ВестиДемократијаЛевица - партијаМакедонијаОпшто

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2021 – лизгав терен за владејачките партии

Локалните избори коишто се најавени за 17 октомври 2021 година ќе бидат досега најинтересните и најспецифични локални избори во историјата на капиталистичка Македонија. Секако, не очекуваме дека ќе се случат некакви тектонски поместувања или големи промени, но околностите во предвечерието на изборите ни сугерираат дека работите не одат по волјата на владејачките партии (СДСМ и ДУИ), ниту пак дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да капитализира од се` понагласеното незадоволство од владеењето на СДСМ и ДУИ. Незадоволството најјасно се изразува преку досега најголемиот број на пријавени независни граѓански листи, што со сигурност ќе предизвикаат непријатност, пред се` кај власта, но и кај опозицијата. Кои се причините кои доведоа до ваква ситуација и што можеме да очекуваме од претстојните локални избори?

НЕСТАБИЛНОСТ ВО ВЛАДЕЈАЧКИТЕ РЕДОВИ

За да го сфатиме подобро контекстот на овие избори ќе се вратиме малку на претходните локални избори во 2017 година. Тогаш, нецела година по парламентарните избори во 2016 година и непосредно по формирањето на новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, се одржаа локалните избори. СДСМ, на крилјата на освоената власт на централно ниво, влезе во изборна трка во која ветуваше премногу и со тоа ги подигна очекувањата и на неутралните гласачи и на верната партиска база. СДСМ вети дека ќе донесе благосостојба на локално ниво, функционални институции, хуманизација на јавниот простор, нови зелени површини, рамномерен развој, раскрстување со непотизмот при вработувањата на локално ниво, борба против урбана мафија, подигнување на квалитетот на воздухот. Сето ова беше предочено во многу локални проекти кои за многу гласачи делуваа отстварливи. ВМРО-ДПМНЕ по губењето на централната власт беше тотално делегитимирано и со сериозен пад на поддршката. По долги години на практикување на власта на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ (во некои општини по 8 или дури 12 години) желбата за промена и на локално ниво беше голема, особено што ВМРО-ДПМНЕ одигра улога на посветен партнер на урбаната мафија и унакази многу урбани средини (пред се` главниот град со мегаломанскиот проект Скопје 2014). ВМРО-ДПМНЕ владееше на локално ниво, исто како што владееше на централно ниво, авторитарно и во интерес на крупниот капитал наспроти потребите на локалните заедници.

Премиерот Зоран Заев на митинг, извор: centar.mk

Во една ваква ситуација, СДСМ однесе огромна победа на локалните избори 2017 година (освоија 56 општини плус градот Скопје од вкупно 80 низ државата) и со несебична поддршка му овозможија на ДУИ да освои 10 општини. ВМРО-ДПМНЕ доживеа фијаско, со само 5 освоени општини, главно рурални мали општини со исклучок на Кавадарци. Во превод, речиси сите локални самоуправи паднаа во рацете на владејачката коалиција. По оваа голема победа, пополека почна да завршува медениот месец за владејачката СДСМ.

Како што веќе споменавме, големите ветувања донесоа големи очекувања што многу лесно можеа да бидат изневерени. Новите локални власти продолжија со старите практики на владеење. Непотизмот и партиските вработувања продолжија, спрегата со урбаната мафија никогаш не престана, а многуте ветени локални проекти по општините останаа само на хартија, додека многу други беа само делумно и половично реализирани. На големо разочарување на големото мнозинство обични луѓе, статус квото остана, со мали козметички промени кои не го подобрија квалитетот на живот на мнозинството. Сето ова беше пропратено со скандали на локални фунционери – поранешниот градоначалник на Општина Ново Село беше уапсен и кривично гонет поради шверц, градоначалникот на Шуто Оризари тепаше граѓани во неговата канцеларија, локални функционери вршеа притисоци врз вработени за време на референдумската кампања во 2018 година. Секако, ова се само некои од примерите на самоволие и аздисаност на локални функционери.

Системот на локално ниво е само слика и прилика на системот на централно ниво, особено што финансиите на локалната самоуправа во голема мера зависат од удоволувањето на интересите на урбаната мафија (надоместоци и такси за градење и сл.). Илузорно е да веруваме дека систем што е создаден да служи на интересите на крупниот капитал може драстично различно да се практикува на локално ниво.

Соочени со една ваква ситуација и имајќи ги предвид новите околности, СДСМ не можат да се надеваат дека ќе го повторат изборниот резултат од 2017 година. Поточно би било да се каже дека нема да бидат ни блиску до тој резултат. Со цел барем малку да го исперат образот, се впуштија во масовни градежни зафати, реконструкција на улици и булевари, отворање градинки и слични активности во последните два-три месеци од мандатот на локалните самоуправи. Ова е провидна тактика „барем се гради“ што е досега видена повеќе пати во предизборни кампањи и истата тешко поминува дури и кај оние најнаивните. Оваа тактика служи за да се одвлечи внимание од проблемите и да се создаде илузија за некаков успех, во недостаток на континуирана и планска работа во текот на целиот мандат.

СДСМ оправдано стравува од губење на моќта во локалните самоуправи. Затоа на два месеци пред избори се обиде да направи шверцерски измени на изборниот законик, чија цел беше значително да го отежнат учеството на граѓанските листи на локални избори, подигајќи го прагот за собирање на потписи потребни за учество на изборите на 2% од вкупниот број на избирачи во дадената општина и град Скопје. Старото законско решение предвидуваше фиксен број на собрани потписи во зависност од големината на Општината и истото е релативно лесно отстварливо за граѓанските иницијативи. Имајќи ја во предвид сложената бирократска процедура (давање потпис во подрачна канцеларија на ДИК што може да е оддалечена повеќе километри од нечие живеалиште, временскиот рок од 14 дена за собирање на потписите, периодот на летни одмори) беше речиси неверојатно некоја граѓанска иницијатива да собере толку многу потписи. Како на пример, со новите измени се предвидуваше собирање на над 8000 потписи за кандидирање на листа во град Скопје, над 1600 потписи за листа во Општина Битола, а според резултатите од претходните изборни циклуси советник во Скопје се освојува со околу 5500 гласови, а во Битола со околу 1400-1500 гласови. Овие измени наидоа на жестока реакција кај граѓанските иницијативи и активисти што претходно најавија учество на изборите и власта се најде под силен притисок. Во тие моменти партијата Левица поднесе над 700 амандмани за да ги блокира измените и новото законско решение не се усвои во Собранието. Не треба да веруваме дека Левица го повлече овој потег од некакви демократски или плурални мотиви, туку беше принудена да реагира за во очите на многу гласачи да го задржи имиџот на „бунтовна“ партија која се бори против елитите, со цел да задржи дел од оние „протестни“ гласови кои ги освојува, а кои можат да завршат на конто на независните кандидати. Прилично сме сигурни дека овој потег ќе биде наголемо користен од Левица во нивниот предизборен герила маркетинг.

Проблемите за владејачката коалиција не запреа со неависните листи. Се пожестоки станаа бранувањата внатре во редовите на СДСМ, како незадоволство од процесите за избор на кандидати за градоначалници. Во најголемата општина во државата, Куманово сегашниот градоначалник Максим Димитриевски најави самостојна кандидатура поткрепена со независна листа, кога стана јасно дека неговата матична партија нема да го кандидира, а намерно одолговлекува до последен момент да објави кандидат за Куманово, за Максим да не може да собери потписи во законски предвидениот рок. Сепак, тој ја надитри партијата и објави собирање на потписи 5 дена пред истекот на крајниот рок. Димитриевски ги собра потребните потписи за помалку од еден ден, а неговата матична партија најави дека тој ќе биде исклучен на наредна седница на Централен Одбор, веднаш штом го објави својот кандидат. Според некои неофицијални информации Максим Димитриевски стоел најдобро на внатрешните анкети, но сепак не ја добил довербата. Со ова Куманово, најголема општина и бастион на СДСМ, која остана во нивни раце и во време на најголема моќ на ВМРО-ДПМНЕ ризикува по 30 години да биде загубена, што за нив би било фијаско.

Ваквите тенденции го отсликуваат обидот на партијата да се пресмета со неподобни и непослушни елементи од една страна, како и обидот на структури кои се незадоволни од раководството да задржат локална моќ и привилегии од друга страна. Покрај овој пример, во Радовиш членови на СДСМ излегоа на протест и палеа партиски книшки во знак на револт што сегашниот градоначалник Герасим Конзулов не доби шанса за втор мандат. Во Охрид и Дебрца, членови на СДСМ најавија свои независни кандидатури на локални избори. Како капак на се`, владините партнери ЛДП и ДОМ најавија самостоен изборен настапи и промовираа ново либерално движење на политичкиот центар, што во иднина би можело да се испроба и на централно ниво. Овие две партии не тежат премногу гласови, но тежат доволно за во некои општини да откинат советници кои можат да бидат клучни за формирање за мнозинства, особено ако се земе предвид фактот дека ЛДП е една од најстарите партии во историјата на македонскиот буржоаски плурализам и има поголема поддршка од другите мали коалициски партнери на СДСМ. Од се` досега изнесено, изгледа дека претстојат уште многу главоболки и тешки моменти за владејачката коалиција.

ОПОЗИЦИСКИ ПРЕДИЗБОРНИ НАДЕЖИ – МОЖНА ЛИ Е ОПОЗИЦИСКА ПОБЕДА?

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ е охрабрена од земјотресите и расситнувањата во владината коалиција и ги подгрева надежите кај своите поддржувачи и оние незадоволните дека е возможно да се случат промени на овие избори и падот на власта да започне од локално ниво. Лидерот на партијата Мицкоски, најавува дека ќе понуди кадри кои се свежи, чесни и нови и најавува историски „револуционерна“ програма, полна со проекти во интерес на граѓаните, транспарентни и отчетни локални самоуправи и еко-здрави средини. Но сепак и покрај овој оптимизам кој се обидуваат да го шират, реалните можности за таков успех и не се толку големи. За ова постојат неколку причини.

Лидерот на опозицијата Кристијан Мицковски на митинг

Прво, мнозинството од народот се` уште гледа со задршка кон ВМРО-ДПМНЕ од повеќе причини. Имено, долгогодишното владеење на ДПМНЕ на локално и централно ниво е свежо во сеќавањето на многумина по рекордна загаденост на воздухот, лесно издавање маркици за градење на моќници, носење и промена на ДУП-ови во корист на урбаната мафија, тотален непотизам и деградација на јавните добра и институции. ВМРО-ДПМНЕ не остава впечаток дека ќе ги искорени старите практики на владеење, особено затоа што таа е една типична конзервативна буржоаска партија што владееше во интерес на капиталот. Второ, постои еден јасен тренд во последните 30 години што посочува дека оној кој ги организира локалните избори од позиција на централна власт, победува на истите. Така беше на сите циклуси на локални избори досега. Иако за волја на вистината, локалните избори може да покажат тренд на свртување на расположението особено ако дел од најголемите градови и општини паднат во опозициски раце и тоа може да се ефектуира на наредни парламентарни избори. Но сепак, историјата вели дека власта е таа којашто освојува поголем број на општини и советнички места.

Покрај се` ова, потезите на раководството на ДПМНЕ не делуваат баш убедливо и победнички. Во град Скопје, немаат отворено свој кандидат па решаваат да се кријат позади „независна“ кандидатура на Данела Арсовска – претседателка на капиталистичката комора во надеж дека ќе успеат да пробијат кај неопределени гласачи кои не се нужно десно ориентирани, нудејќи кандидат – технократ. Ова е и во насока на тргање на националистичкиот имиџ од партијата, бидејќи реалноста вели дека за да се добијат овие избори, не се доволни само тврдите гласачи на ДПМНЕ. ДПМНЕ е позната по тоа што знае да осцилира помеѓу национализмот и технократијата, во зависност од дневните потреби. Во општина Центар (најбогата и најурбана општина во главниот град и една од најважните во државата) ДПМНЕ не сака да „изгори“ свој човек и поддржува кандидатура на помал коалиционен партнер, што на некој начин значи однапред признавање на поразот. ДПМНЕ тактизираше со објавата на имињата на кандидатите во најголемите и најбитни општини (Битола, Аеродром, Карпош, Струмица) на само неколку дена пред истекот на крајниот рок за предавање на листите во ДИК.

Уште една важна работа во прилог на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ не е така сигурно во својот резултат се константните апели на лидерот Мицкоски кон раководството на Левица за предизборна поддршка. Мицкоски го повика раководството на Левица да дадат поддршка за кандидатите за градоначалници на ВМРО уште во прв круг (бидејќи Левица нема да истакне многу кандидати за градоначалници), а за возврат ВМРО би ги поддржало оние кандидати на Левица кои би се пласирале во втор круг, ако таму ВМРО нема свои кандидати. Откако беше дрско одбиен од лидерот на Левица, Мицкоски прво изрази жалење, за потоа да упати директен апел до гласачите и базата на Левица за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, проследено со ветувањето за поддршка на кандидатите на Левица во втор круг. Со овој потег, кој личи на помалку очаен обид за опозициско окрупнување, Мицкоски успеа да ги подигне акциите на Левица и да ги прикаже како релевантен опозициски фактор.

Она што е јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да доживее фијаско како на минатите избори и значително ќе го подобри својот изборен резултат, во број на освоени градоначалници и општински совети. Она што останува под знак прашање е дали крајниот резултат ќе биде доволен за да се прогласи победа и да се бараат предвремени парламентарни избори за да се сруши власта. Од се` досега кажано, таа можност не изгледа баш отстварлива, барем не од оваа временска дистанца.

Уште еден важен момент на овие избори кај ВМРО-ДПМНЕ е тоа што за првпат во својата историја оди во предизборна коалиција со албански партии – албанската опозиција Алијанса за Албанците и Алтернатива. Постизборни коалиции за составување на влада се нешто вообичаено, но ова е нешто сосема ново кај ВМРО. Во превод, ова значи меѓусебна поддршка на кандидати за градоначалници уште во прв круг и неистакнување на кандидати од страна на ВМРО-ДПМНЕ места како Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, а за возврат АА-А не би истакнувале кандидати во град Скопје, Куманово, Бутел и др. Коалицијата е најавена како историска и дефинитивен крај на коалицијата СДСМ-ДУИ. Секако СДСМ и ДУИ исто така најавија предизборна коалиција, нешто слично како во 2017 година. Оваа коалиција, како и кај ВМРО, дефинитивно ќе донесе ретерирање и од некои позиции на АА-А, кои ловат гласачи со етно-фолклор и евтин национализам. Секако, овие предизборни македонско-албански коалиции треба да ги разгледуваме од најважниот аспект. Најголемите партии во македонскиот блок СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во последните години значително ја губат поддршката кај дел од своите традиционални македонски гласачи, па се приморани тој губиток да го надополнат со коалиции и соработки со албанските партии. Тоа е вистинската причина што се крие под превезот на мулти-етничност.

активистите на „Левица“ сликани пред црква со знамиња од сонцето од Вергина

Политичката партија Левица на овие избори оди со 40 советнички листи и околу 10 кандидати за градоначалници. Согласно нивните најави, ќе освојат значителен број на советници и нивните советници ќе бидат клучни во спречување на штетните одлуки на штета на јавниот интерес. Кога го коментираме изборниот настап на Левица, треба да имаме во предвид дека тие обично не третираат теми од локално значење и немаат некоја врска со изворен грас-рутс активизам, што би било сосема типично за некаква левичарска партија, а тоа е да има длабоки врски со локални и грас-рутс иницијативи. Левица е пред се` фокусирана на „висока политика“ и кокетирање со националните прашања, на моменти и ширење отворен шовинизам, а сето тоа за сметка на водење на работничка политика и запоставување на социјалните прашања. Левица веќе подолго време ги напушти изворните социјалистички позиции на коишто беше формирана и се одрекна од градење на социјалистички кадри и социјалистички политики и западна во замките на граѓанската (буржоаска) политика. Во недостаток на свои левичарски кадри на овие избори, Левица оди со „популарни и урбани ликови“ во надеж да добие поддршка на изборите. Па така, во град Скопје, Левица оди со Петар Георгиевски – Камиказа, популарен басист и фронтмен на култната рок група Меморија, кој е прилично популарен кај повозрасните генерации. Она што е политички важно е дека се работи за десничар по убедување и претставник на бизнис заедницата – кој нема ништо заедничко со локални или работнички теми и проблематики. Сличен им е кандидатот и за градоначалник на Ѓорче Петров, кој во свое обраќање најавува подобри услови за инвестирање во својата општина на странските и домашните капиталисти. Една социјалистичка партија ни на крај памет не би помислила да кандидира вакви кандидати, но за Левица каква што е сега идеите и интересот на работниците не се приоритет, приоритет е голата борба за глас повеќе што овозможува солидни финансии од буџет. Во другите општини каде кандидатите се објавени, Левица повторно не настапува со свои (социјалистички/левичарски) кадри, туку се води по принципот на избор на популарност, наместо избор на идеи. Иронично, иако партијата е парламентарна и располага со големи финансии и е прилично популарна (што во голема мера се должи на личната популарност на Димитар Апасиев), сепак партијата е кадровски и структурно доста слаба, скоро и да нема социјалисти во неа (повеќе социјалисти и комунисти има надвор од партијата, отколку во неа), а штабовите им служат повеќе како светлечки реклами и работат само кампањски, наместо да бидат места на кои во континуитет се создаваат социјалистички и работнички политики. Во времињата кога партијата беше вонпарламентарна и истата немаше финансии, пред да се случи нејзиното десно дегенерирање, имаше подобра структура и повеќе кадри кои беа подготвени да градат и водат социјалистички политики, без скратени патеки и без да се надеваат на инстант успех.

Јасно е дека партијата Левица ќе има одреден успех и ќе освои добра бројка на советници на изборите, но поради погрешните политики и ориентација, нејзините советници (од кои голем број ќе немаат допирна точка со идеите на социјализмот и левицата воопшто) комплетно ќе се изгубат во советите и на виделина ќе излезе нивната политичка празнотија и шупливост. На локално ниво, ќе им биде навистина тешко да се затскриваат зад ликот на Апасиев и лидерите на партијата.

НЕЗАВИСНИ ЛИСТИ КАКО ИСКРА ВО МРАКОТ – МОЖАТ ЛИ ДА ДОНЕСАТ ПРОМЕНА?

Како што напоменавме на почетокот на овој текст, овие избори се специфични по рекордно големиот број на независни кандидати за градоначалници и советници. Согласно податоците од ДИК доставени се вкупно 27 кандитатури за градоначалник и над 60 советнички листи, што е рекорд во изборната историја на Македонија. Уште една специфика е тоа што во сите поголеми градови и значајни општини постои независна листа што има шанси да ги загрози партиските математики и да донесе разноликост во општинските совети.

Зелен Хуман Град, извор: green-press.com

Напливот на независните листи е доказ дека постои објективно незадоволство коешто го бара својот канал за да се изрази. Некои од независните кандидати се стари и излитени кадри кои извисиле во внатрепартиските борби и сега се водат од своите лични интереси, додека пак други се долгогодишни искрени борци и активисти кои се борат за здрава животна средина и хумани јавни простори. Тука пред се` мислиме на Зелен хуман град, Подобро за Тетово, Независни за Карпош, Шанса за Центар, Стига Е и други листи. Овие активисти атакуваат на прогресивните гласачи, што со сигурност ќе ги помати сметките на владината коалиција. Она што е значајно да се спомене е дека добар дел од овие независни листи во поголемите урбани средини на претходните изборни циклуси даваа поддршка за партијата Левица, но сега исправно ја процениле дегенерацијата на партијата и неможноста преку неа да ги артикулираат своите ставови. Овие независни листи, застапувајќи интереси кои се блиски до обичниот човек, дефинитивно ќе бидат конкурент на Левица во борбата за освојување на дел од протестните гласачи кои се анти-елитистички настроени.

Овие искрени борци за многу брзо време од кога ќе станат дел од општинските совети, ќе се судрат со политичката реалност дека не можат да направат големи промени без да го најдат коренот на проблемот. Општините не се мали острови што финкционираат независно од социоекономскиот систем. Пред овие борци и активисти ќе стојат две опции во иднина: да станат револуционери кои ќе се борат за рушење на стариот и градење на нов систем или пацификување и помирување со фактот дека ќе направат само ситни промени кои нема да го загрозат интересот на капиталот, ниту пак ќе го хуманизираат јавниот простор. Во секој случај, и покрај оправданиот критички тон и скептицизам, ние со благи симпатии гледаме на дел од независните иницијативи коишто се појавија. Со сигурност може да кажеме дека истите ќе го раздрмаат политичкото секојдневие и ќе предложат некои левичарски и прогресивни решенија на локално ниво. Колку ќе можат да отстварат од нивните замисли и колку далеку ќе можат да ги истуркаат нивните идеи, нема да зависи само од нив туку и од притисокот од долу и од мобилизаторскиот потенцијал на широките слоеви на населението.

ПОТРЕБА ОД ВИСТИНСКА АЛТЕРНАТИВА – ЗА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА ПРОТИВ КАПИТАЛИЗМОТ!

И покрај сите овие специфики и интересни динамики во пресрет на локалните избори, едно е сосема јасно. Начинот на кој се води политиката нема значително да се промени, дури и да дојде до промени во персоналниот состав на советите и градоначалниците. Општините не се надвор од капиталистичкиот систем и мораат да функционираат по неговите правила. На локалните избори не постојат работнички кандидати и работничка партија, која ќе ги артикулира потребите на најголемиот дел од луѓето и што навистина ќе има сила, програма и масовна поддршка со структура да се спротистави на моќта на капиталот, како на локално, така и на централно ниво. Само работничка партија со социјалистичка програма може да обезбеди хумано живеење на локално ниво и општини коишто ќе работат во согласност со интересите на обичните и работни луѓе. Таква здрава масовна работничка партија ќе може да постави вистински решенија за проблемите и да отвори едно ново поглавје во живеењето.

Наша задача како комунисти е да посадиме никулци за изградба на таква партија!

Д.Л, октомври 2021