8 години војна во Авганистан. Повлекување од Авганистан веднаш!
На 7-ми октомври 2009 Авганистан влегува во деветата година од окупацијата од страна на САД , НАТО членките и држави кои не се членки на НАТО, држави како на пример Р. Македонија.
Велам Окупација, а не Мировна мисија, бидејќи под Мировна мисија се подразбира некој трет ентитет кој се јавува помеѓу две завојувани страни, кој се обидува да ја спречи војната, а не активно да учествува во неа.
Војната против теророт ја отвори Пандорината кутија на изговори кои во името на борбата против тероризмот им ги одврза рацете на многу држави да прават што сакаат. Само како еден пример ќе ја земам операцијата на морнарицата на НАТО во Средоземното море, таа операција се нарекува Активен стремеж, каде меѓу другото се помага Р. Грција да го спречи влезот на нелегалните имигранти во државата. Но нема понатаму да навлегувам во тоа прашање бидејќи е преголемо и многу комплексно и за тоа ќе биде потреба една цела трибина.
ОКОЛУ ОКУПАЦИЈАТА во Aвганистан нема да навлегувам во поводот, бидејќи на сите нам ни е добро познат. Тоа што ќе спомнам е една изјава на генералниот секретар на НАТО кој кон крајот на месец септември оваа година во Вашингтон изјави:
„Ал-каеда нема безбедно место, нема тренинг кампови, нема појдовни точки, во Авганистан за терористички напади против нас на западот.“
По таа изјава, се наметнува прашањето, зошто тогаш зголемување на бројот на војници во Авганистан? САД ќе го зголеми бројот за 10 000 а Р. Македонија во 2010 ќе има вкупно 247 војници. Дали можеби на тој начин ќе се зголеми безбедноста? Не, не би рекол со оглед на фактот дека денес Авганистан е најнебезбеден од почетокот на окупацијата, а бројот на војници присутни таму расте, но расте и поддршката на Талибаците меѓу народот. Безбедноста не може да се појави ни од страна на корумпираната полиција. Како таква полицијата е препознаена дури и од претседателот на САД, Барак Обама. Милијарди долари се одлеваат во име на безбедноста во Авганистан, а тие пари едноставно како да пропаѓаат во земја.
Во врска со жртвите за време на оваа 8 годишна војна, нема точни податоци. Дури и оние податоци кои се достапни не смееме да ги земеме здраво за готово, бидејќи нормално е завојуваните страни да ги излобличуваат фактите како што ним им одговара. Не би сакал да истакнам бројка на жртви, бидејќи јас под жртви не ги сметам само оние кои загинале или кои имаат трајни последици врз физичкото здравје, туку ги вклучувам и оние кои имаат проблеми со психолошкото здравје, страв, воена психоза, несигурност, кои се појавиле како последица на војната што се’ уште трае.
Тоа што со сигурност може да се каже е дека жртви има, и тоа многу.
Голем број на луѓе се под директна закана од глад, многумина питаат на небезбедните улици, каде се случуваат бомбашки напади, киднапирања и убиства.
Токму поради таа причина луѓето како решение на проблемот го гледаат и одгледувањето на афион, т.е. во производството на опим. За тие што не знаат, од опиум се прави херион. Да забележиме дека Авганистан е на првото место во светот со над 90% во производството на опиум.
Тоа што исто така треба да се забележи е дека Авганистан има посебно Министерство против наркотици.
ДЕМОКРАТИЗАЦИЈАТА НА АВГАНИСТАН. Се сеќавам, иако бев прилично млад кога започна војната, но јасно се сеќавам на употребата на зборот демократија во медиумите, како тоа во Авганистан нема демократија и откако САД ќе ги порази талибанците ќе го демократизира авганистанското општество. Секако сите тие информации беа проследени со слики на жени со бурки.
Демократизацијата во Авганистан исто така впива големи средства, од кои повторно нема никаков ефект. Осум години окупација и ништо од демократијата, освен можеби избори кои не се фер, ниту пак се демократски. Избори во кои имаше полнење на гласачки кутии, насилство, закани, донесување на чудни демократски закони од страна на марионетската власт предводена од Карзаи. Закони како на пример: сопругот може да не и дава храна и пари на сопругата доколку таа му одбие разумно сексуално задоволство.
Тука сакам да спомнам два случаи кои ја отсликуваат убаво демократијата во Авганистан, или барем прогресот на демократизацијата.
Првиот случај е оној на Абдул Раман во 2006 година. Бидејќи ја сменил верата во христијанска, осуден е на смрт, но под притисок на меѓународната заедница, е прогласен за ментално болен и преместен во Италија.
Вториот случај е оној на Сајед Первез Камбакш, кој бил осуден на смрт откако симнал од интерет чувствителна содржина, каде се упатува критика кон односот на исламот кон жената. Одлуката, повторно под притисок од меѓународната заедница, е преиначена на 20 години затвор, но овој пат притисокот не беше толку експлицитен. Евентуално Карзаи го амнестираше Камбакш и тој ја напушти земјата.
Братот на Сајед Парвез Камбакш, Сајед Јакуб Ибраими, во една изјава за медиумите вели:
„ Талибанците беа многу јасни. Тие кажуваа за што се ЗА, а за што се ПРОТИВ. Но, овој режим тврди дека ја брани демократијата и слободата на говор, а тие се всушност против тие вредности. Тие се полоши од Талибанците. “
Сево ова досега што го изнесов, не може а да не ме потсети на книгата 1984 од Џорџ Орвел. Особено на:
ВОЈНАТА Е МИР; РОПСТВОТО Е СЛОБОДА; НЕЗНАЕЊЕТО Е СИЛА
Да објаснам, имаме посебно Министерство против наркотици, а истовремено и над 90% од светското производство на опиум, бројка која беше многу помала во 2001 пред да започне окупацијата. Потоа, во име на мирот се води војна, оние кои ја поведоа војната во медиумите се нарекуваат мировници, но всушност се окупатори. Во името на слободата денес народот во Авганистан е поробен, поробен со стравот, несигурноста, безнадежноста, траењето на војната, жртвите, едноставно кажано со војната околу себе. Со тоа што имаме пристрасно репортирање на војната, луѓето од останатиот свет се држат во незнање.
Тоа што е интересно, при моето барање на бројот на жртви низ западните медиуми, барем оние кои известуваат на англиски јазик, првите резултати, како и фокусот беше врз жртвите на војниците, додека жртвите од цивилното население се спомнати не со толкаво внимание.
Еве накратко и за војниците на Р. Македонија кои учествуваат во окупациската мисија во Авганистан. Но, да забележиме неколку работи претходно.
Учеството во окупациски мисии, не е предуслов за членство во НАТО.
Членството во НАТО не е предуслов за членството во ЕУ.
АРМ бара нова опрема за војниците кои учествуваат во мисиите во странство. Во јавноста веќе се губи прашањето, дали воопшто треба АРМ да учествува во мисии кои не се мировни, туку веќе кога учествуваме како да извлечеме повеќе пари за опрема на нашите војници таму? И навистина, опремата која ја поседуваат војниците на Р. Македонија не се споредува со онаа на војниците на САД.
Тука се поставува прашањето: Чии интереси ги бранат војниците на Р. Македонија во Авганистан? Или чии интереси ги бранат сите војници кои учествууваат како окупатори таму?
Тоа што со сигурност може да се каже е дека не се бранат интересите на народот во Авганистан, не се бранат интересите на народот во САД , не се бранат интересите на народот во Р. Македонија.
Оттаму се добива доволниот и потребен легититмитет на барањето:
ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ВОЈНИЦИТЕ НА АРМ, КАКО И НА СИТЕ ОСТАНАТИ ОКУПАТОРСКИ ВОЈНИЦИ ОД АВГАНИСТАН!
(излагање на трибината за македонското учество во окупацијата на Авганистан во организација на Движењето за социјална правда Ленка што се одржа во средата на 7 октомври во Скопје)