Интернационала

ИМТ ја осудува репресијата врз израелскиот комунистички политичар

Интернационалната марксистичка тенденција (ИМТ) го осудува предложеното исклучување на комунистот Офер Касиф од израелскиот Кнесет (парламентот) и ние огорчено протестираме поради задушувањето на демократските права во Израел.

Офер Касиф е водечки член на Израелската комунистичка партија (Маки) и претставник на коалицијата Хадаш во Кнесетот. Тој беше суспендиран од „Етичкиот комитет“ на Кнесетот на 45 дена на 18 октомври откако ја обвини владата за етничко чистење на палестинските територии. Со други зборови, тој беше суспендиран од парламентот затоа што ја кажа вистината! Сега режимот се залага за негово целосно исфрлање од парламентот.

Последниот напад врз Касиф беше започнат откако тој ја потпиша петицијата за поддршка на случајот на Јужна Африка во Меѓународниот суд на правдата, којшто го обвинува Израел за геноцид во Газа. Набргу откако тој ја потпиша оваа петиција, 85 пратеници од владејачката екстремно десничарска коалиција и таканаречената „умерена“ опозиција потпишаа предлог до Комитетот на Претставничкиот дом на Кнесетот, барајќи негово исклучување.

Во вторникот на 30 јануари, Комитетот на Домот на Кнесетот гласаше со 14 спрема 2 за поддршка на предлогот за исклучување на Касиф со образложение дека неговата поддршка за случајот на Јужна Африка е „предавничка“ и значи „поддршка за вооружена борба“ против државата Израел. Исклучувањето на Касиф ќе биде ставено на гласање во Кнесетот на 19 февруари и мора да добие поддршка од 90 од вкупно 120 членови на Кнесетот за предлогот да помине. Имајќи предвид дека 85 членови на Кнесетот веќе го потпишаа предлогот за исклучување на Касиф, голема е веројатноста дека Касиф ќе биде исклучен.

Вистинската намера зад овој напад врз Касиф е јасна: да се уништи секоја опозиција во Израел за геноцидната војна што ја спроведува во Газа и тековното етничко чистење на Палестинците на Западниот Брег. Екстремно десничарскиот министер за национална безбедност, Бен Гвир, го објасни ова кога објави слика од друг претставник на Хадаш, Ајман Одех на X (Твитер) со коментар: „следен на ред“.

Претставничката на Хадаш, Аида Тума-Сулејман, предупреди дека „со дебатата во вторникот, членовите на Кнесетот ги гризат остатоците од демократијата“ во Израел.

Без оглед на нашите политички разлики со Касиф и Хадаш, ние ги поддржуваме нивните демократски права и ја нудиме нашата солидарност во нивната борба против ционистичката репресија. Комунистите и доследните демократи ширум светот треба да се соберат за поддршка на сите жртви на репресијата и да протестираат против овој флагрантен напад врз основните демократски права, што го покажува не само лицемерието на буржоаската демократија воопшто, туку и гнилоста на израелската „демократија“ посебно.

IMT condemns repression of Israeli Communist politician