Не можеш да бидеш инфериорна ако не го дозволиш тоа
Како убавината ја замени борбата Никој не може да направи да се чувствуваш инфериорен доколку ти не му дадеш дозвола за тоа. Оваа позната мисла на Елеонор Рузвелт е повеќе од соодветна во пресрет на денешниот интернационален ден на жената, 8 март. Да, мнозинството од жените се инфериорни во семејството, работното место, во општеството. И да, тие жени го дозволуваат тоа.
Потпомогнати од пасивноста на духот и слепото идолопоклонство што го негуваат кон патријахалните и конзервативни вредности, жените во Македонија денеска заборавија дека рамноправноста и еднаквоста се далеку од освоени. Некои се уште не знаат ништо ниту за социјалните, ниту за економските, ниту за политичките права за кои се избориле пред еден век жените од САД, Австрија, Данска, Швајцарија, Германија и Русија.
Веселбата ја засени тортурата Бунтовноста, спротиставувањето на концептот според кој жената е граѓанин од втор ред, се изгуби некаде помеѓу црвените рози, кафеанските чочеци, лошите фризури, вештачките нокти и светкави кич тоалети, скапата долна облека, брендираните парфеми, и екслузивните патувања спонозрирани од фирмите.
Она што започна како политичка борба и организирано движење секоја година прераснува во бесцелно женско врескање и кикотење на хитовите од Пинк телевизија. Во целиот галиматијас жените заборавија на владините кампањи и политики чиј прототип за вистинска жена е онаа која има најмногу деца, помалку вистинска е онаа која има три или две, додека онаа која има само едно дете не вреди ништо. Жената пак кој се уште нема деца, владата не ја квалификува во ниту една категорија, таа едноставно не е човек. На нашите фризуросани мадами не им паѓаат на памет ниту дискриминаторските владини реклами кои претпоставуваат дека секоја девојка оди на интревју за работа потпомогната само и единствено од градниот кош.
Заборавија на државната стратегија за супервизија на одлуките за абортус и владините нацрт планови во комисијата која ќе одлучува за твојот приватен живот да има претставник од Македонската православна црква или од Исламската верска заедница.Свештеното лице само ќе треба да провери дали твојата приватност е подобна за владата, Бибилијата или Коранот.
И секако дека ја ставија таму некаде во потсвеста, фамозната изјава на отецот Иларион кој не предупреди дека женскиот пол бил поподложен на болести зашто така сме си заслужиле?!
Жените заборавија и на семејното физичко и психичко насилство, на догматските тези за нераскинливата врска меѓу секоја жена и кујната, заборавија дека секогаш мора да бидат послушни, мирни, покорни, да се омажат додека е време, да не трчаат по кариера и да немаат соништа, да бидат што е можно по асексуални.
Откако заборавија, се им препуштија на празните песни и безлични прослави.
Не се помирувај! – Освен што хроничната пасивност, незнаењето, помирувањето на жените во земјава е фатална за нив самите, таа им носи голема предност на мажите. Како?
Сопругот кој е помалку конзервативен, знае дека неговата жена од него не очекува да ја третира како еднаква индивидуа која има потреби и ставови. Тој знае дека се што треба да направи е да купи букет цвеќе еден ден во годината и ќе биде раат.
Сопругот кој се вклопува во балканскиот стереотип не ни знае што е тоа жена, тој знае само за објекти и насилство.
Претпоставениот или шефот од некоја фирма каде се експолатира интелектуалниот и телесниот капацитет на личностите, знае дека жените што ги вработил нема многу да се бунат за прекувремената работа, пократкото боледување, скратениот одмор, ако за 8 март ги депортира со последна класа на патување од соништата.
Шефот на фирма која ја експлоатира физичка сила на жените не ни помислува нешто да им даде за празникот. Тие се уште не ги одработиле работните часови од претходната недела.
Владата односно премиерот знае дека може да си игра со жените како ќе му текне. Сегашноста го потврдува тоа.
Историјата на сите времиња, особено на денешното време, потсетува дека жените ќе бидат заборавени, доколку самите заборават на себе.