ДемократијаИнтернационала

САД: „востанието“ на Трамп и хаосот на американската буржоаската демократија

-Уредувачки одбор на Сошалист Риволушн (САД)

Со тресок започна 2021 година. Ако уште некој се сомнева, токму настаните од 6 јануари ја покажаа длабоката криза на американскиот капитализам – и тоа е само почетокот. Дури и во бурните години пред и по Граѓанската војна во САД, никогаш не сме виделе зградата на американскиот Капитол да биде пробиена од страна на демонстранти – и охрабрена од Претседателот кој е на власт! Активирани беа антитерористички мерки за вонредна состојба случаи додека солзавецот се ширеше низ ходниците, а најмалку едно лице беше застрелано и убиено. Како што изјави поранешниот претседател Џорџ В. Буш, ова се сцените што може да се очекуваат во „банана република“ – т.е. во земја опустошена од американска империјалистичка интервенција, а не во срцето на злото.

Американскиот капитализам и неговите институции се како куќа преполна со термити – каде гнилото се шири брзо. Може на површината да изгледа спокојно, но ако стапнете преку тремот, ногата ќе потоне низ подот. Дијалектиката објаснува дека нештата се претвораат во нивните спротивности. Со децении, САД беа најстабилни од големите капиталистички земји. Сега, целиот свет гледа како десничарските демонстранти прават немири во една од трите најважни згради на федералната влада. „Семоќните“ институции на американската влада, како Потемкино село, се разголуваат како многу послаби и изнемоштени отколку што изгледаат на прв поглед.

Фундаменталната криза на капиталистичкиот начин на производство доведе до огромна социјална нестабилност и пад на „тврдината“ на светскиот империјализам. Ова се рефлектира преку остра поларизација во комбинација со масовна политичка забуна. Искривените поделби во рамките на работничката класа се резултат на ќор-сокакот на капитализмот и недостатокот на смело политичко и независно синдикално раководство. Доколку гневот на работничката класа со децении беше насочен кон градење на нова масовна партија и искористување на моќта на синдикатите да се борат за сите интереси на работниците на класна основа, 2020 година и денешната состојба ќе беа сосема поинакви.

Сведоци сме на многу остри и драматични промени изминативе години, а и ќе има и многу други. Хаосот, конфузијата и недостатокот на соодветно лидерство во ситуацијата претставува пречка за работничката класа. Но исто така и отвора многу можности. Ленин објасни дека првиот услов што покажува дека едно општество влегува во предреволуционерен период е дека владеачката класа е поделена и дека не може да владее на вобичаениот начин. Треба да се вратиме на годините на Антебелум (период од 50 до 70 години од американската историја пред Граѓанската војна – заб. на прев.) за да го најдеме времето кога владеачката класа и нејзините политичари беа сериозно поделени колку што се денес.

Повторно и повторно, во последните неколку стотици години, видовме дека кога владејачката класа е парализирана и во неприлика, народот гледа можност да упадне во обид да направи фундаментална промена. Сепак, она што го видовме вчера не беше работничката класа да се дигне и за да го промени општеството. И покрај заблудите за револуционерно величие, учесниците кои го вееја знамето на Конфедерацијата беа најдалеку можно од револуционерни. Ова беше контрареволуционерна толпа што почувствува можност да го уништи моменталниот план со упад во клучната институција на светско-империјалистичката реакција во обид да ја турне уште повеќе кон десно.

Хаос на Капитол Хил

Нашироко се очекуваше дека 6 јануари, денот кога Конгресот требаше да го потврди гласањето на Изборниот колеџ на заедничка сесија, да биде напнат ден во Вашингтон. Ова беше кулминација на обидот на Трамп да ги постави изборите како измамнички, а претседателот организираше „Марш за спас на Америка“ за да се совпадне со гласањето на Изборниот колеџ.

На митингот излегоа неколку илјади од неговите најжестоки приврзаници, од кои многу допатуваа од руралните општини низ целата земја, вклучувајќи стотици вооружени милицајци, Горди момчиња и други реакционерни елементи на екстремната десница.

Истиот Трамп кој толку жестоко се спротивстави на движењето „Црните животи значат“ (БЛМ) и отиде дотаму што побара воена интервенција во јуни, сега се обрати на мал океан со капи од МАГА (акроним од Направија ја Америка повторно велика), американски знамиња, транспаренти на Трамп, конфедерациски знамиња и знамиња на „Сините животи значат”. Тој ги повика своите приврзаници да маршираат по авенијата Пенсилванија и да го покажат својот гнев кон американскиот Конгрес. Личниот адвокат на Трамп Руди Џулијани повика на „судење со борба“.

Наместо милитаризираните сцени на полицајците за борба против немирите и војниците на Националната гарда кои патролираа низ секоја зграда и уличен агол во Вашингтон за време на протестите за „Црните животи значат“, полициското присуство се движеше меѓу тотално неподготвено до отворено симпатизерско. Тие сигурно не беа ни толку бројни, а немаа ни опрема што ја користеа против демонстрантите на БЛМ и покрај јавното планирање за насилни акции на десничарските веб-страници неколку седмици пред маршот.

Непосредно пред 14 часот, кога членовите на Конгресот кои се залагаа за Трамп се спротивставуваа на сертифицирањето на изборите за гласање во Аризона, толпата пред зградата на Капитол ги мина скоро непостоечките барикади на полицијата и се нафрли на зградата на владата, качувајќи се по sидовите и кршејќи ги прозорците. Ударните вести ги преплавија глобалните насловни страници додека милиони гледаа како толпата скока низ прозорците и маршира по ходниците на Капитол, додека сенаторите лежеа на подот и ги носеа кон заштитните одаи.

Демонстрантите влегоа во зградата, со што седницата на Конгресот беше запрена. Тие продолжија со окупација и грабеж на канцелариите на законодавците, вклучително и канцеларијата на спикерката Пелоси, чии преписки и плакати беа запленети како трофеи. Користен е солзавец, а беа повикани и ФБИ и други вооружени агенти да се врати контрола врз зградата. Целата национална гарда на Вашингтон, 2700 војници и 650 припадници на Националната гарда на Вирџинија се мобилизираа за воспоставување ред. Неколку часа подоцна, гувернерот на Њујорк, Куомо испрати дополнителни 1000 војници на Националната гарда на Њујорк да помогнат во смирувањето на Капитол Хил. Имаше и мали симпатизерски про-Трамп демонстрации и напади на владини згради во неколку државни метрополи низ целата земја, но ништо на ниво на протестите во Вашингтон.

Трамп и неговите цврсти поддржувачи во Конгресот скоро сигурно не планираа толпата да го нападне Капитол – но тие играа со оган. Трамп ја охрабри екстремната десница кога маршираше низ Шарлотсвил, Вирџинија. На претседателската дебата есента, тој неславно им порача на Гордите момчиња „да застанат назад и да бидат подготвени“. Уморни од чекање, агресивните кучиња на Трамп се ослободија од ланците со цел да ги уништат непријателите на својот господар.

Дали ова беше обид за бонапартистички пуч?

Бидете сигурни, ова се драматични настани! Но, како марксисти, ние мора да го задржиме осетот за пропорција. Ова не беше организиран востанички удар на работ на соборување на американската влада и наметнување фашистички режим за да ги уништи работниците и левицата. Далеку од тоа! Работничката класа останува огромно мнозинство во оваа земја и може да го избрише ова ѓубре настрана со својот мал прст откако ќе се мобилизира во борба за своите интереси.

Бонапартизмот, именуван по Наполеон Бонапарта, може да се појави во општество по период на длабока и пролонгирана нестабилност кога класната борба е во безизлез и меѓусебна исцрпеност. Во такви околности, може да се појават поединци, коишто се чини дека се издигнуваат над класите, маневрираат и се потпираат прво на една класа или слој, а потоа на друг, повторно воспоставувајќи го редот и „правилото на мечот“ со поддршка на државниот апарат.

Мораме да го задржиме осетот за пропорција. Овие настани и покрај тоа што беа драматични не се со размер на државен удар против американската влада / Image Frypie

За да го постигне ова, идниот бонапартист мора да е поддржан од поголемиот дел од војската. Трамп го нема ова. Само три дена порано, сите десет живи поранешни секретари за одбрана објавија заедничко соопштение во Вашингтон пост во кое ги бранат изборните резултати и предупредуваат дека воено вмешување во изборите „ќе не однесе на опасна, незаконска и неуставна територија“. Да ја повикаа војската, таа ќе се ослободеше од Трамп, а не да го постават како диктатор!

Гордите момчиња, кјуанон („Q-Anon“) будалетинките со теориите на заговор и остатокот од крајната десница не се доволни за да воспостават диктатура, ниту пак се дел од државниот апарат (иако некои поединечни членови секако се во војска и полиција). Дури и без организација и лидерство, овие бројно безначајни и слабо организирани социјални сили би можеле брзо да се задушат преку масовна акција на работничката класа – иако тие, без поговор, можат да направат вистинска штета на индивидуално ниво и дека дури и малиот рак може да метастазира во нешто многу поопасно, ако не се третира рано. Сепак, оваа закана може да стане реална само доколку работничката класа не успее да ја преземе власта во следната деценија или две и само по серија сериозни порази. Потег во таа насока од страна на „камшикот на контрареволуцијата“ во оваа фаза ќе создаде уште поголема нестабилност и ќе ја разбуди работничката класа.

Се подготвува нееднаква и спротивна реакција – нееднаква е бидејќи силите за социјален напредок се многу повеќе од ретроградните погромисти во американското општество. Мнозинството на милиони кои учествуваа директно во движењето Џорџ Флојд или ги поддржаа неговите барања и активностите од дома, се вистинската револуционерна иднина за оваа земја. Прашање на време е кога движењето ќе се врати во офанзива на уште повисоко ниво.

Дивиот и прекрасен свет на Доналд Трамп и поделбите во Републиканската партија

Образовниот систем, буржоаските политичари, мејнстрим медиумите, Црквата и другите институции на капиталистичкото владеење ја повторуваат мантрата дека Америка е најдемократската земја што постои или некогаш постоела. Марксистите не ги прифаќаат овие баналности. Ние мора да го испитаме светот каков што е навистина.

Иако ненамерно, Трамп всушност помогна да се открие вистината. Ако ги оставиме настрана милијардите во донации кон корпоративните кампањи и армиите на добро ситуираните лобисти, американската „демократија“ не се заснова на концепцијата „една личност, еден глас“. На крајот на краиштата, она што мнозинството го мисли и сака, нема директно влијание врз владината политика. Одлуките донесени од сите три владини гранки на крајот се носат во рамките на капиталистичкиот систем и во негова одбрана. Во време на економска и социјална криза, ова им дава малку драгоцен простор за маневрирање.

Определбата на Трамп да се задржи во Белата Куќа по секоја цена ја подели Републиканската партија

Капиталистичката класа се грижи, пред сè, за интересите на системот како целина, сега и во иднина. Тие разбираат дека ако луѓето веруваат дека тие навистина имаат збор, најверојатно ќе ги прифатат диктатите на големиот бизнис. Но, длабоко вкоренета недоверба кон статус-кво проникнува и во левата и во десната страна. Бидејќи колку повеќе луѓе почнуваат да ги гледаат работите такви какви што се, толку помалку стабилност има за одржување на капитализмот и се поголеми изгледи за промена на системот.

Но, Трамп се грижи само за неговиот личен моментален интерес. Неговото егоманијакално однесување ги кине завесите што долго време ја криеја реалноста од мнозинството за класната диктатура. Ова е коренот на континуираниот конфликт меѓу Трамп и мнозинството од владејачката класа на која и самиот припаѓа.

Трамп активно го поткопа легитимитетот на американскиот изборен систем откако првпат ја објави својата претседателска кандидатура. Иако ги освои гласовите на Изборниот колеџ и претседателската функција во 2016 година, тој го загуби гласот на народот за три милиони. Незадоволен со тоа да ги придобие своите многу понижени противници и да стане најмоќниот човек на планетата, тој инсистираше на тоа дека има масовна измама на гласачите и тврди дека го освоил и народниот глас. Во пресрет на изборите во 2020 година, тој тврдеше дека единствениот начин на кој може да изгуби е масовна измама и тој одби да вети дека ќе го олесни мирниот трансфер на власта.

Од ноември, Трамп се опколи со советници кои ја хранат неговата заблуда за масовна измама. Откако Крис Кребс, републиканец назначен да ја следи технолошката безбедност поврзана со изборите, ја потврди валидноста на резултатите од изборите, беше веднаш отпуштен. Дури и јавниот обвинител Вилијам Бар – пример за војник на Трамп, беше избркан кога јавно изјави дека не гледа докази за значителна измама.

„Почитта“ на Трамп кон волјата на гласачите беше очигледна во неговиот неодамнешен телефонски повик до државен секретар од Џорџија, Бред Рафенспергер. И покрај тоа што беше десничарски републиканец и поддржувач на Трамп, Рафенспергер ги надгледуваше претседателските избори во Џорџија и го бранеше пребројувањето на гласовите, иако тоа укажуваше дека Бајден победил. Трамп побара Рафенспергер да „направи нова пресметка“ и „да ги најде“ 11780 гласови што му беа потребни за да се надмине рамнотежата.

Одлучноста на Трамп да се бори и да остане во Белата куќа послужи да ги влоши длабоките поделби во Републиканската партија. Овие поделби беа разоткриени откако тој го прегази партискиот естаблишмент во 2016 година, а партијата преживеа, па дури и зајакна од неговата огромна гравитациона сила. Дури и во пораз во 2020 година, тој ја држеше партијата под контрола. Но, неговиот темперамент конечно принуди многумина да изберат страни: за или против фундаменталните институции на капиталистичкото владеење.

Што се однесува до капиталистичката класа, која обично никогаш не го гледаше Трамп како доверлив претставник на нивните класни интереси, тие сега го изразуваат своето неодобрување кон претседателот посилно од кога било. Ова ги вклучува Стопанската комора на САД, историски гласот на големиот бизнис, и Националната асоцијација на производители (НАМ), кои претставуваат 14000 големи корпорации. НАМ го поттикна потпретседателот Пенс „сериозно да размисли“ за импичмент на Трамп пред тој да ги заврши последните две недели од неговиот мандат. Дури и Њујорк пост – гласноговорник на Руперт Мардок – кој го поддржуваше Трамп низ сѐ, на крајот го повика да ги прифати изборните резултати.

Патот напред

Среде пандемија и економски пад, не смееме да ја изгубиме од вид огромната потенцијална моќ на трудот. Работничката класа е огромно мнозинство во земјата и без неа ништо не се произведува ниту се транспортира. Работничката класа не само што е способна да ја сопре капиталистичката економија, туку таа е и единствената социјална сила што може да го победи трампизмот и суштински да го трансформира општеството.

Работничката класа треба да се мобилизира да се бори за програма на смели социјални барања, вклучуваќи и загарантирана минимална плата од 1000 американски долари седмично, крај на присилните иселувања и ограничување на кириите на не повеќе од 10% од приходот. Со оглед на длабочината на кризата, овие барања ќе охрабрат милиони и ќе добијат огромно ехо ако сериозно ги туркаат милиони синдикализирани работници. Ова исто така ќе ги поткопа циничните напори на Трамп да се претстави како „пријател на работничката класа“.

Масовно движење што се бори за овие барања ќе ја пресече реакционерната партизирана поларизација и ќе ги обедини работниците на класна основа. Ова не може да се случи без лидерство. Сегашните синдикални лидери не ставаат таква перспектива и покрај расположението на незадоволство и растечката класна свест кај младата генерација работници. Марксистите мора да соработуваат со оние кои моментално се занимаваат со градење опозициски мрежи во синдикатите, спојувајќи ги работничките борби со револуционерните марксистички идеи. Милиони работници се движат во насока на класна борба, за што сведочат и стотиците диви штрајкови што избија од пандемијата и обидите да се организираат нови синдикати на поголемите работни места како Гугл.

Иако остануваат само неколку дена од мандатот на Трамп, се шири идеја за повикување на 25-тиот амандман, што предвидува смена на претседател кој не може да ги „испушти овластувањата“ на функцијата. Пандемијата КОВИД-19 продолжува да беснее, со нерамномерна распределба на вакцини и бележи рекордни смртни случаи скоро секој ден. По нивната доцна победа во Џорџија, демократите сега ги контролираат претседателството и двата дома на Конгресот. Со закана за економска депресија, тие ќе бидат ставени на тест сега кога нема сериозни изговори за недонесување мерки што ќе постигнат повеќе од палијативно олеснување за милионите осиромашени работници.

Настаните се движат брзо. Ќе обезбедиме дополнителни ажурирања и анализи во деновите и неделите пред нас. Но, едно е јасно: само класната независност и милитантната акција можат да го покажат патот напред. Слабоста на американската левица е директно поврзана со фактот дека повеќето од нив се обидуваат да се прилагодат и да соработуваат со демократите. Ова е пристапот што доведе до сегашната катастрофа. Не е доцна да се смени курсот! Вооружена со револуционерна перспектива и класно-независна програма и организација, работничката класа може да го конструира раководството што ѝ е потребно за да се стави крај на сегашните и идните ужаси на американскиот капитализам. Борба за работничка влада! Само револуционерен социјализам може да го победи трампизмот!

Сведоци сме на долготрајната агонија на смртта на американската буржоаска демократија и светскиот капитализам како целина. Сето ова се одвива под егзистенцијалната сенка на забрзување на климатските промени. Историската задача на марксистите е да го изградат субјективниот фактор што може да ја катализира работничката класа во нејзината мисија да го замени смрдливиот труп на капитализмот со свет на револуционерна демократија и материјална изобилство. Молекуларниот процес на револуција и трансформацијата на свеста ги турка милионите луѓе во оваа насока. Ако се согласувате со овие идеи, ве покануваме да се придружите на ИМТ.