се предаде“!
Рафа е град во кој вообичаено живеат околу 250 илјади луѓе. Сега таму има над 1,5 милиони Палестинци кои живеат во неподносливи услови. Огромен број се сместени во шатори, под постојана закана да се соочат со уште еден брутален напад. Многу од овие сиромашни луѓе избегаа, прво од градот Газа, потоа од Хан Јунис, а сега се приклештени до ѕидот на египетската граница. Насобраните маси во Рафа буквално немаат безбедно место каде да одат. Нетанјаху, откривајќи го својот целосен недостаток на хуманост, цинизам и целосна омраза кон Палестинците, предложи тие да се вратат на север: „Има многу области таму“. Да, многу бомбардирани области, многу урнатини. Тие се соочени со две можни опции, или да побегнат на плажите или да се обидат да се вратат на север.
Како што објави „ Фајненшл тајмс“ во вторникот за едно семејство, она на Таер Мохамед, кој веќе претходно бил раселен, заедно со неговото семејство од Хан Јунис: „Се обидуваме да ја избегнеме смртта, но таа е насекаде околу нас“. Сара Најеф ја изрази дилемата со која се соочува нејзиното семејство: „Не ни оставија каде да избегаме. Ноќта кога ги спасија заложниците, паднаа проектили и мислев дека ќе бидеме убиени“. Сега се подготвуваат да се преселат во шатор во крајбрежјето. Двете дестинации се опасни поради можноста да бидат гаѓани од израелските сили. Додека печатиме, ИДФ насилно евакуираше стотици Палестинци од болницата Насер во Хан Јунис, при што најмалку тројца беа убиени и 10 ранети од израелските снајперисти. Секој што ќе успее да се пресели на север ќе мора да патува низ активните воени зони само за да најде уништени згради, без инфраструктура, без вода или струја и секојдневна закана да биде убиен од неексплодирани бомби и мини. Ова е хуманитарен кошмар од невидени размери. Генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини, во неделата рече: „Воена офанзива среде овие целосно изложени, ранливи луѓе е рецепт за катастрофа. Речиси станувам без зборови“. Бидејќи главниот пробив сè уште не е започнат, најмалку 67 беа убиени во Рафа за време на израелските бомбардирања рано во понеделникот. Како што пишувам, последните податоци се дека од 7 октомври досега се убиени најмалку 28.473 Палестинци, а 68.146 се повредени. Сега се зборува за дополнителни десетици илјади можеби убиени доколку ИДФ влезе во Рафа. ИДФ сега се фали дека спасиле двајца заложници, а тоа ќе го искористи Нетанјаху да ги убеди луѓето во Израел дека неговата стратегија функционира. Можеме да бидеме сигурни дека нема да прави премногу врева за фактот дека многу повеќе заложници загинаа при самото бомбардирање. За време на операцијата за спасување, беше донесена огромна огнена моќ на Рафа. Имаше ужасни сцени на обични цивили кои трчаат по своите животи, очајно барајќи засолниште од бомбите. Сега живеат во постојан страв дека тоа наскоро ќе се повтори во големи размери низ целиот град.
Империјалистичките нерви ѕвечкаат
Изгледите за пострашни сцени, на уште поголемо ниво, кои ќе ги гледаат милиони обични работници ширум Блискиот Исток, а да не зборуваме за милијардите на глобално ниво, ги тресе нервите на Западните империјалисти. Ова, сепак, не се должи на некакви хуманитарни грижи. Тие застанаа на страна и дозволија близу 30.000 Палестинци да загинат од рацете на израелската војска во изминатите четири месеци, одбивајќи дури и да повикаат на прекин на огнот, додека всушност обезбедуваат оружје и материјали за израелската влада. Истите тие дами и господа, исто така, стоеја настрана додека близу 400.000 загинаа во неодамнешната војна во Јемен, со над 150 илјади луѓе убиени во бомбардирањата и дополнителни 227 илјади загинати како резултат на гладот и недостатокот на здравствени установи. Тој пустош на јеменскиот народ му го нанесе Саудиска Арабија, вооружена и поддржана од Западниот империјализам, како и Израел.
Сепак, нивната загриженост не е за животите на Палестинците. Нивната загриженост е за понатамошна дестабилизација на регионот, вклучувајќи ја и реалната закана од колапс на некои соседни режими. Ова може да објасни зошто западните радиодифузери, како што е Би-Би-Си, се разбудиле со фактот дека на луѓето во Газа му биле нанесени страшни страдања. Тие сега објавија документарен филм за првиот месец од војната, во кој се опишуваат сцени како што се амбулантни возила кои биле мета на ИДФ додека тргнуваат да ги спасат повредените луѓе. Се разбира, на програмата на Би-Би-Си, емитувана во вторникот, тие додадоа официјален коментар од ИДФ дека не е насочен кон медицинскиот персонал! Тие секогаш мора да им дадат право на израелската влада и на ИДФ да ги изразат своите ставови и да ги „поправат“ сите вести што може да му наштетат на нивниот имиџ.
Бен-Гвир ги нарече палестинските жени и деца како „тајни терористи“ / Слика: שי קנדלר, Wikimedia Commons
Такви права не им следат на Палестинците ниту на некој што води кампања во знак на солидарност со нив. Напротив, секогаш кога се известува за бројот на дневните смртни случаи, медиумите чувствуваат обврска да додадат „според Министерството за здравство управувано од Хамас“, како да имплицираат дека тие би можеле да ги преувеличуваат бројките. Без сомнение, ова е за да се смират локалните израелски амбасади коишто секогаш се подготвени да се нафрлат на какви било изјави за кои сметаат дека може да се толкуваат како „антисемитски“. Сепак, фактот што тие повеќе известуваат за страдањата на обичните цивили и разоткриваат барем дел од бруталното однесување на ИДФ за време на војната е показател дека тие се обидуваат да извршат одреден притисок врз владата на Нетанјаху да прифати привремен прекин на огнот. Проблемот е што Нетанјаху има своја агенда.
Ционистичките медиуми во Израел го задушуваат секое известување за вистинските ефекти од израелското бомбардирање на Газа и го концентрираат умот на обичните Израелци на гледање на целото палестинско население како закана за нивната безбедност. Дел од нивната цел е да ги дехуманизираат Палестинците, што е првиот чекор во подготовката на теренот за да ги касапат како животни. Трагичната иронија е што овој вид на дехуманизација и колење е токму она што го претрпеа милиони Евреи од рацете на нацистите. Хитлер го нарече еврејското присуство во Германија како „раса-туберкулоза на народите“, т.е. болест што треба да се искорени. Нацистичката пропаганда ги прикажувала Евреите како „подчовечки“ суштества. Пред само два дена, израелскиот министер за национална безбедност Бен-Гвир ги нарече палестинските жени и деца како „тајни терористи“ и продолжи: „Не можеме да имаме жени и деца да се приближуваат до границата… секој што ќе се приближи мора да добие куршум [во главата)“.
Расположението во Израел
„Фајненшл тајмс“ неодамна објави напис „Војната против Хамас ги обединува Израелците во потрага по „тотална победа“ (12 февруари 2024 година), во која се објаснува дека „…огромното страдање во Газа едвај се појави во израелските медиуми, и наместо тоа, националната дебата останува обземена од траумата на денот што израелските власти го опишуваат како најсмртоносниот за Евреите по Холокаустот“. Постои вистински страв кај обичните Евреи дека е можен нов Холокауст. На крајот на краиштата, она што изгледаше незамисливо всушност се случи под нацистичкиот режим. Нетанјаху има интерес да го задржи ова расположение. Всушност, Арапите се претставени од страна на ционистите како денешни нацисти, кои се подготвени да ги уништат Евреите. Токму ова поттикнување страв му дозволува на Нетанјаху да преживее политички, дури и кога сите анкети покажуваат дека тој масовно ќе ги загуби сите избори што тие ќе ги распишат наскоро.
Затоа, расположението во Израел е многу различно од она во другите земји. Во околните арапски народи секојдневното крвопролевање се емитува секој ден. Ал Џезира обезбеди на лице место известување за сите страдања на луѓето во Газа. Распространетиот гнев и одбивност и природниот инстинкт на солидарност кон Палестинците е логичен исход од сето ова. Ова се два многу различни света. Во поднасловот на текстот на Фајненшл тајмс се вели: „Истражувањата покажуваат дека мнозинството од населението [во Израел] е посветено на битката за поразување на борците и враќање на заложниците“. Истиот напис го цитира Тамар Херман, висок научен соработник во Израелскиот институт за демократија: „Секако… лавовскиот дел од израелската еврејска јавност не е за повлекување од Газа. Војната во Израел се доживува како војна без избор“. И далеку од тоа да бара деескалација, написот истакнува дека: „…наместо да се стави крај на војната во Газа, многу Израелци веруваат дека државата треба да ескалира на друг фронт: северната граница со Либан“. Логиката на ова е дека тие стравуваат дека еден ден Хезболах би можел да изврши многу поголем напад од оној што го изврши Хамас. Оттука, расположението е во желбата да се „заврши работата“. Израел и Хезболах веќе разменија оган од 7 октомври. Додека повеќето од ракетите на вториот се пресретнати од израелскиот одбранбен систем „Железна купола“, во напад врз Сафед во северен Израел денеска загинаа и рани неколку војници. Израелците веднаш возвратија со воздушни напади во јужен Либан. Опасноста од целосен конфликт е имплицитна во ситуацијата додека овие судири ескалираат.
Додека западните буржоаски медиуми се замеруваат со употребата на терминот „геноцид“, многу од десницата во Израел прокламираат дека токму тоа е нивната цел. Краткото прелистување на коментарите на социјалните мрежи или пораките како одговор на написите во весниците, открива многу темна страна во израелското општество. Она што треба да го разбереме е дека, во последните децении, израелското општество постојано се движи кон десно. Она што се сметаше за „левица“ стана дискредитирано во очите на обичните Евреи во Израел. Ова беше во согласност со општата дискредитација на таканаречената „левица“ на глобално ниво, каде што работничките партии, социјалистичките партии, социјалдемократијата воопшто, учествуваа во уништувањето на социјалните реформи што тие самите ги доведоа во постоење во минатото во пикот на повоениот бум. Ова доведе до сегашната ситуација каде што тие станаа во очите на многу работници нераздвоено исти од конзервативните партии насекаде. Одамна поминаа деновите кога Мапаи (која подоцна се распушти и стана дел од израелската Лабуристичка партија), спроведуваше реформи на социјалната заштита, вклучувајќи речиси бесплатен пристап до субвенции за домување и здравствени и социјални услуги за еврејските Израелци. Во првите децении од постоењето, голем дел од економијата на Израел беше или во државна сопственост или управувана со државна помош. Одраз на тоа беше и фактот што „синдикатот“ на Хистадрут долго време беше најголемиот работодавач по државата.
Сите државни ресурси подоцна беа приватизирани. Под владите на Лабуристите и на Ликуд, старата израелска држава на благосостојба беше постепено разбиена, со масовен трансфер на ресурси од јавниот сектор на некои од најбогатите инвеститори во земјата. Лабуристите, во еден момент по изборите во 1984 година, дури и се приклучија на владата на национално единство со Ликуд, што дополнително ја намали нејзината популарност меѓу традиционалните електорати. Ова создаде сценарио каде што значителен дел од населението, особено најсиромашните слоеви, се чувствуваат напуштено од традиционалните политичари. Токму на овој терен најпрво видовме замав кон Ликуд, а потоа екстремно десничарските елементи можеа да ја зацврстат својата контрола врз дел од општеството. Иако можеби имало разлики околу социјалните реформи, кога станува збор за палестинското прашање, немало суштински разлики. Лидерите како Давид Бен-Гурион, Голда Меир, Шимон Перес, Ицак Рабин итн., беа подеднакво одговорни, ако не и поодговорни од ционистичката „десница“, за вградување на угнетувањето на Палестинците во самите основи на израелската држава.
Во овој процес, ционистичката „левица“ едноставно беше истисната од постоењето од периодот на опаѓање на глобалниот капитализам и динамиката на окупацијата. Нетанјаху се здоби со важност со тоа што се појави како поефективен во пристапот на поттикнување војна, „око за око“ кон окупацијата и во поддршката на колонизацијата и доселениците. Последното покажување на немоќ од ционистичките „либерали“ беше прикажано во текот на повеќемесечните протести против Нетанјаху, откривајќи го степенот на нивната слепило за угнетувањето на Палестинците. Истиот процес со кој се издигнаа Трамп, Болсонаро, Борис Џонсон, Ле Пен, го снајде и појавувањето и зајакнувањето на Нетанјаху. Карактеристична разлика во Израел е длабоката поделеност меѓу Евреите и Палестинците, негирањето на татковината од страна на еден народ за друг, што ја изостри оваа појава до n-ти степен. Во сè подлабоката внатрешна криза на Израел, со остри политички поделби меѓу ционистичката владејачка класа, Нетанјаху се најде сè повеќе и повеќе должен на екстремно десничарските партии.
Планови за населување на Газа
Тоа објаснува и зошто сега, во Израел, се зборува за рестартирање на програмата за населување во Газа, која беше напуштена уште во 2005 година. Тоа е претставено како единствен начин да се гарантира „безбедноста“. Написот на веб-страницата New Arab, „Во Израел, преселувањето на Газа повеќе не е маргинална идеја“, објаснува дека: „Во отсуство на официјален повоен план, екстремистичките идеи некогаш резервирани за маргините на општеството се заземаат околу креирањето политики во Израел“.
Дел од размислувањата на Нетанјаху е јасно да истурка значаен дел од оваа популација од Појасот Газа / Слика: Yairfridman2003, Wikimedia Commons
Написот известува за неодамнешната конференција организирана во Ерусалим на која се бараше преселување на Појасот Газа. Ова не беше маргинален собир. Очигледно, имаше илјадници присутни. Таму беа не помалку од 12 министри од партијата Ликуд, како и 15 членови на владината коалиција. Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир, кој беше присутен, рече во својот говор: „Ако не сакаме уште еден 7 октомври, треба да се вратиме дома и да ја контролираме [Газа]. Треба да најдеме легален начин за доброволно емигрирање [Палестинците]“. Таму беше и бесниот, крајно десничарски министер за финансии Смотрич, кој додаде дека: „Без населби [во Газа] нема безбедност“. Овие луѓе се убедени дека Газа им припаѓа ним. На ист начин, тие веруваат дека Западниот Брег е дел од нивната „ветена земја“ и планираат да го направат на Појасот она што му го направија на Западниот Брег: да ги стават војниците и доселениците на земја и постепено да ги истиснуваат Палестинците. Мнозинството Израелци не ја поддржуваат оваа позиција, но таа добива на интензитет. Како што наведува написот: „Неодамнешната анкета на израелскиот Канал 12 покажа дека 4 од 10 Израелци поддржуваат заживување на населбите во Газа“. Ова е расположението кое доминира кај десното крило. Нетанјаху зависи од овие луѓе и затоа мора да ги одржува среќни. Нападот на Рафа што се подготвува е дел од оваа политика.
И ова не враќа во Рафа денес. Речиси три четвртини од Палестинците од Газа се собрани таму. Дел од размислувањата на Нетанјаху е јасно да истурка значаен дел од оваа популација од Појасот Газа. Единственото место каде што би можеле да одат би било Египет. Владата на Нетанјаху се надева дека ќе го постигне она што се случи во 1967 година, кога над 400 илјади беа протерани од Западниот Брег и Голанската висорамнина, со што ќе се подготви теренот за програмата за населување. Ова би значело постепено, долгорочно ребалансирање на етничкиот состав на Газа. Некои би биле протерани, додека бројот на доселеници систематски би се зголемувал. Ова е совршено во согласност со долгорочните цели на ционистичкиот проект од самиот почеток.
Придвижување кон поширока ескалација
Овој план е важен фактор за придвижување на сегашната ситуација сè поблиску и поблиску до поширока ескалација. Ситуацијата станува толку напната што дури и египетскиот режим на Ал-Сиси се заканува дека, доколку Израел предизвика хуманитарна катастрофа во Рафа, мировниот договор потпишан меѓу Израел и Египет во 1979 година може да биде загрозен. Режимот на Ал Сиси не е пријател на египетскиот народ, ниту пак на Палестинците. Сепак, дури и овој реакционерен режим може да го почувствува притисокот што се создава во длабочините на египетското општество. Се подготвува нова арапска револуција во стилот на 2011 година, а маките на Палестинците може да се покажат како искрата што ќе го запали буре барут. Тоа ја објаснува воинствената реторика на Ал-Сиси. Тој никогаш не направил ништо за Палестинците. Всушност, тој му помогна на Израел да ги држи луѓето од Газа во своевиден затвор на отворено со години. Дури и сега, египетската војска служи како израелска гранична стража, опколувајќи ги Палестинците во Газа, со мал број што можат да поминат низ преминот Рафа во замена за мито до 10.000 долари.
Но, треба да се види дека Ал Сиси изразува противење на планот на Нетанјаху да напредува кон Рафа. Натрупувањето на луѓето сега масовно во тој град би раселело стотици илјади, огромно зголемувајќи ја можноста тие да се прелеат на Синајскиот Полуостров веднаш преку границата. Дополнителен фактор во размислувањето на Ал-Сиси е дека раселувањето на најмалку неколку стотици илјади жители на Газа во бегалски кампови на Синајскиот Полуостров ќе стане силен дестабилизирачки фактор во идните односи со Израел, дури и ризикувајќи да избијат идни војни меѓу двете земји. Тој разбира дека ваквите бегалски кампови – по невидениот број на Палестинци убиени во оваа војна – ќе бидат почва за радикализација на новата генерација на палестинска младина, решена да се бори за да ја врати својата татковина, слична на ситуацијата во Либан во 1970-тите.
Израелската влада се обложува на продолжување на соработката со Египет. Сепак, не постои сигурност дека Ал-Сиси ќе може да гарантира таква соработка. Ова не е затоа што се грижи за Палестинците, туку затоа што египетските маси треба да го видат како да му се спротивстави на Израел додека ги масакрира Палестинците веднаш преку границата. Тоа објаснува и зошто Египет врши притисок врз лидерите на Хамас да прифатат некаков договор што може да доведе до прекин на огнот. Очајно треба да го изгаснат пламенот. Проблемот е што плановите на ционистите во врска со Газа оставаат многу малку простор за такви маневри. И ако пламенот не се изгасне во Газа, тие би можеле да се шират од еден режим на друг во бран масовни бунтови што би можеле да соборат многу од реакционерните деспоти во регионот. Кралот на Јордан, исто така, изразува загриженост, седи на исто толку експлозивно буре барут.
Глобалната криза на капитализмот создаде општествени и економски услови во целиот регион, кои го подготвуваат теренот за такво сценарио. Ова е кошмарот во кој зјапаат империјалистите и немаат вистинско, долгорочно решение. Причината за тоа е што тие се главниот проблем. Тие го создадоа овој хаос, а единственото вистинско решение е да се срушат сите од власт. Најдоброто нешто што ние како комунисти ширум светот можеме да го направиме за палестинскиот народ е да се бориме во нашите земји против нашите сопствени владејачки класи. Тоа може да се постигне само со револуционерна класна борба насекаде, која за да биде успешна, потребно е револуционерно комунистичко раководство. Сите сме згрозени и лути од сцените што ги гледаме во и околу Рафа, згора на сите масакри во градот Газа, Хан Јунис и другите градови и села. Но, гневот не е доволен. Организирајте се и придружете се на комунистите во битката да ставите крај на овој кошмар.
Фред Вестон, 14 февруари 2024
Rafah onslaught: the spark that could set the Middle East alight