ВестиЕкономијаМакедонија

Владата на Заев фаворизира странска компанија на штета на работниците

Во неможност за разликување дали веста на Плусинфо е кромид или не: Владата планира да ја поттикне (кутрата, сиромашна) Мајкрософт и ќе ја намали стапката на данокот на добивка од 10 на 3 отсто за да можат „луѓето“ да купуваат повеќе производи од неа. Во веста може да се прочита и дека Владата ја посочува Мајкрософт како фирма која ја подобрува сигурноста и безбедноста во сајбер просторот, посебно кога ќе станеме членка на НАТО пактот. Первезијата кулминира.

Прво, нели ќе станевме побезбедно место со членството во НАТО, а сега дознавме дека за време на преговорите за распродавање на македонското достоинство, Владата заседавала и заклучила дека ќе се зголеми сајбер тероризмот врз македонската почва. ОК, точно е тоа, ама од каде ја одбраа најнесигурната компанија на светов.

Второ, дали има некој во Македонија кој користи оперативен систем различен од оној на МС, а да не е Убунту љубител. Истото се однесува и на програмите за пишување, работа со табели, податоци, презентации итн. Се знае дека во Кратката биографија ќе напишете успешно познавање на работа со МС Офис затоа што сте го имале дома, на училиште и на работното место. Мајкрософт е монопол во софтверските решенија на нашата земја – тоа го знаат сите. Затоа ова личи само на вовед Владата да купи повеќе лиценциран софтвер на наша сметка. Иста одлука се донесе во владата на социјалдемократката Шекеринска пред 15 години кога РМ склучи договор со МС, а на штета на развојот на слободниот софтвер.

 Логиката е изместена затоа што зад неа се крие планот на власта за стопирање на слободниот софтвер (опен сорс) или софтверот кој слободно се презема, познат како пиратерија. Ригорозното спроведување на рестриктивните политики на големите компании каде за секоја употреба на софтвер дебело се наплаќа и преплаќа е подготвувано од претходната влада на ВМРО-ДУИ. Постојат објективни услови за ставање под контрола за секое преземање, даунлод, на филм, музика и софтвер за кое нема да платите. Првиот бран на казни ќе ги погоди малите претпријатија што едвај преживуваат. Втората етапа е контролата да се прошири врз целото население.

На крај добро прочитавме дека Владата ќе го намали данокот на добивка на ништожни 3 отсто за да може приватните компании кои највеќе заработуваат да плаќаат помалку данок од своите вработени.

Македонија е ужасна држава со над 20 отсто официјална сиромаштија, во раст. Во превод секој петти жител е сиромашен. За овие сиромашни лица, данокот на додадена вредност е 18 отсто. Затоа, мора да предложиме контра мерки на овој разулавен капиталистички програм на власта. Зголемување на данокот на добивка и данокот на луксузни стоки, зголемување на данокот на имот и ослободување на плаќање на истите под одреден праг се само дел од даночните реформи. Паралелно со ова треба да се развиваат современите технологии и техники, но со стимулација на слободниот софтвер. Но за тоа да се случи мора власта да се откине од папочната врска со капиталот, што ги менува своите политичките партии и актери на сцената последниве три декади.

Алек Атевиќ, 28 јануари, 2019