Расколот и шовинистичката дегенерација на „Левица“ – прв дел
Pročitajte tekst na srpskohrvatskom ovde
ВОВЕД
Внатрепартиските судири се одраз на различни политички идејни разлики и материјални интереси кои неминовно продуцираат избивање и искажување на различни политички тенденции што ја збогатуваат политичката понуда и трасираат пат на градење на вистински опции, а доколку не се најде повисок интерес при судирот може да дојде до расцеп. Комунистите, здружени во Марксистичката организација Црвени, се приспособуваат кон дадените околности и не градат кула во воздух, но остануваат доследни на изворните принципи на политичко делување. Во изминатиот период од 4 години, комунистите се обидоа да делуваат преку партијата Левица и да создадат основа за идна масовна работничка партија. Ова е текст за неуспехот на партијата и нејзината бирократска десничарска дегенерација.
Се напишаа можеби и премногу текстови и коментари околу скандалозните судски одлуки и судски процес, со кои се предаде партијата „Левица“ во посед на една мала клика обединета околу ликот и (не)делото на Димитар Апасиев. На сите ни` е повеќе од јасно дека судскиот систем со неповедувањето на постапка и постојано одложување на расправата свесно или несвесно ги штити опортунистите. Опортунистите се и негови чеда – истите тие ги поседуваат и вртоглавите финансиски средства што даваат можности за непрекинато и долготрајно водење и на индивидуални судски спорови – спорови со единствена цел да ги уништат нашите другари, комунисти, социјалисти и активисти, на секое поле – и лично и политичко.
Во овој прилог ќе стане збор за десното скршнување на политичката партија „Левица“ и објаснување на конфликтот што во суштина беше и остана да биде непомирлив политички конфликт.
Политичкиот конфликт во рамки на партијата
Не се работи за „судир на ега“ или „неколку лоши поединци кои ја упропастиле идејата“ како што обожаваат да поентираат многу либерални посматрачи и критизери и, поважно, групата која судски ја презеде Левица. Нормално е дека во конфликт од ваков размер се нарушуваат и меѓучовечките односи и улога играат и карактерите на поединци, што дополнително се манифестира во јавноста. Во својата позадина расцепот во Левица што во јавноста експлодираше во средината на февруари 2019 година беше политички расцеп на две неорганизирани струи во партијата.
Овој расцеп беше пропратен во медиумите воглавно низ призмата на феноменот на „големи лидери“ и „звучни имиња“каде беа правени интервјуа со двајцата најекспонирани членови на раководството Димитар Апасиев и другарот Здравко Савески и медиумски целиот судир се портретираше како судир на двајца луѓе кои позади себе имаат своја група на поддржувачи, што влијае на разводнување на суштината на самиот конфликт. На социјалните мрежи имаше повеќе реакции, каде што можеше да се забележи дека поддржувачи и членови на владејачкиот СДСМ и генерално земено либералното милје, народски кажано тераат сеир со расколот и покажуваат видно задоволство што останаа без достојна социјалистичка алтернатива во политичкиот простор. Од друга страна, поддржувачите и некои делови од членството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и генерално десничарското милје, отворено навиваа за десничарската струја предводена од Д.А. Од трета страна, многу искрени поддржувачи не сакаа да заземат страна во недостиг на информации и генерално беа разочарани од расцепот и од губењето на алтернативата во која верувале, некои од нив и отворено повикувајќи на помирување на двете раскарани струи. Во целата оваа приказна, базата т.е. членството на партијата остана збунето и неинформирано и не застана во одбрана на сопствената партија. Многу искрени членови, се пасивизираа после сите превирања и изгубија надеж во политичко ангажирање.
Директната причина за расцеп беше третманот на националното прашање во очи на политичката криза проследена со промена на уставното име. Кон оваа главна причина има и други споредни кои како синџир на тешки камења се натегнаа околу вратот на надежта за вистинска политичка алтернатива. Овој синџир камења успеа да ја пресече главата и да ја убие Левица. Она што сега остана е една празна лушпа што се смета за партија, чија главна цел е секташка борба со левичарски активисти.
Јавноста, но за жал и членството, беше иземена од информации за големите тектонски превирања во партијата од самото основање, па дури и пред самото основање. Митовите за големите лидери се пласираа напоредно со теории на заговор, како некој одработува за некој човек или политичка партија во позадина. Ова многу добро пали во јавноста која намерно се деполитизира и со тоа таквото делување ја прави политичката борба на нашата класа осудена одново да ги повторува истите грешки. Многу едноставно во случајот со партијата Левица се појави објективен проблем, а тоа е империјалистичкиот притисок државата да се стави под капа на НАТО пактот. При тоа, промената на името се јави како политичко барање на странскиот фактор со домашните послушници. Раководството на Левица се исправи пред задачата да реагира. Но се појавија две тенденции или струи. Едната струја, која сметаше дека националното прашање треба да се третира низ социјалистичка/комунистичка перспектива поентирајќи околу улогата на империјализмот и одбрана на правото на самоопределување без притоа да се прават непринципиелни и штетни сојузи со националистичките сили и „здравите десничари“ (терминот здрави десничари е изворно употребен од Д.А. во една од многуте партиски расправии кога го убедуваше раководството на Левица да ја прифати неговата малцинска идеја за „национално обединување“). Оваа струја смета дека Левица мора да се држи бескомпромисно на изворните принципи на социјализмот, изразени во Партиската програма и Статут. Во оваа струја помеѓу другите членови бевме и ние, членовите на МО „Црвени“, како единствена јавно декларирана и официјална партиска фракција која легално постоеше и работеше во интерес на афирмација на партијата „Левица“. Другата струја, беше групата која сметаше дека треба да се кокетира со национализмот „за да се спречи влезот во НАТО“, која стоеше на макијавелистичка позиција, која мислеше дека во македонскиот национализам постои „прогресивен потенцијал“ и дека истиот е „одбранбен национализам“ и дека треба „по секоја цена да го одбраниме името бидејќи сме антиимперијалисти“ и на која не и` сметаше еден отворен сојуз со десничарските клерикални групи и организации. Оваа струја цело време го истакнуваше моментот дека Левица треба да влезе во парламентот и дека тоа треба да биде главна цел. Главни протагонисти во оваа група беа Д.А. и групата собрана околу веб гласилото „Антропол“.
КРАТОК ИСТОРИЈАТ НА СУДИРОТ
Тензијата по прашањето за името првпат имаше свој изблик во рамки на партијата во месец февруари 2018 година, една година пред официјалниот расцеп. Во тој период стана јасно дека ќе се оди во насока на промена на името, т.е. дека владејачката клика на СДСМ е решена по секоја цена да го истурка процесот. Тогаш, во јавноста се појави писмо на група од 200 македонски интелектуалци кои од правна и политичка перспектива дадоа осуда на процесот на преговори за промена на името и бараа прекин на преговорите. Писмото, имаше одреден одек во јавноста и свој политики импакт. Најпроблематично од наша перспектива беше тоа што Д.А. (како и други поединци од Централниот Комитет) на своја рака без консултација со партиските органи го потпишаа писмото, што остави простор тоа да биде протолкувано како Левица да го потпишува истото, иако ние никогаш не сме донеле таква одлука. Да биде ситуацијата уште повеќе проблематична, Д.А. и останатите воопшто не не` известија дека ќе потпишат такво писмо и ние за тоа дознавме од медиумите. Јас и други членови на органите поведовме внатрепартиска дискусија за чекорот на Д.А. и другарите и сметавме дека претставува основна непочит кон партијата и органите таквиот нивен чекор, особено затоа што меѓу потпишаните е член на Президиумот истакнат во јавноста. Д.А. се бранеше дека писмото го потпишал како индивидуалец и професор на правен факултет, експерт по право и што уште не. Во суштина, ова е банално објаснување кое само го демаскира индивидуалистичкиот пристап на Д.А. и неговото антисоцијалистичко поимање на политиката. Замислете сега во јавноста овој ист човек бара „демократски централизам“ што веројатно за него значи бирократски централизам. Прашањето околу името беше политичко прашање. Самото писмо беше политички чекор. Невозможно беше за него да се оддели себе си од тоа дека е член на Президиумот на левичарска партија кога потпишува писмо со јасни политички пораки и политичка содржина. Тоа ја втруна партијата во сосема непријатна ситуација, да мора да пост фестум да се изјаснува за предметното писмо. За жал, голем дел од членовите на Централниот Комитет не го препознаа моментот да се вклучат во расправата и да влијаат во насока на тоа да се спречи самоволието на Д.А. Не велам дека тие членови имаа задни или скриени намери, напротив многу од нив се искрени луѓе и борци. Но, за молкот некогаш скапо се плаќа.
Во месец мај 2018 година, Президиумот на Левица на предлог и инсистирање на Д.А. донесе одлука да се поднесе кривична пријава против тогашниот премиер Зоран Заев за кривично дело „Загрозување на независноста“ што во јавноста беше лиферувано на следниот начин „Левица го тужи премиерот за велепредавство“. Оваа одлука, Президиумот ја донесе на крајно нетранспарентен начин и зад затворени врати. Повеќето членови на органите и целото активно партиско членство за оваа одлука дозна од медиумите и од официјалната ФБ страна на партијата, откако информацијата беше јавно објавена. Повторно, реагиравме на ова дека е отворено кокетирање со национализмот и желба за ловење на ситни политички поени. Да биде иронијата поголема, огромен број на отворени македонски шовинисти и десничари кои до пред неколку месеци не прогласуваа за „предавници“ по ова тактичко скршнување во јавноста кон правен позитивизам станаа најголеми фанови на Левица. Расправијата која изби внатре беше жестока и Д.А. почна да обвинува за саботажи од страна на „фракционерите“. Во еден момент, помпезно најави дека ќе се пасивизира извесен период бидејќи „не можел да издржи да е под удар на своите“. Ние „лошите фракционери“ исправно сметавме дека ова е чекор кој ќе има далекусежни последици врз поимањето и градењето на партијата во иднина и дека на овој потег ќе се налепат симпатизери отворени националисти кои немаат ништо заедничко со идеите на социјализмот и левицата, што пак ќе придонесе многу искрени симпатизери да се оддалечат од нас, па дури и да се деморализираат членови од базата. Да биде уште потрагично, сите бевме свесни дека од кривичната пријава нема да има никаков правен ефект. Нашата колективна грешка и вина е што не успеавме да изградиме ефикасни внатрепартиски демократски механизми за справување со вакви ситуации и понесување на одговорност. Партијата Левица се повеќе заличуваше на типична буржоаска односно граѓанска партија изгубена во градењето на среднорочната декларирана стратегија. Повторно, дојде до израз неискуството и непрепознавање на клучни моменти од повеќе членови на ЦК. Исто така, некои членови кои имаа исправни ставови по ова прашање, наместо да поведат внатрепартиска битка и да не отстапат простор во дегенерацијата на Левица, решија да бидат цинични ФБ коментатори – перејќи се на тој начин од било каква одговорност и држејќи се себеси на „безбедна далечина“.
Јавните настапи (гостувања по медиуми, ФБ постови) на Д.А. се` повеќе беа во расчекор со некои од партиските позиции и договорените ставови и беа на националистичка линија. За цел овој период тој успеа да искористи прилика во која многу од експонираните и влијателни членови беа во сенка (најчесто од приватни причини) и беа подалеку од очите на јавноста за да изгради свое медиумско реноме и да стане сликата на Левица во јавноста. Вината за ова, покрај големите медиуми кои обожаваат да ловат лидери и да создаваат култови на личности, ја носиме и самите ние, бидејќи не сме успеале да профилираме друга личност во јавноста, во тој чувствителен период за партијата.
За време на предреферендумската кампања за бојкот во септември 2018 година се почувствува кадровското осипување и слабеење во нашите партиски редови. Имаше голема незаинтересираност на многу од членовите да се вклучат во кампањата и веќе постоеше јаз помеѓу дел од членството и раководството. Иако постоеше синдромот на лупање во гради поттикнат од тапшањето по рамо и илјадниците лајкови, сепак на терен не бевме доволно силни. Немавме начин како да го мотивираме членството да се вклучи за да направиме јасна дистинкција помеѓу нас и националромантичарите. И покрај организираните јавни настани, прес конференции, интернет пропаганда и разните активности, партијата не беше на потребното ниво. Не наоѓаше начин да ги обедини своите активисти.
Во периодот октомври/ноември 2018 година кога по Референдумот веќе беше отпочнат процесот за уставни измени во македонското собрание, во рамки на партијата се водеше дискусија за тоа на кој начин да се позиционираме и како да реагираме по однос на ова прашање. Веќе постоеше најава за организирање на протест од повеќе десничарски и шовинистички групи и организации под банерот на Бојкотирам кој требаше да се случи некаде кон средината на Ноември. Во рамки на партијата почна жестока дискусија околу нашиот став за најавениот протест. Едната група, во која главни протагонисти беа Д.А., Реџеп Исмаил и останатите од редакцијата на Антропол држеа линија дека сега е моментот да се јавне бранот на незадоволството и се трудеа помеѓу членството да прошират илузија дека ние сме доволно силни да го преземеме најавениот протест на Бојкотирам и да доминираме со нашите идеи. Другата група, каде бевме дел и ние од МО „Црвени“ сметавме дека треба да се држиме понастрана од тој протест и да заземе независна позиција по однос на прашањето на името и уставните измени. Нашиот став беше дека протестот не е спонтан собир кој може туку-така да се насочува, туку дека е отворен десничарски протест со јасна десничарска и националистичка иконографија зад кој стојат организации со јасни ставови (дијаметрално спротивни од нашите). Дополнително, ние посочувавме дека протестот во крајна линија ќе биде искористен и инструментализиран од ВМРО-ДПМНЕ за да си го исперат образот пред поддржувачите во ситуација кога 8 нивни пратеници гласаа за уставни измени. Едноставно, не беше возможно да играме на терен кој очигледно не е наш и да се ставиме во позиција на топовско месо. Затоа, ние држевме линија дека е неопходно Левица да организира самостоен и сопствен протест на кој ќе ги адресираме нашите идеи и ќе се фокусираме околу прашањето на промена на име заради зачленување во воениот сојуз НАТО, прашање кое воопшто не беше потегнато од десницата на нивниот протест. Другата страна сметаше дека е време да се обединиме со „здравите десничари“ заради „повисока цел“. Во тој момент, Д.А. и Р.И. повторно одиграа „тајна дипломатија“ и без знаење и одлука на партијата Д.А. го потпиша прогласот на движењето Бојкотирам. Членовите на МО Црвени и останати членови на Централниот Комитет реагираа на ваквиот чекор и бараа одговорност за чекорот на Д.А. Наместо тоа, групата на Д.А. успеа да го саботира Централниот комитет со напуштање на состанокот каде се бараше одговорност. Тука се отвори и прашањето дека Д.А. веќе не заслужува да биде правен застапник на политичката партија Левица (категорија која е уредена со Закон за политички партии). Д.А. одбегнуваше лично да се соочи со останатите членови на Президиумот и не доаѓаше на уредно закажаните состаноци.
Во внатрешните препукувања и дебати, веќе беа тотално нарушени и личните односи и другарската и работна атмосфера внатре во Левица. Во таква атмосфера се одржа седница почеток на ноември 2018 година, на која по долги расправии и препукувања се донесе одлука да не се организира заеднички протест со десничарските организации и да се пристапи кон организирање на сопствен протест. Околу 70% од членовите на ЦК гласаа за одлука Левица да организира протест со антиимперијалистичка и антинационалистичка содржина токму симболично на 29 ноември. По завршувањето на седницата, започна една координирана драмолетка од страна на редакцијата на „Антропол“ и останати блиски соработници на Д.А., кои со фанфари најавуваа дека нема да ја спроведат одлуката за самостоен протест, дека партијата врши „политичко самоубиство“ и почнаа со стандардните прозивки дека „ние сме секташи“ и дека „немаме сенс“. Се изнапишаа стотици мејлови и веќе атмосферата беше битно нарушена. И во овој момент одговорно тврдам дека доколку сите сложно без опструкции застаневме зад идејата за самостоен протест, истиот можевме да го организираме на задоволително ниво и да направиме јасен рез со десницата по ова важно политичко прашање. Зовриената атмосфера на кавги и поделби само придонесе добар дел од членовите да се деморализираат и да немаат волја за било каков наш протест, со цел „закопување на секирите“ и „мир во куќа“. Во таква атмосфера се одржаа уште две седници на Централниот Комитет, една во декември 2018 година и една во февруари 2019 година. Овие седници, очекувано не придонесоа во намалување на тензиите и само дополнително ни` дадоа до знаење дека расцепот е реалност и дека е прашање на време кога тиквата ќе пукне и во јавност. На седницата во декември, по огромен притисок кон членовите од страна на групата на Д.А. и со извртување на статутарните и правилнички одредби за фракции, беше отповикан од Президиум еден од членовите на МО Црвени, другарот Александар Атевиќ (противстатутарно бидејќи Статутот на Левица не познаваше одземање на мандат, а и без потребното мнозинство гласови). За нивна несреќа, не успеаа до крај во планот на негово место да кооптираат послушен човек од групата на Д.А. и мнозинството од членовите го избраа другарот Здравко Савески за нов член на Президиумот, кој претходно се имаше повлечено, поради сплетките од групата Атропол, од оваа партиска функција и не беше член на Президиумот извесно време. На седницата на 3 февруари 2019 година, кога веќе беше најавено одржување на претседателски избори се случи уште една јасна поделба. Мнозинството од членовите на ЦК беа против идејата да поддржиме кандидат за претседател за кој беше јасно дека ќе биде предложен на конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, што уште еднаш го стави на маса опортунизмот на другата група, која театрално и организирано ја напушти седницата кога нивниот предлог не помина, со што уште еднаш оваа група ја минираше работата на органите на партијата. По хистеричните најави за кривични пријави од страна на Д.А. против други членови на Президиумот (другарката Џејлан Велиу беше најмногу на мета на овие напади), организираното напуштање на седницата, мнозинството од Президиумот покрена легална постапка во рамки на партијата за промена на Д.А. од местото на правен застапник. Групата на Д.А. се соочи со реалноста дека нема така лесно да може да ја преземе партијата по легален пат, внатре во органите и почна со планот Б кој значеше фалсификати на документи, судски постапки, самоволна промена на партиски благајник, злоупотреба на печатот кој беше во нивен посед, преземање на веб сајтот, неовластена промена на брава во партиското седиште и други дејствија. Во овој период почна и нивно организирано отсуство од легалните седници на Президиумот со цел да се отствари подземното сценарио.
И конечно тиквата пукна и во јавност, на 15 февруари 2019 година кога во јавност проструија соопштенија на двете страни инволвирани во конфликтот, што беше проследено и со судска битка околу правното застапништво на Левица. Поседувањето на печатот и фалсификуваните документи беа добитна комбинација во очи на „реформираното судство“.
27 април 2020, Д.Л., Марксистичка Организација Црвени