БалканВестиЕвропаИнтернационала

ОСУДЕНИ ЛИДЕРИТЕ НА ЗЛАТНА ЗОРА! ГОЛЕМА ПОБЕДА ЗА АНТИФАШИСТИЧКОТО ДВИЖЕЊЕ ВО ГРЦИЈА!

Линк до оригиналот

Грчките судови ги осудија лидерите на фашистичката организација Златна Зора за низа убиствени напади. Тоа е директна последица на притисокот кон буржоазијата од страна на работниците и младината, кои се единствена сила штоможе да се спротистави на фашистичката закана.

Во среда на 7 октомври, на денот на судската пресуда којашто ја одлучи судбината на фашистичката организација Златна Зора (ЗЗ) и на нејзините лидери, пред Апелациониот суд во Атина масовно се протестираше, со над 50 илјади демонстранти. Да не беше пандемијата, протестот ќе беше и поголем. Демонстрантите бараа соодветна казна за Златна Зора, како криминална организација и осуда на нејзините лидери.

Обвинувањата против лидерите на ЗЗ и многу нејзини членови беа поврзани со убиството на антифашистичкиот рапер Павлос Фисас и мигрантот од Пакистан Шазад Лукман, како и убиствени напади на членовите на синдикатот на ККЕ, рибарите од Египет и десетина други смртоносни напади. Судската одлука беше осудителна. Кога веста беше објавена, истата беше пропратена со аплауз и веселба пред судот.

Одлуката не беше однапред заклучена и покрај многуте докази. Само неколку месеци порано, препораката на обвинителот Адамантие Иконому беше да се донесе ослободителна пресуда за раководството на ЗЗ. Само поради притисокот на антифашистичкото движење и стравот дека таквата одлука би можела да предизвика масовно движење, буржоаскиот политички систем и судиите беа присилени да ги осудат фашистите. Илјадници млади луѓе и работници оправдано ова го сметаат за своја победа.

КРАТКА ИСТОРИЈА НА ЗЛАТНА ЗОРА 

Овде нема да се обидеме да направиме историски приказ на оваа фашистичка организација туку само ќе ја истакнеме нејзината улога од почетокот на последната капиталистичка криза, па сè до денес. Овој краток преглед ќе ни помогне да ја видиме историската улога на фашизмот во време на историска капиталистичка криза и дестабилизација на капиталистичкиот режим.

Почетоците на изборниот раст на ЗЗ можат да се поврзат со активностите на оваа организација во 2010 година во населбата Св. Пантелејмон во Атина, каде што добија изборна поддршка од дел од фрустрираните елементи на ситната буржоазија, лумпенпролетаријатот и назадните работници. Под притисокот на кризата, тие ја насочија својата огорченост кон осиромашените бегалци и мигрантите во регионот. Членовите на ЗЗ формираа напаѓачки одред и спроведуваа секојдневни напади на мигрантите кои поминуваа преку плоштадот. Постепениот раст на поддршката на ЗЗ прв пат се покажа на локалните избори во 2010 година, кога тогашната маргинална организација го избра својот лидер, Михалолиакос во Општинското собрание на Атина, добивајќи повеќе од 5,5 % од гласовите.

Првиот Меморандум и жестокиот режим на штедење од страна на Владата на ПАСОК на чело со Јоргос Папандреу, ги радикализираше работничките маси и ситната буржоазија. Тоа дојде до израз преку движењето на плоштадот Синтагма и плоштадите на многу градови во текот на летото 2011 година. Ова движење доведе до пад на владата на Папандреу.Но, радикализацијата не се случува само во таборот на работничката класа. Под ударот на кризата, илјадници ситни буржуи беа згазени од страна на капиталистите и банките, после што тие ги напуштија традиционалните буржоаски партии, десничарски или либерални, а некои од нив се свртија кон фашизмот и демагошките екстремно десничарски партии. Секако, поради неколку фактори кои ќе ги анализираме подолу, ЗЗ никогш не успеа да изгради масовно фашистичко движење на ситната буржоазија за да го запре работничкото движење.

На изборите во мај 2012 година, ЗЗ успеа да влезе во парламентот за прв пат со 7% од гласовите. Истовремено, традиционалната буржоаска партија во Грција, Нова Демократија (НД) доби 18%, ПАСОК 13%, додека СИРИЗА скокна од 4% на 16%. Тоа не беше случајност. Длабочината на кризата и шокантните мерки на владата на Папандреу и Пападемос турнаа стотици илјади работници кон левицата;нешто што се одрази во периодот на масовни борби од 2010-2012 година. И покрај тоа, дел од ситната буржоазија погодена од кризата ги поддржа фашистите. Оваа поддршка, меѓутоа беше пасивна т.е. преку гласачката кутија и изразување на презир на ситнобуржоаските маси кон парламенарниот буржоаски режим. Во ниедна смисла не видовме активна поддршка кон грчкиот фашизам, со масовни протести и учество на ситната буржоазија во напаѓачките одреди заради директно соочување со работничкото движење. Но сепак, влезот на ЗЗ во парламентот го зголеми апетитот на нивните лидери и организацијата почна да ги проширува своите убиствени фашистички активности со вртоглава брзина, кои ја достигнаа својата највисока точка во септември 2013 година со атентатот на Фисас.

ЗЗ успеа да формира напаѓачки одреди во плебејските населби на Атина и Пиреја, кои секојдневно ги тероризираа мигрантите и левичарските активисти. Сепак, не успеаа да создадат масовно фашистичко движење. Во периодот кога беа најактивни, ЗЗ немаше повеќе од 2 илјади членови (некои од обвинетите пријавија 700-1000 членови, други 2000, Михалолиакос 3000, додека други извори пријавија и до 5000 членови). Главна причина за ова беше објективната нумеричка и организациона сила на работничкото движење. Грчката работничка класа е многу побројна сега во споредба со меѓувоениот период, кога фашистичките движења се појавуваа во Европа. Слоевите како што се наставници, јавни службеници, ученици и студенти кои во меѓувоениот период ги подржуваа фашистичките движења, сега се милитантни делови од работничкото движење. Ситната буржоазија се намали во споредба со меѓувоениот период и е неспособна да создаде масовно фашистичко движење.

Главната улога на фашизмот е да го тероризира и на крај да го здроби работничкото движење и да воспостави фашистичка диктатура која со закон ќе ги забрани работничките организации – и политички и синдикални – и тоа со железна тупаница, за да ги одбрани интересите на крупните компании. Меѓутоа, како што веќе објаснивме објективните услови не дозволија такво нешто и раководството на ЗЗ, лошо проценувајќи дека е вистинска прилика, ја прелеа чашата со убиството на Фисас. Владеачката класа, плашејќи се од последиците кои би можеле да останат на свеста на стотици илјади млади луѓе поради убиството на Фисас, беше принудена да ги забрани активностите на ЗЗ и веднаш започна судење против оваа организација. Истовремено, се заврти кон релативно благ парламентарен буржоаски бонапартизам (подигнувајќи ја државата над општеството и демократските окови), што се виде во донесувањето на неуставни закони без консултација на парламентот, мерките против протести и штрајкови и слично.

Краткотрајната стабилизација на грчкиот капитализам со недоволно опоравување во периодот од 2016-2019 година и предавствата на раководството на Сириза во 2015 година, ја регрупираа ситната буржоазија околу традиционалните буржоаски партии и ја поткопаа поддршката од страна на ЗЗ и демагошката екстремна десница (единствен исклучок беше нестабилната формација околу десничарскиот демагог Велопулос, наречена „Грчко Решение“). Меѓутоа, ескалацијата на кризата на грчкиот и светскиот капитализам која веќе започна и ќе продолжи со голем интензитет во наредните години, повторно ќе создаде услови за засилување на екстремната десница.

ПОВЕЌЕКРАТНИТЕ РАСКОЛИ ВО ЗЗ И НИВНИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ

Распадот на локалните организации на ЗЗ после почетокот на судењето и затворањето на нејзините лидери, создаде пукнатини во организацијата. Изминатите години, десетина лидери ја напуштија организацијата и се свртеа кон демагошките буржоаски партии, додека некои од нив создадоа нови екстремно десничарски организации. Единствена организација која изгледа има иднина е новата партија која ја создаде Касидиарис (еден од главните лидери на ЗЗ) под името „Грците за татковината“ која е формирана по неговото напуштање на ЗЗ во текот на минатиот мај. Перспективите на ЗЗ со преостанатите „стари“ лидери – главно од основачката генерација, вклучувајќи ги Михалолиакос и Папас не се баш ветувачки.

Заради својата популарност, Касидиарис може во својата нова организација да спои стотици млади фашисти кои ги формираа напаѓачките одреди на ЗЗ и повторно да ги мобилизира во блиска иднина под маската на граѓанскиот легитимитет. Самиот Касидиарис, како и стотици членови кои доаѓаат од ЗЗ и го поддржуваат се фашисти кои не се каат, а не се само демагошки десничарски политичари. Нивната цел останува иста како и целта на ЗЗ: уништување на работничкото движење и милитантната младина.

Покрај тоа, можниот распад на партијата на Велопулос, која се потпира на гласовите од Северна Грција по прашањето за Македонија, веројатно уште повеќе ќе ја засили организацијата на Касидиарис, која ќе ја обедини радикалната десница. Заедно со можноста за неуспехот на работничката класа да ја преземе власта, ова повторно ќе ги донесе фашистите (со или без Касидиарис на чело) кои се потпираат на ситната буржоазија погодена од кризатаи на лумпенпролетаријатотза напад врз работничката класа.

УЛОГАТА НА ЛЕВИЦАТА И РАБОТНИЧКОТО ДВИЖЕЊЕ ВО УНИШТУВАЊЕТО НА ФАШИСТИЧКАТА ЗАКАНА

Главна причина која ѝовозможи на ЗЗ да тероризира и да убива мигранти и левичарски активисти не е нивната сила и бројност, туку пасивниот став на лидерите на работничките партии ККЕ и СИРИЗА и синдикатите кои не преземаа никаква иницијатива ниту сериозни мерки за да ги заштитат мигрантите и активистите. Улогата на политичките и синдикалните организации и на работничкото движење е клучна во спречувањето на фашистичката закана.

Лидерите на работничките организации негуват илузии во антифашистичките и работничките движења околу улогата на граѓанското право во борбата против фашизмот, наместо против него да се борат со милитантни методи и да ја подготват неговата конечна елиминација така што ќе го срушат капитализмот. Мора да им се стави до знаење на сите борци дека не можеме да имаме доверба во тоа дека механизмите на буржоаската држава ќе ги спречат фашистите. Полицијата, војската, судовите, парламентот, владата се службени државни институции на капиталистичката класа за нејзина власт врз работничката класа. Фашистичките организации се неслужбени резерви на буржоаската држава за тероризирање на работничкото движење. Во време на капиталистичка криза, каде владеачката класа веќе не може да владее со демократски методи, улогата на фашистите се засилува и тие почнуваат да спроведуваат напади не само со имунитет од државата туку и со поддршка на истата. Доволно е да се каже дека убиецот на Павлос Фисас, по име Јоргос Рупакиас го уби Павлос во присуство на полицијата, којашто не направи ништо да го спречи. Кога на крај еден полицаец го уапси, Рупакиас рече: „Јас го направив тоа, ама не кажувајте никому, јас сум еден од вас“. Полицаецот тогаш го праша „Дали си ти полицаец?“, а Рупакиас одговори: „Не. Јас сум член на Златна Зора“.

Фактот дека фашистите тесно соработуваат со државата не значи дека нивните активности строго ги диктира буржоазијата. До определена мера, нивните активности се независни и надвор од контролата на буржоазијата. Затоа имаат „големи идеи“ и нивните шефови на крајот мораа да ги казнат. Но, поради тоа што фашистите се вредна резерва на буржоазијата, владеачката класа не сака целосно да ги уништи, иако беа принудени да ги осудат.

За жал, реформистичките лидери на масовните работнички организации ги негувааттие илузии така што не преземаат никакви успешнимерки за самоодбрана на работниците и мигрантите од фашистичките напади и така што слепо веруваат дека буржоазијата ќе ги отстрани фашистичките закани.

Работничкото движење, покрај барањата за најстрога казна(членовите на ЗЗ се сметаат за виновни и самата партија е осудена како криминална организација, но казните уште не се изречени), мора да биде спремно за се` поголем израз на фашизмот во годините што доаѓаат. Обединет фронт на работничките организации и создавање групи за самоодбрана на работниците во штрајкови и протести против фашизмот е нужност. На фашистичкото насилство треба да се одговори со масовна и организирана акција од страна на работничкото движење. Истовремено, секој работник мора да разбере дека конечното уништување на фашизмот може да дојде само со рушење на капитализмот, системот кој го раѓа фашизмот за да го уништи работничкото движење. Борбата против фашизмот е борба против капитализмот и е поврзана со подготовката на работничката класа и победата на социјалистичката револуција, која ќе ги измете фашистите и капиталистите кои ги финансираат и поддржуваат.

Автор: Константинос Авгерос, превод ДЛ