Пресвртен момент за студентското движење (прв дел)

По денешните студентски протести повеќе нема враќање. Од наредните неколку чекори кои ќе ги преземе студентската иницијатива Слободен индекс ќе зависи судбината на овој обид да се конституира здраво студентско движење. Во секој случај, најлошо нешто што може да направат членовите на иницијативата е да молчат и да чекаат да се смири прашината, да гледаат како одеците на она што го направиле одекнуваат во одвратните меѓусебни обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Членовите на Слободен индекс и сите кои пристапија кон благородната идеја за автономно студентско организирање не треба да се грижат за перверзното лицемерие на двете партии, туку за оние во чие има правеа се – за студентите. Тие не смеат во ниеден момент да ги остават студентите со мислата дека биле изманипулирани и измамени, дека нивниот револт бил злоутребен за партиски интереси. А, студентската популација, независно на кој начин го поддржала овој протест, во моментов е збунета, како и голем дел од партиски неопределената јавност. повеќе

Ова не смее да остане така и студентите од Слободен индекс мора веднаш, уште утре, да преземат енергични активности за да ја променат оваа ситуација. Тие мора да преземат офанзива во препукувањата и да го искажат својот револт од безобѕирните обиди на партиите да го инструментализираат студентскиот протест.

Членовите на Слободен иднекс, доколку сакаат да ја вратат разнишаната доверба кај студентите, мора да станат трета страна во таа јавна дебата.

Прво, мора најжестоко да го нападнат премиерот Никола Груевски за лицемерие. Токму неговата влада перманентно не труе со демагогија дека работи на подобрување на системот на образование, троши буџетски пари за кампањеи „Знаењето е моќ“, а од друга страна не го загрижуваат студентските барања и со невидена леснотија ги етикетира протестите како опозициски инстумент.

Второ, уште поважно за враќање на довербата, Слободен индекс мора да го нападне најжестоко што може одвратното лицемерие на СДСМ. Божемната грижа за правата на студентите и работниците социјалдемократите ја докажаа во времето кога тие владееја, период кога од образованието направија невидена пустош и период кога стандардот на студентите доживуваше невидени падови. Ако толку сакаа да им помогнат на студентите, тие можеа да ја укинат партиципацијата кога беа на власт, а видовме дека кога владееја не се изгради ниеден студентски центар, туку постојните се руинираа уште повеќе.

Тие преку тој напад, најпрвин ќе се оградат од СДСМ, и второ, ќе ги исчистат своите редови од евентуално инфилтрирани партиски луѓе на СДСМ кои сакаат да го инструментализираат студентското незадоволство.

Иницијативата Слободен индекс потоа ќе треба да се обрати кон оние за кои работи – кон студентите, како единствена сила на која може да се потпре и да ги повика на уште еден протест против инструментализацијата на студентското организирање, независно од која партија доаѓа. Преку тие активности, студетската авангарда треба да ги разобличи партиските подмладоци на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ како непријатели на студентитските интереси и да се обиде на секој можен начин да го истисне нивното влијание.

Во моментов иницијативата Слободен индекс ја игра улогата на студентска авангарда, што е мошне тешка и одговорна задача. Ако се земе предив историски потврдениот факт дека студентската популација многу често е онаа која ги почнува поголемите општествени промени, Слободен индекс може да ја игра улогата и на авангарда на целото македонско општество, што уште повеќе ја нагласува одговорноста што ја имаат. Затоа, тие мора да бидат во првите линии на јавната дебата која веќе почнува да зема замав и навремено и соодветно да одговорат на секој обид да се инструментализира студентската популација. Да одговорат вербално, но и преку перманентна агитација и организирање на самите студенти.

Во спротивно, не очекува уште едно разочарување на студентската популација, кое ќе ги турне студентите во уште поголема беда и апатија, која ќе ги натера на уште поголем полтронизам и ќе ги зацементира во прегратките на партиските интереси.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *